фудбал

ПСЖ и летово ќе се обиде да го доведе Маркус Рашфорд

Пари Сен Жермен ќе направи уште еден обид да го ангажира Маркус Рашфорд. Надеж на парижаните им дава фактот што напаѓачот се уште не го продолжил договорот со Манчестер Јунајтед. Актуелниот договор на англискиот репрезентативец е до летото 2024 година.

Рашфорд пред почетокот на актуелната сезона повторно беше трансфер цел на ПСЖ. „Атлетик“ тврди дека му била понудена плата од 400.000 фунти неделно од „Паркот на принцовите“, но тој избрал да остане во Манчестер Јунајтед.

„На „Олд Трафорд“ Рашфорд добива 200.000 фунти неделно, но само во сезоните во кои клубот учествува во Лигата на шампионите. Напаѓачот игра во одлична форма оваа сезона и има 14 гола во Премиер лигата.


Италијанската јавност нагаѓа каде ќе продолжи Антонио Конте

Ариго Саки смета дека за Антонио Конте ќе биде најдобро да се врати во Јувентус.

Саки смета дека Конте е еден од најдобрите тренери во Европа, а откако си замина од Тотенхем готово е сигурно дека ќе се врати во Серија А.

„Го сметам Конте за еден од најдобрите тренери на европската сцена, сега ќе ме задоволи само негово враќање во италијанскиот фудбал. Во него имаме тренер со многу знаење и тој ја прави разликата од клупата. Го имав како играч во 1994-та година и тогаш ми откри интересна приказна. После секој тренинг, одел во соблекувалната и запишувал се што сме работеле на вежбите. Уште тогаш имаше менталитет на тренер, човек кој може да биде лидер на тим“, открива Саки.

„Нема да бидам изненанден ако се врати во Јувентус и почне нова љубов со „старата дама“, особено кога се знае дека многумина не се задоволни од работата на Алегри. За него ќе биде подобро да се врати во Јувентус отколку во Интер“, заклучи Саки.


Манчестер Сити и Баерн го сакаат Ковачиќ од Челзи

Играчот од средниот ред на Челзи, Матео Ковачиќ може да го напушти клубот во текот на летниот преоден рок, пренесува „Evening Standard“.

Остануваат уште 16 месеци до истекот на договорот на Матео Ковачиќ со клубот, но од Челзи немаат започнато преговори за нов договор. 

Поради финансиските проблеми, клубот претстојното лето ќе мора да се раздели со голем број играчи, меѓу кои и Ковачиќ. Интерес за играчот покажува тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола. 

Баерн ги следи играчите на Челзи по назначувањето на поранешниот менаџер на сините Томас Тухел за менаџер. Претходно беше објавено дека Баерн размислува да го ангажира играчот од средниот ред на Челзи, Мејсон Маунт, чиј договор исто така истекува во летото 2024 година.


Елмас добива нов договор во Наполи

Елиф Елмас со Наполи е на пат да стигне до првото Скудето на овој клуб уште од времето на Марадона, а иако македонскиот репрезентативец шанса добива како „џокер“ од клупата сепак има солидна сезона.

Веднаш зад Осимен и Кварацхелија, Елмас е трет стрелец со шест гола, а додаде и уште две асистенции. Според последните информации од Италија, Наполи е задоволен од неговите настапи и веќе започнал преговори за продолжување на соработката.

Актуелниот договор на Елмас истекува 2025 години и Наполи сака да го задржи „дијамантот“ и по таа година. Претходно договорот го продолжи Камерунецот, Агниса, па Елмас треба да е следниот.

Елмас во овој момент има плата од 1.5 милиони евра по сезона и со новиот договор би добил зголемување, што е доказ дека во Неапол го ценат учинокот на Македонецот.

За Наполи Елиф игра од 2019 година кога за сума од 16 милиони евра пристигна од Фенербахче на барање на тогашниот тренер Карло Анчелоти. Се поврзуваше Елмас со клубови како Лидс, Бенфика, Борусија Дортмунд…Но, сепак остана во Наполи.


Ди Марија пред продолжување на соработката со Јуве

Аргентинскиот фудбалер Анхел Ди Марија е блиску до нов договор со Јувентус. Преговорите меѓу двете страни се во напредна фаза и речиси е сигурно дека аргентинскиот крилен напаѓач ќе остане во клубот од Торино и следната сезона.

