фудбал

Пиоли распали по Чакир за арбитражата против Атлетико

Стефано Пиоли го изрази своето мислење за работата на главниот судија на натпреварот од второто коло од групната фаза на сезоната во Лигата на шампионите со Атлетико Мадрид (1-2).

„Мислам дека главниот судија на натпреварот немаше најдобра ноќ … Бевме казнети. Јасно е дека со десетмина на теренот мораше да се преструктуираме, издржавме и сеуште бевме блиску до позитивен резултат. Ова е разочарувачки. Тоа не е ниту пенал ниту црвен картон, секоја контроверзна ситуација не беше протолкувана во наша корист. Малку повеќе концентрација и Милан можеше да победи. Ни недостасуваше нешто, ова треба да не натера да сфатиме дека сме конкурентен тим. Последните денови беа доста тешки за нас во однос на календарот, утре треба да почнеме да размислуваме за мечот со Аталанта, иако натпреварот со Атлетико ни одзеде многу од нашата сила, и физички и морално“, изјави Стефано Пиоли.

Средбата во Милано ја судеше Чакир од Турција кој во 29. минута го исклучи Кеси, а Милан остана со играч помалку, а во дополнителното време досуди пенал за Атлетико кој го реализираше Луис Суарез и донесе победа за Атлетико.


Наместо на Емполи – Фенербахче платил 830 илјади евра на автокуќа?!

Екипата на Фенербахче  едвај успеа да си ги врати 830 илјади евра, кои по грешка ги испрати на сосема погрешна адреса.

Во 2019. година, турскиот гигант го договори трансферот на Миха Зајц од Емполи за 3,5 милиони евра. Фенербахче мораше да го плати 27-годишниот играч од средниот ред на три различни рати, од кои последната требаше да легне на сметката на Италијанците во септември минатата година. Сепак, Емполи не ги доби последните 830.000 евра и го извести Фенербахче за тоа, барајќи објаснување.

Според Марка, во Истанбул биле шокирани, одговориле дека одамна ги испратиле парите до Емполи и дека трансферот од 830.000 евра е извршен без грешка. Она што Турците не го знаеја беше дека поради некоја непозната причина наместо на Емполи, парите ги пратиле на дилер на автомобили во Холандија.

Застапништвото на автомобили мора да ги врати парите на турскиот клуб, кој потоа, овојпат веројатно правилно, ќе ги префрли на Италијанците.


Откриено кога ќе се додели Златната топка

Златната топка ќе се додели на 29. ноември во Париз, откако минатата година не беше објавен победникот, објави списанието Франс фудбал, организаторот на оваа награда, која се доделува на најдобриот фудбалер на годината.

Церемонијата, која ќе ја претстави Дидие Дрогба, ќе се одржи на театарот Шателет, во понеделник, 29 ноември, во 20.30 часот. Таму ќе биде доделена Златната топка за мажи и жени, како и трофејот Копа за најдобар млад играч и трофејот Јашин за најдобар голман.

Списокот на номинирани за овие различни награди ќе биде објавен наредниот петок, најавија организаторите.

Лионел Меси, кој е шесткратен добитник, и Меган Рапино ја освоија Златната топка во 2019. година, а потоа следната година наградата не беше доделена по сезона обележана со пандемијата „КОВИД-19“.


Џака во „аут“ следните три месеци

Фудбалерот на Арсенал, Гранит Џака ќе паузира до три месеци поради повреда на коленото што ја заработи во неделното дерби против Тотенхем, објави неговиот клуб.

Клубот изјави дека Џака се здобил со посериозна повреда на „медијалниот лигамент на коленото“, но дека операцијата не е неопходна.

„Програмата за опоравување и рехабилитација на Гранит веќе започна, а нашата цел е да го вратиме на терените за приближно три месеци“ – соопштуваат од лондонскиот клуб.

Натпреварот против Тотенхем беше првиот што Џака го одигра по три натпревари суспензија поради црвениот картон што го доби при поразот од Манчестер Сити во август.

Покрај тоа што беше суспендиран, Џака, исто така, мораше да се изолира на почетокот на месецот, бидејќи беше позитивен на коронавирусот.


Милевски: Фаворитската улога да ја оправдаме на терен

Селекторот на Македонија, Благоја Милевски го објави списокот на повикани фудбалери за претстојните квалификациски натпревари за пласман на Светското првенство 2022.

Нашата најдобра селекција на 8. октомври ќе се соочи со Лихтенштајн на гостински терен во Вадуц, а на 11. октомври на Националата арена „Тодор Проески“ ќе ја пречекаме селекцијата на Германија.

