фудбал

Тамба единствен стрелец, Шкендија го надигра бледиот Работнички

Шкендија со минимални 1-0 го совлада Работнички во Тетово, во последниот меч од 15. коло во Првата лига. Тимот на Јетон Беќири така им се врати на победите, додека составот од „Градски парк“ продолжи со серијата негативни резултати.

Домашните поведоа уште во петтата минута. Трумчи од десно одлично уфрли во казнениот простор, каде што Фабрис Тамба со силен удар откосо ја погоди мрежата на Работнички.

Во 25. минута можеше да следи и втор гол. Бесарт Ибраими го мина голманот Васко Василев, но токму на гол-линијата навреме интервенираше Јасмин Мециновиќ и спречи сигурен погодок. Работнички имаше шанса за израмнување во 40. минута, кога Демир Имери шутираше од десната страна, но голманот Гаје беше сигурен и одбрани во корнер. Шкендија замина на пауза со минимална предност

По паузата, „црвено-црните“ значително паднаа во ритамот, што им овозможи на гостите да тргнат по гол за израмнување.Во 65. минута, Флоријан Кадриу заврши опасен контранапад со удар од работ на шеснаесетникот, но повторно Гаје беше на висина на задачата.

Потоа Имери се закани од слободен удар, но топката заврши во жив ѕид. Во 87. минута Флоријан Кадриу постигна гол, но беше поништен поради офсајд позиција на Далеј во текот на акцијата. Шкендија успеа да ја задржи минималната предност до самиот крај и да ги запише значајните три бода.


Пеп има нова желба: Семењо од Борнмут може да премине во Сити

Тренерот на фудбалерите на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, подготвува понуда за репрезентативецот на Гана, Антоан Семењо, во јануарскиот преоден рок.

Според – „Тајмс“, англискиот тим размислува да ја активира откупната клаузула на крилниот напаѓач од 65 милиони фунти.

25-годишникот во дресот на Борнмаут се наметна како еден од најефикасните крилни играчи во Премиер лигата со шест голови и три асистенции.


Јунајтед застана во редот за потписот на Винициус

Челниците на фудбалскиот состав Манчестер Јунајтед имаат намера да конкурираат за потписот на Винициус Жуниор доколку Бразилецот си замине од редовите на Реал Мадрид.

Медиумите во Англија наведуваат дека луѓето од „Олд Трафорд“ планираат да ја засилат навалата и дека во преден план размислуваат за брзоногото крило.

Според информациите, „црвените ѓаволи“ има прелиминарни разговори со претставниците на бразилската ѕвезда која вреди околу 150 милиони евра.


Македонија до 19 години го освои првото место во квалификациската група и обезбеди пласман во Лига А

Македонската женска фудбалска репрезентација до 19 години ја запиша третата победа на квалификацискиот турнир (Рунда 1, Група Б5) за Европското првенство на УЕФА, со што го потврди доминантното прво место и пласманот во следната фаза.

Избраничките на селекторот Кирил Изов на клучниот натпревар, одиграа нерешено против Словенија (1-1) и со тоа го задржаа првото место во групата, што им го донесе посакуваниот пласман во следната етапа од битката за место на Европското првенство.

Словенија поведе во 35. минута со голот на Шпела Гербец, но Македонија само пет минути подоцна израмни преку Грозданова.
Во првото коло нашите фудбалерки беа подобри од Грузија (3-0), а во второто славеа против Азербејџан (3-1).


Милевски не доби нов договор, фудбалската репрезентација ќе добие нов селектор

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука да не го продолжи договорот со селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски, чиј мандат истече на 30 ноември 2025 година, а во работата на најважните две репрезентации на Македонија беше вклучен од 2014 година.

Во својот мандат на клупата на најдобрата македонска репрезентација, од 1 август 2021 година, Милевски ја предводеше Македонија на 48 натпревари. Под негово водство, репрезентацијата забележа 18 победи, 14 нерешени и 16 порази. Во овој период, Македонија успеа да избори два бараж дуели за пласман на Светско првенство, заврши како првопласирана во Ц сегментот од Лигата на нации и обезбеди настап во Б дивизијата во следното издание на натпреварувањето.

