фудбал

Северен Лондон останува обоен во црвено: Арсенал го прегази Спурс во трката за титулата

Играчите на Арсенал слават по постигнат гол

Во сезона на дијаметрално спротивни судбини, дербито на Северен Лондон, стана вистинско огледало на моменталната хиерархија во Премиер лигата. Со убедливи 4-1, Арсенал го „демонтираше“ Тотенхем на негов терен, зацврстувајќи го статусот на прв фаворит за трофејот, додека својот најголем ривал го остави да гледа во бездната на испаѓањето.

Натпреварот започна со висок интензитет, но Еберечи Езе беше тој што го скрши отпорот во 31-вата минута, со атрактивен волеј по центаршутот на Букајо Сака. Домашните навивачи за момент добија надеж кога Рандал Коло Муани ја казни ретката грешка на Деклан Рајс за израмнување, но тоа беше сè што видовме од домаќинот. Вториот дел беше целосна доминација на „Топџиите“.

Виктор Ѓокереш ја врати предноста веднаш по паузата со хируршки прецизен удар. Езе потоа го постигна својот втор го, негов петти против Тотенхем само во оваа сезона, пред Ѓокереш со гол во судиското продолжение да ја запечати судбината на противникот. Овој резултат е идентичен со оној од ноември, со што тимот на Микел Артета испиша историја со двојна победа над лутиот ривал во една сезона.

За Арсенал, овој триумф е многу повеќе од локален престиж: тоа е порака до конкуренцијата во исцрпувачката трка за титулата. Со 61 бод по 28 кола, тимот од Емиратите сега има пет бода предност пред Манчестер Сити, иако „Граѓаните“ имаат натпревар помалку.

Првпат по сезоната 1934-35, Арсенал успева да ги добие двете дерби пресметки против Тотенхем со разлика од 3 или повеќе голови.

Додека црвениот чад се ширеше од кај гостинските навивачи, на остатокот од стадионот владееше очај. На своето деби, привремениот менаџер Игор Тудор се соочи со суровата реалност. Тотенхем останува на 16-тото место, со само четири бода над зоната за испаѓање.

По разочарувачкото 17-то место минатата сезона, клубот сега се наоѓа во најдлабоката домашна криза во последните неколку децении. Со голем број повредени играчи и разнишана самодоверба, овој некогашен член на „големата шестка“ сега се бори за гол опстанок. За верните навивачи, сликата на празни трибини пред последниот свиреж стана мачна секојдневица во сезона која може да заврши со незамисливо сценарио.


Златко Далиќ по Мундијалот ќе биде селектор на ОАЕ

Златко Далиќ нема уште долго да биде на селекторската функција.

Најверојатно по Мундијалот следното лето, тој ќе си замине од функцијата и ќе се пресели на нова.

Човекот кој што ја однесе Хрватска до свестските фудбалски височини, има големи шанси да биде следен селектор на Обединетите Арапски Емирати.

Па така, во тој дел од светот Далиќ е исклучително ценет, а се пишуваше дека годиниве имаше есктра понуди вредни десетици милиони евра годишно од Катар и Саудиска Арабија за да биде нивен селектор.

Сепак, медиумите во ОАЕ велат дека тој е дефинитивно најсериозниот кандидат за нивен следен селектор, а дали тоа и ќе се оствари останува да видиме.


Нико Шлотербек e следната мета на Реал Мадрид

Реал Мадрид размислува за потрага по дефанзивец ова лето, а на врвот на листата на потенцијални засилувања е Нико Шлотербек од Борусија Дортмунд.

Овој германски репрезентативец е во фокусот на интерес на Реал Мадрид последните неколку недели. Интензивно се работи на трансферот бидејќи и Барселона покажува интерес за 26-годишникот, што може да ја направи трката напорна.

За Реал Мадрид, засилување на дефанзивната линија е приоритет за летниот трансфер-период. Иако веќе се разгледувале Геји, Упамекано и Конате, Шлотербек е моментално првиот избор и се работи на неговото префрлање во клубот.

Нико Шлотербек има договор со Борусија Дортмунд до летото 2027 година, што му дава одредена предност на Реал Мадрид во преговорите.

