Шкендија сезонава се претставува повеќе од солидно во Конференциската лига, а покрај бодовите и добрите игри, тетовскиот клуб би можел да заработи и на трансфери.
Според информациите на албанскиот портал „Опен-ТВ“, интерес за дефанзивецот Имран Фетаи покажува полскиот великан Лех Познањ, кој внимателно ги следи неговите настапи.
Фетаи повторно беше меѓу најдобрите и на вчерашниот натпревар против Јагелонија, во кој Шкендија беше на чекор од победа — водеше 1:0 до последните моменти, кога полскиот тим израмни од својата прва посериозна шанса.
Како што пишува порталот, скаути на Лех биле присутни на трибините и оставиле позитивен извештај за младиот дефанзивец. Освен Полјаците, за Фетаи интерес се споменува и од неколку други европски клубови, но токму Лех се смета за најконкретна дестинација.
Пред да пристигне во редовите на Шкендија, Фетаи настапуваше за Беса, Тиквеш, Гостивар, како и за албанската Аполонија, каде ги мина младинските категории.
Совет од Анчелоти до Нејмар: Поблиску до голот, подалеку од крилата
Карло Анчелоти, тренерот на бразилската фудбалска репрезентација, му советуваше на Нејмар да ја промени својата позиција за да се врати во врвна форма.
Советот доаѓа откако легендарниот Бразилец беше изоставен од составот по четврти пат откако италијанскиот стручњак ја презеде клупата на „Селесао“.
Формата и физичката подготвеност на Нејмар се под големи прашања во Сантос, а 34-годишникот е во опасност да го пропушти својот четврти настап на Светското првенство во Северна Америка следната година, пишува Goal.com.
Нејмар повторно е изоставен од составот на Бразил за претстојните пријателски натпревари, четврти пат Анчелоти да не го повика од неговото доаѓање ова лето. Тој го имаше својот последен настап за Бразил во октомври 2023 година, кога претрпе скинати лигаменти на коленото во натпревар против Уругвај.
Следеше долго закрепнување од 12 месеци, а проблемите со повредите продолжија, поради што тој е без настап за репрезентацијата две години. Иако беше поканет во март оваа година, мораше да го откаже настапот поради нова повреда.
Коментирајќи го изоставувањето на Нејмар, Анчелоти откри за PLACAR што најмногу дискутирал со печатот. „Да, да, прашањето што најмногу го слушнав досега е за Нејмар, но тоа е нормално бидејќи тој е легенда на бразилскиот фудбал. Знам дека сите сакаат Нејмар да се врати во својата најдобра физичка состојба.
И федерацијата и тренерот и техничкиот персонал се надеваат дека тој може да се врати на своето најдобро ниво. Вистина е дека денешниот фудбал бара многу. Не само талент, туку и физичка подготвеност, интензитет… се надеваме дека Нејмар ќе биде на своето најдобро ниво.“
Италијанскиот стратег понуди и конкретно решение. „Мислам дека треба да се игра поцентрално, а не како крило, бидејќи во денешниот фудбал, крилата мора да помагаат и во одбраната. Кога играте малку поцентрално, одбранбената работа е многу помала. Исто така, мислам дека многу талентиран играч, поблиску до голот, има повеќе можности да постигнува голови. Лажната деветка би можела да биде неговата идеална позиција.“
Упамекано заминува, Баерн ќе го менува со Конате
Баерн Минхен е во контакт со централниот дефанзивец на Ливерпул, Ибрахима Конате , чиј договор со тимот од „Енфилд“ истекува ова лето. Ова го објавија медиумите во Германија, цитирајќи го „Билд“.
Според извор, клубот од Минхен го разгледува 26-годишникот како можна замена доколку Упамекано си замине. Тимот на Конате, наводно, е во преговори и со Реал Мадрид и ПСЖ.
Оваа сезона, дефанзивецот на Ливерпул настапи на 15 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи еден гол. Според „Трансфермаркт“, неговата пазарна вредност е 55 милиони евра.
