фудбал

Манчестер Јунајтед ги ремети плановите на Барса за Дани Олмо

Дани Олмо со своите настапи го привлекува вниманието на европските гиганти. Откако за поранешниот фудбалер на Динамо интерес покажаа Барселона, Јувентус и Баерн сега во трката се вклучил и Манчестер Јунајтед, објавија британските медиуми.

Барселона во завршницата од преодниот рок се обиде да го доведе Олмо, тоа го потврди и самиот фудбалер, сепак немало време трансферот да се реалзира.

Во Барселона не се откажале и повторно ќе се обидат да го доведат во јануари или по завршувањето на сезона.

Олмо во јануари 2020 од Динамо премина во Лајпциг во трансфер вреден 22 милиони евра.


Голманот на Бриж после ПСЖ: Ништо посебно!

Клуб Бриж и ПСЖ одиграа 1:1 во првото коло од Лигата на шампионите, во натпревар на кој за првпат од првата минута заедно заиграа Меси, Нејмар и Мбапе, но белгиската екипа одлично се справи со атомскиот напад на ПСЖ.

По натпреварот, голманот на Бриж Симон Мињоле истакна дека немаше премногу работа.

„Воопшто немав работа. Одигравме одлично, тимски, компактно и не им дозволивме да створат некои големи шанси. Не можете такви играчи да чувате еден на еден. Преквалитетни се во тие ситуации, но успеавме тоа да го направиме заедно, не им оставивме простор. Имав неколку полесни одбрани, но ништо посебно.“ – рече Белгијанецот.

Киксот на ПСЖ го коментираше и најскапиот играч на Сити, Џек Грилиш.

„Во еден момент отидов да проверам дали е вистина дека Бриж и ПСЖ одиграа 1:1, не верував. Тоа покажува дека во Лигата на шампионите се е возможно.“


Арсенал размислува да го врати Вилшер

Џек Вилшер би можел да добие нова шанса во Арсенал. Пред три години Вилшер го напушти Арсенал и се пресели во Вест Хем, а без клуб е откако Борнмоут го ослободи минатата сезона.

Сега тој доби покана од Артета да тренира со Арсенал, тоа може да биде и почеток на нова соработка.

„Да се биде со добри пријатели и да тренирате со играчи од светска класа е нешто што ме прави среќен. Се надевам ќе разговараме и околу иднината“, изјави Вилшер.


Вајналдум: Ливерпул не ми покажа дека сака да ме задржи

Жоржино Вајналдум, кој по пет години го напушти Ливерпул и се пресели во редовите на ПСЖ, вели дека „црвените“ имале игноратски однос кон него иако изразил желба да остане на „Енфилд“.

„Во таков случај го следите инстинктот. Ливерпул не ми покажа дека сака да ме задржи, затоа морав да одам напред“, вели Холанѓанецот кој во текот на летото се пресели на „Паркот на принцовите“ иако имаше понуда од Барселона.

Вајналдум во дресот на Ливерпул одигра 179 средби на кои постигна 16 голови.


Гути: Уживам во секој пораз на Барселона

Легендата на Реал Мадрид Хозе Марија Гутиерез го коментираше поразот на Барселона во Лигата на шампионите.

Баварците ја разбија Барселона со 3-0 на „Камп Ноу“, а Гути признава дека ужива да ги гледа поразите на големиот ривал.

„Уживам во поразите на Барселона затоа што јас сум навивач на Реал Мадрид, Баерн е навистина добар тим со фантастични играчи на сите позиции, а од друга страна ја имаа очајната Барселона во овој момент. За мене резултатот не е изненадување, повеќе сум изненаден од начинот на кој играше Барселона“.

Го коментираше потоа Гути и стартот на сезоната на Реал Мадрид.

„Офанзивно ми изгледаат навистина добро, малку проблеми има во дефанзивата и таму работите треба да се поправат, посебно во натпреварите со посилни тимови“, изјави Гути.

