фудбал

Пресврт за паметење: Ветеранот Обамејанг го запали Велодром во епското Олимпико

Играчот на Марсеј, Пјер Емерик Обамејанг, слави гол

Ова беше натпревар кој потсети зошто Choc des Olympiques е еден од најскапоцените бисери на францускиот фудбал. Во пулсирачка победа од 3:2 на стадионот Велодром, Марсеј успеа да го скрши отпорот на борбениот Лион, подарувајќи му на навивачите натпревар за паметење.

Дуелот пламна уште во 3. минута кога Корентан Толисо го замолкна Велодром, крунисувајќи ја акцијата иницирана од високиот пресинг на Ендрик. Лион, под водство на Пауло Фонсека, на почетокот на вториот дел постигна и втор гол, но интервенцијата на ВАР поради офсајд му го даде на Марсеј потребниот „кислород“. Само две минути подоцна, Игор Паишао тактичкото засилување на Марсеј по паузата, со вистински проектил од далечина во горниот агол донесе израмнување. Иако гостите повторно поведоа во 76. минута преку резервистот Реми Имбер, сцената беше подготвена за ветеранот кој на светот му покажа дека неговата класа е вечна.

На помалку од десет минути до крајот, Пјер-Емерик Обамејанг целосно ја презеде контролата врз наративот. Во 81. минута со прецизен волеј по центаршутот на Паишао израмни на 2:2, а кога часовникот влезе во првата минута од судиското продолжение, 36-годишниот Габонец најбрзо реагираше на ниската топка од тинејџерската сензација Итан Нванери за делириум на трибините. . Овој „дабл“ не само што ја прекина серијата од четири меча без триумф, туку го доближи Марсеј на само два бода зад големиот ривал на табелата.

И покрај болниот резултат за „Лавовите“, младиот Ендрик, кој е на позајмица од Реал Мадрид, го продолжи својот метеорски подем. Бразилското чудо од дете беше убедливо најдобриот поединец кај гостите, запишувајќи две асистенции. Неговиот креативен учинок беше на елитно ниво со четири креирани „големи шанси“ – најмногу на натпреварот заедно со Пјер-Емил Хојбјерг. На само 19 години, способноста на Ендрик да диктира темпо во дерби од ваков калибар наговестува дека неговиот престој во Лига 1 е само увертира за глобална доминација.


„Топчиите“ го покорија Челси: Корнерите на Арсенал се нерешлива енигма

Дуел меѓу играчите на Арсенал и Челси

Лондонското дерби на Емиратите уште еднаш докажа зошто корнерите се едно од најмоќните оружја во современиот фудбал. Арсенал извојува клучна победа од 2:1 над Челси, со што ја зголеми предноста на врвот на табелата во Премиер лигата на пет бода пред Манчестер Сити.

Од самиот старт, избраниците на Микел Артета ја покажаа тактичката дисциплина која стана нивен заштитен знак во трката за титулата. Мртвата точка беше скршена во 21-вата минута по веќе воиграна акција: Букајо Сака центрираше од корнер, Габриел Магаљаеш ја врати топката во петерецот, каде што Вилијам Салиба со прецизен удар со глава го постигна својот прв сезонски погодок. Сепак, Челси под водство на Лиам Росениор покажа карактер. Пред самиот крај на првиот дел, гостите одговорија со истото оружје. Остриот центаршут на Рис Џејмс предизвика хаос во шеснаесетникот, по што топката несреќно се одби од Пиеро Хинкапи за израмнување на резултатот.

Второто полувреме почна со иницијатива на „Сините“, а Давид Раја мораше да интервенира во неколку наврати за да ги сопре ударите на Енцо Фернандез и Жоао Педро. Сепак, во 66-тата минута, „кралевите на прекините“ повторно стапија на сцена. Деклан Рајс испрати перфектна топка од корнер, која ја дочека Јуриен Тимбер и со силен удар со глава го совлада Роберт Санчез. Работата за Челси стана уште потешка само четири минути подоцна, кога Педро Нето доби втор жолт картон поради фаул над Габриел Мартинели, оставајќи ги своите соиграчи со фудбалер помалку до крајот на мечот.

Овој триумф за „Топчиите“ не е само обична победа, туку и запишување во историјата. Арсенал сезонава постигна дури 16 голови по корнер, со што го израмни рекордот во Премиер лигата. Иако финишот донесе драма и поништен гол на Лиам Делап поради офсајд, Арсенал издржа и стигна до 64-тиот бод. Додека Челси продолжува да се бори за европски пласман, овој резултат јасно покажува дека Арсенал, за разлика од минатите години, е посериозен за оваа титула.


