фудбал

Сари казнет заради вербален дуел со фудбалер на Милан

Тренерот на фудбалерите на Лацио, Маурицио Сари, кој на неделното дерби со Милан заработи црвен картон откако имаше вербална расправија со главниот судија и со Златан Ибрахимовиќ, ќе мора ќе ги пропушти наредните два меча во Серија А.

Тоа значи дека 62-годишниот тренер нема да седи на клупата на „лацијалите“ на средбите со Калјари и Торино.

Искусниот тренер ќе ја одлежи казната до 26 септември што значи дека тогаш ќе може да го води тимот на градското дерби против Рома.


Левандовски против Роналдо и Меси? Еве што велат бројките!

Роберт Левандовски синоќа на Камп Ноу придонесе на агонијата на Барселона со два погодоци.

Полскиот интернационалец со тие голови само ја продолжи неверојатната низа со која се потврдува како најдобар напаѓач на денешницата. Натпреварот против Барселона беше негов 18 во низа во кој постигнал барем еден погодок.

Со овие два погодоци, Левандовски прослави јубилеј од 75 погодоци во Лигата на шампионите, а само Кристијано Роналдо (135) и Лео Меси (1200 имаат повеќе, а само Аргентинецот стигна до тој јубилеј побрзо. На Меси му требаа 92 натпревари, на Левандовски 97, а на Роналдо 111.

Доминацијата на „машината“ за голови на Баерн се гледа во статистиката од почетокот на сезоната 2019/20. Од тогаш, Левандовски во сите натпреварувања постигнал дури 112 погодоци, а далеку зад него се Килијан Мбапе и Роналдо со по 76, Халанд постигнал 73, а Меси 69.


Жестока расправија по потопот на Барселона!

Во првото коло од Лигата на шампионите, Барселона поразена од Баерн со 0:3, уште пострашно беше тоа што не упати ниту еден шут во рамките на голот, нешто што не и се случило никогаш во ова натпреварување.

Барселона делуваше лошо, безопасно и бледо, а Баерн со леснотија ги освои бодовите и најави освојување на групата. Немоќта на Барселона го предизвика претседателот на клубот Жоан Лапорта на расправија со тренерот Роналд Куман по завршувањето на натпреварот.

„Ел Чирингито“ пренесува дека по натпреварот имаше жесток разговор помеѓу Куман и Лапорта, а Лапорта го нападнал поради лошата игра, додека холандскиот стратег се бранел.

Лапорта наводно бил незадоволен од виденото на Камп Ноу. Куман во Барселона го доведе претходниот претседател Бартомеу, а веќе од поодамна е познато дека Лапорта не е голем фан на Холанѓанецот.


Лига на шампиони: Вечерва на програмата два класици

Лигата на шампионите продолжува денеска од 18.45 со натпреварите Бешикташ-Борусија Дортмунд и Шериф Тираспол-Шахтјор.

Од 20.45 на распоредот се преостанатите шест натпревари, а три пара се посебно интересни.

Клуб Бриж го дочекува ПСЖ. На тој натпревар од првата минута би требало да заиграат Лионел Меси, Килијан Мбапе и Нејмар. ПСЖ по многумина е најголем фаворит за титулата во Лигата на шампионите, а вечерва ударното трио за првпат ќе заигра од почеток, а фудбалскиот свет со нетрпение очекува да ја види таа напаѓачка комбинација.

Оваа вечер носи и два класици. На Џузепе Меаца се среќаваат Интер и Реал Мадирд. Тие се сретнаа во групната фаза на ЛШ и минатата сезона, кога Реал и во двата натпревари беше подобар со резултати 3:2 и 2:0.

На Енфилд, Ливерпул го дочекува Милан. Италијанскиот великан има дури седум титули во Лигата на шампионите, но во најсилното клупско натпреварување на светот последен пат настапи во сезоната 2013/14, кога беше елиминиран од Атлетико Мадрид во осминафиналето.

