фудбал

Лоша вест за Атлетико Мадрид, Трипиер заработи повреда на рамото

Бекот на Атлетико Мадрид, Киран Трипиер подолг период ќе биде надвор од терените поради повреда на рамото, објавија од таборот на шпанскиот шампион преку официјалниот веб-сајт.

Тој се повреди на натпреварот со екипата на Валенсија кој заврши 3:3 и беше заменет во 8-та минута од средбата.

Англичанецот Трипиер ќе мора да оди на физикална терапија и дури потоа ќе се врати на тренинзите. Од мадридскиот клуб не наведуваат точни рокови за негово враќање на официјални натпревари.

https://twitter.com/atletienglish/status/1458130965495259143?s=20

Барди: Натпреварот со Ерменија ќе го решат ситници

Фудбалската репрезентација на Македонија, утре во 17 часот го игра претпоследниот натпревар од квалификацискиот циклус за настап на СП во Катар 2022, против селекцијата на Ерменија. Пред поаѓањето за Ереван, Енис Барди даде свое мислење за натпреварот и кажа дека навивачите треба да имаат трпение за нов успех со селекторот Милевски.

„После Европското првенство сите очекуваат повторно нешто големо, но ние мора да одиме од меч во меч. Со оваа сегашна генерација со новиот селектор со кој долго време се знаеме, а имаме и некои нови играчи, мора да сме трпеливи, зашто секој меч ни носи нешто ново, а ништо негативно, без оглед дали сме победиле или загубиле.Веројатно ќе решаваат ситници на утрешниот натпревар. Најважно е ние да сме подготвени и да знаеме што бараме на теренот “.


Чави воведе 10 правила за играчите на Барселона

Со официјалното преземање на тренерската функција во Барселона, Чави Ернандез веднаш воведе и нови правила кои мора да ги почитуваат играчите и стручниот штаб на екипата од „Ноу Камп“.

  1. Играчите треба да бидат во тренинг центарот час и половина пред започнување на тренинг сесиите.
  2. Целиот стручен штаб треба да стигне на тренинг 2 часа пред почетокот на истиот.
  3. Играчите мора да се хранат во тренинг центарот. Веќе нема опција играчите да јадат надвор од базата.
  4. Се враќаат паричните казни за фудбалерите.
  5. Казните ќе се дуплираат со секој нареден прекршок на играчот.
  6. 48 часа пред почеток на натпревар, сите играчи треба да се во своите домови најдоцна до полноќ.
  7. Ќе играат само оние кои најдобро тренираат и оние кои покажуваат најголема посветеност во работата. Останатите ќе бидат резерви или нема да бидат повикани на натпревар.
  8. Контрола на дополнителните спортски активности кои би можеле да го нарушат настапот на играчот во неговата игра ќе ги анализира техничкиот оддел на стручниот штаб.
  9. Забранети ризични активности како сурфање или возење електрични тротинети.
  10. Добар изглед. Играчите треба да бидат пример за навивачите и мора секогаш да бидат пристојно облечени.

Жозе Мурињо подготви шопинг листа за јануари

Тренерот на Рома, Жозе Мурињо,веќе имал направено листа со потенцијални засилувања за тимот во јануарскиот преоден рок.

Португалскиот стручњак размислува за доведување на 3 до 4 играчи кои би пристигнале во Рим. Мурињо ги посакува Рубенс Лофтус – Чик од Челзи и Хари Винкс од екипата на Тотенхем, како и играчот на Борусија Менхенгладбах, Денис Закарија.

Мурињо во неколку наврати од почетокот на сезоната изрази незадоволство од расположливиот играчки ростер во тимот и побара од управата на Рома поголеми вложувања во засилувања.


Несогласувања помеѓу ПСЖ и Аргентина поради Меси

Спортскиот директор на Париз Сен Жермен, Леонардо, искажа незадоволство од фактот што селекторот на Аргентинската фудбалска репрезентација, Лионел Скалони, ги повика Лео Меси и Паредес да се приклучат на подготовките пред закажаните дуели против Уругвај и Бразил, во квалификациите за Мундијалот во Катар.

