фудбал

Горецка е замената за Погба на „Олд Трафорд“

Манчестер Јунајтед ќе се насочи кон Леон Горецка од Баерн Минхен доколку Пол Погна си замине од „Олд Трафорд“.

„Црвените ѓаволи“ се убедени во квалитетите на германскиот репрезентативец и веруваат дека ќе биде идеална замена за Пол Погба.

Погба влезе во последната година од договорот и се уште одбива да ја продолжи соработката, па Јунајтед е спремен да го стави на продажба. Слична е ситуацијата и со Горецка, кој има уште една година од договорот со Баерн и е спремен да ја промени средината ова лето.

Доколку Погба замине, Јунајтед е спремен да понуди 50 милиони евра за потписот на Германецот.


Манџукиќ пред потпис во шампионатот на Индија

Хрватскиот фудбалер Марио Манџукиќ кариерата ќе ја продолжи во Индија. Манџукиќ e блиску до реализација на неочекуван трансфер и во иднина ќе го носи дресот на АТК Мохун Баган. Наскоро се очекува и официјална потврда.

Хрватскиот голгетер минатата сезона се врати во Европа во тимот на Милан, но не играше многу. Се зборуваше за негово враќање во Динамо, потоа се споменуваше и Бундеслигата, но тој реши кариерата да ја продолжи во Индија, што ќе биде уште еден предизвик во неговата богата кариера.


Познат календарот за новата сезона во шпанскиот шампионат

Шпанската фудбалска лига, ја објави програмата за претстојната сезона 2021/22 која ќе започне на 15 август.

Тогаш шампионот Атлетико Мадрид ќе гостува кај Селта додека Реал Мадрид ќе игра во Баскијa со Алавеш. Барселона ќе го започне првенството дома против Реал Сосиедад. Првото  – „Ел Класико“ меѓу Реал Мадрид и Барселона ќе се случи на 24 октомври кога домаќини ќе бидат Каталонците а второто ќе биде на 20 март во 2022, на стадионот во Мадрид.

Градските дерби мечеви во шпанската престолнина меѓу Реал и Атлетико се закажани на 12 декември и 8 мај.


Нов двегодишен договор за Бабунски во Ботев

Некогашниот младински репрезентативец на Македонија Доријан Бабунски и следната сезона ќе настапува во бугарскиот Ботев Враца, откако со два погодоци успеа да го спаси својот тим од испаѓање.

Фудбалерот кој израсна во фудбалската школа на Реал Мадрид , а потоа и на многу клубови ширум Европа и светот, никако неможе да се врати во посакуваната форма и да прикаже квалитет, па епизодата во Бугарија се покажа како најдобра за него.

„Доријан Бабунски продолжува да биде дел од Ботев Враца, откако го продолжи договорот и покрај интересот од други странски клубови. Напаѓачот од Македонија останува во нашиот клуб и му посакуваме здравје и двоцифрен број на голови во новата сезона“, објави Ботев Враца.



Рускиот селектор ја презеде одговорноста за лошото ЕП

Селекторот на руската репрезентација, Станислав Черчесов, ја презеде одговорноста за неуспешниот настап на ЕП.

Техничкиот комитет на Рускиот фудбалски сојуз денеска ја опиша работата на Черчесов како незадоволителна. Русија заврши последна во групата Б. „Зборнаја“ ја победи Финска а загуби од Белгија и Данска . Министерот за спорт, Матицин и претседателот на РФУ,  Дјуков, исто така дадоа негативна оценка за перформансите на тимот.

„Сакам да им се заблагодарам на сите членови на техничкиот комитет за објективната критика. Нашата цел беше да постигнеме максимални резултати и признаваме дека не успеавме. Јас не сум ослободен од одговорност“, изјави Черчесов.


Мбапе одлучи дали ќе го продолжи договорот со ПСЖ

Килијан Мбапе донесе одлука за продолжувањето на неговата кариера, наведува Екип откривајќи дека напаѓачот на ПСЖ и француската репрезентација нема намера во овој момент да ја продолжи верноста со клубот од Париз.