– „Се соочуваме со мали проблеми околу играчкиот состав. Има неколку играчи кои се соочуваат со проблеми поради повреди, неизвесен е нивниот настап за претстојните натпревари. Енис Барди е повреден и веќе подолг период не игра. На повреда се пожали и Висар Муслиу, по консултација со нашиот лекарски тим ќе биде одлучено дали двајцата фудбалери ќе бидат во можност за настап. Претходно имавме проблем и со Аријан Адеми, но неговата повреда е санирана, го очекуваме за овие натпревари. Дарко Чурлинов заработи повреда на вилицата, но за среќа не се работи за ништо посериозно, би требало да биде подготвен за настап“.

– „Ердал Ракип е одличен фудбалер кој доаѓа од шведското првенство, игра константно во екипата на Малме која годинава настапува во Лигата на шампионите. Со неговото доаѓање ке добиеме на квалитет во средниот ред, ке ја зајакнеме конкуренцијата во тимот, а од него зависи дали ќе се наметне во првиот тим или не. Има 25 години, може да очекуваме многу од него во наредниот период“.

– Најбитен е натпреварот со Лихтенштајн. Нѐ очекува најтешкиот меч во досегашниот тек од квалификациите. Се работи за селекција која константно напредува во последните години. Не е истата селекција од пред десетина години. Имаат одличен тим, пред се на колективно ниво, тоа го докажаа на натпреварите со Ерменија и Германија. Очекувам да го дадеме максимумот на тој натпревар, да дадеме се од себе за да ги освоиме трите бода од тоа гостување. Фаворити сме, но тоа мора да го покажеме и на терен. Очекувам од моите фудбалери да бидат во подобра форма од натпреварите во септември. Сите се во тренажен и натпреварувачки ритам. 

– Мора да бидеме подобри во реализацијата, тоа ни недостигаше во септември. Секој фудбалер треба да биде максимално сконцентриран, јас немам замерки за тоа што го пренесоа на терен од тоа што го баравме на последните натпревари. Не сакам да правам калкукации, мора да дадеме максимум да го добиеме првиот дуел, а за сè останато ќе зборуваме подоцна.“ – вели Милевски

Собирот на македонската репрезентација е закажан за 3. октомври.


Капитенот на Манчестер Јунајтед ризикува пауза од неколку недели

Хари Мегвајер би можел поради повреда да отсуствува неколку недели од терените.

Мегвајер се повреди на мечот против Астон Вила и сигурно нема да биде во составот за натпреварот од Премиер Лигата овој викенд.

„Се уште ништо не знаеме. Лекувањето може да потрае и неколку недели“, изјави Солскјер.


Александар-Арнолд ќе го пропушти дуелот со шампионот?

Јирген Клоп изјави дека дефанзивецот Трент Александар-Арнолд може да го пропушти натпреварот од Премиерлигата, против Манчестер Сити. Вчера, 22-годишниот играч не настапи на натпреварот од Лигата на шампионите против Порто (5:1).

„За жал, Трент беше повреден на тренинг. Отпрвин се чинеше дека не е толку сериозно, но потоа по дополните прегледи се покажа дека е сериозно. Тој не отпатува за натпреварот со Порто. Неговото учество на средбата со Манчестер Сити е исто така големо прашање. Проблем со мускулот е причината за неговото неиграње. Мислевме дека е умор по натпреварот со Брентфорд, но проблемот се покажа посериозен“, изјави Јирген Клоп.

Натпреварот Ливерпул – Манчестер Сити ќе се одигра на 3 октомври со почеток во 17:30 часот.


Де Пол се враќа во Серија А по само шест месеци

Родриго де Пол ова лето беше на мета на многу европски гиганти и се одлучи кариерата да ја продолжи во Атлетико Мадрид.

„Јорганџиите“ за неговиот потпис на Удинезе му платија 35 милиони евра и Аргентинецот се очекуваше да биде големо засилување. Меѓутоа Де Пол не се снајде баш најдобро во Мадрид, нема голема минутажа и би можел веќе во јануари да се врати во Серија А.

Имено, Милан и Јувентус се силно заинтересирани за Аргентинецот и сакаат да го донесат во своите редови.

Италијанските клубови ќе понудат позајмица со право на откуп на крајот на сезоната.


Милевски го повика Ракип за дуелите со Лихтенштајн и Германија

Македонскиот селектор Благоја Милевски денеска го објави списокот на фудбалери за претстојните два меча со Лихтенштајн и Германијаво во мундијалските квалификации.