Доха домаќин на Финалисима меѓу Шпанија и Аргентина
Светската фудбалска федерација (ФИФА) одлучи да го промени претходно објавениот датум за Финалисима меѓу репрезентациите на Шпанија и Аргентина, објави „Марка“. Наместо на 28 март 2026 година, натпреварот е закажан да се игра еден ден порано – на 27 март.
Финалисима е дуел меѓу европскиот шампион и победникот на турнирот Копа Америка.
Според шпанското издание, натпреварот е закажан да се одржи на стадионот „Лусаил“ во Катар, со намера на ФИФА да му даде на настанот максимална свеченост и да го претвори во спектакл на ниво на големи меѓународни финалиња. Интересно е што токму таму Меси ја освои светската титула со Аргентина во 2022 година.
Сепак, се забележува дека организацијата на натпреварот е директно поврзана со квалификациите на Шпанија за Светското првенство. Доколку Шпанија биде принудена да учествува во плејофот за Светското првенство во 2026 година, закажан за март, натпреварот ќе биде откажан.
Беласица го доби дербито во Штип и му направи услуга на Шкендија Арачиново
Дуелот на двата локални ривали Брегалница и Беласица заврши со победа на гостите кои со погодокот на Костадин Капсаров во 81. минута ги освоија трите бода.
Дербито не ги оправда очекувањата, но императивот да се дојде до победа очигледно дека беше пречка двата тима да се прикажат во најдоброто можно издание.
Брегалница имаше шанса прва да стигне до предност, но Ристе Темелков не успеа ударот од единаесет метри да го претвори во гол. По денешниот триумф Беласица се приклучи во трката за највисок пласман.
Лидерот Шкендија ја продолжи победничката низа откако на гостувањето во Неготино го совладаа Вардар со 2-1. Голот за нови три бода беше постигнат во петтата минута од судиското надополнување а стрелец беше Љупчо Трпески.
Први во водство дојдоа домаќините преку Мартин Младеновиќ во 70. минута. Девет минути подоцна Дарио Десниќ израмни на 1-1.
Во уште еден дуел на два тима кои се во трката за врвот, Охрид Лихнидос славеше над Скопје со 1-0. Натпреварот беше решен уште во 17. минута кога Иван Глигоров го совлада противничкиот чувар на мрежата.
Еден гол беше доволен Тетекс да забележи победа во мечот со Победа, мрежите мируваа на дуелот Кожув – Осогово додека најубедлив беше Новаци кој триумфираше над Слога Виница со 4-0.
Преспа славеше против Големо Коњари со 4-2, а Каменица Саса и Детонит Плачковица играа без победник 2-2.
Доха ќе биде домаќин на Финалисима
Натпреварот Финалисима кој се игра помеѓу европскиот шампион и освојувачот на Копа Америка во овој случај Шпанија и Аргентина, ќе се игра во Катар на стадионот „Лусаил“ na 27 март 2026.
Станува збор за стадион каде што Аргентинците и Меси имаат убави спомени, бидејќи токму таму во 2022 година ја совладаа Франција и стигнаа до титулата светски шампион, прва во кариерата на Меси.
Шпанија до натпреварот дојде откако во финалето на ЕП 2024 ја совлада Англија со 2-1, додека Аргентина трофејот во Јужна Америка го освои со триумф над Колумбија со 1-0.
Аргентина ќе го брани трофејот бидејќи во минатото издание во 2022 година ја совлада Италија со 3-0.
Вулверхемптон се распрашува за Тудор
Игор Тудор пред десет дена доби отказ во Јувентус, а веќе добил понуда за нова работа. Според медиумите на Англија, Тудор добил повик од Вулверхемптон, кој неодамна го отпушти Витор Переира.
