фудбал

Чави џентлменски се раздели со Барса

Чави Хернандез денеска и официјално потпиша меѓусебен раскин на соработката со Барселона, која уште пред неколку дена го потврди неговото заминување.

Каталонските медиуми открија дека Чави одлучил да се откаже од платата во последната година од договорот, со што клубот заштедил меѓу 11 и 12 милиони евра.

Но, единствениот услов му бил остатокот од стручниот штаб да биде платен до крајот на договорот, односно до летото 2025 година, колку што е вкупната сума за сите – околу три милиони евра.

Покрај тоа, Чави одби да има проштална конференција и каква било церемонија, сакаше да си замине тивко и без преголема бура и одговарање на бројни прашања. На последната конференција пред мечот со Севиља веќе се знаеше дека си заминува, а потоа џентлменски се прости од сите припадници на „седмата сила“, додека истото го направи и со играчите на последниот тренинг.

Чави си замина како господин, по две и пол години, а од тој ноември 2021 година ја освои Ла Лига и Суперкупот на Шпанија.


Чаби Алонсо го сака Гарсија од Џирона

Екипата на Баер Леверкузен која во наредната сезона ќе настапува во Лигата на шампионите, сака да го ангажира фудбалерот на Џирона, Гарсија.

26-годишниот играч од средниот ред настапува за шпанскиот состав од 2021 година.

Тој сезоната ја заврши со 40 мечеви на кои даде три гола и направи шест асистенции.


Кимих одбил да потпише за Барса

Германските медиуми објавија дека фудбалерот, Џошуа Кимих, нема да замине во екипата на Барселона.

Причина за тоа се финансиските услови што ги побарал 29-годишниот Германец кои не може да ги исполнат Каталонците.

Кимих игра за Баерн Минхен од 2015 година. Неговиот договор е до наредното лето.


Ван Дајк најави промени во новиот Ливерпул на Арне Слот

Стоперот на Ливерпул, Вирџил Ван Дајк, вели дека ќе му даде максимална поддршка на новиот тренер, Арне Слот, кој ќе дојде на местото на Јирген Клоп.

„Јас сум капитен на клубот и јасно кажав дека ќе го поддржувам новиот тренер.„Мислам дека може да има добро влијание на мојата кариера“, вели Ван Дајк.

Слот ќе се пресели во Англија откако го заврши престојот во екипата на Феенорд. Тој во претходната сезона се израдува на шампионскиот пехар во Холандија.


Ди Лоренцо им соопштил на челниците на Наполи дека сака да си замине

Наполи откако ја освои историската трета во Италија, сезонава игра разочарувачка сезона која ќе ја завршат на средината на табелата и нема да обезбедат настап во ниту едно европско натпреварување.

Поради таквата ситуација медиумите во Неапол најавуваат промени. Последните информации говорат дека капитенот на тимот, Џовани Ди Лоренцо го известил новиот спортски директор дека сака да ја промени средината.

Наводно, Ди Лоренцо истакнал дека повеќе не ја чувствува почитта која ја имал претходно во клубот.

Ди Лоренцо летово ќе има настап и со Италија на Европското првенство, па веројатно неговата иднина ќе биде позната по завршувањето со настапот на „Аѕурите“ на континенталниот собир. Договорот кој го има Ди Лоренцо со Наполи истекува во 2028 година.


Костариканската легенда се збогува со репрезентацијата

Голманот на Костарика, Кејлор Навас објави крај на својата репрезентативна кариера на 37-годишна возраст, со што стави крај на шпекулациите дека би можел да игра на следнoто издание на Копа Америка.

Навас во националниот тим дебитираше во 2008 година, а оттогаш забележа 114 настапи и настапи на три светски фудбалски првенства, од кои најзначајно беше она во Бразил во 2014 година, каде беше еден од главните играчи на тимот кој стигна до четвртфиналето.

„Ова поглавје од мојот живот се ближи кон крајот, заминувам со срце полно со благодарност и очи со нетрпение, носејќи го името на нашата сакана Костарика“, вели голманот во видеото објавено на социјалните мрежи.

Навас, чиј договор со Пари Сен Жермен истекува во јуни, минатата сезона ја помина на позајмица во англискиот премиерлигаш Нотингем Форест.


Жиру најави репрезентативна пензија по Европското првенство

Оливие Жиру ќе се повлече од француската репрезентација по Евро 2024 година.

„Секако дека ќе ми недостига да играм за репрезентацијата, но времето ми истекува. Мора да им отстапиме место на младите“, изјави напаѓачот на Милан.

Жиру за француската репрезентација настапува од 2011 година. За репрезентацијата одигра 131 натпревар, постигнувајќи рекордни 57 голови.

Заедно со „триколорите“ напаѓачот го освои Светското првенство во Русија 2018 година. Исто така, како дел од тимот, тој ја освои Лигата на нации (2021) и стана носител на сребрен медал од Светското првенство во Катар 2022 година и домашното Евро 2016 година.

37-годишниот напаѓач на крајот од сезоната ќе се пресели од Милан во Лос Анџелес.


Гвардиола следното лето го напушта Сити?

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, одлучи да го напушти англискиот шампион идното лето, објави весникот „Дејли мејл“.

Според весникот, Гвардиола донел конечна одлука наредната сезона да му биде последна на клупата на Граѓаните и да си замине од „Етихад“ кога ќе му истече договорот.

Гвардиола на клупата на Манчестер сити седна во 2016 година и со Граѓаните освои дури 17 трофеи, шестпати триумфира во Премиер лигата, двапати го освои ФА Купот, има четири триумфи во Лига купот, два во Комјунити шилд и по еднаш триумфира во Лигата на шампионите, во УЕФА Суперкупот и во Светското клупско првенство.


Јунајтед неделава ќе ја решава судбината на Тен Хаг

Манчестер Јунајтед разговараше со менаџерот на Брентфорд, Томас Франк и неодамна отпуштениит Аргентинецот од Челзи, Маурисио Покетино, за да ги разгледа опциите, пренесува „Телеграф“.

Според изворот, раководството сака да се увери дека специјалистите се спремни да го водат Манчестер Јунајтед. Одлуката за иднината на холандскиот специјалист Ерик тен Хаг ќе биде донесена во текот на наредната недела.

Да потсетиме, претходно во медиумите се појави информација дека управата на „црвените ѓаволи“ ќе го отпушти 54-годишниот стручњак по финалето на ФА Купот, кое се одигра викендов. Во финалето избраниците на Ерик тен Хаг го победија Манчестер Сити со резултат 2-1 и сепак на крајот од сезоната завршија со барем еден освоен трофеј.


Ал Ахли шампион на Африка во фудбал

24EYGB

Фудбалерите на египетски Ал Ахли по четврти пат во последните пет години се крунисани во африкански шампион, откако го совладаа тунискиот Есперанс со 1-0 во реваншот од финалето во Каиро.

На првиот натпревар во Тунис немаше голови, а пред 60.000 гледачи во Каиро фудбалерите на египетскиот првак го освоија рекордниот 12. Африкански куп.

Капитенот Рами Рабија го доведе гигантот од Каиро во водство во четвртата минута и тоа беше единствениот гол на натпреварот.

Ал Ахли ја зацврсти својата позиција како врвен клуб на континентот со својот 12-ти триумф. Градскиот ривал Замалек од Каиро, како и ТП Мазембе имаат по пет трофеи во африканската Лига на шампиони.

Есперанс, кој ја освои титулата во четири наврати, по петти пат заврши како второпласиран.