фудбал

Добри вести за Компани, Мусиала им се врати на тренинзите

Навивачите на Баерн Минхен добија уште една многу добра вест по убедливата победа над Бриж вчера. Станува збор за тоа дека Џамал Мусиала, кој се опоравуваше од сериозна повреда, конечно се врати на тренинг на теренот.

Ова се случи денес, кога 22-годишниот талент одигра индивидуални тренинзи и координациски вежби со рехабилитациониот тренер на Баерн Симон Мартинело. По четврт час, Мусиала ги смени чевлите и направи уште неколку кругови околу терените на базата на баварците. Тренингот на отворено заврши по околу 25 минути, а младиот фудбалер накрај дури и си подаде неколку пати топка со Серж Гнабри, кој исто така тренираше индивидуално по двонеделна пауза поради проблеми со аддукторите.


Сон се враќа во Европа за пролетната полусезона, Милан фаворит за неговиот потпис

Хјонг-Мин Сон би можел да смени клуб, барем на кратко.

Летово, одличниот Корејанец го напушти Тотенхем и премина во Лос Анџелес ФК, а по завршувањето на сезоната во МЛС лигата, би можел да ја одржи формата со враќање во Европа.

Слично се случуваше и претходно, познато е дека Дејвид Бекам направи нешто слично во 2009 година, кога пристигна во Милан по завршувањето на МЛС сезоната и остана таму само три месеци, па ваквите ситуации се нарекуваат и „Бекамова клаузула“.

Токму таа ја има Сон, и за да ја одржи формата пред Светското првенство, тој сака да игра во европскиот фудбал и тоа во клуб на којшто би можел да му биде од голема помош.

Првиот во редот е – Милан. Росонерите сакаат да го зајакнат офанзивниот дел од средниот ред, и Сон би можел да биде одлично привремено решение.


Шкендија запиша историска победа во КЛ, Шелбурн падна во Скопје

Шампионот на Македонија, Шкендија ја забележа првата, историска победа, во главната фаза во натпревар во организација на УЕФА. Во второто коло, во Конференциската лига, Шкендија го совлада Шелбурн од Република Ирска со 1-0 (0-0).

Важноста на дуелот го направи своето, Шкендија одигра претпазливо, на крајот среќно дојде до победата. Во меч без многу шанси, во кој гостите преку Мартин во 66. минута ја погодија стативата, решавачки беше авто-голот на Берет во 92. минута.


Меси уште три години во Интер Мајами

Сега е сè познато, Лионел Меси одлучи да ги следи стапките на Кристијано Роналдо и го продолжи договорот со својот клуб, исто како што направи Португалецот малку порано.

Аргентинецот ќе остане играч на Интер Мајами во следните три години и веројатно таму ќе ги закачи копачките.

Договорот беше објавен денеска, еден ден пред плејофот на МЛС и дуелот на Интер Мајами против Нешвил. Тимот на Меси, трет во Источната конференција, ќе биде домаќин на првиот натпревар од таа серија од три победи во петок навечер.

Тимот го објави потегот на социјалните мрежи за време на презентацијата на Меси, на која се гледа како Лео потпишува договор во рамките на новиот стадион кој сè уште е во изградба. „Тој е дома“, се вели во соопштението на тимот.

Интер Мајами објави дека станува збор за тригодишен договор до 2028 година. Помислата дека Меси ќе игра уште две или три сезони сигурно би послужила како поттик за продажбата на билети на стадионот што тимот го гради во близина на меѓународниот аеродром во Мајами. Тимот продава пакет билети и зема депозити за места во новиот парк повеќе од една година, сè под претпоставка дека Меси ќе остане дел од франшизата. Еден од најдобрите, ако не и најдобриот, играчи во историјата на фудбалот ќе биде дел од МЛС на 41-годишна возраст, што веројатно значи и дека ќе ја заврши кариерата во Интер Мајами.


Австралија не се откажува, Милан и Комо ќе играат во Перт

Владата на Западна Австралија останува непоколеблива во ставот дека Перт ќе биде домаќин на натпревар од Серија А меѓу Милан и Комо следната година, и покрај откажувањето на планираниот натпревар меѓу Барселона и Виљареал во САД.

Со оглед на тоа што „Сан Сиро“ е на работ на недостапност поради Зимските олимписки игри, италијанската фудбалска федерација (FIGC) даде зелено светло за „росонерите“ да го играат натпреварот со Комо на 6 февруари во Перт, опишувајќи ја можноста да се одржи натпревар од Серија А во Австралија како „историска“.

УЕФА „неволно“ даде согласност за натпреварот, како и за натпреварот од Ла Лига меѓу Барселона и Виљареал во Мајами, претходно овој месец. Сепак, по широките реакции во Шпанија, Ла Лига во вторникот објави дека го откажала планираниот натпревар. Останува да се види дали слична судбина ќе доживее и овој планиран меч од Серија А во Австралија.


