фудбал

Анчелоти го објави првиот список, Антони се враќа во бразилската репрезентација

Новиот селектор на бразилската фудбалска репрезентација, искусниот италијански стратег Карло Анчелоти, го објави списокот на фудбалери за претстојните мундијалски квалификации, а неговиот прв избор веќе предизвика реакции – на него ги нема Нејмар и Родриго.

Бразилските „кариоки“ во јуни ќе ги одмерат силите со Еквадор и Парагвај во рамките на квалификациите за Светското првенство 2026, а Анчелоти реши да направи драстични промени во составот. Одлуката да ги изостави двете големи ѕвезди предизвика изненадување кај дел од јавноста, особено поради важноста на натпреварите.

Првиот официјален натпревар за Анчелоти на кормилото на селекцијата е закажан за 6 јуни, кога Бразил ќе му гостува на Еквадор, а на 11 јуни „селесао“ ќе го пречека Парагвај на домашен терен.


Интер и Олимпик Марсеј преговараат за Луис Енрике

Италијанскиот вицешампион Интер ја зголеми својата понуда за играчот од средниот ред на Олимпик Марсеј, Луиш Енрике, на 27 милиони евра, објави „Тутоспорт“.

Сепак, францускиот тим не е задоволен од понудената сума, бидејќи се надеваат дека ќе добијат најмалку 30 милиони евра за бразилскиот играч.

Според изворот, Интер веќе постигнал договор со Енрике за лични услови – договорот ќе трае пет години.

23-годишниот играч од средниот ред одигра 35 натпревари за Олимпик Марсеј во сезоната 2024/2025, постигна девет гола и имаше десет асистенции. Неговиот тековен договор со Марсеј е со важност до 30 јуни 2028 година.


Игли Таре нов спортски директор на Милан

Милан го назначи Игли Таре за спортски директор, објави италијанскиот клуб. Албанскиот специјалист е дел од обидот да се внесат промени во седумкратниот европски клупски шампион по уште една разочарувачка сезона во Серија А.

„Многу сме задоволни од неговото пристигнување во нашето семејство. Тој е вистинската личност да го започне нашиот нов почеток“, изјави извршниот директор на „Росоњерите“, Џорџо Фурлани.

51-годишниот Игри Таре помина 15 сезони како менаџер во Лацио. Поранешниот албански репрезентативец играше за Бреша, Болоња и Лацио за време на својата фудбалска кариера во Италија.

Милан заврши само на осмото место во италијанското првенство и го загуби финалето на купот на Италија.


Делап од Ипсвич се сели во Јунајтед

Манчестер Јунајтед се договори со тимот за напаѓачот на Ипсвич, Лиам Делап. Ова го објавува „ЕСПН“.

Според изворот, Манчестер Јунајтед му соопштил на Ипсвич дека ќе ја почитува откупната клаузула на Делап од 30 милиони фунти (околу 36 милиони евра) доколку напаѓачот се согласи да им се придружи на „Црвените ѓаволи“.

Се забележува дека личните услови биле договорени и со претставниците на фудбалерот, и затоа трансферот може да се заврши во најкраток можен рок.

Да потсетиме дека оваа сезона Англичанецот учествуваше во 40 натпревари, каде што постигна 12 гола и имаше две асистенции.


Матеус Куња е првото засилување на новиот Јунајтед

Помина уште една сезона за Јунајтед, но ова беше сезона на разочарување. Без трофеи, без излез во Европа, неизвесноста им тежи, пред сè поради големите финансиски загуби. Следува продажба на фудбалери, оние кои на кои Рубен Аморим не смета, а ќе видиме дали некој од клучните играчи како Бруно Фернандеш ќе замине. Тој има понуда од Саудиска Арабија, но засега нема информации дека неговиот соиграч е подготвен да се ослободи од него.

Сепак, „црвените ѓаволи” веќе почнуваат со нови засилувања. Првото е сигурно, а не е изненадување – Матеус Куња пристигнува на „Олд Трафорд“. Бразилецот од Вулверхемптон беше цел на Јунајтед, неговата клаузула од 62.5 милиони фунти ќе биде активирана и поранешниот играч на Лајпциг, Херта и Атлетико доаѓа во Јунајтед. Минатата сезона постигна 15 голови во ПЛ и помогна “Волците” да останат над опасната зона.


Ако не го доведе Ѓокереш, Арсенал ќе тргне по Шешко

Aрсенал е на прагот да му понуди на РБ Лајпциг 100 милиони евра како отштета за словенечкиот голгетер Бенџамин Шешко (21), објавија денес британските медиуми.

Најзначајно, спортскиот директор на Топџиите, Андреа Берта, веќе оствари средба со претставниците на германскиот клуб кои не брзаат да го продадат Шешко поради фактот дека неговиот договор важи до јуни 2029 година.

Сепак, постои можност да се активира отштетна клаузула која би изнесувала околу 80 милиони евра.

