фудбал

Тиквеш и Ренова обезбедија место во Прва МФЛ за сезоната 2021/22

Екипите на Ренова и Тиквеш обезбедија место во Прва МФЛ за натпреварувачка сезона 2021/22 откако на бараж натпревари славеа против Охрид, односно Силекс.

Ренова по подобро изведување пенали славеше против Охрид на тренинг центарот „Петар Милошевски“, додека на Националната арена „Тодор Проески“, Тиквеш го совлада Силекс со 1:0.

Едиз Спахиу во 54. минута го постигна решавачкиот погодок за голема радост на составот од Кавадарци. Тиквеш после 17 години се враќа во најдобрата наша фудбалска конкуренција. 

На тренинг центарот „Петар Милошевски“, Охрид водеше со 1:0 и 2:1 против Ренова, но тимот од Џепчиште се избори за пенали откако погоди за израмнување на 2:2 во 89. минута.

По пенал серијата, Ренова успеа да го зачува прволигашкиот статус за следната сезона. Фудбалерите на Охрид водеа со 2:0 во пенал серијата, но ги промашија последните три обиди за гол од линијата од 11. метри.


Драговиќ од Баер Леверкузен се сели во Црвена Звезда

Црвена Звезда договори големо засилување од германската Бундеслига. Нов играч на Црвена Звезда ќе биде австрискиот репрезентативец Александар Драговиќ кој ова лето ќе игра против Македонија на Европското првенство. Драговиќ подолго време се поврзува со белградкиот клуб, а сега се сели во Звезда откако му заврши договорот со Леверкузен. Според информациите на „Спортски Журнал“ Драговиќ во Звезда ќе заработува 600.000 евра за договор на три години. Тој е една од трите желби на Станковиќ за посилна Звезда. Српскиот гигант се поврзуваше и со доведување на Александар Коларов, но и со напаѓачот Александар Пријовиќ.


Борба за првиот европски трофеј – Виљареал против Манчестер Јунајтед

Финалето во второто по ранг клупско фудбалско натпреварување на УЕФА, Лига Европа денеска ќе го донесе новиот шампион.

На стадионот во Гдањск, Виљареал ќе се соочи со Манчестер Јунајтед, два тима со иста амбиција, трофеј за заокружување на оваа тешка и проблематична сезона.

Без Ибора, кој поради повреда на коленото ќе го пропушти денешното финале, Унаи Емери ќе составува тим кој може да слави против далеку попознатиот противник од Англија.

Солскјер од друга страна, нема да може да смета на капитенот Хари Мегваер кој се уште заздравува од повредата, како и Ентони Марсијал, кој го пропушти последниот тренинг.

Виљареал и Манчестер Јунајтед досега четирипати се сретнаа во Лигата на шампионите, во 2005. и во 2008. година, а сите натпревари завршија без голови.

Богатата понуда за првото европско финале сезонава најдете ја на www.evrotip.mk !


Ајнтрахт нема да го откупи договорот на Јовиќ

Лука Јовиќ и дефинитивно нема да остане во Германија. Реал Мадрид го испрати Јовиќ на позајмица во неговиот клуб Ајнтрахт, но на крајот на сезоната тој ќе се врати во Шпанија. Германскиот клуб ја потврди разделбата со репрезентативецот на Србија. Јовиќ дебитираше за Ајнтрахт во вториот мандат со два гола, но на крајот вкупно постигна четири затоа што во главно беше резерва. Клубот од Франкфурт немаше можност да го откупи неговиот договор, па остана само да се заблагодари на неговиот допринос и да му посака среќа во продолжувањето од кариерата. Договорот на Јовиќ со Реал има важност до 2025 година, но очекувањата се летово да биде продаден.


Шок во Милано – Конте заминува од Интер?!