Треба да се разјаснат уште некои детали, но веројатно нема да бидат проблем. Желбата на самиот фудбалер е да продолжи да го носи дресот на Јувентус, без оглед на информациите дека постои опција да се врати во Шпанија и да потпише со Атлетико Мадрид.

Светскиот шампион најверојатно ќе го продолжи договорот со Јувентус до летото 2024 година. Во тековната сезона има 24 натпревари и 8 гола во Серија А, а има и 7 асистенции при своите настапи.


Канте ќе биде подготвен за дуелот со Реал

Според пишувањата во шпанските медиуми, играчот од средниот ред на Челзи, Нголо Канте, би можел да биде подготвен за четвртфиналниот дуел од Лигата на шампиони против Реал Мадрид.

Канте поради повреда го пропушти поголемиот дел од сезоната, но се очекува тренерот на лондончани, Греам Потер, да го вклучи фудбалерот во тимот кој ќе игра со Реал на гостувањето во Мадрид на 12.април.

Францускиот фудбалер беше надвор од фудбалскиот терен од август, а својот кам бек го имаше пред неколку денови кога одигра натпревар за екипата на Челзи до 21 година.


Икарди посакува враќање во Серија А

Фудбалерот на Париз Сен Жермен, Мауро Икарди, кој во моментот е на позајмица во Галатасарај, сака својата кариера да ја продолжи во италијанската Серија А.

Според италијанските медиуми, интерес за 30-годишниот Икарди покажале екипите на Милан и Рома.

Италијанскиот напаѓач стигна во Галатасарај во септември минатата година, и за клубот постигна девет гола на 15 натпревари. Тој има актуелен договор со ПСЖ кој истекува на 30.јуни 2024.година.

Икарди претходно во Серија А има настапувано за Сампдорија и Интер.


Сака добива четири пати поголема плата за нов договор во Арсенал

Букајо Сака наскоро би можел да стане најплатениот играч на Арсенал, пишува весникот „Сан“. Очекувањата се дека ќе потпише нов петгодишен договор кој ќе му носи 300 000 фунти неделно.

21-годишниот играч преговара со раководството на „топчиите“ повеќе од една година, но двете страни се во завршна фаза и се очекува наскоро да го објават договорот. Тоа би било прилично сериозно зголемување на платата за Сака, кој моментално заработува околу 70.000 фунти неделно.

Се очекува крилниот напаѓач да го надмине Габриел Жесус, кој моментално е на врвот на листата по неговиот трансфер од Манчестер Сити за 45 милиони фунти минатото лето. Габриел Мартинели неодамна го обнови договорот до 2027 година, а преговорите со Вилијам Салиба исто така напредуваат и се очекува успешно да завршат.

Арсенал моментално има 8 бода предност на врвот на табелата во однос на Манчестер Сити, но има и натпревар повеќе од „граѓаните“.


Чалханоглу добива нов договор во Интер

Интер ќе потпише нов договор со играчот од средниот ред Хакан Чалханоглу, пренесува новинарот  Фабрицио Романо.

Новиот договор на 29-годишниот фудбалер со Интер ќе биде до крајот на сезоната 2026/27. Актуелниот договор на Чалханоглу со Интер истекува следната година. За тимот тој настапува од 2021 година кога дојде од големиот градски ривал Милан.

Во актуелната сезона, Хакан Чалханоглу има 36 настапи за Интер во сите натпреварувања, постигнувајќи 3 гола и 6 асистенции. Клубот моментално преговара со дефанзивецот Алесандро Бастони, чиј договор со „нероаѕурите“ истекува во јуни 2024 година.


Дортмунд му нуди нов договор на Белингем

Германските медиуми објавуваат дека челниците на Борусија Дортмунд му понудиле на Џуд Белингем продолжување на неговиот договор до 30.јуни 2026.година со годишна плата од 15 милиони евра.

Во објавите се вели дека раководството на германскиот клуб во наредните неколку денови ќе разговара со англискиот фудбалер и дека Борусија сака да го задржи во своите редови. Новата понуда е со износ кој е четири пати повисок од сумата која Белингем ја добива во моментот.

Доколку фудбалерот ја одбие понудата од Борусија Дортмунд, тогаш клубот одлучил дека висината на обештетувањето за него ќе изнесува 150 милиони евра.

19-годишниот Белингем има договор со бундеслигашот до 30.јуни 2025.година. Во редовите на клубот од Дортмунд пристигна во 2020.година од Бирмингем.