фудбал

Фонсека казнет со забрана од девет месеци заради реакцијата врз судијата

Пауло Фонсека нема да се занимава со тренерскиот занает скоро до крајот на 2025 година. Португалскиот тренер е казнет поради однесувањето на натпреварот против Брест и нема да ја извршува својата фунцкија цели девет месеци или до 30 ноември 2025 година.

На крајот од натпреварот, кога неговиот тим водеше со 2-1, а судијата Мило отиде на ВАР-мониторот за да провери ситуација која можеше да резултира со пенал за ривалот. Фонсека целосно ги загуби нервите, се доближи, го навредуваше судијата и си заработи исклучување. Тоа уште повеќе го налути, па тој целосно се втурна в лице кон Мило и беше на работ на физички контакт. Фонсека беше повлечен од Корентин Толисо, но штетата веќе беше направена…

Судијата го пријави тренерот на Лион во дисциплинските органи, се шпекулираше за суспензија од седум месеци, но на крајот беше казнет уште построго.

Според горенаведените санкции, Фонсека нема да може да седи на клупата, ниту да има пристап до соблекувалната пред, за време и по првенствените натпревари. Исто така, до 15 септември нема да смее да има никаков контакт со играчите на Лион на стадионот пред и по натпреварот.


ФА бара доживотна суспензија за Лукас Пакета

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) во наредните три недели ќе го води процесот против фудбалерот на Вест Хем, Лукас Пакета.

Бразилецот е обвинет дека се обложил на натпреварите кои ги одиграл и дека на нив намерно добивал жолти картони.

Истрагата против Лукас Пакета беше покрената минатата година и кога ќе се земе предвид целото време, ќе биде најдолгата во историјата на англискиот фудбал, објави „Скај Спорт“.

Бразилецот е обвинет дека намерно добил жолти картони, на натпреварите против Лестер во ноември 2022 година, Астон Вила во март 2023 година, Лидс во мај истата година и против Бурнемаут во август минатата година.

Пакета ги негираше обвинувањата и рече дека е подготвен да се бори на суд за да ја одбрани својата чест и име.

ФА побара бразилскиот играч да добие доживотна забрана за фудбал. Минатото лето, Пакета беше на прагот на трансфер на кариерата, кога Манчестер сити не успеа да се договори со Вест Хем.


Кубарси најмлад фудбалер со црвен картон во ЛШ

Младиот дефанзивец на Барселона, Пау Кубарси постави анти-рекорд во елиминациските натпревари во Лигата на шампионите. Во 22. Минута на вчерашното гостување кај Бенфика, судијата Феликс Цвејер го исклучи 18-годишниот Кубарси, кој се обиде да го спречи Павлидис со лизгачки старт.

Кубарси со 18 години и 42 дена стана најмладиот фудбалер во историјата на Лигата на шампионите кој добил црвен картон во нокаут-натпревар на турнирот.

Рекордот, вклучувајќи ја и групната фаза, му припаѓа на Селестин Бабајаро (некогашен играч на Андерлехт) кој беше исклучен на 16 години и 86 дена во 1994 година.


Мењан ќе го „скокне“ Лече заради суспензија поради непочитување на судија

Голманот на Милан, Мајк Мењан е суспендиран на еден натпревар поради непочитување на судијата по натпреварот против Лацио, објавија денеска италијанските медиуми.

Милан во неделата загуби од Лацио со 1-2 во првенството. Голот за победа на Лацио го постигна Педро во 98. минута.

Пеналот го направи тукму Мењан, кога го фаулираше Исаксен.

Мењан со навредливи зборови му обратил на судијата во тунелот на стадионот „Сан Сиро“ на патот кон соблекувалните.

Како што пренесуваат медиумите, францускиот голман е казнет и со 15.000 евра.

Мењан затоа ќе го пропушти натпреварот против Лече во Серија А на 8. март.


ПСВ Ајндховен постави историски анти-рекорд во ЛШ

Холандскиот ПСВ Ајндховен, кој претрпе поразен пораз од 1-7 на домашен терен во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите против лондонски Арсенал, со тоа постави антирекорд за клубот во европските натпреварувања, објави „Опта спорт“.

Според изворот, ПСВ го претрпе најголемиот пораз на домашен терен во европските натпреварувања во целата клупска историја. Дополнително, за холандскиот клуб резултатот од средбата со Арсенал беше најголемиот пораз во 21 век на сите турнири.

На ова треба да се додаде дека овој резултат беше трет најлош во историјата на ПСВ. Клубот претходно двапати загуби со шест гола разлика: во Ередивизија против Гронинген (1-7) во 1958 година и во Купот на УЕФА против Сент Етјен (0-6) во 1979 година.


Ламин Јамал ќе потпише нов договор со Барса

Еден од највлијателните фудбалски агенти, Жорже Мендеш, потврди дека ѕвездата на Барселона, Ламин Јамал ќе го продолжи договорот со клубот.

Новиот договор на шпанската сензација со каталонскиот гигант ќе биде со важност до летото 2030 година. Преговорите меѓу двете страни моментално се во тек, но тие се одвиваат непречено и без несогласувања.

Минатата година Мендеш и неговиот тим преговараа за двојна плата за Јамал, но ситуацијата значително се промени и износот е зголемен. Клубот ја сфаќа важноста на младиот играч во нивниот тим и има намера да го награди посоодветно за неговите заслуги.

Жорже Мендеш неодамна вечерал со претседателот на Барселона, Жоан Лапорта и спортскиот директор на клубот Деко. Токму во оваа прилика се разговарало за дополнителни детали во новиот договор на Јамал со Барселона.


