фудбал

Најмалку 25.000 гледачи ќе ја бодрат Холандија на ЕП

Холандија доби дозвола да има најмалку 25.000 гледачи на мечот против Македонија на стадионот „Јохан Крој“ на Европското првенство во текот на летото.
Холанѓаните објавија дека на стадионот во Амстердам ќе има четвртина полн капацитет, но, со надеж дека бројката може и да се зголеми ако епидемиолошката ситуација се стабилизира.
Секој навивач што ќе сака да го гледа мечот на трибините ќе може да влезе само со негативен корона-тест,а допрва ќе бидат објавени сите безбедносни протоколи.


Коментираше против мигрантите и ЛГБТ лицата и заработи отказ од Херта

Херта го отпушти тренерот на голманите Золт Петри откако проговори за мигрантите и ЛГБТ лицата. Ова беше објавено на веб- страницата на германскиот фудбалски клуб. 54-годишниот Унгарец Петри во интервју за унгарските медиуми изјави дека не му е јасно зошто неговиот сонародник, голманот на РБ Лајпциг, Питер Гулаши, ги поддржува хомосексуалци и лица со друг сексуален идентитет. Тој додаде дека „не разбира како Европа може да падне толку морално“. Петри исто така додаде дека не му се допаѓа миграцијата затоа што Европа е полна со криминалци, а доколку не ви се допадне тоа, тогаш тие ќе ве обвинат за расизам“. Ден по објавувањето на интервјуто, германскиот клуб го отпушти унгарскиот тренер. Петри подоцна се извини за неговите зборови.


Бензема го израмни рекордот на Роберто Карлос во ЛШ

Карим Бензема го предводеше Реал Мадрид со капитенската лента на првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Ливерпул (3-1) но иако не постигна гол, тој повторно беше меѓу најдобрите во тимот на Зинедин Зидан. Тоа беше натпревар број 108 за Французинот со тимот на Реал во Лигата на шампионите. Зад себе го остави Роберто Карлос, кој има 107 натпревари за Реал во Лигата на шампионите, а пред него се само Икер Касилјас (150), Раул (130) и Серхио Рамос (128). Зинедин Зидан го имаше својот натпревар број 50 на чело на кралскиот клуб во Лигата на шампионите. 31 од нив завршија со победа, а подобар учинок има само Јуп Хејнкес – 32 победи од неговите први 50 натпревари како тренер на Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Стрелецот на двата гола против Ливерпул – Винисиус Жуниор е вториот најмлад играч на Реал Мадрид со погодок во елиминациските натпревари од ЛШ. Бразилецот има 20 години и 268 дена, а рекордот го држи легендата Раул, кој погоди против Јувентус во 1996 година, кога имаше 18 години и 253 дена.


Пау Торес е замената за Рамос во Реал Мадрид

Реал Мадрид е сериозно заинтересиран за централниот дефанзивец на Вилјареал, Пау Торес, пренесуваат шпанските медиуми.
Примарна цел на „кралевите“ на лето ќе биде засилување на одбраната, без разлика дали Рамос ќе остане на „Сантиаго Бернабеу“.
24-годишниот Торес е шпански репрезентативец и еден од најдобрите дефанзивци во Примера, па ќе биде примарна трансфер цел на Реал Мадрид.
Откупната клаузула на играчот на „жолтата подморница“ е 50 милиони евра, но Реал ќе се обиде да ја намали таа цена преку преговори.


Жуниор Фирпо ја напушта Барса и се сели во Милан

Милан е силно заинтересиран за левиот бек на Барселона, Жуниор Фирпо, пренесуваат италијанските медиуми. „Росонерите“ бараат алтернатива за Тео Хернандес и веруваат дека Фирпо ќе биде одлично решение. Милан веќе испратил понуда до Барселона и го сака играчот на позајмица со право на откуп. Барселона е спремна да ја прифати понудата, но бара 20 милиони евра за откуп, додека Милан нуди 16 милиони. „Скај Италија“ тврди дека двете страни можат да стигнат до договор во наредните недели.


