фудбал

Неизвесна иднината на Роналдо во Јуве?

Напаѓачот на фудбалскиот состав Јувентус, Кристијано Роналдо, може да го напушти Торино во текот на летото иако неговиот договoр е валиден до 2022 година.
Како што информира весникот -„АС“, „старата дама“ сè уште нема добиено предлози за Португалецот, но, доколку 36-годишниот играч изрази желба да си замине, Јувентус ќе биде отворен за дијалог и нема да му прави проблем.
Торинскиот клуб е подготвен да ги разгледа предлозите за Роналдо од најмалку 25 милиони евра. Доколку нема конкретни понуди, Бјанконерите ќе го задржат во составот.


Бекам: На Меси и Роналдо ќе им биде одлично во Мајами

Интер Мајами, клубот на Дејвид Бекам, се подготвува за новата сезона во МЛС.
Бекам за тренер го постави поранешниот соиграч Фил Невил, а воочи почетокот на сезоната, даде интервју во кое говореше за можното доаѓање на мегаѕвезда во МЛС.
„Кога влегувавме во оваа приказна со Интер во МЛС, секогаш се зборуваше за потенцијалното доаѓање на големи играчи откако ќе ја завршат кариерата во Европа. За тоа секогаш ќе се зборува, а искрено мислам дека за нив тоа нема да биде тешка одлука. Мајами е одлично место за живот, одличен град, а нашиот клуб има голем број на навивачи. Базата на домашни фудбалери е добра и мислам дека Мајами е доста привлечен за ѕвездите од Европа.“ – вели Бекам.
Меси и Роналдо се повеќе се споменуваат како можни доаѓања во САД, баш како што Бекам пристигна во Лос Анџелес во 2007. година. Тогаш не се знаеше, но Бекам по доаѓањето во МЛС со лигата договори ексклузивен попуст при купување на франшиза, доколку се одлучи на таков потег, што на крај и се оствари.


Голман не сакал да се вакцинира, го казниле со – отказ?!

Една вест од Малдиви денеска предизвика големо внимание во фудбалската јавност и на овие простори.
Во главна улога е црногорскиот голман Милан Јеловац, кој сезонава настапуваше за Иглс од Малдиви, но деновиве доби отказ бидејќи одбил да прими вакцина против коронавирусот.
Поточно, тој не сакал да ја прими онаа која беше понудена, барал друга вакцина, но бидејќи друга немаше на располагање, му беше врачен отказ!
„Во прашање беше Астра Зенека, вакцина која не сакав да ја примам. Не бев единствениот кој тоа го направи. Од четворица странци во мојот клуб, тројца не сакаа да ја примат таа вакција. Слична беше ситуацијата и во други клубови. Не одбив вакцинација, туку не сакав да се вакцинирам со таа вакцина.
Следеа бројни уцени, но не прифативме Астра Зенека. За разлика од домашните играчи кои мораа да ја примат вакцината, 90% од странците добија отказ.“ – објаснува Јеловац за црногорските медиуми.


Куман ќе ја води Барса и следната сезона

Тренерот на Барселона, Роналд Куман, ќе продолжи да работи во каталонскиот клуб и следната сезона.
Според изворот, вчера, Куман одржал неформален состанок со новиот претседател на Барселона, Жоан Лапорта. Лапорта ја изрази својата поддршка кон холандскиот тренере и рекол дека сака да продолжи да го гледа Куман како главен тренер на Барселона.
Куман го презеде тимот на Барселона во август 2020 година. Претходно, како тренер работеше во клубови како Витезе, Ајакс, Бенфика, ПСВ Ајндховен, Валенсија, АЗ Алкмар, Феенорд, Саутемптон, Евертон, а исто така беше на чело на репрезентацијата Холандија.
Барселона до овој момент има освоено 62 поени на 28 натпревари и се наоѓа на второто место на табелата во Примера.


Донарума доби последна понуда за останување во Милан

Милан испрати нова понуда до голманот Џанлуиџи Донарума со цел продолжување на договорот со клубот, кој истекува за само три месеци.
Според понудата, 22-годишниот Донарума би добивал 8 милиони евра по сезона, додека се верува дека неговиот агент Мино Рајола бара плата од 10 милиони евра и вклучување на откупна клаузула во договорот.
Младиот голман е категоричен во својата желба да остане на „Сан Сиро“, но бидејќи сè уште нема договор меѓу двете страни директорите на клубот составија список на потенцијални наследници на Донарума. На овој список се наоѓаат две имиња на голмани од Италија, Хуан Мусо од Удинезе и Пјерлуиџи Голини од Аталанта.


Шок во Лига Европа – Славија ќе биде исфрлена?!