Раководството на Арсенал е спремно да надмине и таа сума бидејќи веруваат во огромниот потенцијал на словенечкиот репрезентативец, кој оваа сезона има постигнато 21 гол и направено шест асистенции.

Да потсетиме, Топџиите го завршија шампионатот на второто место во Премиерлигата и беа елиминирани во полуфиналето на Лигата на шампионите.

Раководството на клубот и тренерот Микел Артета се решени да ги зајакнат редовите на тимот за да може да се борат на домашната и европската сцена, и спремни се да вложат средства за таа цел.

Инаку, Шешко како 16-годишник во 2019 година се пресели од Домжале во австрискиот Ред Бул Салцбург за 2,5 милиони евра, а по четири сезони во Австрија премина во сестринскиот клуб – германскиот Лајпциг.


Ливерпул ја прослави титулата со славеничка парада

Сезоната во Англија заврши вчера, попладнево во Ливерпул беше организирана парадата. Новите шампиони ги поздравија навивачите кои во голем број се собраа на градските улици.

Фудбалерите на Ливерпул пред еден месец ја обезбедија титулата, вчера на „Енфилд“ го кренаа пехарот. Попладнево прославата продолжи.

Илјадници луѓе се на улиците, што беше очекувано. Песна, факели и пиво. Уште еднаш навивачите наздравија за јубилејната 20-та шампионска титула.


Иднината на Џек Грилиш во Манчестер Сити станува се понесигурна

Изоставувањето на Џек Грилиш од составот на Манчестер Сити за неодамнешниот натпревар против Фулам предизвика шпекулации за неговата иднина во клубот. Англискиот репрезентативец неочекувано недостасуваше од клучен натпревар во борбата за место во Лигата на Шампионите. 

Извори блиски до клубот изјавуваат дека Пеп Гардиола размислува за нови напаѓачки опции. Со појавата на млади таленти и турбулентната форма на Грилиш оваа сезона, неговото место во тимот е под прашање. 

Се повеќе се зборува дека Грилиш би можел да замине ова лето. Иако беше потпишан во 2021 година за рекордни 100 милиони фунти, повредите и нередовните настапи го ограничија неговото влијание, што предизвикува интерес од други клубови во Премиер Лигата и Европа. 

 Навивачите на Сити се поделени – некои сакаат да добие уште една шанса, додека други сметаат дека е време клубот да го продаде. Следните неколку недели ќе бидат клучни за неговата иднина. 


Килијан Мбапе – Победник на Европската Златна Копачка

Килијан Мбапе ја освои Европската Златна Копачка за сезоната 2024/25, постигнувајќи 31 гол во Ла Лига за Реал Мадрид. Освојувањето на Европската Златна Копачка дополнително го зацврсти статусот на Килијан Мбапе како еден од најдобрите играчи во својата генерација.

Мбапе го освои првото место со 62 поени, пред Виктор Ѓокерес од Спортинг Лисабон со 58,5 поени и Мохамед Салах од Ливерпул со 56 поени. Ѓокерес постигна 39 голови во португалската лига, но поради понискиот коефициент на бодови, не успеа да го надмине Мбапе. Салах, кој имаше шанса да го достигне Мбапе со хет-трик во последниот натпревар, постигна само еден гол во ремито против Кристал Палас.  

Мбапе стана првиот играч од 2007 година кој ја освои Златната Копачка во својата дебитантска сезона во Ла Лига. Со 42 гола во сите натпреварувања ја надмина и дебитантската сезона на Кристиано Роналдо во клубот. 

Фудбалски аналитичари и фанови го гледаат ова како пресвртна точка во неговата трансформација од ѕвезда во фудбалска легенда. Аналитичарот на „ESPN“, Жулиен Лоранс, изјави: „Да ја освоиш Златната Копачка во првата сезона во Шпанија, играјќи под притисок како главна ѕвезда на Реал Мадрид – тоа го дефинира наследството.“ 


Тен Хаг именуван за нов тренер на Баер Леверкузен

Прес-службата на Баер Леверкузен го објави назначувањето на холандскиот стручњак Ерик тен Хаг на позицијата главен тренер на тимот. Договорот важи до 2027 година.

Последната работна позиција на 55-годишниот специјалист беше во Манчестер Јунајтед. Ерик Тен Хег беше на чело на „Црвените ѓаволи“ од летото 2022 до октомври 2024 година. Под негово водство, Манчестер Јунајтед го освоија ФА Купот и Англискиот Лига Куп. Вкупно, под негово водство, Манчестер Јунајтед одигра 128 натпревари во сите натпреварувања.

Претходно, Баер Леверкузен го водеше Шпанецот Чаби Алонсо, кој ги предводеше „фармацевтите“ до титулата во Бундеслигата во сезоната 2023/2024. Алонсо својот следен предизвик ќе го има на клупата на Реал Мадрид.