фудбал

Деко: Оваа Барса не е така енергична како ланската

Спортскиот директор на Барселона, Деко, го критикуваше тимот за прикажаните игри во тековната сезона.

Перформансите на Барселона не се како минатата сезона кога ја освоија Ла Лига.

„Не сме така добри и енергични како што изгледавме минатата сезона. Ние сме тим кога работиме заедно и тешко е да не победат затоа што имаме квалитет. Но, ако мислиме дека класата е поважна од напорната работа, ние сме во проблеми. Не можам да им кажам на луѓето што да очекуваат. За да ја освоите титулата во Лигата на шампионите или да се натпреварувате за неа, прво мора да се покажете најдобро што можете. Имаме потенцијал да се натпреваруваме. Пред две или три години, главната цел беше повторно да се натпреваруваме и да обезбедиме стабилност. Бидејќи нема смисла да се освои трофејот без континуитет. Можеби, со поголемо почитување на финансискиот фер-плеј, можевме да направиме повеќе трансфери, но тоа не беше приоритет. Бидејќи идејата е да се има основа“, изјави Деко.

Каталонскиот фудбалски гигант по осум кола во Ла Лига е втор со 19 бода, два помалку од лидерот Реал Мадрид.

Во Лигата на шампионите, Барселона е 16-та со една победа и еден пораз по првите две кола.


Турски судија ќе го води дуелот Белгија – Македонија

Македонската фудбалска репрезентација отпатува за Белгија, веќе е во Гент каде ќе го одигра својот шести натпревар од квалификациите за Светското првенство 2026 година.

За натпреварот во Гент главен судија ќе биде турскиот арбитар Халил Умут Мелер,

Негови асистенти ќе бидат сонародниците Абдура Бора Озгара и Берсан Дуран, додека четврти судија е Али Палабијик.

По пет одиграни натпревари, Македонија се наоѓа на врвот на табелата со освоени 11 бодови.


Муслиу: Важен натпревар, но сме покажале дека можеме да се носиме со големите селекции

Македонската репрезентација денес патува за Гент каде што на 10. октомври ќе се соочиме со Белгија во натпревар од квалификациите за СП 2026. Нашиот најдобар национален тим одработи мини подготовки во Скопје. Дефанзивецот на белгиски Ст. Труден, Висар Муслиу смета дека може да се спротивставиме на силниот противник и сериозно да конкурираме за првите две места на табелата за пласман на Мундијалот следната година.

„Натпреварот е многу важен за нас, од тоа нема бегање, но ниту е крај на светот. Треба да се подготвиме како и за сите други предизвици, како на минатите натпревари, со ладна глава да влеземе во мечот и да се обидеме да го извлечеме најдоброто од сите нас.

Нормално е дека Белгија ќе не анализира од нашиот последен меѓусебен дуел, но ние многупати сме покажале дека можеме да одиграме квалитетно со големите репрезентации. Ќе се потрудиме да се подготвиме и да покажеме на терен дека сме конкурентни“.


Милан Стојановски е нов тренер на Пелистер

Проектот на ФК Пелистер продолжува со ново име на кормилото. Ни претставува задоволство да го официјализираме Милан Стојановски како нов шеф на стручниот штаб. 52-годишниот Стојановски доаѓа во Битола и веднаш ќе ја преземе екипата, подготвувајќи се за продолжението на шампионатот на Македонија. Новиот тренер потпиша договор до крајот на сезоната и утре ќе биде претставен пред јавноста и медиумите.

Милан Стојановски е познато фудбалско име на овие простори. Роден е во соседна Србија, но својата приврзаност кон дресот со државниот дрес ја покажа играјќи 26 пати за македонската фудбалска репрезентација. Најголемата слава доби носејќи го дресот на Партизан, клуб за кој е емотивно врзан цел живот. Настапуваше и во Израел, Кипар, Иран, а во 2011 година започна тренерска кариера.

Стојановски ги водеше Раднички Пирот, Локомотива Белград, Телеоптик и ИМТ. На клупата на Пелистер ќе дебитира в недела на роденденскиот натпревар против Динамо Букурешт.


Пол Скоулс смета дека Тонали е најдобриот играч од средниот ред во Премиер Лигата

Пол Скоулс го посочи Сандро Тонали како најдобриот играч од средниот ред моментално во Премиер Лигата, ставајќи го пред Деклан Рајс од Арсенал. Легендата на Манчестер Јунајтед го пофали целокупниот настап на Тонали, истакнувајќи ја неговата способност да влијае на играта и во одбраната и во нападот. 

Опишувајќи го како вистински „box-to-box“ играч, Скоулс ја нагласи енергијата, директноста и окото за гол на италијанецот, нарекувајќи го фудбалер што постојано носи вредност на теренот. 

Иако ги призна квалитетите на Рајс и неговото лидерство, Скоулс смета дека понекогаш премногу ја комплицира играта со непотребни допири. Наспроти тоа, Тонали, според него, игра поедноставно и поефикасно, со совршен баланс меѓу дефанзивни задачи и офанзивен придонес. 

Скоулс додаде дека зрелоста и влијанието на Тонали се веќе очигледни, и покрај неговата возраст, нагласувајќи дека неговиот стил идеално одговара на темпото и барањата на англискиот фудбал.  