Бурата се уште не застанува. Случувањата од Шкотска и елиминацијата на Глазгов Ренџерс од страна на Славија Прага имаше и свое трето полувреме.
Се судрија играчот на Глазгов Камара и играчот на гостите Кундела. Фудбалерот на Славија во еден момент му пријде на Камара и му упати неколку зборови кои баш го изнервираа фудбалерот на Стивен Џерард. Шкотскиот тим наведува дека се работи за расизам, додека Славија ги демантира тврдењата.
По крајот на натпреварот, двајцата се судрија и во тунелот. Отворена беше истрага, шкотската полиција има отворен случај, а се наведува дека Кундела ќе мора да оди на испитување.
„Доколку се докажат тврдењата против господинот Кундела, УЕФА има моќ драстично да го казни играчот. Во овој случај, 10 натпревари суспензија не се доволни, би требало да биде казнет на минимум една година, додека и клубот треба да сноси последици. Вклучувајќи одземање на бодови и/или дисквалификација.“ – вели адвокатот на Камара.


Конте се враќа во Англија, два гиганти го сакаат на својата клупа

Предводникот на Интер, Антонио Конте може да си даде оставка доколку клубот не му гарантира нови трансфери.
Според информацијата која е објавена, во случај на напуштање на Интер, тренерот може да ги предводи Манчестер Јунајтед или Тотенхем. Платата на Антонио Конте во миланскиот клуб е 12 милиони евра по сезона и никој друг италијански клуб нема да му ја исплати таа сума, па враќањето во Премиерлигата е пореално решение за тренерот кој претходно беше на чело на Челзи.
Конте го презеде Интер летото 2019 година. Под негово водство, „нероазурите“ завршија на второто место во шампионатот во првата сезона. Тимот не можеше да ја помина групната фаза од Лигата на шампионите, но се пласираше во финалето на Лигата на Европа. Во италијанскиот шампионат Интер е лидер со 65 бода и е на добар пат да ја освои титулата и да го симне од тронот Јувентус.


Бејл најави враќање во Мадрид

Напаѓачот на фудбалскиот состав Тотенхем и на селекцијата на Велс, Герет Бејл, зборуваше за неговата желба да се врати во Реал Мадрид на крајот од сезоната.
„Мојот ангажман во клубот не ме одвлекува од подготовките за Евро 2020. Главната причина зошто дојдов во Тотенхем беше да играм за да можам да одам на Европско првенство во добра форма. Првичниот план беше да поминам една сезона во Спарси“, изјави 31-годишниот Велшанец.
Бејл во тековнава сезона Премиер одигра 12 мечеви. Неговиот договор со „кралевите“ е до 30 јуни 2022 година.


Што се случува со Кутињо?

Враќањето на терен на фудбалерот на Барселона, Филипе Кутињо е голема главоболка за каталонскиот клуб, а последните проценки укажуваат дека тоа би можело да се случи за четири недели.
Бразилскиот фудбалер на крајот од минатата година доживеа повреда на коленото во натпревар против Еибар, а кога беше опериран на почетокот од годинава, се проценуваше дека ќе се врати на терен на почеток на април.
Бидејќи неговото опоравување стагнираше во однос на предвидениот датум, фудбалерот отпатува во Доха на стручен преглед, а грубите проценки укажуваат дека би можел да се врати на крајот од месец април.
Тоа значи дека Куман нема да може да смета на него за Ел Класико, кој се игра на 10. април, како ни за финалето во Купот на кралот против Атлетик Билбао една недела подоцна.
Оптимално, тој би можел да биде подготвен за дербито против Виљареал на 25. април.
Тоа значи дека Бразилецот не би поврзал ниту 10 натпревари до крајот на сезоната, дури и во идеално сценарио.


Де Лаурентис и Гатузо во преговори за иднината

Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис прави се што е можно за да го убеди Џенаро Гатузо да не го напушта клубот, но засега тренерот е категоричен во одлуката да се повлече по крајот на сезоната, пишува „Тутоспорт“.
Поради низата слаби резултати пред извесно време, Де Лаурентис решил да побара нов тренер и излезе дека Гатузо дознал за тоа. Во меѓувреме, сепак, тимот ги стабилизираше своите настапи, што ја врати довербата во Гатузо кај самите играчи. Сепак, тренерот беше разочаран од недостатокот на поддршка за него во критичниот момент и од своја страна одлучи дека е време да се раздели со клубот по крајот на сезоната.
Досега ниту една од двете страни не го коментираше ова. Де Лаурентис сфати дека побрза да разговара со други потенцијални тренери и сега се надева дека ќе го натера Џенаро Гатузо да размисли. Наполи е на чекор до влез во зоната во Лигата на шампионите откако забележа четири победи во последните пет кола од Серија А.