 Лионел Меси ги пропушти последните два меча на ПСЖ против РБ Лајпциг и Бордо поради непријатност и болки во коленото, но сега тој се приклучи на националниот тим и веќе одржа тренинг со останатите играчи. Од медицинскиот тим на Аргентина се оптимисти дека Меси ќе биде подготвен за настап на натпреварите против Уругвај и Бразил.


ФИФА ќе ги прогласи најдобрите на 17 јануари 2022 година

Свеченото доделување на наградата „Бест“ (The Best) ќе се одржи на 17 јануари идната година во Женева, објави денеска Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).

Церемонијата ќе остане виртуелна „во согласност со здравствените мерки“, соопшти ФИФА.

Доделени ќе бидат вкупно 11 награди, од кои најзвучни традиционално се признанијата за најдобар фудбалер и фудбалерка.

Процесот на гласање почнува на 22 ноември, а завршува на 10 декември.


Коронавирусот ја нападна германската репрезентација

Со големи проблеми поради заразени фудбалери со коронавирус се соочува германската фудбалска репрезентација спроти завршните два натпревари во рамки на квалификациите за Мундијалот 2022 во Катар.

Германските медиуми објавија дека позитивен на коронавирус е дефанзивецот Николас Шуле, а поради близок контакт со него изминатите денови, во изолација се уште тројца репрезентативци. Според медиумите, станува збор за Џамал Мусала, Карим – Давид Адејеми и Лирој Сане, чии тестови биле негативни на ковид-19.

Поради овие проблеми селекторот Ханс Флик го откажа последниот тренинг, а постои можност бројката на заразени во германскиот табор да е поголема.

Германија, која е во иста квалификациска група со македoнската репрезентација, веќе го обезбеди настапот на Мундијалот, а квалификациите ќе ги заврши со дуелите против Лихтенштајн на домашен терен и Ерменија во Ереван.


Премиерлигашите ги враќаат зоните за стоење на трибините

Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Манчестер Сити, Челзи и Кардиф Сити, од 1 јануари 2022 година ќе добијат дозвола да направат посебен дел за стоење за фановите, објави министерот за спорт на Велика Британија, Најџел Хадлстон.

Во септември, британските власти ѝ наложија на Агенцијата за безбедност на спортски терени да спроведе тестови за воведување безбедни трибини за стоење кај одредени екипи.

Ќе потсетиме дека сите стадиони во Англија беа целосно направени за седење пред речиси 30 години откако на 15 април во 1989 година, 97 навивачи на Ливерпул ги загубија животите во трагедијата на стадионот „Хилсборо“.


Чави: Дембеле ќе остане, има огромен потенцијал во него

Легендарниот фудбалер на Барселона, Чави Хернандез, кој се врати во клубот како тренер, вели дека Осман Дембеле, мора да остане кај Каталонците.  Стратегот очекува младиот Французин да потпише нов договор за да може да го искористи максимално неговиот потенцијал.

„Дембеле мора да продолжи во Барса. На позицијата како крилен напаѓач може да биде најдобар играч во светот. Продожување на договорот е приоритет. Мора да му помогнеме да ги избегне повредите. Мора да ги превенираме тие ситуации, не смееме да дозволуваме да се случува тоа. Ќе работиме напорно во теретаната за да се реши проблемот“, најави Чави.


Елмас најави победа во Ерменија

Македонската фудбалска репрезентација во моментов се подготвува за дуелите со Ерменија и Исланд во квалификациите за Светското првенство во Катар 2022.

Прв на распоред е натпреварот со Ерменија кој Македонија го игра во гости на 11 ноември.

За очекувањата од овој дуел свое размислување даде и Елиф Елмас: „Подготовките за натпреварот се одвиваат одлично. Знаеме дека не зависи се од нас, но во Ерменија одиме на победа. Додека има и теоретски шанси за пласман во Катар, ние ќе се бориме до крај.Мораме да покажеме дека сакаме да победиме. Доколку Романија направи кикс ние со две победи можеме да стигнеме до бараж. Покажавме дека можеме да играме против секој, така ќе биде и против Ерменија“.