фудбал

Серафимов ќе ја замени Унгарија со Бугарија

Македонскиот фудбалски репрезентативец Никола Серафимов ќе има нов клуб и кариерата ќе ја продолжи во Бугарија, каде треба да потпише за Левски Софија.

Стоперот на нашата репрезентација денес полни 26 години, а беше дел од Фехервар од Унгарија, но си заминува откако клубот испадна во понизок ранг. Откако Серафимов ќе ги помине лекарските прегледи во Левски официјално ќе биде промовиран како нов играч на тимот од бугарскиот шампионат.

Серафимов беше дел од Фехервар од 2022 година каде дојде од ЗТЕ исто така од Унгарија, а претходно беше дел од Академија Пандев, Јихлава од Чешка, Вардар, Пелистер и Брегалница.

За фудбалската репрезентација на Македонија, Никола Серафимов има 22 настапи и еден постигнат гол.


Вардар одреди популарни цени за домашните натпревари во Првата лига

Одборот на директори на АД ФК Вардар донесе одлука на сите мечеви во оваа сезона, која вардарци ќе ги играат на свој терен, билетите да бидат по цена од 200 денари – југ и 100 денари – исток.

Ова се прави со цел да им се овозможи на сите оние кои сакаат да навиваат и да го бодрат својот Вардар, да можат да си платат влезница.


Гардиола го сака Родриго: Реал Мадрид отворен за преговори

Манчестер Сити сериозно размислува да ја донесе ѕвездата на Реал Мадрид, Родриго, додека Пеп Гардиола работи на преобликување на напаѓачката линија пред новата сезона. Со Џек Грилиш веќе пред преселба во Евертон и со млади играчи како Џејмс Мекати и Савињо кои исто така би можеле да си заминат, Сити го идентификува Родриго како идеално засилување за офанзивата.

Иако има договор со Реал Мадрид до 2028 година, Родриго се соочува со ограничени минути на теренот поради големата конкуренција. Иако 24-годишниот Бразилец изјавил дека е задоволен во Мадрид, се повеќе се зборува дека би бил отворен за нов предизвик, доколку пристигне соодветна понуда.

Интересот од Манчестер Сити доаѓа и поради личната почит на Гардиола кон играчот. Тренерот го гледа Родриго како разновидна и динамична опција која добро се вклопува во флуидниот напаѓачки стил на Сити. Родриго може да игра на двете крила, но најудобно се чувствува на левата страна, што одговара на тактичките барања на шпанскиот тренер.

Реал Мадрид наводно поставил цена од околу 100 милиони евра за Родриго, што укажува на подготвеност за преговори доколку играчот изрази желба за заминување. Манчестер Сити е подготвен да му понуди клучна улога во тимот и значително повисока плата — што ја прави опцијата за премин во Премиер Лигата сè пореална како што одминува трансфер-прозорот.


Амбициозниот Ал Наср продолжува со засилувања – Коман следен во составот

Ал Наср и Баерн Минхен постигнаа усмен договор за трансферот на францускиот крилен напаѓач Кингсли Коман. Договорот, вреден нешто помалку од 30 милиони евра, претставува уште еден значаен чекор во амбициозниот проект на Ал Наср да доведе врвни фудбалери. Иако договорот сè уште не е официјализиран, Коман се очекува да потпише тригодишен договор со саудискиот клуб.

Овој потег е дел од серија значајни засилувања на Ал Наср, кои неодамна ги ангажираа и дефанзивецот Иниго Мартинез и напаѓачот Жоао Феликс. Коман ќе се приклучи на тим кој веќе вклучува повеќе интернационални ѕвезди — стратегија што има за цел да го зголеми натпреварувачкиот потенцијал на клубот и на домашна и на континентална сцена.

На 29 години, Коман си заминува од Баерн Минхен по десет солидни сезони, во кои одигра 379 натпревари и постигна 64 голови. За тоа време освои бројни титули, меѓу кои неколку шампионски титули во Бундеслигата и еден трофеј во Лигата на Шампионите. Неговиот замин му дава на Баерн финансиска флексибилност и простор за реконструкција на тимот.


Шанса за преродба: Џек Грилиш на позајмица во Евертон

Евертон постигна договор со Манчестер Сити за позајмица на Џек Грилиш. 29-годишниот фудбалер ќе се приклучи на едногодишна позајмица, со вербален договор за опција за откуп вредна 50 милиони фунти – која не е обврзувачка – што му дава флексибилност на Евертон околу потенцијален постојан трансфер наредното лето. Се очекува трансферот да се комплетира после задолжителниот лекарски преглед.

Грилиш одигра фрустрирачка сезона, настапувајќи седум пати во Премиер Лигата во кои постигна само 1 гол и 1 асистенција. Исто така беше изоставен од важни натпревари и натпреварувања, како што се Светското Клупско Првенство и финалето на ФА Купот. Со оваа позајмица, англискиот репрезентативец сега има шанса повторно да игра редовен фудбал – нешто што го бара за да ги зголеми шансите за настап на Светското Првенство во 2026.