Мбапе има договор со клубот уште наредната сезона и веќе подолго време се поврзува со трансфер во Реал Мадрид, а понудата за продолжување на договорот неколку пати ја одби.

Но, медиумите наведуваат дека не се знае дали шпанскиот клуб во моментот може да си го дозволи неговиот трансфер.

Одбивањето на Мбапе за останување во ПСЖ продолжува, но нема да го натера раководството на клубот на намалување на неговата цена, бидејќи интерес за него покажуваат и богатите англиски клубови. Тоа е, се заклучува, лоша вест за Реал Мадрид кој ова лето не може во битка со нови за услугите на 22-годишниот напаѓач.


Лестер го доведе најдобриот напаѓач од Австриското првенство

Екипата на Лестер успеа да излезе како победник во трката по Пастон Дака, играчот на Ред Бул Салцбург кој се пресели во Лестер за 27 милиони евра.

Дака беше посакуван и од многу поголеми екипи , како Манчестер Јунајтед, Челзи , Рома Ливерпул и многу други , но очигледно шансата да игра во првиот тим на Лестер била доволна за репрезентативецот од Замбија да потпише со „лисиците“.

„Го следам Лестер од сезоната кога го освоија првото место во Премиерлигата. Сметам дека Лестер е совршено место за мене. Тоа е тим кој се бори за титули.“ – изјави Дака.



Два европски гиганти го сакаат Камавинга од Рен

Спортскиот директор на Рен, Флориан Морис потврди дека клубот започнал преговори со ПСЖ и Манчестер Јунајтед за трансфер на Камавинга.

18-годишниот играч за врска важи за најголем француски талент и го привлече вниманието на многу европски гиганти.

„Постојат преговори во моментов со овие клубови. До сега немаме постигнато договор со ниту еден клуб. Засега Камавинга останува наш играч. Ќе ги разгледаме сите понуди кои ќе пристигнат, но не сме приморани да го продаваме играчот“, изјави спортскиот директор на Рен.

Според информациите на француските медиуми Рен за слободата на својот „бисер“ бара 50 милиони евра, додека ПСЖ и Јунајтед се спремни да платат помеѓу 30 и 40 милиони евра.


Марио Руи пред потпис со Галатасарај

Турскиот Галатасарај е насочен кон 30-годишниот дефанзивец на Наполи, Марио Руи. Оваа информација ја објави новинарот Николо Скира на неговиот профил на Твитер.

Според изворот, Турците ќе започнат преговори со Наполи во блиска иднина. Клубот од Неапол сакаат да спасат 8 милиони евра за играчот, чија плата е 2 милиони евра годишно, а договорот истекува во 2025 година. Руи игра за Наполи од 2017 година. Претходно играше за италијанските Рома, Емполи, Специја, Губио и португалска Фатима. Порталот Трансфермаркт го проценува играчот на 8 милиони евра.

Во завршената сезона на турскиот шампионат Галатасарај со 84 бода го освои второто место.



Проблеми за Симеоне, Жоао Феликс мора на операција

Жоао Феликс ќе биде подложен на операција на зглобот, пренесуваат медиумите во Португалија.

Напаѓачот ќе оди на операција во Порто, а според најавата ќе пропушти два месеци. Феликс веќе неколку месеци има непријатност со оваа повреда.

Феликс почувствува непријатност во левата нога за време на тренингот на репрезентацијата на Португалија во пресрет на мечот со Германија. Медицинскиот штаб на репрезентацијата одлучи да не ризикува со играчот, па Феликс не беше вклучен во списокот на националниот тим за мечот со германската селекција. Феликс се приклучи на Атлетико Мадрид од Бенфика во 2019 година.

Сумата на трансферот беше 127 милиони евра. Оваа сезона, 21-годишниот Португалец има седум погодоци (еден од пенал) и пет асистенции на 31 натпревар од шпанскиот шампионат.