фудбал

Липи со поддршка за Гатузо пред важните бараж натпревари

Репрезентацијата на Италија утре го започнува својот пат во дополнителните квалификации за Светското првенство. Ќе одиграат полуфинален натпревар против Северна Ирска на домашен терен во Бергамо, а доколку се пласираат понатаму, финалето ќе го играат против победникот од дуелот меѓу Велс и БиХ.

На кормилото на италијанската репрезентација е легендарниот фудбалер, Џенаро Гатузо, кој досега забележа пет победи и еден пораз како селектор, а сега го очекува најголемиот предизвик. Голема поддршка му пружи Марчело Липи, поранешен селектор на Италија, кој го водеше Гатузо до титулата светски првак во 2006 година.

Прославениот селектор му испрати искрени желби на Гатузо: “Те прегрнувам, Рино. Беше еден од моите најдобри ученици, заедно ја освоивме Светската круна, бевме одличен тим. Како тренер, многу наликуваш на мојот карактер, врската со играчите и визијата која ја имаш. Потсетуваш на… Липи.”

“Заслужуваш го најдоброто. Заслужуваш пласман поради големата страст што секогаш ја вградуваш во сè што го правиш, на теренот, како тренер и во животот. Многу среќа, драг колега. Имаш силен тим и ќе дадеш сè од себе да не го пропуштиме ова натпреварување кое ни недостасува предолго”, изјави Липи.

„Сите сме со тебе, заедно ќе одиме на Светското првенство! Ќе успееме”, додаде тој. Липи, како и секогаш директен, го повика Гатузо на денот на назначувањето и едноставно му рече: “Сега си селектор и знаеш што значи тоа: тоа е твоја работа.”

На прашањето кој од светските прваци од 2006 година, кои станаа тренери, ги има најголемите “липиевски” карактеристики, Липи без двоумење одговори: “Гатузо”, најмногу поради стилот на водење на тимот. Гатузо сега има нешто помал предизвик, прво треба да избори пласман на Светското првенство, а потоа да сонува за повторување на успехот на Липи од 2006 година.


Езе ќе паузира четири до шест недели

Фудбалерот на Арсенал, Еберечи Езе, нема да игра четири до шест недели поради повреда, објави Би-Би-Си.

Езе заработи повреда на листот минатата недела во натпревар од Лигата на шампионите против Баер Леверкузен.

Оваа сезона, англискиот фудбалер постигна девет гола и шест асистенции во 43 натпревари во сите натпреварувања.

Арсенал е лидер на табелата во Премиер лигата со 70 бода, а во Лигата на шампионите ги очекува четвртфинален натпревар против Спортинг Лисабон.


Интер го сака Андре Сантос како замена за Чалханоглу и Мхитарјан

Интер е заинтересиран за младиот фудбалер на Челзи, Андре Сантос, бидејќи ветераните, Хакан Чалханоглу и Хенрих Мхитарјан, се очекува да го напуштат клубот на крајот од сезоната.

Затоа на „Џузепе Меаца“ активно бараат нивни замени а 21-годишникот се наметнува во преден план.

Интер е исто така заинтересиран за потпишување на Леон Горецка како и за Ману Коне од Рома.


Зеки Челик бара поголема плата за да остане во Рома

Дефанзивецот на Рома, Зеки Челик, може да си замине од италијанскиот состав, најавија дел од медиумите.

Сегашниот договор на Челик предвидува нето плата од 2 милиони евра плус бонуси, но тој и неговите агенти бараат многу поголема сума 4 милиони евра нето по сезона што клубот ја гледа како превисока.

Доколку не се постигне договор, не може да се исклучи можноста играчот да замине како слободен агент на крајот од сезоната.


Следниот Суперкуп на Англија ќе се одигра во Велс

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА), на својата веб-страницата објави дека натпреварот од Суперкупот во 2026 година ќе се одржи на 16 август во Кардиф.

Велшкиот стадион има капацитет од над 73.000 гледачи.

Стадионот беше домаќин на Суперкупот од 2001 до 2006 година, по што трофејот се пресели во Лондон на реновираниот стадион „Вембли“, со исклучок на 2012 и 2022 година.

Причина за промена на локацијата годинава се концертите закажани на „Вембли“ на 15 и 16 август. ФА, исто така, забележа дека поради промените во календарот, новата сезона во Премиер лигата ќе започне на 22 август.

Актуелен освојувач на Суперкупот е Кристал Палас, кој го освои трофејот за прв пат по победата над Ливерпул во август 2025 година. Рекордер по бројот на трофеи е Манчестер јунајтед (21).


Осимен успешно опериран, Галатасарај долго без првиот напаѓач

Фудбалерот на Галатасарај, Виктор Осимен е успешно опериран, објави прес-службата на турскиот клуб на социјалните мрежи.

