фудбал

Барди: Покажавме многупати дека можеме секого да победиме

Еден од носителите на играта во нашата фудбалска репрезентација, Енис Барди, пред мечот со европскиот шампион Италија во баражот за Светското првенство во Катар, вели дека Македонија секого може да победи во 90 минути.

„Мислам дека сите знаеме колку ни е значаен мечот и колку ќе ни биде тешко. Мора да бидеме стопроцентно концентрирани во секој момент од играта. Ќе ни недостигаат Елиф, Тихо и неколку други фудбалери, но, ќе играме и за нив. Во денешниот фудбал фаворитите знаат да те изненадат, да имаат лош ден. Покажавме многу пати дека можеме да победиме секого и затоа важно е како ние ќе изгледаме. Мислам дека треба да се концентрираме на нашата игра и на тоа што го бара селекторот“, вели Барди.


Проблем за Португалија – Пепе го пропушта баражот со Турција

Португалскиот дефанзивец Пепе е позитивен на ковид и поради тоа тој ќе го пропушти полуфиналниот бараж натпревар против селекцијата на Турција, за пласман на СП во Катар.

„Пепе е заразен со корона вирусот и се наоѓа во изолација. Селекторот Сантош како негова замена го повика дефанзивецот од Лил, Џалоа“, се наведува во соопштението од португалската репрезентација.

Подобриот од овој дуел, во финалниот бараж ќе игра против победникот од натпреварот помеѓу Македонија и Италија.


Лаутаро позитивен на ковид-19, нема да настапи против Венецуела и Еквадор

Напаѓачот на Интер, Лаутаро Мартинез, се заразил со коронавирус, соопшти италијанскиот фудбалски состав.

Тој бил позитивен на ковид-19 уште пред  да замине во кампот на репрезентацијата на Аргентина за квалификациските мечеви со Венецуела и Еквадор на 26 март и 30 март  за Светското првенство.  Лаутаро во сезонава одигра 27 натпревари за Интер на кои постигна 14 голови.

Во селекцијата на „гаучосите“ ќе го нема и фудбалерот на Ајакс, Лисандро Мартинез, кој заработи повреда на тетивата под коленото на левата нога.


Барселона најавува ново засилување

Екипата на Барселона се поврзува со трансфер на крилниот напаѓач од ПСВ Ајндховен, Коди Гакпо.

22-годишниот фудбалер игра одлична сезона во Холандија, со 16 гола и 14 асистенции на 36 натпревари за тимот на ПСВ.

Неговиот договор е со важност до 2026 година, но се смета дека клубот се согласил да му дозволи да замине ова лето доколку пристигне соодветна понуда.

Клубот од „Камп Ноу“ не е единствена заинтересирана страна за Гакпо. Сериозен интерес за играчот покажуваат и од Арсенал, Баерн Минхен и Ливерпул. Се смета дека цената за овој трансфер би била околу 35 милиони евра.


Тен Хаг молчи за поврзаноста со Манчестер Јунајтед

Тренерот на Ајакс, Ерик Тен Хаг одби да ги коментира шпекулациите дека би можел да застане на чело на Манчестер Јунајтед.

52-годишниот стручњак силно се поврзува со нов менаџер на „црвените ѓаволи“, а британските медиуми инсистираат дека тој ќе го преземе тимот од „Олд Трафорд“.

„Фокусиран сум на сезоната во Холандија. Ја вложив целата моја енергија во Ајакс. Сакам да извлечам максимум од тоа, мислам дека „дублот“ е достижен“, прокоментира Тен Хаг.


Роман Абрамович ќе му помага на турскиот клуб Гезтепе

Некои турски медиуми пренесуваат информација дека милијардерот Роман Абрамович има желба финансиски да му помогне на клубот Гезтепе кој се бори за опстанок во фудбалската Супер лига на Турција.

Изворите пишуваат дека рускиот олигарх неодамна двапати ја посетил Турција и имал разговори околу ваков договор, кој сепак ќе стане реалност откако Русинот ќе го продаде Челзи. Исто така, се наведува дека две суперлуксузни јахти на Абрамович биле забележани во Измир, каде Гезтепе ги игра своите домашни натпревари.

 Турција нема воведено санкции за руските олигарси, како што тоа го направија земјите од ЕУ, што значи дека нема пречка за тие да работат во земјата.


Популарниот Мајк Дин заминува во судиска пензија

Британските медиуми пренесуваат дека легендарниот судија од англиската Премиер лига, Мајк Дин, на крајот од сезоната заминува во пензија.

Планот беше тој да се пензионира на крајот на минатата сезона, но бидејќи пандемијата со корона вирусот ги спречи навивачите да бидат на трибините, тој го одложи своето заминување, сакајќи да ја суди својата последна кампања пред навивачите. 

Мајк Дин ќе му каже збогум на професионалното судење после 535 натпревари и 22 сезони. Тој е познат како една од легендите на фудбалот во Англија, а како што се шпекулира, би можел да стане шеф на судиската организација при ФА.


Манчини го повика Де Шиљо на местото на повредениот Ди Лоренцо

Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација, Роберто Манчини поради повреда го загуби Џовани Ди Лоренцо во пресрет на плеј-оф дуелот за Светското првенство против репрезентацијата на Македонија. Крилниот бек на Наполи се повреди на саботниот првенствен натпревар против Удинезе, а беше повикан за натпреварите со Македонија и евентуално бараж-финалето со подобриот од дуeлот меѓу Турција и Португалија.

На негово место Манчини веднаш го повика Матија Де Шиљо од Јувентус.

Веднаш по натпреварот против Салернитана кој го одигра вчера, Де Шиљо замина во таборот на „аѕурите“.


Чави: Вратата на Барселона секогаш ќе биде отворена за Меси

Тренерот на Барселона Чави Ернандез изјави дека вратата од клубот е отворена за Лионел Меси. Двајцата фудбалери беа соиграчи во каталонскиот клуб, но сега Чави е на чело на тимот, а Меси е дел од  францускиот Париз Сен Жермен.

„Меси е најдобриот фудбалер во историјата на клубот. Тој го заслужи правото вратата од клубот секогаш да е отворена за него. Се додека јас сум тренер, тој секогаш ќе биди добредојден доколку сака да се врати еден ден. Како клуб му должиме големо признание, тој тоа го заслужува. Но, сега тој има договор со Пари Сен Жермен, па не сакам повеќе да зборувам“, изјави Чави Ернандез.


Милевски го повика Даци на местото на повредениот Јаховиќ

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Адис Јаховиќ , поради повреда отпадна од списокот за дуелот со Италија (24 март) и евентуалниот завршен бараж за СП против подобриот од мечот Турција – Португалија.

Фудбалерот на Гезтепе почуствувал болка во тетивата на денешниот првенствен натпревар од турското првенство а лекарските прегледи потврдија дека не е во можност да игра.

Затоа селекторот, Благоја Милевски, веднаш прати повик до Ердон Даци кој настапува за  белгискиот Вестерло.