фудбал

Кин по финалето критикуваше двајца Англичани

Аналитичарот на Скај Спортс, Рој Кин упати остри критики кон Рахим Стерлинг и Џек Грилиш, за кои смета дека мораа да преземат одговорност во изведувањето пенали.

„Ако сте Стерлинг или Грилиш, не можете да пуштите дете (Сака) да изведе пенал ред вас, едноставно не можете. Тој е срамежлив 19-годишник, а тие имаат многу повеќе искуство, Стерлинг освојувал трофеи. Мораа да преземат одговорност.“ – вели Кин.

За потсетување, Донарума му го одбрани одлучувачкиот петти пенал на Сака, а претходно непрецизни беа и 23-годишниот Рашфорд, како и 21-годишниот Санчо, кои селекторот Саутгејт ги внесе во игра исклучиво за изведувањето пенали. Англискиот селектор ја презеде вината за поразот во пенал рулетот.

„Донесов одлука за изведувачите на пенали на темел на тренинзите. Победувавме како екипа и исто така ќе го сносиме овој пораз, а што се однесува на пеналите – тука сум јас виновен.“ – изјави Саутгејт.


Донарума прогласен за најдобар играч на Европското првенство

Голманот на италијанската репрезентација, Џанлуиџи Донарума е прогласен за најдобар фудбалер на европското фудбалско првенство.

Донарума беше јунак во италијанската победа во финалето на ЕУРО против Англија по изведувањето на пенали, бранејќи ги ударите од белата точка на Џејдон Санчо и Букајо Сака.

„Ние сме одлична екипа. Не се предадовме во ниту еден момент. Успеавме од нула, ова е одличен тим и го заслужува овој успех.“ – рече Донарума, па додаде:

„Буфон е најдобриот голман кој некогаш играл фудбал, чест ми е што го наследив. Секогаш се трудам да дадам се од себе и да бидам голманот кој и е потребен на оваа екипа. Ќе видиме каков голман ќе бидам во својата кариера и што ќе постигнам.“


Милан започна преговори со Реал за Одриозола

Речиси е извесно дека Милан нема да го врати Диого Дало во своите редови откако Манчестер Јунајтед одбил да го пушти играчот на нова позајмица.

Опција за „ѓаволите“ единствено била перманентен трансфер, нешто за што Милан не бил подготвен да преговара.

Токму затоа сега  од Милан вниманието ќе го насочат кон играчот на Реал Мадрид, Алваро Одриозола. Фудбалерот нема иднина во “кралскиот клуб” и веројатно ќе ја промени средината во летниот преоден рок.

Реал би се согласил да го прати на позајмица во Милан, но се уште не се знае дали играчот е заинтересиран за премин во Милано.


Шпанските клубови ѝ помагаат на Барса да го задржи Меси

Лионел Меси во овие моменти официјално е без договор и во Барселона работат да ја продолжат соработката со својот најдобар фудсбалер.

Проблем како што е познато се финансиите, Барселона мора да направи некои промени за и со платата на Меси да остане во рамките на финансискиот фер-плеј. Шпанскиот новинар Роберто Хименез објави дека дел од клубовите во Ла Лига се спремни да и помогнат на Барселона да го задржи Меси.

„Претседателите на неколку клбуови во елитниот шпански фудбалс сакаат да дадат свој придонес и да и помогнат на Барселона да го задржи Меси“, изјави новинарот Хименез.

Нормално, тие сакаат Меси да остане затоа што на тој начин не би се намалила популарноста на шпанскиот фудбал.


Агентот на Хакими: Не е крај на светот и да замине Мбапе од ПСЖ

Ашраф Хакими пристигна во ПСЖ од редовите на Интер и јасно е дека ќе биде сериозно засилување за францускиот тим, но засега се уште не е целосно потврдено дека Килијан Мбапе ќе остане во Париз.

И натаму се појавуваат шпекулации дека Мбапе и Реал Мадрид сакаат да соработуваат и да реализираат трансфер уште ова лето, па дилемата ќе биде решена за некоја недела.