Родриго ќе биде подготвен за натпреварот со Сити

Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбеола, повторно не изнесе конкретен датум за враќањето на Килијан Ембапе, но потврди дека Родриго е подготвен да се врати во тимот.

Французинот останува во фокусот поради новата повреда, бидејќи Реал Мадрид не објави детали за сериозноста. Се шпекулираше дали ќе биде подготвен за двата натпревара против Манчестер Сити или само за реваншот.

Алваро Арбеола зборуваше за повредата на Мбапе пред утрешниот натпревар против Хетафе.

“Кога се враќа Мбапе? Не можеме точно да кажеме. Сѐ зависи од неговото закрепнување. Ќе игра кога ќе биде 100% подготвен. Од клучно значење е да разбереме за што станува збор и да имаме јасен план за опоравувањето. Планираме целосно враќање во фома пред враќањето на теренот,” изјави Арбеола.

Арбеола исто така потврди дека Родриго е подготвен за натпреварите со Сити.

“Родриго ќе биде наш важен играч. Тој знае како да влијае на натпреварите и ја потврди својата вредност за Реал Мадрид претходните години. Може да игра на сите позиции во нападот и е тежок за чување. Возбуден сум за неговото враќање,” рече Арбеола.

Се очекува Родриго да добие минути против Хетафе во понеделник и против Селта во петок, за да биде во вистинска форма за дуелот против Манчестер Сити во Лигата на шампионите.

Реал Мадрид ќе го пречека Гетафе во понеделник во 21:00 часот, а потоа во истото време во петок ќе гостуваат кај Селта, за да имаат доволно време за подготовка за Сити, кој доаѓа на 10 март.


Керик: Да не летаме високо, уште ништо не сме направиле

Манчестер Јунајтед продолжува со својот забележителен напредок под водството на Мајкл Керик, забележувајќи уште една важна победа. Црвените ѓаволи го совладаа Кристал Палас со резултат 2:1, што им овозможи да се искачат на третата позиција во табелата на Премиер лигата.

Сепак, тренерот предупреди дека екипата не треба да се занесе поради овој успех и ги пофали играчите за карактерот и пресвртот кој го покажаа за време на натпреварот.

На полувремето разговаравме со момците за позицијата во која се наоѓаме, како да реагираме и да покажеме индивидуалност и верба. Фудбалот понекогаш знае да биде тежок, а оваа лига е исклучително барана, па не секогаш сè оди лесно. Но, да се вратиме на таков начин и да го свртиме натпреварот во наша корист е најголемото нешто кое го носам од денешниот ден – изјави Керик.

Потоа се осврна на искачувањето на екипата на третата позиција на табелата.

„Во моментов тоа нема многу значење. Убаво е и сакаме да продолжиме да напредуваме. Се справивме со рано примен гол и правилно одговоривме, но не смееме да се заборавиме“, заклучи стратегот на Црвените ѓаволи.


Емре Чан сериозно се повреди, го чека долга пауза

Борусија Дортмунд објави дека капитенот на тимот Емре Чан има скинати предни вкрстени лигаменти на левото колено за време на натпреварот од Бундеслигата против Баерн (2:3). Се очекува фудбалерот да отсуствува подолго време.

Спортскиот директор на Дортмунд, Себастијан Кел, ја коментираше ситуацијата: „Повредата на Емре е многу несреќен настан, не само за него, туку и за целиот клуб. Тој е наш капитен, секогаш посветен на тимот и важен дел од клубот. Емре ќе ја добие нашата целосна поддршка во наредните месеци за да се осигури неговото целосно закрепнување“, изјави Кел за прес-службата на клубот.

Оваа сезона, Емре Чан одигра 16 натпревари и постигна три гола.


Дали „Финалисима“ ќе го промени местото на одржување на натпреварот

Планираниот натпревар помеѓу актуелните европски и јужноамерикански шампиони, познат како „Финалисима“, кој требаше да се одигра на 27 март во Катар, е одложен поради ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток, кои зафатија повеќе азиски земји.

Катарските власти објавија дека натпреварот е одложен откако и оваа земја стана мета на напади поврзани со регионалните воени дејствија.

Катар беше погоден од иранските напади, бидејќи на неговата територија се наоѓаат воени бази на САД.

„Поради актуелната безбедносна состојба, сите фудбалски настани во земјата се одложени до натамошно известување“, соопштија од Фудбалската федерација на Катар.