Антони нема намера да се врати во Манчестер, Бетис преговара да го откупи

Антони, според многумина најлошото засилување во историјата на Манчестер јунајтед, одлично ја започна кариерата во Бетис.

Бразилецот на крајот од зимскиот преоден рок ја прифати понудата на Бетис до крајот на сезоната да игра на позајмица на „Бенито Виљамарин“ и тоа дефинитивно беше добра одлука.

На седум натпревари, Антони постигна три гола и забележа две асистенции, со што ја врати самодовербата и формата.

Како што стојат работите, Бразилецот сака да го продолжи престојот во Бетис за најмалку уште една година, односно да ја продолжи позајмицата до летото 2026 година, за да се наметне во репрезентацијата за Светското првенство во САД, Канада и Мексико.

Оваа вест ја навести и извршниот директор на Бетис, Рамон Аларкон.

„Ми беше кажано дека Антони сака да остане уште една година во Бетис. Играчот се чувствува многу удобно, и на теренот и надвор од него, бидејќи направивме се за да му олесниме да се прилагоди на животот во нашиот град од првиот ден кога пристигна”, изјави Аларкон.

Како што сега стојат работите, Бетис нема да има пари да го откупи Антони, бидејќи Јунајтед го преплати, кога плати за него речиси 100 милиони евра и сака да врати барем половина од инвестицијата.

Шпанците сигурно не се во можност да платат 50 милиони за ниту еден играч, но би ја искористиле волјата и желбата на фудбалерот да остане на позајмица до летото 2026 година.

Бразилецот изјави дека не сака да се врати во Јунајтед, каде што не е среќен и не може да ја најде вистинската форма.


Лидерот срушен во Струга, скопското дерби за Вардар

Вардар во градското дерби го победи Работнички, Струга убедливо славеше над лидерот Шкендија, а Силекс ја декласира Беса. По 22. коло во домашниот шампионат, Шкендија сега има два бода повеќе од Силекс и три од Гостивар, Работнички по поразот од Вардар падна на четвртото место.

Во тренинг центарот на ФФМ, Работнички го пречека Вардар. Дуелот им припадна на „гостите“. Откако Омерагиќ не реализира пенал, Вардар вво водство дојде со голот на Спахиу во 36.минута. Победата на црвено-црните ја потврди Мато во 91.минута.

Струга во интервал од 17.минута ја реши Шкендија. Радиќ го постигна првиот гол во 51.минута, на 2:0 зголеми Радески во 68., а пет минути подоцна Радиќ со својот втор гол стави точка на натпреварот.

Силекс со пет гола ја торпедираше Беса. Пет различни играчи ги постигнаа головите за Силекс: Алиќ, Ѓорѓиевски, Хрвановски во првото и Усман и Донов во второто полувреме.

Драматични победи забележаа Тиквеш и Гостивар.

Тиквеш со голот на Садик во 89.минута го победи Шкупи. Гостите од Скопје од 26.минута играа со фудбалер помалку, кога Кадриу го доби вториот жолт картон.

Пелистер со голот на Бопковски во 65.минута ја победи Воска спорт


Турам и Лаутаро ја потпишаа победата на Интер во Ротердам

Фудбалерите на Интер зачекорија во четвртфиналето во Лигата на шампионите. Италијанскиот шампион, го доби првиот осминафинален меч против Феенорд, во Ротердам со 0-2.

Интер ја оправда улогата на фаворит против тимот кој има сериозни проблеми со повредени играчи. Поради повреди новиот тренер на Феенорд, Робин Ван Перси, не можеше да сметна на 14 фудбалери.

Интер не блескаше, но одигра доволно добро за да победи. Победата ја најави Маркус Тирам во 38, а ја потврди Лаутаро Мартинез во 50.минута.

Можеше да слави Интер и со три гола разлика, меѓутоа веднаш по голот на Лаутаро, Веленројтер му одбрани пенал на Зјелински.

Реваншот ќе се одигра за шест дена во Милано.


ФИФА објави луди премии за првиот Мундијал за клубови

Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави дека наградниот фонд за Светското клупско првенство што летово ќе се одржи во САД ќе изнесува дури една милијарда долари.

„Светското клупско првенство на ФИФА не само што ќе биде врв на клупскиот фудбал, туку и енергична демонстрација на солидарност што ќе им користи на клубовите во размери што ниту едно друго натпреварување не го направило“, рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

Светското клупско првенство, прво во нов формат, со 32 клуба, ќе се одржи во САД од 14 јуни до 13 јули.

„Сите приходи генерирани од турнирот ќе бидат распределени на клубовите учесници и преку клупска солидарност низ целиот свет, бидејќи ФИФА нема да задржи ниту еден долар. Резервите на ФИФА, кои се таму за глобалниот развој на фудбалот, ќе останат недопрени“, додаде Инфантино.

Групите за првиот клупски Мунсијал:

Група А: Палмеирас, Порто, Ал Ахли, Интер Мајами
Група Б: Пари Сен Жермен, Атлетико Мадрид, Ботафого, Сиетл
Група Ц: Баерн Минхен, Окленд Сити, Бока Јуниорс, Бенфика
Група Д: Фламенго, Есперанс Тунис, Челзи, Леон
Група Е: Ривер Плата, Урава, Монтереј, Интер
Група Ф: Флуминенсе, Борусија Дортмунд, Улсан, Мамелоди Санданс
Група Г: Манчестер Сити, Вајдад Казабланка, Ал Аин, Јувентус
Група Х: Реал Мадрид, Ал Хилал, Пачука, Салцбург

Пласман во осминафиналето ќе обезбедат двете првопласирани. ФИФА претходно објави дека Светското клупско првенство ќе се игра на секои четири години.