Агентот на Хакими, Алехандро Камањо со интересна изјава ги искоментирал овие шпекулации.

„ПСЖ вели дека Мбапе останува, но во фудбалот ништо не е сигурно. Ако остане, ќе биде прекрасно, но нема да биде крај на светот дури и да си замине“, изјавил Камањо.


Рибери разочаран од Фиорентина: Сакав да останам уште една година

Франк Рибери не доби понуда за останување во Фиорентина и сега е слободен агент, а Французинот вели дека не очекувал таков однос од италијанскиот клуб.

Во својата последна изјава тој вели дека уживал во Фиренца, но на крајот никој од клубот не му се јавил иако знаеле дека договорот истекува.

„Двете години во Фиорентина, фановите и градот беа одлични, бидејќи покрај сите потешкотии, сретнав фантастични луѓе. Штета, сакав да останам уште една година во овој клуб, но тоа е мојата судбина. Секогаш бев на располагање на тимот и се трудев да го дадам максимумот“, рече Французинот.


Нашиот Димитриевски меѓу најдобрите голмани на Европското првенство

Столе Димитриевски веројатно беше најдобриот поединец на Македонија на дебитантскиот настап на Европското првенство.

Димитриевски во секој натпревар имаше по неколку одлични интервенции, а одбрани и пенал. По една статистичка категорија Димитриевски се уште е на врвот.

Имено, девет пати нашиот голман расчиствуваше опасност при некое нафрлување на топката. Кога не можеше да ја фати топката тој ја „боксираше“ далеку од казнетиот простор.

Зад Димитриевски е англискот голман Џордан Пикфорд кого го очекува и финалето во недела со пет исфрлања.

Треба да споменеме и дека Димитриевски е еден од шестте голмани кој може да се пофали со одбранет пенал. Останатите се Бушчан, Дубравка, Храдецки, Лорис и Шмајхел.


Играа Серија А, сега прогласија банкрот и згаснување на клубот!

Поминаа седум сезони откако Ливорно испадна од Серија А. Тогаш поради бројните финансиски проблеми го напуштија највисокиот ранг на италијанскиот фудбал.

Потоа, проблемите не застанаа, а доста брзо Ливорно заврши во Серија Ц, третото по ранг клупско натпреварување.

Сега, приказната на Ливорно е скоро па заклучена. Клупското раководство одржа состанок и прогласи банкрот, со што е започнат процесот на ликвидација на поранешниот прволигаш.

Рокот за подмирување на долгот веќе истече, а откако не се најде нов инвеститор, банкротот е единствена опција.

Раководството на клубот има десет дена да пронајде нов сопственик. Доколку не успее, Ливорно ќе биде дисквалификуван. Овој клуб два пати во својата историја бил италијански вицешампион.


Клоп ќе испрати понуда за Адама Траоре

Ливерпул ќе направи напор да го купи крилото на Вулверхемптон, Адама Траоре.

Според изворот, „волците“ се подготвени да ги слушнат понудите за Траоре бидејќи неговиот договор истекува за две години. „Црвените“ изразиле подготвеност да платат околу 25 милиони фунти а Вулверхемптон сака двојно повеќе.

Минатото лето се шпекулираше дека Ливерпул ќе даде понуда за Траоре, но тогаш „црвените“  изненадија со трансферот на друг играч на Вулверхемптон – Диого Јота. Португалецот направи брилијантна прва сезона на стадионот „Енфилд“.


Европскиот првак ја сака тинејџерската сензација Камавинга

Челзи го контактираше тимот на Рен за можноста да го привлече Едуард Камавинга. Постои сериозен интерес за играчот од средниот ред уште од Манчестер Јунајтед и ПСЖ, кои започнале преговорите за фудбалерот.

18-годишниот Французин има договор со Рен на уште една година и клубот најверојатно ќе го продаде ова лето, бидејќи во спротивно ризикува да го изгуби без пари.

Камавинга дебитираше за тимот на Рен на само 16-годишна возраст и веќе има 3 натпревари за репрезентацијата на Франција.