фудбал

Барса дојде на чекор до пресврт, но Атлетико е прв финалист на Купот на Кралот

Барселона не успеа да ја анулира негативата од четири гола, малку им недостасуваше, каталонскиот тим го победи Атлетико Мадрид со 3-0, а тоа значи дека момците на Диего Симеоне ќе играат во финалето од Купот на Шпанија.

Барселона вечерва имаше тешка задача да победи со четири или повеќе голови разлика, но дојде блиску до тоа. Во возбудлив меч на крајот Атлетико го одбрани резултатот од првиот натпревар.

Денешниот меч беше отворен во 29. минута кога по асистенција од Јамал, Бернал донесе водство на Барселона од 1-0.

Во судиското продолжение од првото полувреме Рафиња даде гол од пенал, Барса поведе со 2-0 и заврши половина од работата.

Тој резултат беше актуелен до 72. минута кога Бернал пак даде гол, овојпат за 3-0 и многу возбудувања во последните минути.

Сепак Атлетико не дозволи и по четврти пат да се затресе мрежата на Облак и во финалето ќе играат со подобриот од Атлетик Билбао и Реал Сосиедад кој има предност од 1-0 по првиот меч.


Здодевно реми меѓу Комо и Интер во првото Куп-полуфинале

Првиот полуфинален натпревар од италијанскиот куп меѓу Комо и Интер не донесе возбудувања, мечот заврши 0-0, а немаше и многу шанси за гол.

Комо е најпријатното изненадување оваа сезона во Италија, но не успеа да го победи актуелниот лидер на свој терен.

Сепак момците на Фабрегас рамноправно се носеа со посилниот противник и се обидуваа да дојдат до триумф.

Мечот заврши 0-0, а патникот во големото финале ќе се рашава на реваншот во Милано кој е закажан за 21 април.

Во другата полуфинална пресметка играат Лацио и Аталанта, нивниот прв дуел е утре.


Ал Наср демантира дека Роналдо се вратил во Европа

Саудискиот фудбалски клуб Ал Наср демантираше вечерва дека Португалецот, Кристијано Роналдо ја напуштил Саудиска Арабија со својот приватен авион по иранскиот напад со беспилотни летала на американската Амбасада во Ријад.

Паралелно со ова, добро информираниот новинар Фабрицио Романо, исто така, ги нарече неточни информациите дека Роналдо заедно со семејството го напуштил Ријад и се вратил во Мадрид.

Романо објави дека станува збор за лажна вест, истакнувајќи оти португалскиот напаѓач се ноѓа во клупскиот тренинг-центар на Ал Наср, каде што е на терапија по проблемите што ги имаше на последниот натпревар.

Клубот потврди дека Роналдо претрпел повреда на тетивата на натпреварот против Ал-Фајх.

Ал Наср наведе дека Роналдо веќе започнал програма за рехабилитација, а неговата состојба ќе се проценува ден по ден.


Фелипе Луиз доби отказ и покрај супер-успешната епизода во Фламенго

Фламенго му врачи отказ на Филипе Луис веднаш по победата од 8-0 против Мадуреира во полуфиналето од Кариока шампионатот. Иако тимот одигра доминантно и обезбеди финале, одлуката веќе била донесена.

Според бразилските медиуми, отказот бил подготвен пред натпреварот, а стратегот бил известен веднаш по прес-конференцијата. Причината не е во високата победа, туку во претходните неуспеси.

Поразот во Суперкупот на Бразил и загубеното финале во КОНМЕБОЛ Рекопа ја запечатиле неговата судбина. Клубот со кратко соопштение потврди дека Луис повеќе не е тренер на првиот тим и му се заблагодари за ангажманот.

Иронично, токму минатата година тој донесе три трофеи, Копа Либертадорес, бразилското првенство и Купот на Бразил. Но во Фламенго очигледно нема простор за сентименталност. Ни 8-0 не беше доволно.


Родриго сериозно се повреди и ќе го прескокне Мундијалот

Лоши вести пристигнаа од Мадрид и за Реал, но и за бразилската репрезентација. Родриго кој неодамна се врати од повреда во вчерашниот дуел против Хетафе заработил кинење на лигаментите.

По поразот од Хетафе (0-1), Бразилецот почувствувал силна болка во коленото, по што бил подложен на детални лекарски прегледи. Резултатите по направените ги потврдиле сомнежите дека станува збор за една од најтешките повреди во фудбалот.

Од клубот ја потврдија информацијата, но без да прецизираат колку точно ќе трае закрепнувањето. Сепак, ваквите повреди најчесто значат отсуство од најмалку шест до седум месеци. Тоа практично значи дека Родриго нема да биде во комбинација за настап на Светското првенство во САД ова лето, а враќањето на терените се очекува дури во текот на следната сезона.


Фудбалерките впишаа победа против Луксембург

Македонската женска репрезентација до 17 години славеше победа против Луксембург (2-0) за втора победа на квалификацискиот турнир за ЕП – Б лига, кој се игра во Струмица. Лана Спасовска во 17. минута од натпреварот погоди за водство на Македонија од 1:0, а девет минути подоцна Лаила Балла ја удвои предноста, поставувајќи го и конечниот резултат.

Нашата селекција, на отворањето на турнирот запиша победа против Грузија, а младите фудбалерки третиот меч од квалификациите ќе го одиграат против Северна Ирска на 6. март од 13:00 часот во Струмица.