Главен ривал на Тудор за работата ќе биде уште еден поранешен тренер на Јувентус, Тијаго Мота. Интересно е што двајцата се уште прмаат плата во Јувентус. Тоа ќе биде така се додека не најдат клуб.
Мота има договор до 30 јуни 2027 година, вреден околу 5,5 милиони евра по сезона, на што треба да се додадат уште два милиони бруто за неговиот тренерски персонал.
Договорот на Тудор е малку помал, а неговата вкупна бруто цена за Јувентус е приближно половина од онаа на Мота, односно околу осум милиони евра.
„Волците“ се најлошиот тим во Премиер лигата оваа сезона, со само два освоени бода и без ниту една победа во првите 10 кола.
Тухел ги врати Фоден и Белингем во англиската репрезентација
Англискиот селектор Томас Тухел го објави денеска списокот фудбалери за претстојните квалификациски натпревари за Светското првенство 2026.
Во англиската репрезентација се враќа фудбалерот на Реал Мадрид, Џуд Белингем и Фил Фоден од Манчестер Сити, додека играчот од средниот ред на Борнмут, Алекс Скот, доби дебитантски повика, објави попладнево Фудбалската асоцијација (ФА).
Белингем нема настап за Англија од јуни оваа година, додека Фоден последен пат се појави во англискиот дрес во март. Дебитантот Скот (22), беше дел од англиската репрезентација која летото во Словачка го освои Европското првенство за фудбалери до 21 година. Англија, која веќе обезбеди пласман на Мундијалот, ќе игра против Србија на 13 ноември, а три денови во завршниот дуел од квалификациската група К противник ќе ѝ биде Албанија.
Паркер е нов селектор на француската млада селекција
Поранешната НБА ѕвезда, Тони Паркер, е назначен денес за селектор на француската кошаркарска репрезентација до 17 години. Француската кошаркарска федерација објави дека Паркер ќе ја предводи репрезентацијата до 17 години на Светското првенство, кое ќе се одржи во Турција од 27 јуни до 5 јули 2026 година.
„За својата нова кариера разговарав со мојот татко и на обајцата ни се чинеше логично да се почне со репрезентацијата, односно со помлада возрасна група. Аплицирав за работата како селектор на репрезентацијата до 17 години и на 15 октомври, роденденот на татко ми, се јавија од Француската федерација и ми кажаа дека ја имам работата“, изјави Паркер за дневниот весник „Л’Екип“.
Паркер играше во НБА лигата 18 сезони и освои четири шампионски титули со Сан Антонио. Во 2013 година, со Франција ја освои првата титула на Европското првенство, а кариерата ја заврши во 2019 година.
Де Лаурентис: Стадионот на Наполи е депонија
Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, го нарече домашниот стадион на клубот во Неапол „депонија“, наведувајќи дека на актуелниот италијански шампиони му е потребен модерен стадион за да ги зголеми приходите и да го подобри искуството на навивачите.
Наполи ги игра своите домашни натпревари на стадионот „Диего Армандо Марадона“, именуван по легендарниот аргентински фудбалер кој ги предводеше до две титули во Серија А во 1987 и 1990 година. Стадионот е во сопственост на градскиот совет.
Зборувајќи на настан организиран од Универзитетот „Бокони“ во Милано, Де Лаурентис ги спореди приходите на Наполи од натпреварите во Лигата на шампиони со заработката на клубовите во Милано, наведувајќи дека Милан и Интер би можеле да заработат 14 милиони евра од Лигата на шампионите, додека неговиот тим има многу поограничени изгледи.
„Можеме да добиеме само до три милиони евра од таа депонија на „Марадона“. Тоа е голема разлика, нели?“, рече претседателот на Наполи.
Претходно оваа недела, Милан и Интер го купија стадионот „Сан Сиро“ и околното земјиште од градските власти, што е уште еден чекор кон рушење на стадионот и изградба на нов.
„Би сакал стадион со 70.000 седишта, 120 ВИП ложи и 8.000 паркинг места“, рече Де Лаурентис.