Нигериецот се повреди во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите против Ливерпул (0:4) при еден дуел со дефанзивецот на Ливерпул, Ибрахима Конате.

Тој се здоби со скршеница на десната рака. Претходно беше објавено дека по натпреварот, Конате почнал да добива расистички навреди на социјалните мрежи од навивачите на турскиот клуб.

На истиот натпревар се повреди и крилниот напаѓач на Галатасарај, Ноа Ланг. Тој беше успешно опериран откако на бизарен начин го повреди палецот на раката при пад и допир на рекламен билборд.


Капинковски: Големо искуство за оваа талентирана генерација на фудбалери

Репрезентацијата до 19 години оваа недела ќе настапи во првата рунда од квалификациите за пласман на Европското првенство. Составот предводен од Димитар Капинковски е дел од групата во која покрај Македонија ќе партиципираат селекциите на Фарски Острови, Молдавија и домаќинот Холандија,

„Преку турнирите и тренинг камповите што ги организиравме во текот на изминатиов период имавме доволно време да се подготвиме за она што не очекува. За жал на овој турнир ќе настапиме без Ненад Дамјановски кој паузира поради потешка повреда, а во идентична ситуација се Александар Грашески и Стоилов кои се уште се рехабилитираат. Во моментов на располагање ги имаме најдобрите од оваа генерација и ќе направиме се за да се покажеме најдобро издание. Настапот во овие квалификации е одлична можност преку играње на натпревари со квалитетни противници да го стекнат потребното искуство кои многу ќе им помогне во текот на кариерата“, изјави Капинковски.

Прв противник ни е селекцијата на Фарски Острови, натпреварот се игра на 25 март со почеток во 17 часот. Три дена подоцна се соочуваме со домаќинот Холандија додека на 31 овој месец противник ни е Молдавија.


Реал ќе го обжали црвениот картон на Валверде

Реал Мадрид поднесе жалба против казната на својот играч Федерико Валверде, кој доби црвен картон и беше исклучен при победата од 3:2 против Атлетико Мадрид во Примера.

Во 77-мата минута, Валверде беше отстранет од игра по прекршок над Алекс Баена на средината од теренот.

Весникот „Марка“ објави дека судијата Хосе Монтеро му покажал директен црвен картон бидејќи „прекршокот е санкциониран како силен удар по нозете одзади“, што било наведено и во судискиот извештај.

Според правилникот, ваквата казна значи дека 27-годишниот Уругваец ќе пропушти два натпревара. Во следните две кола од Ла Лига, Кралевите ќе играат против Мајорка и Жирона.

Во Реал Мадрид не се согласуваат со каква било санкција за Валверде и токму поради тоа ќе го обжалат црвениот картон.


Решат Рамадани: Свесни сме за значењето на мечот против Данска

Македонската репрезентација утринава на тренинг центарот „Петар Милошевски“ ги завршува подготовките во Скопје за првиот плеј-оф натпревар против Данска за пласман на Светското првенство.

Фудбалерот од средниот ред, Решат Рамадани, истакнува дека тимот е целосно фокусиран на предизвикот што следи.

„Свесни сме за значењето на овој натпревар за нас. Ја знаеме вредноста што ја има овој дуел за Македонија и затоа ќе влеземе на теренот подготвени да го дадеме максимумот. Каков и да биде исходот, тоа е составен дел од спортот, а конечниот резултат ќе биде вистински одраз на прикажаното.“

Рамадани додава дека атмосферата во тимот е на високо ниво:

„Мотивацијата кај фудбалерите е на максимум. Подготвени сме да го дадеме најдоброто од себе во секоја минута, со висока тактичка дисциплина, а резултатот ќе биде показател за нашиот труд и залагање.“


Скандал во чешкиот фудбал, најавени жестоки казни

Чешкиот фудбал се најде во центарот на огромен скандал, откако властите покренаа широка полициска операција насочена кон корупција, измама и сомнително обложување поврзано со натпревари.

Според обвинителот Радим Драхун од Високото јавно обвинителство во Оломоуц, десетици лица се приведени во акција која се спроведува на повеќе локации низ земјата, но и во странство. Полицијата извршила претреси на домови и други објекти, а случајот го водат специјализирани единици за борба против организиран криминал.

Истрагата, според локалните медиуми, траела дури три години и е насочена главно кон регионот Моравија, опфаќајќи натпревари од највисоката лига, но и од пониските рангови и младинските категории. Меѓу осомничените се и познати имиња, градоначалникот на Каравина Јан Волф, како и фудбалерот Самуел Сигут.

Во случајот се вмешани и судии, а според информациите, во акцијата се вклучени и Европол и Интерпол, што дополнително ја потврдува сериозноста на истрагата.

Фудбалската асоцијација на Чешка, веднаш реагираше и свика итен состанок. Претседателот Давид Трунда откри дека дури 47 дисциплински постапки се веќе отворени против играчи, судии, функционери и клубови