Фудбалерот на Манчестер Сити, Родри, ги повреди препоните на натпреварот против Арсенал во Премиер лигата. Тој се повреди на крајот од натпреварот, во 88-та минута го напушти теренот.
Шпанскиот фудбалер претходно се врати во форма откако се рехабилитираше од тешките повреди на коленото и лигаментите на препоните.
Сити го победи Арсенал со 2-1, на домашен терен и ја намали разликата на три бода во борбата за титулата, но имаат и натпревар помалку.
Сити со нетрпение чекаат информации за здравјето на Родри, а сето тоа фрла сенка врз големиот триумф што значително ја искомплицира борбата за титулата.
Повредата дополнително ја комплицира сезоната на шпанскиот репрезентативец, кој веќе пропушти 11 лигашки натпревари поради чести повреди на грбот и коленото. И покрај проблемите со повредите, тој сепак одигра 31 натпревар во сите натпреварувања оваа сезона.
„Не знам колку долго ќе отсуствува Родри. Мислам дека докторот рече дека станува збор за проблем со препоните, но ќе видиме. Ќе направиме тестови“, рече тренерот Пеп Гвардиола.
Работнички со важен триумф против Арсими
Работнички забележа важна победа од 2-0 против Арсими во 28.коло од Првата фудбалска лига. Тимот од Дебар Маало продолжува во битката за опстанок.
Во првото полувреме немаше многу возбудувања. Во 35.минута, Мустафа беше во можност, но Ондоа добро реагираше и ја расчисти опасноста.
Две минути подоцна, Бесир Демири се реши за удар од далечина, но беше за малку непрецизен. Првиот дел заврши без голови.
Работнички дојде во водство во 54. минута. Беше тоа одлична акција во три потези, топката беше уфрлена од левата страна, а реализатор беше Сухељ Мухарем.
Десет минути подоцна, Никола Манојлов имаше одлична можност за удвојување на предноста. Излезе сам пред голманот на Арсими по еден брз противнапад, но не успеа да ја погоди мрежата.
Арсими во финишот тргна по израмнување, имаше неколку возбудувања пред голот на Работнички, но Дитмир Хоџа со погодокот во судиското продолжение го постави конечниот резултат.
Струга Трим Лум со играч повеќе до убедлив триумф над Башкими во Куманово
Нова, трета убедлива победа на Струга ТЛ над Башкими во оваа сезона во ПМФЛ, откако денеска стружани триумфираа со убедливи 0-4 на теренот на противникот. Клучниот миг околу победникот беше во 36. минута кога Башкими остана со играч помалку по исклучувањето на Хасан. Така Струга ТЛ го искористи тоа и најпрво во првиот дел поведе, а потоа во второто полувреме постигна уште три гола за да слави убедлив триумф.
А, Башкими играше одлично се до исклучувањето на Хасан. Имаше неколку добри шанси, Ангелети го спасуваше гостинскиот тим, а потоа домашниот тим не можеше со 10 играчи да му парира на противникот.
По голема грешка на одбраната, во 9. минута Алими се најде во одлична шанса, шутираше прецизно, но уште подобро одбрани Ангелети и исфрли во корнер. Претходно Алими имаше шанса во 6. минута, меѓутоа од тешка позиција на успеа да го совлада Јашар.
Нова голема шанса за Башкими, и нова одлична одбрана на Ангелети во 16. минута. Пановски доби топка по десната страна, одлично проби и влезе во шеснаесетникот, додаде до Ор, кој шутираше од 5-6 метри, но неговиот удар го одбрани голманот на гостите.
Ангелети го одбрани и обидот на Аворнијо во 29. минута од средбата.
Башкими остана со играч помалку откако Хасан доби црвен картон во 36. минута по стартот над Малески во дуел додека голгетерот на Струга ТЛ се закануваше да излезе сам пред голот на Јашар.
Струга ТЛ поведе во првата минута од судиското надополнување. Воша од десната страна центрираше до Компаоре, кој со глава го „матираше“ Јашар и донезе предност за Струга ТЛ.
Гостите од Струга доминираа во вториот дел, па една шанса имаше Малески во 74. минута кога од идеална позиција ударот му го одбрани Јашар.
Сепак, во финишот предноста од играч повеќе на теренот која ја имаа стружани дојде до израз. Башкими веќе немаше сили да се брани, а во 80. минута Компаоре доби топка на пеналтикот, и од прва шутираше во голот, Јашар одбрани, топката од пречката ја мина гол линијата и судијата Пилешков доби сигнал дека тоа е погодок за гостите.
Само две минути подоцна Малески постигна гол за 0-3 откако ја собра одбиената топка од голманот Јашар, и ја смести во мрежата. Во прв момент беше сигнализирано дека е офсајд, но потоа по прегледување на ВАР снимката, голот беше признат.
Во 86. минута и четврти гол во мрежата на Башкими. Компаоре додаде до Илиевски кој од десната страна се најде пред голот, шутираше и низ нозете на Јашар го постигнува и четвртиот погодок за гостинската екипа, што беше и конечен резултат на овој натпревар.
Реал размислува да го врати Мурињо на клупата
Реал Мадрид веќе бара наследник на Алваро Арбелоа, кој нема да ги предводи „кралевите“ следната сезона.
Јирген Клоп, Маурицио Покетино и Дидие Дешамп се меѓу имињата што се поврзуваат, како и Жозе Мурињо.
Според португалското издание „Рекорд“, враќањето на „Специјалниот“ на „Бернабеу“ не е исклучено.
Засега нема разговори меѓу двете страни, но сегашниот тренер на Бенфика е позитивен во врска со можното враќање.