Една од силните страни на овој дефанзивец е неговата доминантна лева нога, којашто го прави стандарден дел од почетниот состав на репрезентацијата, водејќи така до зголемено интересирање за него.

Баерн Минхен исто така покажува интерес за Шлотербек, но Реал Мадрид засега има предност во оваа трка…

Одличните односи помеѓу Борусија и Реал Мадрид, коишто функционираат успешно во изминатите години, можат да бидат клучни за успешниот трансфер.


Колумбус Кру e новиот клуб на Андре Гомеш

Андре Гомеш го напушти Лил и кариерата ја продолжува во редовите на американскиот тим Колумбус Кру.

Португалецот потпиша договор кој ќе трае до јуни 2027 година, откако претходно го раскина договорот со Лил по взаемна согласност.

Гомеш во минатото направи голем трансфер од Валенсија во Барселона во летото 2016 година, по неговите настапи на Европското првенство, за сума од 40 милиони евра.

Во Барселона беше под голем притисок, со оглед на силната конкуренција, бидејќи во својот зенит тогаш беа Андрес Иниеста и Иван Ракитиќ.

Потоа го напушти каталонскиот клуб, најпрво како позајмен во Евертон, кој потоа во летото 2019 година го откупи за 25 милиони евра. Периодично успеваше да го демонстрира својот квалитет во Премиер лигата, но потоа доживеа сериоззна повреда на ногата што го тргна од патеката на успехот.


Интер Мајами со пораз ја започна одбраната на титулата

Актуелниот шампион во МЛС, Интер Мајами, доживеа тежок пораз на гостувањето кај Лос Анџелес, откако беше совладан со убедливи 3-0.

На теренот се најдоа двете најголеми ѕвезди во американската лига, Лионел Меси и Хеунг Мин Сон, но вечерта мина во знакот на домашниот тим. Меси го одигра целиот натпревар, сепак не успеа да направи разлика и остана без конкретен учинок. На спротивната страна, на голот на Лос Анџелес стоеше искусниот Хуго Лорис кој беше сигурен меѓу стативите.

Домашните поведоа по асистенцијата на Сон, а стрелец на првиот погодок беше Мартинез. Во второто полувреме Лос Анџелес ја потврди доминацијата. Боуанга зголеми на 2-0, а конечните 3-0 ги постави Ордаз.


Сараево победи, „стрелаа“ двајцата македонски интернационалци

Македонските интернационалци Стефан Ристовски и Агон Елези имаа главна улога во убедливата победа на Сараево од 3-0 против Посушје во 22. коло од шампионатот на Босна и Херцеговина.

Домаќините рано ја најавија победата. Во 14. минута по корнер од десната страна, Ристовски најдобро се снајде на втората статива и со удар со глава ја затресе мрежата за водство од 1-0.Сараево ја зголеми предноста во 33. минута, кога по лоша реакција на одбраната на Посушје, топката стигна до Елези, а тој без двоумење реализираше за 2-0.

Елези продолжува со одличните партии оваа сезона и веќе има пет гола, додека Ристовски има два.


Шкендија со доцен гол го освои Кратово

Победа на Шкендија во Кратово против Силекс од 1-2. Кратовскиот тим пропушти добри можности за да води, и беше казнет во последните мигови. Во првиот дел доминираа гостите, а Силекс беше подобар во второто полувреме, а на крај трите бода заминуваат во Тетово.

Шкендија го почна офанзивно натпреварот, сакаше што побрзо да го отвори резултатот. Напаѓаа тетовските фудбалери, и до водство стигнаа во 17. минута. Ајетовиќ од левата страна нафрли до Тамба, кој се снајде меѓу одбраната на Силекс, и погоди со силен удар под пречката на немоќниот Џеков.

Пиреш имаше шанса да израмни во 25. минута, обидот со глава оди над голот, а потоа во 42. минута пречката сојузник за Силекс по обидот на Алхасан. Во истата акција завршница со удар и на Тамба, Џеков успеа прекрасно да одбрани.