Релевантниот „Газета дело Спорт“ пишува дека Интер и Антонио Конте се наоѓаат пред извесна разделба. Причина за тоа се финансиите, раководството на клубот бара намалување на платите за 20% на сите, а тоа е неприфатливо за тренерот на екипата. Според Газета Дело Спорт, разделбата ќе се случи во следните 48 часа, Жанг не отстапува од намалување на трошоците по основ на платите, што е тотално неприфатливо за Конте. Интер ќе продава дел од своите најдобри играчи за да ги покрие загубите, сега ќе мора да бара нов тренер, Масимилијано Алегри, Маурицио Сари, Синиша Михајловиќ и Симоне Инзаги се можните наследници, тврди Газета дело Спорт.


Жиру ќе го предводи нападот на Милан во Лигата на шампионите

Милан веднаш започна активно на трансфер пазарот и денес го договори првиот трансфер, голманот Мајк Мањан од Лил. Италијанските медиуми пренесуваат дека „росонерите“ се блиску до договор со Оливие Жиру, кој ќе пристигне како слободен агент. Жиру треба да биде замена за Манџукиќ и алтернатива на Ибрахимовиќ во нападот на Милан. Двете страни се блиску до договор и Французинот ќе потпише 2- годишен договор тежок 3,5 милиони евра по сезона.


Репрезентативците ги започнаа подготовките за ЕУРО

Македонската фудбалска репрезентација од денеска и официјално ги стартува подготовките за историското премиерно учество на Европското првенство. По вчерашниот официјален собир, селекцијата предводена од Игор Ангеловски денеска ќе го одработи и првиот тренинг, закажан во 18. часот на теренот на ФФМ. Со амбиција за успешен настап, нашите најдобри фудбалери во рамките на подготовките ќе одиграат и две контролни средби, на 1. јуни против Словенија и на 4. јуни против Казахстан во Скопје. На 8. јуни, репрезентативците се селат во Букурешт, каде ќе биде и тренинг базата за ЕУРО 2020. Македонија на ЕП ќе дебитира против Австрија на 13. јуни на „Националната Арена“ во Букурешт.


Захариевски потпиша договор на уште една сезона со Струга Трим Љум

Струга Трим Љум ја продолжи соработката со тренерот Срѓан Захариевски за уште една година. Се надеваме дека со Захариевски на чело, нашиот тим ќе направи достојна презентација во европските натпреварувања, каде ќе бидеме во улога на дебитанти, – соопшти прволигашот од Струга, обзнанувајќи ја одлуката за нов едногодишен договор со македонскиот фудбалски тренер и поранешен репрезентативец. Захариевски на чело на Струга Трим Лум дојде на 12 март минатата година, а претходно ги предводеше екипите на Металург и Пелистер. Под негово водство екипата на Струга ја заврши сезоната во Првата македонска лига на третото место и обезбеди настат во квалификациите за Конференциската Лига Европа.


Дибала прави трансфер во Милано?

Јувентус и Пауло Дибала најверојатно ќе се разделат на крајот на сезоната, тврдат италијанските медуми.

Иако веќе неколку месеци двете страни преговораат, се уште не постигнале договор за продолжувње на соработката.

Поради тоа Јувентус донесе одлука да го продаде на лето, бидејќи влегува во последната година од договорот, па ќе се обиде да заработи на аргентинецот.

Италијанските медиуми денес објавија „бомба“ и тврдат дека Дибала може да заврши во редовите на големиот ривал Милан, кој веќе стапил во контакт со неговиот агент.

Дибала преферира да остане во Серија А, а Милан ќе има солиден буџет после пласманот во Лига на шампиони и наскоро ќе започне преговори со „старата дама“.


Коман побарал трансфер, Захави веќе му бара нов клуб

Францускиот интернационалец во редовите на Баерн Минхен, Кингсли Коман, сака да добие зголемување на платата за да остане во клубот.

Одличниот фудбалер кој има договор до 2023 година и добива 8 милиони евра по сезона, сака да има двојно поголеми примања. Според весникот „Билд“, неговиот татко побарал од агентот задолжен за трансфери, Пини Захави, да се обиде да му пронајде нов клуб кој ќе ги прифати неговите барања.

Во исто време, Баварците се обидуваат да го убедат Коман да ја продолжи соработката.