Фудбалската федерација на Македонија упатува искрена благодарност до селекторот Благоја Милевски и неговиот стручен штаб за посветената работа, професионалната соработка и постигнатите резултати. Му посакуваме многу успех во понатамошната тренерска кариера.

Управниот одбор на ФФМ смета дека на македонската А репрезентација ѝ е потребна нова енергија и поинаков мотив за претстојните предизвици што ја очекуваат нашата национална селекција. Веруваме дека со нов стручeн тим ќе се внесе „нов ветер“ во работата на тимот, кој ќе овозможи уште поголема конкурентност и амбиција во натпреварите на Македонија.

ФФМ останува целосно посветена на создавање најдобри можни услови за работа, како и на обезбедување максимална поддршка за репрезентацијата. Досегашната соработка со стручниот штаб предводен од Милевски беше на високо професионално ниво и ја цениме нивната посветеност и односот кон репрезентацијата. Остануваме подготвени со истата посветеност, да ги поддржиме идните планови и предизвици на македонската А репрезентација.

Управниот одбор на ФФМ најдоцна до 25 декември 2025 година ќе донесе одлука за назначување на нов предводник на А репрезентацијата на Македонија.


Таневски го објави списокот на Македонија до 20 години за мечот со Лихтентштајн

Новоформираната репрезентација на Македонија до 20 години, предводена од селекторот Александар Таневски, на 3. декември против Лихтенштајн ќе го одигра својот прв контролен натпревар. Мечот е закажан на гостински терен, во Шан, Лихтенштајн со почеток во 18:30 часот.

Во составот на предводникот на селекцијата, Александар Таневски се вклучени следните фудбалери:

Љупче Џеков (Силекс), Давид Илоски (Брера), Никола Филевски (Брегалница);

Адис Мурати (Башкими), Андреј Велков (Брера), Мичо Поповски (Вардар), Виктор Делoв (Брера), Димитар Данев (Вардар), Давид Матески (Силекс), Армир Иса (Скопје), Никола Величковски (Брера), Андреј Стојановски (Скопје), Тео Сандев (Моторлед Прага), Игли Хасани (Работнички), Шабан Мемети (Арсими), Харун Незировски (Хелсингборг), Илир Шерифи (Неуминстер), Сејдо Дураков (Рот-Вајс Ерфурт), Илија Масларов (Лугано), Аган Сулимани (Башкими), Марко Стојилевски (Брера), Нуман Ајетовиќ (Шкендија);


Незавиден рекорд: 30 игри без гол за Родриго во Реал Мадрид

Rodrygo playing for Real Madrid

Родриго достигна незавиден рекорд во Реал Мадрид, со дури 30 последователни натпревари без постигнат гол, што претставува најдолгата головна суша за напаѓач во историјата на клубот. Оваа серија на неуспеси трае вкупно 1.339 минути без гол, а последниот пат кога се радуваше на погодок беше на 4 март против Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите, и на 19 јануари во Ла Лига против Лас Палмас. Овој период е вистински предизвик за бразилскиот напаѓач, кој веќе има проблеми со менталното здравје од минатата сезона, но сега се труди да се врати во најдобра форма и да му помогне на тимот.

Головната суша на Родриго претставува незапамтена ситуација за напаѓач на Реал Мадрид. Иако доби играчки шанси, тој не успеа да се истакне на гол-сметката. 30 натпревари без постигнат гол предизвикаа забележливи загрижености меѓу навивачите и аналитичарите, кои ги поставуваат некомотните прашања за неговата форма, самодоверба и улога во тимот.

Родриго не се соочува само со статистичките проблеми, туку и со лични и ментални тешкотии. Минатата сезона беше исклучително тешка за него, но тој активно се обидува да ја врати својата најдобра форма и да ги преброди овие потешкотии. Неговата решеност да му помогне на Реал Мадрид е очигледна, тој вложува напор за да го прекине овој негативен период.