Мурињо беше главен тренер на Реал Мадрид од 2010 до 2013 година.
Изборот на Арбелоа очигледно не успеа, бидејќи се чини дека Реал ќе остане без трофеј втора година по ред. Тој го замени Чаби Алонсо во јануари.
Симеоне: Боли овој пораз, требаше да го освоиме Купот на Кралот
Стратегот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, не го криеше разочарувањето по поразот на неговиот тим во финалето на Кралскиот куп.
Реал Сосиедад дојде до трофејот по изведување пенали (4-3), откако по продолженијата резултатот беше 2-2. Херој на победата беше голманот Унаи Мареро, кој ги одбрани ударите на Александер Серлот и Хулијан Алварез.
„Мислам дека одигравме многу добро и дадовме апсолутно сè што имавме, но за жал, овојпат пеналите беа на нивна страна. Им честитам и немам многу повеќе да додадам“, изјави аргентинскиот стратег.
Тој потенцираше дека актуелниот пораз го боли повеќе од сите идни предизвици.
„Искрено, не размислувам за Арсенал. Овој резултат многу боли. Мораше да победиме, а не успеавме. Знаеме дека дадовме максимум, што ми дава одреден мир, но во овој клуб победите се неопходни“, порача Симеоне.
Два италијански гиганти преговараат со агентот на Левандовски
Роберт Левандовски ги игра последните натпревари за Барселона, а во летниот преоден рок ќе го промени клубот, ќе се пресели во нова средина како слободен играч.
„Газета дело Спорт“ објавува дека агентот на Левандовски е во Италија на разговори со Јувентус и Милан.
Наводно засега Јувентус е поблиску до потписот на Левендовски отколку Милан иако росонерите сакаат да го спојат со Модриќ.
Милан има очајна потребна од напаѓач, а со евентуално доаѓање на Левандовски уште повеќе ќе го добијат епитетот клуб на ветерани.
Фатена група фалсификатори на билети на натпревари на ПСЖ
Во Париз е откриена криминална мрежа вклучена во фалсификување билети за натпреварите на ПСЖ.
Според „Ле Паризиен“, измамничките активности погодиле приближно 2.000 навивачи, со загуби во вкупен износ од 40.000 евра. На почетокот на март, париската сајбер полиција (BL2C) заврши истрага во која беше откриена шема за измама од големи размери што функционирала две години.
Главниот осомничен е 22-годишниот Аинис Д. Тој користел социјална мрежа за да создаде систем за продажба на фалсификувани билети и за домашните натпревари на ПСЖ на „Паркот на принцовите“ и за гостувањата. Во текот на две години, неговиот профил привлече повеќе од 13.000 следбеници кои му веруваа на продавачот.
Криминалната активност беше запрена откако раководството на ПСЖ поднесе официјален полициски извештај на 28 јануари. За време на испрашувањето, Аинис Д. ја призна вината. Тој се соочува со обвиненија за измама, користење фалсификувани документи и перење пари.
Мартинели на „радарот“ на ПСЖ
Спортскиот директор на Пари Сен Жермен, Луис Кампос, се сретна со претставници на напаѓачот на Арсенал, Габриел Мартинели. И покрај желбата на клубот да ги задржи своите клучни играчи, раководството на ПСЖ ја разгледува и можноста за стекнување нови играчи за зајакнување на тимот ова лето.
Раководството на парискиот клуб планира да го комплетира трансферот на Мартинели во претстојниот преоден рок. 24-годишниот Бразилец е во лондонскиот клуб од летото 2019 година, а неговата пазарна вредност, според „Трансфермаркт“, се проценува на 45 милиони евра. Договорот на напаѓачот со Арсенал е до крајот на јуни 2027 година.
Мартинели оваа сезона одигра 46 натпревари за клубот во сите натпреварувања, постигна 11 гола и имаше шест асистенции.
Ковентри го слави Лампард: Премиерлигаш по четврт век
Фудбалерите на Ковентри го завршија своето 25-годишно отсуство од Премиер лигата, откако ремизираа 1-1 на гости против Блекбурн и обезбедија синоќа промоција на шест кола до крајот на сезоната во Чемпионшип лигата.
Враќањето во Премиер лигата фудбалерите на Ковентри го прославија синоќа на „Ивуд парк“ заедно со 7.000 гостински навивачи. Ковентри, предводен од Френк Лампард, е на врвот на табелата со 86 бодови од 43 натпревари, 13 повеќе од третопласираниот Милвол.
Битката за второ место кое води директно во Премиер лигата ја продолжуваат Ипсвич, Милвол, Саутемптон и Мидлзбро.
Гнабри сериозно се повреди, виси настапот и на Мундијалот
Еден од најважните играчи за Баерн Минхен и германската репрезентација заработи повреда поради која ќе мора да паузира подолг период, заврши сезоната за Серџ Гнабри, а Светското првенство за него нема ни да почне.
Гнабри се здобил со пукање на бутниот мускул за време на тренинг пред денешниот меч против Штутгарт.
Баерн ја потврди повредата, но не кажа колку ќе паузира. „Билд“ пишува дека за ваква повреда паузата е околу три месеци. Тоа значи дека Компани нема да може да смета на него за полуфиналните натпревари од Лигата на шампионите и евентуалното финале.
Се верува дека тој нема навреме да се опорави и за Светското првенство, но за тоа се даваат минимални шанси. Сепак информациите велат дека Нагелсман се помирил со тоа и веќе го крои списокот без него.
Гнабри сезонава одигра 37 натпревари, постигна 10 голови и запиша 11 асистенции, а во дресот на Баерн вкупно има 103 голови и 72 асистенции на 322 настапи.