Девет фудбалери на трансфер листата на Тухел

Томас Тухел веднаш откако дојде бележи добри резултати, но спрема голема реконструкција на тимот за следната сезона.
Неодамна имаше голем инцидент помеѓу Рудигер и Кепа на тренинг, но наводно тоа не е единствен, бидејќи во лоши односи се Аспиликуета и Џејмс.
Англиските медиуми пренесуваат дека Тухел донел одлука да направи големи промени меѓу кои Рудигер, Абрахам, Емерсон Палмери, Томори, Жоржињо и Кепа Аризабелага.
Нема да има место во тимот и за фудбалерите кои ќе се вратат од позајмица како Батчуаи, Баркли и Лофтус-Чик.


Касано: Знаев дека Манџукиќ не може да му помогне на Милан

Антонио Касано кој еден дел од кариерата помина во Милан очекувал доведувањето на Марио Манџукиќ во јануари да биде погрешен потег.
На „Сан Сиро“ се надеваа дека искусниот хрватски напаѓач во тандем со Златан Ибрахимовиќ ќе биде клучна алка во освојувањето на скудетото, но долгото неиграње оставило трага.
„Манџукиќ е единствена мана на Милан. Им кажав дека тој нема да им помогне, мораа да доведат сигурен и здрав напаѓач кој ќе постигнува голови кога ќе го нема Ибрахимовиќ. Каиседо според мене беше идеална опција за Милан. Вака кога го нема Ибра Пиоли мора да ги прекомандува Леао и Ребиќ на местото класичен центарфор што е позиција која не им одговара“, изјави Касано.
Од доаѓањето на „Сан Сиро“ Манџукиќ одигра пет натпревари и се уште не се запишал во листата на стрелци.


Рабио на трансфер листа, Јуве го продава Французинот

Првите луѓе на Јувентус размислуваат да го продадат играчот од средниот ред , Адријан Рабио, кој не ги исполни очекувањата. Медиумите тврдат дека неговата мајка, која му е агент задолжен за трансфери, започнала преговори со Манчестер Јунајтед иако има одредени најави дека за неговите услуги се заинтересирани и екипи од Франција. Италијанците пишуваат дека трансферната вредност на Рабио е околу 40 милиони евра.


Милан нема да го откупи Марио Манџукиќ

Напаѓачот на фудбалскиот состав Милан, Марио Манџукиќ , најверојатно ќе си замине од редовите на „росонерите“ бидејќи не ги исполни очекувањата на челниците на тимот, објавија денеска медиумите на „Чизмата“.
Хрватот кој требаше да биде големо засилување за екипата од Милано, главно се соочуваше со повреди и одигра само 76 минути во Серија А.
Во исто време, миланезите најавија дека ќе ја продолжaт соработката со Златан Ибрахимовиќ, кој по подолг период дури успеа да се врати и во селекцијата на Шведска.


Тотенхем размислува да му врачи отказ на Мурињо

Медиумите во Англија започнаа шпекулации околу иднината на Жозе Мурињо на клупата на Тотенхем. Според нив, фудбалерите не можат да го толерираат Португалецот поради неговите коментари и критики упатени кон нив. Во тој контекст се разгледува и можноста Мурињо да добие отказ иако до неодамна се тврдеше дека Тотенхем ќе треба да му плати обештетување од околу 30 милиони фунти. Сега „Дејли меил“, пишува дека во договорот на менаџерот има клаузула која му овозможува на клубот да ја избегне големата сума и да плати многу помала отштета. Имено во клаузулата стои дека Тотенхем мора да обезбеди место во евро-куповите за наредната сезона. Доколку тоа не се случи, тогаш „спарси“ без проблеми ќе можат да го раскинат договорот со „специјалниот“.