Понудата за Лигата на шампионите ќе ја најдете на www.evrotip.mk


Милан без Ибра на „Енфилд“ против Ливерпул

Лоши вести пристигнуваат за Милан пред утрешниот натпревар во Лигата на шампионите против Ливерпул.

Утре Милан гостува кај Ливерпул на „Енфилд“, а според последните информации од Италија, Златан Ибрахимовиќ ќе го пропушти овој натпревар. Италијанските медиуми објавија дека Ибрахимовиќ има проблеми со Ахиловата тетива и ќе мора да паузира.

Ќе потсетиме, Ибрахимовиќ се врати на терените изминатиот викенд против Лацио после долгата пауза, а во тој натпревар постигна гол.


Барселона постави неславен рекорд против Баерн

Баерн Минхен ја реши Барселона во Шпанија со 3:0, со головите на Милер и Левандовски кој погодуваше два пати.

Убедлив пораз на Барса на отворањето на новата сезона во ЛШ, без Меси, каталонците изгледаа немоќно против неверојатниот Баерн Минхен.

Барселона одигра слабо и неубедливо, им се случи неславен рекорд, откако за првпат во историјата на клубот не го погодија голот на противникот за 90 минути!

Каталонците шутнаа 5 пати кон голот на Баерн Минхен, но ниту еднаш директно во рамките, шампионот на Германија имаше вкупно 17 шута, седум од нив завршија директно во голот на Шпанците, а три во мрежата.


Академија Пандев ги продаде правата на Спорт Клуб

Македонскиот фудбалски прволигаш, Академија Пандев ја информираше јавноста дека ги продала ТВ-правата од своите домашни натпревари на регионалниот спортски телевизиски канал „Спорт Клуб“.

Пандевци се првиот клуб кој направил ваков потег, договорот е веќе потпишан и истиот важи за сезоните 2021/22, 2022/23 и 2023/24.

Инаку пандевци и Шкендија се единствените тимови кои одбија да го потпишат договорот за ТВ-правата со ФФМ според кој мечевите требаа да се емитуваат на „Арена Спорт“.


Вернер е вишок во Челзи, наскоро се враќа во Германија

Напаѓачот на Челзи, Тимо Вернер, најверојатно ќе се врати во Бундес-конкуренцијата откако не се наметна во редовите на „сините“.

По доаѓањето на Белгиецот, Ромелу Лукаку, фудбалерот од Германија главно ја грее клупата и не е задоволен со неговиот статус.Таа ситуација сака да ја искористи Баерн Минхен и да го врати во татковината.

Целиот процес и договор меѓу двата клуба може да се заврши во јануарскиот трансфер период.


Тоти: Мурињо е вистинскиот човек за Рома

Франческо Тоти има само убави зборови за новиот тренер на „римската волчица“, Жозе Мурињо.

Така наречениот „принц“ на Рим кој целата кариера ја помина во Рома и одигра 785 натпревари, отворено го пофали Португалецот за неговата способност да ги мотивира фудбалерите.

„Мило ми е што одбра да дојде во Рим. Станува збор за флексибилен тренер кој освои многу. Тој е исклучителен, знае како да го мотивира тимот и да ги штити играчите. Тоа е многу значајно за град како Рим“, рече Тоти.


Мундијалот за клубови се сели од Азија во Африка

Jaпонија го откажа домаќинството на Светското клупско првенство и тоа претставува грижи кај челниците на ФИФА.

Како нов кандидат се појави Саудиска Арабија, клубовите не се посебно воодушевени од предлогот, а во трката наводно влегла и една афричка земја.

Фудбалскиот сојуз на Јужна Африка потврди дека го сака домаќинството на Мундијалот за клубови.

„Точно е заинтересирани сме, не чекаат состаноци со организаторите на ФИФА и се ќе се знае до крајот на неделата“, потврди претседателот на сојузот Дени Џордан.

Јужна Африка самостојно го организираше Светското првенство во 2010 година и тогаш значително ја подобри инфраструктурата.