Привлечноста на Евертон е во ветувањето за редовна игра и јасно дефинирана улога во клуб што минува низ значајна трансформација. Под водство на Дејвид Мојс, кој се врати во клубот ова лето, Евертон гради поконкурентен тим. Поддржани од ново сопствеништво и сместени во нивниот нов стадион, клубот има амбиции да се натпреварува за пласман кој ќе му овозможи европски фудбал

За Грилиш, ова е можност за нов почеток. Иако со Сити освои бројни трофеи – вклучувајќи Премиер Лиги и Лига на Шампиони – неговата улога беше сè помалку значајна. Новата шанса во Евертон, со загарантирани минути и клучна улога, може да биде токму тоа што му треба за да ја врати формата и да се избори за место во репрезентацијата за Светското Првенство.


Барса го декласира Комо на „Жоан Гампер“

Барселона синоќа го победи Комо со 5-0 во купот „Жоан Гампер“.
Барселона го декласира Комо во купот „Гампер“

Фермин Лопез и Ламине Џамал постигнаа по два гола, а Рафиња додаде уште еден гол.

Купот Гампер се одржува секоја година и е именуван во чест на легендарниот претседател и основач на Барселона, Жоан Гампер. Од 1997 година турнирот се состои од еден натпревар.

Во 2024 година, Каталонците загубија од Монако со 0-3.


Мартин Ѓорѓиевски: За Брера ќе биде убав старт на сезоната ако не загуби во Кратово

Брера лани успеа да обезбеди опстанок во последен миг, а во новата сезона струмичкиот прволигаш ќе се обиде да биде што е можно повеќе безгрижен на тој план. Фокусот и понатаму е ставен на промоција на млади фудбалери, а тренерот Панче Стојанов има за цел сето тоа да го оформи во еден мотивиран тим со силен натпреварувачки дух.

Еден од лидерите на овој состав на Брера е младинскиот репрезентативец Мартин Ѓорѓиевски, кој најавува дека тимот од Струмица е подготвен за почетокот на сезоната.

На стартот, Брера гостува во Кратово, оди на мегдан кај Силекс, во последниот натпревар од првото коло во Првата фудбалска лига.

„Брера продолжува по истиот терк. Тимот е делумно променет, но филозифијата е идентична, млади фудбалери желни за докажување се јадрото на нашиот состав. На почетокот одиме во Кратово, навистина тешко гостување, но подготвени сме да прикажене сѐ што знаеме и се разбира дека очекуваме позитивен резултат. Ако не загубиме во Кратово, мислам дека тоа ќе биде добар исход за Брера од првото гостување во новата сезона. Работевме напорно во подготвителниот период и желни сме да почнеме со првенствените искушенија. Максимален респект за Силекс, тие се одличен тим, лани завршија на втората позиција, а ова лето учествуваа и во европските купови. Во секој случај, голем предизвик за нас, и ќе се обидеме да одговориме со успех“, изјави Мартин Ѓорѓиевски, во пресрет на стартот на новата сезона за Брера.


Барди со гол од пенал дебитираше за Коњаспор

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Енис Барди постигна гол на свој прв официјален натпревар за Коњаспор.

Македонецот вчеравечер на средбата со Ејупспор погоди од пенал во 33.минута.

Коњаспор го доби мечот со 4:1 и во моменто заедно со Галатасарај и Гезтепе се на врвот на табелата во турската Супер лига.


Камавинга се повреди, ќе го пропушти стартот на сезоната

Францускиот репрезентативец Едуардо Камавинга веројатно ќе го пропушти почетокот на сезоната за Реал Мадрид, бидејќи играчот од средниот ред се опоравува од повреда на зглобот, објави весникот „Л’Екип“.

Претходно, шпанските медиуми објавија дека Камавинга ги пропуштил последните тренинзи на Реал и нема да игра на последниот пријателски натпревар на Кралскиот клуб против австрискиот Тирол, кој е во вторник.

Реал Мадрид ја започнува сезоната во Ла Лига со натпревар против Осасуна на 19 август.

Минатата сезона, Едуардо Камавинга не играше за Реал Мадрид во четири периоди, главно поради проблеми со мускулите. Поради повреда на мускул, Французинот ги пропушти последните девет натпревари на Реал Мадрид во првенството, како и завршниот турнир за Франција во Лигата на нации.


Колумбиецот Фалкао пред потпис со Мурсија

Радамел Фалкао, некогаш еден од најдобрите напаѓачи во светот, нема намера да се пензионира.

Брилијантниот централен напаѓач е слободен агент откако се раздели со Милионарис, клубот од неговата татковина. Колумбискиот напаѓач добил интерсна понуда од третата дивизија на Шпанија. Интерес за него покажа Мурсија.

На Фалкао му беше претставен амбициозен проект, а планот е клубот веднаш да стигне до втората лига, а главната улога би ја играл поранешен член на Атлетико Мадрид.

Искусниот централен напаѓач сериозно ја разгледува оваа опција, а претседателот на Мурсија, Фелипе Морено, верува дека двете страни ќе се согласат на соработка.