Роналдо и официјално е првиот милијардер меѓу фудбалерите

Беше само прашање на време кога Кристијано Роналдо ќе стане првиот фудбалер во историјата со милијарда на својата смертка во банка. Поточно, Португалецот е „тежок“ 1,2 милијарди евра.

Според „Блумберг“, водечкото американско финансиско списание, Португалецот ја преминал магичната линија благодарение на профитабилните повеќегодишни договори со компаниите „Најк“ и „Армани“, но овој финансиски скок му донесе продолжување на соработката со неговиот клуб Ал-Наср.

Новата соработка со Саудијците ќе го направи Роналдо побогат за уште 400 милиони евра.

Портуаглецот сега има уште една цел, да дојде до најмалку 1.000 во кариерата, моментално е на бројката од 946 постигнати голови во кариерата.

„Мислам дека сè уште можам да дадам многу на клубот и на репрезентацијата, сакам да играм долго време, но не предолго, да бидам искрен. Се надевам дека кога еден ден ќе се пензионирам, ќе бидам задоволен бидејќи дадов се од себе. Свесен сум дека не ме очекуваат многу години играње фудбал, но сакам да го искористам малкуто време што го имам. Мојата филозофија е да живеам ден за ден. Немам долгорочни планови. Уживам во секој ден и на секој тренинг“, изјави неодамна Португалецот.


Чеферин категоричен: УЕФА никогаш нема да дозволи Европска Суперлига

Александар Чеферин, изјави дека управното тело на европскиот фудбал никогаш нема да создаде или поддржи ексклузивно натпреварување, дополнително потврдувајќи го својот став против Европската Суперлига.

Дванаесет од водечките европски клубови, вклучувајќи шест од Премиер лигата, потпишаа планови за формирање на Европската Суперлига во 2021 година.

Арсенал, Челзи, Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити и Тотенхем ја претставуваа Англија, заедно со Милан, Интер, Јувентус, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид и Барселона како членови основачи.

Ревидираните планови беа објавени откако највисокиот суд пресуди дека забраната за клубовите да се приклучат кон посебна лига е нелегална.

„Европа ги поставува стандардите во светскиот фудбал и токму затоа постои напад однадвор за преобликување на играта. Промената е дел од приказната за фудбалот – тоа го знаеме многу добро – но трајната вредност доаѓа само од единството, рамнотежата и силата на сите, а не само на неколкумина“, рече Чеферин.

Откако создавањето на Суперлигата ја загрози Лигата на шампионите, УЕФА го реформираше натпреварувањето и го прошири.

„УЕФА никогаш нема, ниту би организирала, натпреварување само за 12 клуба. УЕФА сака инклузија, сака сонот да остане жив. Ќе се погрижиме нашиот клупски фудбал да биде инклузивен и секој да има шанса да ги освои најдобрите натпреварувања“, додаде првиот човек на европскиот фудбал.


Терзиќ ја одбил понудата да го преземе Монако

Претседателот на Монако, Дмитриј Риболовлев, повеќе не го сака Ади Хитер за главен тренер на тимот, според „Фут Меркато“.

Един Терзиќ бил водечки кандидат за замена на Австриецот, но 42-годишниот Германец ја одбил понудата на тимот од Кнежеството.

Управата на Монако преговара и со застапниците на Тијаго Мота, кој остана без клуб откако го напушти Јувентус минатата пролет.

Монако е на петтото место во француското првенство по седум кола, со 15 бода.


Родриго: Додека Реал ме сака, ќе останам во Мадрид

Фудбалерот на Реал Мадрид, Родриго, се осврна на гласините за можно заминување од мадридскиот клуб.

„Додека Реал Мадрид ме сака, ќе бидам тука. Ако некогаш ми кажат: „Најди друг тим“, ќе се согласам. Но, тоа досега не се случи. Веќе освоив две Лиги на шампиони, но сакам повеќе. Претпочитам да играм лево, но секогаш можам да играм десен бек или како број девет, како што веќе рече тренерот Чаби Алонсо“, изјави Родриго.

Дваесет и четиригодишниот Бразилец има тековен договор со Реал Мадрид до 2028 година. Тој е во мадридскиот клуб од 2019 година.

На 278 натпревари за Реал, Родриго постигна 68 гола и имаше 53 асистенции.


Консеисао е новиот тренер на Ал-Итихад

Ал-Итихад потпиша договор со португалскиот тренер Серхио Консеисао до јуни 2027 година, објави инсајдер Фабрицио Романо на социјалната мрежа X.

Според Романо, тренерскиот штаб на 50-годишниот Португалец ќе ги вклучува Жоао Коста, Сирамане Дембеле, Фабио Моура, Дијамантино Фигеиредо, Ведран Руње и аналитичарот Едуардо Консеисао.

Консеисао е без клуб од јуни 2025 година, откако го напушти Милан. Тој работел и во Порто, Нант, Виторија Гимареш, Брага, Академика и Олханенсе.

На 28 септември, Ал-Итихад објави раскинување на договорот со Французинот Лоран Блан. Два дена претходно, тимот претрпе пораз од 2:0 од Ал-Наср во четвртото коло од Премиер лигата на Саудиска Арабија. Блан беше на чело на Ал-Итихад од јули 2024 година.