На истиот фигурираат неколку повредени фудбалери, Барди, Муслиу, Адеми како и дебитантот, Ердал Ракип, кој ги брани боите на Малме од Шведска.

Репрезентативците во тренинг процес ќе влезат од понеделник. За Лихтенштајн ќе се патува на шести октомври.

Голмани: 

Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Дејан Илиев (Серед, Словачка)

Одбрана: 

Стефан Ристовски (Динамо Загреб, Хрватска), Дарко Велковски (Ријека, Хрватска), Висар Муслиу (Мол Види, Унгарија), Кире Ристевски (АЕЛ Лимасол, Кипар), Езѓан Алиоски (АЛ Ахли, Саудиска Арабија), Тодор Тодоровски (Раднички Ниш, Србија), Стефан Ашковски (Сепси, Романија), Ѓоко Зајков (Левски, Бугарија), Никола Серафимов (Залаегерсег, Унгарија), Јани Атанасов (Хајдук, Хрватска)

Среден ред: 

Елиф Елмас (Наполи, Италија), Енис Барди (Леванте, Шпанија), Стефан Спировски (АЕК Ларнака, Кипар), Тихомир Костадинов (Ружомберок, Словачка), Бобан Николов (Шериф Тираспол, Молдавија), Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Ердал Ракип (Малме, Шведска)

Напад: 

Адис Јаховиќ (Гезтепе, Турција), Милан Ристовски (Спартак Трнава, Словачка), Бојан Миовски (МТК, Унгарија), Александар Трајковски (Алборг, Данска),  Дарко Чурлинов (Шалке 04, Германија), Никола Ѓорѓев (Грасхоперс, Швајцарија)


Канатларовски го објави списокот за дуелите со Фарски Острови и Ерменија

Македонската репрезентација до 21 година на 7. октомври против Фарски Острови во Клаксвик и на 12. октомври против Ерманија во Ереван ги продолжува квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство 2023 година. Селекторот на младата репрезентација, Драги Канатларовски за двете гостински пресметки ќе смета на следните фудбалери:

Голмани: Давид Денковски (Брегалница 2008), Марко Алчевски (Академија Пандев), Дамјан Серафимов (Кадино);

Одбрана: Филип Антовски (Австрија Виена, Австрија), Блертон Шеји (Шкупи), Бесир Исени (Струга Трим Љум), Марио Младеновски (Македонија Ѓ.П.), Александар Ѓурковски (Тиквеш 1930), Адриан Хајдари (Рапид Виена, Австрија), Ѓорѓе Јанкулов (Борец), Јован Манев (Брегалница);

Средина: Бесник Ферати (Академија Пандев), Енис Фазлагиќ (Жилина, Словачка), Али Адем (Шкупи), Томче Гроздановски (Дуго Поље, Хрватска), Амел Рустемоски (Вил, Швајцарија), Лука Станковски (Работнички), Арби Воша (Македонија Ѓ.П.), Емир Скендери (Струга Трим Љум), Методи Максимов (Работнички), Лука Трајковски (Борец);

Напад: Давид Тошевски (Горник, Полска) Марко Ѓорѓиевски (Шкупи), Марио Илиевски (Септември Софија, Бугарија);

„За овие два квалификациски натпревари едноставно сме принудени да правиме промени во тимот. Се соочуваме со проблеми бидејќи отсуствуваат неколкумина стандардни фудбалери. Метју Божиновски и Стефан Чолаковски поради задолжителниот карантин во Австралија не се во можност да патуваат. Агон Елези поради повреда на коленото ќе биде надвор од тренажен процес во периодот што следува, а исто така поради повреда неизвесен е настапот, посебно за првиот натпревар на Енис Фазлагиќ“.

„Отсуството на четворица стандардни првотимци реално е проблем за нас, но мораме да се соочиме со ситуацијата. Одиме на победа на двата натпревари. Извлековме многу позитивни работи од дуелите со фаворитите во групата, Франција и Србија и се надевам дека резултатски ќе минеме многу подобро на октомвриските мечеви. Фарски Oстрови со нерешениот резултат против Франција потврди дека е сериозна селекција, играат тимски, со многу борба и трчање во текот на сите 90. минути, но верувам дека ние ќе бидеме на максимално ниво и од нас ќе зависи победата на мечот“. – вели Канатларовски

Македонија до 21 година на воведните два натпревари од тековните квалификации освои бод против Србија на домашен терен, а загуби од фаворитот во групата Франција на отворањето од циклусот квалификации за ЕП 2023.