ФФМ нема да го продолжи договорот на Милевски

Frontview of Blagoja Milevski at a press conference

Фудбалската федерација на Македонија реши да не го продолжи договорот со селекторот Благоја Милевски по разочарувачкиот крај на квалификациите за Светското првенство. Милевски ја презеде репрезентацијата во 2021 година и преку резултатите во Лигата на нации ја избори бараж-позицијата за Мундијалот во 2026, но последичниот пад во формата ја засили критиката кон неговата работа. Тешкиот пораз од Велс ги оголи слабостите во одбраната и ги натера челниците на федерацијата да реагираат.

Разделбата доаѓа во момент кога Македонија се подготвува за полуфиналниот бараж против Данска во март, што значи дека тимот ќе влезе во решавачките натпревари со нов селектор. Иако Милевски присуствуваше на ждребката во Цирих, неговиот ангажман официјално заврши со последниот квалификациски циклус. Низата бледи ремија дома против Латвија и Казахстан дополнително ја засилија потребата за нов импулс на клупата.

Во јавноста веќе кружи името на Гоце Седлоски како најсериозен кандидат за наследник на Милевски. Се очекува ФФМ да го соопшти новиот селектор по ждребката. Смената треба да донесе поголема тактичка јасност и конкурентност пред баражот, особено бидејќи репрезентацијата покажа дека има потенцијал за изненадувања.


Лапорта во одбрана на Араухо: „Стоиме зад нашиот капитен“

Joan Laporta and Ronald Araujo smiling

Уругвајскиот дефанзивец Роналд Араухо речиси сигурно ќе го пропушти претстојниот дуел на Барселона против Атлетико Мадрид, пренесуваат шпанските медиуми. Тој не тренираше со екипата во неделата, што дополнително го потврдува неговото отсуство за големото дерби. Араухо се опоравува од стомачен вирус поради кој го пропушти и натпреварот со Депортиво Алавес, но очекувањата се дека ќе биде подготвен за следниот викенд и гостувањето кај Бетис.

Во меѓувреме, претседателот Хоан Лапорта јавно застана зад капитенот, по последните критики насочени кон него. „Тука сум да го одбранам нашиот капитен Роналд Араухо. Сите сме со него,“ изјави Лапорта, нагласувајќи дека критиките се неоправдани и дека фудбалерот секогаш дава максимум на теренот. Тој порача дека тимот останува обединет: „Победуваме и губиме заедно. Една екипа сме.“

Тешкиот период за Араухо доаѓа по неколкуте грешки на најголемата сцена од полуфиналето во Лигата на шампионите против Интер до натпреварот со Челси оваа сезона. Сепак, довербата на клубот во него останува силна. Барселона годинава му понуди долг договор до 2031 година, јасно ставајќи до знаење дека смета на неговата иднина и дека ќе го поддржи додека не се врати во препознатливата форма.


Меси го крши рекордот и ја препишува историјата како апсолутен крал на асистенциите

Frontview of Lionel Messi celebrating a goal for Inter Miami

Лионел Меси официјално стана фудбалерот со најмногу асистенции во историјата на спортот, достигнувајќи неверојатни 405 додавања за гол. Со ова го престигна легендарниот Ференк Пушкас, кој има 404. Рекордот е уште поимпресивен ако се земе во предвид неговата кариера долга над 1.100 натпревари, во која Меси не само што постигнува голови, туку и го редефинира значењето на креативната игра.

На 38-годишна возраст, Аргентинецот продолжува да игра со добра форма. Неговите последни настапи беа клучни за Интер Мајами да стане шампион на Источната конференција, што му ја донесе 47. титула во кариерата.

Асистенциите се само дел од огромното наследство на Меси. Покрај нив, тој има постигнато речиси 900 голови и над 1.300 вкупни гол-учества, нешто што ниту еден друг фудбалер досега не го постигнал. Со 8 Златни топки, 4 титули во Лигата на шампионите и богат меѓународен успех, Меси останува инспирација за милиони и една од најсветлите фигури во историјата на спортот.