фудбал

У-19: Реми на контролата против Бугарија

Младата репрезентација на Македонија одигра нерешено против соодветната селекција на Бугарија на втората контролна средба одиграна меѓу овие две селекции.

Во спортскиот комплекс Правец, избраниците на селекторот Марио Вујовиќ одиграа 1:1. Одлично прво полувреме на нашите фудбалери, постигнаа еден гол и имаа неколку добри прилики. Бехар Фета погоди во 38. минута за водство на Македонија од 1:0. Во продолжението домаќинот успеа да го израмни резултатот во 59. минута.

За нашата селекција настапија: Гоце Јовчев, Бехар Фета, Дашмир Елези, Љупче Кудев, Петар Давидовски, Давид Бошевски, Грегори Давков, Дамјан Ќошевски, Самет Реџепи, Матеј Ангелов, Емир Саитоски;

Митрев, Ракипи, Тесески, Коцев, Мирков, Јахији, Богдановски, Ангелов, Ѓоргиевски.


Бенфика има сериозен интерес за Елмас, но и други клубови се во игра!

Елиф Елмас не доби вистинска шанса во Наполи во сезоната која заврши под водство на Гатузо. Македонскиот репрезентативец очекуваше поголема минутажа, а со настапите за националниот тим покажа дека навистина се работи за вонсериски квалитет.

Неговиот Агент, Џорџ Гарди тврди дека покрај Бенфика, за Елмас се заинтересирани повеќе тимови од Европа, а ова лето може се да се случи.

„Елмас сакаше да игра во Лигата на шампионите и затоа дојде во Наполи. Очигледно е дека е разочаран како и сите други од начинот на кој заврши сезоната, но сега е фокусиран на ЕУРО 2020 и очекува добар настап на првенството, мотивиран е. Дали е задоволен од сезоната? Играше малку, сака поголема минутажа, повеќе простор да се наметне. Не доби многу шанса, па секако дека не е среќен. Мислам дека може да му се промени ситуацијата со промената на тренерот. Минатата сезона беше најзаменуваниот играч, се надевам дека ќе се подобрат работите со Спалети. Ќе ви откријам нешто, Спалети го бараше Елмас кога беше дел од Интер. Бенфика не е единствениот клуб кој пројавува интерес, многу клубови го бараат. Има долг договор со Наполи, па клубот е тој што ќе треба да донесе одлука. Ќе треба да ни објаснат какви се плановите за играчот, каква шанса ќе добие бидејќи нема да бидеме среќни со уште една сезона како оваа што измина.“ – објаснува Гарди.


Трипие се враќа во Премиер лигата, Арсенал фаворит за неговиот потпис

Во Атлетико Мадрид наводно сериозно ја разгледуваат можноста да реализираат трампа на фудбалери со Арсенал, а во истата, да бидат вметнати Кјеран Трипие и Хектор Бељерин.

„Марка“ пишува дека на крајот Трипие би можел да заврши во редовите на Арсенал, иако за него има голема заинтересираност од страна на Манчестер јунајтед изминатиов период.

Истовремено, шпанскиот весник додава и дека спортскиот директор на „Јорганџиите“, Андреа Берта е голем обожовател на играта на Бељерин, но се верува дека во случај да не се постигне договор за трампата, шпанскиот првак и натаму ќе ја продолжи битката за потписот на бекот на Арсенал.

Трипие беше член на лутиот градски ривал на Арсенал, Тотнем, во периодот од 2015 до 2019 година.



Поради КОВИД-19 – Шпанија остана без својот капитен

Шпанската фудбалска репрезентација потврди дека нивниот капитен е позитивен на Ковид-19 по последното тестирање.

Ова е лоша вест откако Серхио Бускец е планиран за клучен дел од првиот тим на Енрике на ЕУРО 2020, а сето тоа се случува на само четири дена пред почетокот на континенталниот собир.

Бускец е единствениот позитивен на КОВИД-19 во тимот на Шпанија, па добра вест е што ниту еден друг играч на „фуријата“ нема проблеми со тестирањето.

Ова значи дека Бускец нема да игра за Шпанија на престојниот контролен натпревар со Литванија закажан за во вторник. Според последните најави, Шпанија на тој натпревар ќе истрча со младинскиот тим што е само потврда дека Бускец ќе има доволно време за да добие негативен КОВИД-19 тест.