Македонија до 17 години: 1. Е. Вељановска, 11. Б. Алиеска, 5. Е. Наневска (59Мацевска), 3. Л. Мицовска, 2. Б. Фида, 9. Е. Наумовска (85 Речи), 10. А. Цветковска, 13. Е. Ивковиќ (74Ивковиќ), 20. Л. Спасовска (59 Лазеска), 19. Л. Белла (74` Каранфиловска), 7. Р. Пецева; Селектор: Катерина Милеска

По две одиграни кола, Македонија и Северна Ирска имаат по шест освоени бодови, додека Грузија и Луксембург се без поени.


Башкими рутински против Шкупи во Куманово

Башкими ја оправда улогата на фаворит против Шкупи и во Куманово извојува рутински триумф од 2-0 (0-0).

Гостите (Башкими) уште од првата минута вршеа притисок кон голот на Мелиќи, кој успеа да ги запре обидите на Ор и Рибеиро во шеснаесетникот. Покрај многуте грешки во средниот ред, имаше и бројни пропусти во опасната зона на Шкупи. Сепак, по првите 45 минути немаше промена на резултатот.

Во продолжението, Башкими го подигна темпото на игра и веќе во првата посериозна акција, Аворнио асистираше во шеснаесетникот, а Ор од 7 метри ја испрати топката во мрежата на Шкупи.

Само шест минути подоцна, поранешниот фудбалер на Шкупи, Рибеиро, го прифати центаршутот на Аворнио и погоди во небранетиот агол за 2-0.

Набрзо потоа, Аворнио се обиде и со глава, но топката отиде над голот на Мелиќи. Во 73-тата минута, Башкими пропушти шанса за трет гол, откако главниот судија покажа на белата точка. Сепак, Мелиќи ја прочита намерата на Личина и не дозволи зголемување на водството.

Во 79-тата минута, Шкупи имаше идеална прилика за почесен гол, но Стојковски го одбрани обидот на Чајани. До крајот на средбата во Куманово немаше поголеми возбудувања кои би го промениле конечниот резултат.

Во следното коло, кое на програмата е веќе викендов, кумановчани ќе се судрат со Македонија ЃП, додека Шкупи ќе гостува во Струга.


Керик ќе добие тригодишен договор со Јунајтед

По заминувањето на легендарниот Сер Алекс Фергусон, Манчестер Јунајтед конечно го најде решението за својот најголем проблем – со Мајкл Карик на клупата, тимот доживеа вистинска ренесанса и почна да победува редовно.

Мајкл Карик дојде како преоден тренер по отказот на Рубен Аморим и досега тимот го водеше на седум натпревари каде има шест победи и едно реми.

Според најновите информации, менаџментот на клубот е подготвен да му понуди тригодишен договор


Празно реми во Струмица меѓу Брера и Струга Трим Лум

Брера и Струга Трим Лум одиграа натпревар без голови во Струмица, во 21.коло од Првата фудбалска лига. Иако и двете екипи имаа неколку изгледни шанси, на крајот затаи реализацијата.

Стружани имаа поголем посед, создадоа неколку шанси преку Компаоре, Малески и Јевтоски, но не го отворија резултатот.

Не беше без шанси и Брера, а најголемата можност ја имаа Никола Величковски и Леонардо Петровиќ во 52. минута, но голманот на Струга, Васко Василев одлично интервенираше.

Во завршницата, Струга Трим Лум притискаше да дојде до предност, но, сепак, остана почетниот резултат.


1% шанса, 99% верба: Ламин Јамал и Рафиња во мисија за нова историска „Ремонтада“

Играчите на Барселона, Ламин Јамал и Рафиња, во радост

Пред реваншот од Копа дел Реј, каде Барселона се соочува со огромна негатива од 4-0 по првиот меч против Атлетико Мадрид, соблекувалната на „каталонците“ одбива да ја развее белата сигнaлна застава. Ламин Јамал, тинејџерот кој стана симбол на новата надеж, испрати јасен апел до навивачите: „Магијата може да се случи! Мораме да веруваме, заедно со сите наши обожаватели“.

Јамал е свесен дека против дефанзивниот бедем на Симеоне, тимот не може сам. „Дојдете на стадионот, ајде да го направиме ова. Потребни сте ни“, порача тој, повикувајќи на атмосфера која ќе ги натера „Јорганџиите“ да се повлечат под притисокот на трибините.

Иако статистиката е сурова кон Барса, Рафиња ја прифати улогата на психолошки лидер. Бразилецот, заедно со Јамал, ја споделија добро познатата максима: „1% шанса, 99% верба“, потсетувајќи дека во фудбалот ништо не е готово додека не отсвири последниот свиреж. Против екипа како Атлетико Мадрид, која ретко испушта ваква предност, Рафиња бара фокус кој ги надминува тактичките замисли: тој бара фанатизам.

Неговата порака до навивачите е јасна потврда за заедништвото: „Сметаме на вас“. Социјалните мрежи „горат“ од неговиот повик, кој има за цел да ја претвори невозможната мисија во реална надеж за историски пресврт.

За да се анулираат четири гола против „машинеријата“ на Симеоне, потребен е перфектен натпревар. Барселона вечерва не игра само за пласман понатаму, туку за својата чест и за докажување дека духот на клубот е посилен од кој било резултат.

Вечерва тактиката паѓа во втор план пред силата на волјата. Пораката од Јамал и Рафиња е веќе врежана кај секој навивач кој ќе се појави на стадионот: Сè додека има барем еден процент надеж, Барса нема да престане да верува во магијата на Купот.