Беќири: Шкендија атакува на првата победа

Фудбалерите на Шкендија денес на Арената „Тодор Проески“ ќе го одиграат вториот дуел од главната фаза во Конференциската лига, а прв на домашен терен во историскиот настап во третото по ранг европско клупско натпреварување.

Противник на Тетовци е тимот од Република Ирска, Шелбурн кој во минатата сезона го освои третото место во националниот шампионат.

“Имавме доволно време да се подготвиме. Во Скопје игравме добро и на тие квалификациски мечеви во Европа. Иако сме различни по стил со противникот, посакувам со една добра и паметна игра да дојдеме до победа. Направивме добра анализа на противникот, не можеш на ова ниво да најдеш слабости кај ниту еден ривал. Мора да одиграме квалитетно. Се надеваме на добра игра на поддршка од публиката и да дојдеме до тие три бода”, изјави тренерот на Шкендија, Јетон Беќири.


Слот ги загуби Исак и Фримпонг во Франкфурт

Дефанзивецот на Ливерпул, Жереми Фримпонг ќе отсуствува неколку недели од терените поради повреда. Десниот бек на Ливерпул го започна натпреварот со Ајнтрахт Франкфурт во Лигата на шампионите, но беше заменет по 19 минути игра.

Фудбалерот ќе отсуствува неколку недели поради повреда на тетивата. Напаѓачот на „црвените“, Александар Исак, исто така, заработи повреда на препоните на овој натпревар и тој најверојатно ќе има пауза од неколку недели.


Јунајтед и Штутгарт преговараат за Анџело Штилер

Раководството на Манчестер Јунајтед продолжува да ја следи одблизу ситуацијата со играчот од средината на теренот на Штутгарт, Анџело Штилер, тврди германскиот новинар Флориан Плетенберг.

Германскиот репрезентативец беше поврзуван со „црвените ѓаволи“ уште минатото лето, а неговата добра игра во новата сезона дополнително го привлекла вниманието на луѓето од „Олд Трафорд“.

Во моментот тој дури се искачи повисоко на листата со посакувани имиња за засилување во средината на теренот, бидејќи најспоменуваното име во текот на летото, Карлос Балеба, има слаба сезона досега и интересот кон него е намален.

24-годишниот играч од средината на теренот е отворен да го смени тимот следното лето, а преселбата на Островот ќе биде еден од главните избори за играчот. Ситуацијата околу играчот е комплицирана бидејќи тој има ослободителна клаузула во договорот во износ од 36 милиони евра, но од Штутгарт во моментов се обидуваат да го убедат фудбалистот да потпише нов долгорочен договор, за да можат да постават повисока цена следното лето. Според локалните медиуми од „швабите“, тие планираат да постават цена од најмалку 50 милиони евра за Штилер.


Алварез веќе размислува за живот по Атлетико

Арсенал убедливо го совлада Атлетико Мадрид со резултат 4-0 и Хулијан Алварез овој пораз го виде како јасен знак дека со својот тим не може да се бори за трофеи.

Шпанските медиуми пишуваат за незадоволството на Алварез и истакнуваат дека Аргентинецот и самиот признал дека играл против Арсенал и порано, но никогаш не бил во толку потчинета позиција на теренот. Некои го протолкуваа тоа како пофалба за Микел Артета, некои како критика за Диего Симеоне, но сè на сè, повторно се пишува дека Алварез би можел да побара трансфер.

Не е тајна дека Жоан Лапорта го сака во Барселона, но Каталонците сигурно нема да имаат пари да го доведат. Атлетико плати за Алварез 75 милиони евра и лесно остварливи бонуси до 90 милиони, а „јорганџиите“ сега го проценуваат својот играч на повеќе од 150 милиони евра.

Алварез повеќепати истакнал дека сака да се бори за трофеи и да биде главен играч, но Атлетико очигледно може да му понуди само ова второто.

Сè на сè, ако Атлетико не биде конкурентен во Ла Лига, не е невозможно Алварез летово да посака да си замине и да го принуди клубот на преговори.


Иако не брани Тер Штеген е барана „роба“, Барса веќе доби понуди

Неколку клубови испратиле барања до Барселона за можноста да го привлечат на позајмица голманот Марк-Андре Тер Штеген. Информацијата беше објавена од новинарот Флоријан Плетенберг.

И покрај интересот, каталонскиот клуб засега нема донесено категорична одлука дали да се раздели со голманот. Варијантата тој да биде позајмен во јануари е целосно можна.

Тер Штеген им се приклучи на Барселона во 2014 година од Борусија Менхенгладбах. Од тогаш досега, има одиграно 412 натпревари за тимот во сите натпреварувања. Со Каталонците, пет пати стана шампион на Шпанија, пет пати ја освои Купот на кралот, еднаш триумфира во Лигата на шампионите, а исто така има по еден трофеј од Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство.

Сегашниот договор на 32-годишниот голман со клубот е до летото 2028 година. Порано се појавија шпекулации дека Тер Штеген може да замине во зима, затоа што ризикува да го пропушти Светското првенство следната година поради недостаток на натпреварувањето. Во моментот, Германецот се опоравува од повреда и не играл од јуни.