Симеоне добива нов договор во Атлетико Мадрид

Диего Симеоне, кој минатата сезона го предводеше Атлетико Мадрид до титулата во шпанската лига, постигна договор со управата на клубот за продолжување на неговиот договор, кој истекува следното лето.

Новиот договор на аргентинскиот тренер ќе биде до летото 2024 година, бидејќи двете страни постигнаа принципиелен договор, а остануваат да се разјаснат некои формалности пред официјалното финализирање на договорот.

Симеоне го води Атлетико од 2011 година. Под негово водство, тимот освои две титули во Шпанија, триумфираше во Купот и Суперкупот на оваа земја, двапати го освои трофејот во Лигата на Европа и двапати играше во финалето на Лигата на шампионите.



Зошто приказната на Зидан со Реал заврши неславно?

Реал Мадрид не побара плаќање на обештетување од поранешниот тренер Зинедин Зидан за предвремено раскинување на договорот, објавија медиумите во Шпанија.

Во договорот меѓу Зидан и Реал Мадрид беше ставена сума од 10 милиони евра, која Французинот требаше да ја плати за предвремено раскинување на договорот. Клубот одлучи да ја вклучи оваа клаузула во договорот за да не страда од уште едно изненадување, слично на она што беше пред три години, кога Зидан прв објави дека ќе го напушти мадридскиот клуб.

По заминувањето од Реал Мадрид, Зидан објави писмо во кое ги критикуваше Флорентино Перез и клубот за недовербата, што во голема мера го вознемири раководството на оваа екипа. Клубот верува дека Зидан со ова си ги затворил вратите на Реал Мадрид засекогаш. Како и да е, Кралскиот клуб се помири со фактот дека Зинедин Зидан нема да мора да плаќа обештетување.



Крсте Велкоски го продолжи договорот со Сараево

Босанските медиуми базирајќи се на податоците објавени на КОМЕТ-системот при УЕФА, објави дека нашиот интернационалец Крсте Велкоски потпишал нов договор со Сараево со што се обврзал на верност со тој клуб до 2023 година.

33-годишниот напаѓач новиот договор го потпишал на 2 јуни, односно пред три денови, а како за потсетување, Македонецот е дел од Сараево од 2017 година, а беше член на тој клуб и од 2014 до 2016 година, досега запиша 209 натпревари, на кои генерално постигна 66 погодоци.



Рашфорд закажа операција по Европското првенство

Напаѓачот на Манчестер Јунајтед и Англија, Маркус Рашфорд планира да биде опериран по завршувањето на Европското првенство, а со тоа би можел да го пропушти почетокот на следната сезона 2021/22.

Рашфорд (23) има повреди на стапалото и рамото, но најверојатно ќе биде опериран само на ногата. И покрај здравствените проблеми, напаѓачот одигра 57 натпревари за Манчестер Јунајтед во последната сезона, во која постигна 21 гол и 15 асистенции.

На Евро 2020, кое започнува на 11 јуни, Англија е во група со светскиот вицешампион Хрватска, Шкотска и Чешка.



Јуве одбил поволна понуда од Баерн за Кулушевски

Според последните информации од Италија, Дејан Кулушевски бил на радарот на Баерн Минхен за овој преоден рок.

Кулушевски одигра променливо во изминатата сезона во дресот на Јувентус, а Нагелсман имал желба да го види офанзивецот во неговиот тим. Сепак, Јувентус кој во наредната сезона повторно ќе биде предбоден од Масимилијано Алегри не сакал да преговара за продажба на Кулушевски.

Ќе потсетиме, во редовите на Јувентус Кулушевски дојде од Парма минатото лето. Јувентус за него плати сума од околу 40 милиони евра.



Агентот на Елмас најавува подобри денови за нашиот ас во Наполи

Џорџ Гарди кој му е агент задолжен за трансфери на македонскиот  фудбалски „бисер“, Елиф Елмас, вели дека има повеќе екипи кои сакаат да го обезбедат неговиот потпис.

„Елмас сакаше да игра во Лигата на шампиони и затоа дојде во Наполи. Очигледно е дека е разочаран како и сите други од начинот на кој заврши сезоната, но, сега е фокусиран на ЕВРО. Бенфика не е единствениот клуб кој го бара. Има долгорочен договор со Наполи и клубот ќе треба да донесе одлука. Ќе треба да објаснат какви се плановите и каква шанса ќе добие. Треба да дознаеме дали тренерот ќе верува во него“, изјави Гарди кој очекува нашиот репрезентативец да има одлични настапи на континенталниот собир.