САД и Израел започнаа координирана воена операција против Иран, при што, според извештаите, е елиминиран врховниот духовен водач на таа земја, ајатолахот Хамнеи. Како одговор, Иран изврши воздушни напади на териториите на ОАЕ, Катар, Бахреин, Јордан и Кувајт, што дополнително ја дестабилизира безбедносната состојба во регионот.


Столе ја сочува предноста, Валенија мининално ја надигра Осасуна

Валенсија запиша важна победа во 26 коло од шпанската Ла Лига, совладувајќи ја Осасуна со 1-0 на домашен терен.

Столе Димитриевски повторно беше стартер за „лилјаците“, каде што добива минутажа во отсуство на првиот голман.

Валенсија до трите бода стигна благодарение на погодокот на Ларжи Рамадани. Белгиецот беше сигурен од белата точка во 67 минута и го постави конечниот резултат.

Со ова Валенсија стигна до седмата сезонска победа и вкупно 29 бодови, со што се искачи на 14 позиција на табелата. Осасуна останува десетта со 33 бода.


Лудо реми во Рим: Гати го спаси Јуве од пораз во Рим

Рома и Јувентус одиграа драматични 3-3, „волчицата“ има за што да жали откако испушти два гола предност и во 93. минута остана без цел плен. Возбудливо и драматично дерби на „Олимпико“, Рома водеше 3-1 против Јувентус и беше на прагот на значајна победа во битка за местата во Лигата на шампиони, но „старата дама“ се врати од мртвите и со гол во 93. минута успеа да се избори за поделба на бодовите.

Резултатот беше отворен во 39. минута, Весли прекрасно пласираше во аголот за 1-0 и голема радост на домаќините. Консеисао изедначи на 1-1 на стартот од вториот дел, но „волчицата“ веднаш одговори, Ндика најдобро се снајде по еден прекин и погоди за 2-1.

На средината од второто полувреме, Мален постигна атрактивен гол за 3-1, но Јувентус не се предаде.

Бога во 78. минута намали на 3-2, за во 93. минута Гати да ја затресе мрежата за 3-3. Па Рома пропушти шанса да направи поголема предност во однос на Комо и Јувентус, а избраниците на Спалети си ги задржаа шансите за топ 4 пласман.


Слот во големи проблеми, Се повреди Вурц

Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, пред натпреварот со Вест Хем изјави дека десниот бек Џереми Фримпонг е подготвен да се врати на теренот по едномесечна пауза, но дека натпреварот ќе го пропушти Флоријан Вирц.

Шампионот на Англија ги пречекува „Чеканите“ во натпреварот од 28-то коло од Премиер лигата, кој ќе се игра на „Енфилд“ попладнево од 16 часот.

Фримпонг, последниот натпревар го одигра на против Карабаг на 28 јануари.

„Џереми ќе биде во конкуренција за Вест Хем. Тој тренираше со нас неколку пати оваа недела и ќе биде во ростерот. Не очекувам Флоријан да биде во тимот, што секако е разочарување“, рече Слот, додавајќи:

„Секој пат кога некој играч не е достапен, тоа е разочарување, а ова е нешто што не го очекував по минатата недела. Сепак, понекогаш работите се развиваат на таков начин и, за жал, овој пат не на позитивен начин.“

Тренерот на Ливерпул нагласи дека не е јасно кога точно репрезентативецот на Германија би можел повторно да игра.


Азар откри зошто го одбил ПСЖ

Еден Азар вели дека практично секое лето бил во контакт со ПСЖ, му биле нудени многу пари за преселба во Париз, но тој на ум има само една работа – трансфер во Реал Мадрид.

Еден Азар откри дека одбил трансфер во ПСЖ и покрај тоа што многу пари биле во игра.

Тој ова го направил од две причини, не сакал да настапува во друг клуб во Франција освен во Лил, и на ум имал само трансфер во Реал Мадрид.

„Секоја година бев во контакт со ПСЖ. Но за мене секогаш беше јасно, кога го напуштив Лил си реков, „Ако еден ден се вратам во Франција, тоа ќе биде само во Лил“. Па не сакав да играм за друг клуб во Франција. Имам почит за луѓето од Лил, за луѓето од северот па затоа ПСЖ никогаш не беше опција за мене, па дури и кога ми понудија многу пари. Мојот сон беше настап во Реал Мадрид, и Челси ќе го заменев само за Реал Мадрид, не за ПСЖ“.