Гути дресот на Реал го носеше од 1999 до 2010 година и во тој период одигра 542 натпревари и постигна 77 голови, освои се што можеше да се освои.


Пике: Баерн ни ја покажа реалноста сезонава

Дефанзивецот на Барселона, Жерар Пике, по стартниот пораз од Баерн Минхен на  домашен терен во Лигата на фудбалските шампиони, вели дека тимот го очекува долга и тешка сезона.

„Ќе продолжиме да се натпреваруваме. Првиот гол беше несреќен момент, но, вториот нè шокираше сите. Ќе се обидеме да бидеме подобриме во наредните натпревари. Сигурен сум дека ќе се бориме за сите трофеи“, изјави ветеранот во редовите на Каталонците.


Мацари е замената за Семпличи на клупата на Каљари

Искусниот Валтер Мацари беше назначен за тренер на италијанската екипа Каљари. Ова се случи само еден ден откако Леонардо Семпличи доби отказ поради лошиот старт на екипата од Сардинија во Серија А, кои имаат само еден бод по првите три кола.

59-годишниот Мацари потпиша договор со Каљари до 30 јуни 2024 година. Самиот Мацари беше играч на Каљари со кого играше во Серија А. Во тренерската кариера ги водеше Пистоезе, Ливорно, Регина, Сампдорија и Наполи, кои успеаја да се квалификуваат за Лигата на шампионите по 20-годишно отсуство.

Со Наполитанците го освои и Купот на Италија и стана вицешампион на земјата. Мацари исто така го предводеше Интер, како и англискиот Ватфорд. Неговиот последен ангажман беше во Торино.


Леонардо: Мбапе ќе остане во ПСЖ и следната сезона

Спортскиот директор на Пари Сен Жермен, Леонардо, ги отфрли сите комбинации поврзани со евентуалното заминување на Килијан Мбапе кој влезе во последната сезона од договорот со францускиот состав.

Иако сите зборуваат дека брзоногиот напаѓач во текот на наредното лето ќе замина во редовите на Реал Мадрид, Леонардо е убеден во спротивното.

„Мислам дека Килијан нема да го напушти клубот. Ние имаме приоритет да му обезбедиме нов договор. Не можеме да замислиме дека ќе си оди“ , нагласи Леонардо.


Сари казнет заради вербален дуел со фудбалер на Милан

Тренерот на фудбалерите на Лацио, Маурицио Сари, кој на неделното дерби со Милан заработи црвен картон откако имаше вербална расправија со главниот судија и со Златан Ибрахимовиќ, ќе мора ќе ги пропушти наредните два меча во Серија А.

Тоа значи дека 62-годишниот тренер нема да седи на клупата на „лацијалите“ на средбите со Калјари и Торино.

Искусниот тренер ќе ја одлежи казната до 26 септември што значи дека тогаш ќе може да го води тимот на градското дерби против Рома.


Левандовски против Роналдо и Меси? Еве што велат бројките!

Роберт Левандовски синоќа на Камп Ноу придонесе на агонијата на Барселона со два погодоци.

Полскиот интернационалец со тие голови само ја продолжи неверојатната низа со која се потврдува како најдобар напаѓач на денешницата. Натпреварот против Барселона беше негов 18 во низа во кој постигнал барем еден погодок.

Со овие два погодоци, Левандовски прослави јубилеј од 75 погодоци во Лигата на шампионите, а само Кристијано Роналдо (135) и Лео Меси (1200 имаат повеќе, а само Аргентинецот стигна до тој јубилеј побрзо. На Меси му требаа 92 натпревари, на Левандовски 97, а на Роналдо 111.

Доминацијата на „машината“ за голови на Баерн се гледа во статистиката од почетокот на сезоната 2019/20. Од тогаш, Левандовски во сите натпреварувања постигнал дури 112 погодоци, а далеку зад него се Килијан Мбапе и Роналдо со по 76, Халанд постигнал 73, а Меси 69.