И кога се чинеше дека Шкендија има контрола, и дека ќе замине со предност на полувреме, една долга акција на Силекс, по која се создаде мешаница во шеснаесетникот, потоа топката вратена на 30 метри, па низ средината, од каде топката стигна до Бутуровиќ, кој остана во нападот, излезе сам и рутински погоди во голот на Гаје за израмнување.

Динамичен почеток имаше вториот дел, а Силекс беше далеку подобар и напаѓачки пристапи во продолжението на мечот. На таквата игра Шкендија ја чекаше шансата од противнапади, и се редеа шанси на двете страни. Ндгензуе се најде сам пред голот на Силекс по добра акција, но голманот Џеков стигна во последен момент да не му дозволи да шутира, а на другата страна во 63. минута Тимовски се закани со опасен шут, Геје успеа да одбрани.

Силекс тргна по победата, а на крај Шкендија стигна до неа. Кратовскиот тим најпрво се закани преку Делимеѓац кој шутираше прекрасно, Гаје уште подобро одбрани. Шанса имаше и Мишов, топката заврши за малку крај голот.

Шкендија во 88. минута ги казни промашувањата на домашните. Одбиена топка до Зејнулаи кој одлично со волеј ја зафати топката и заврши во мрежата за триумф на гостите.


Внукот на Матераци одлучи да игра за Србија

Сензационална вест од Србија. Џанфилипо Матераци, млад фудбалер од римскиот Лацио, е таа вест.

Родениот Римјанин во иднина ќе го носи дресот на српската репрезентација!

Талентираниот крилен напаѓач, кој потекнува од познато фудбалско семејство и е внук на славниот Марко Матераци одлучи да ја поврзе својата репрезентативна иднина со Србија, земјата од која потекнуваат корените на неговата мајка и која, според неговото семејство, секогаш ја носи во срцето.

Тој одигра 17 натпревари за кадетскиот тим на Лацио оваа сезона и постигна два гола и една асистенција.

По завршувањето на потребната административна постапка и добивањето дозвола за настап, името на Џанфилипо Матераци потоа беше вклучено на списокот на селекторот на кадетската репрезентација на Србија, Игор Матиќ, за претстојниот собир и пријателскиот натпревар против Словенија.

Доаѓањето на младиот играч од Лацио претставува уште едно значајно засилување за генерацијата „Орли“, а Фудбалскиот сојуз на Србија истакнува дека неговиот избор е потврда за правилниот пристап во работата со таленти кои имаат право да настапуваат за нашата земја.


Спектакл од шест гола во Мадрид, Атлетико го надигра Еспањол

Атлетико Мадрид стави крај на голгетерската криза и во 25. коло од Ла Лига го совлада Еспањол со 4-2, откако на претходните три натпревари остана без постигнат гол.

Шок за тимот на Диего Симеоне пристигна уште во 6. минута. Гризман ја загуби топката, следуваше контранапад по десната страна, Долан асистираше до Карерас кој донесе водство од 0-1. Атлетико ја презеде иницијативата и израмни во 21. минута. Маркос Љоренте испрати прецизен центаршут, а Сорлот реагираше одлично и погоди за 1-1.

Во второто полувреме следуваше вистинска офанзива на домаќинот. Во 49. минута по акција во која учествуваше и Гризман, Џулијано Симеоне рутински реализираше за пресврт. Само девет минути подоцна Лукман беше на вистинското место по корнер и скок на Руџери, па на втора статива зголеми на 3-1. Атлетико продолжи во ист ритам, а Руџери повторно асистираше, овојпат до Сорлот кој го постигна својот втор гол за убедливи 4-1.

Еспањол до крајот само го ублажи поразот преку Еспозито во 80. минута за конечни 4-2.


Фонсека: Модерниот фудбал стана многу здодевен

Пауло Фонсека кој седи на клупата на францускиот елитен состав Лион, даде оценка за модерниот стил на фудбал.

„Станува сè потешко за тренерите кои сакаат да играат добро. Не можеме да заборавиме дека тоа е најпочитуваниот спектакл во светот.

Никој не сака да оди на стадион за да гледа здодевен натпревар без шанси за гол. Играта драматично се менува а тоа што го гледаме денес не е убаво“, рече Фонсека.