фудбал

Салах: Ми се исполни желбата, влегов во историјата на Ливерпул

Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах, изјави дека му се исполни желбата да стане најдобар стрелец во историјата на клубот во Премиер лигата.

Ливерпул во неделата на свој терен го декласира Манчестер Јунајтед со резултат 7:0, а репрезентативецот на Египет на мечот постигна два гола. Мохамед Салах со дадени 129 гола стана најдобар стрелец на Ливрпул во историјата на Премиер лигата. Тој го собори рекордот на легендарниот напаѓач на „црвените“, Роби Фаулер, кој за Ливерпул постигна 128 гола.

„Ова е многу важен и посебен момент за мене, нешто што го посакував од моментот кога пристигнав во Ливерпул. После мојата прва сезона во клубот размислував за рекордот. Она што е навистина неверојатно е тоа дека влегов во историјата на натпревар со Манчестер Јунајтед кој го добивме со 7:0“, изјави Салах.


Конте во јуни го напушта Тотенхем

Тотенхем нема намера да го продолжи договорот со Антонио Конте, пренесуваат медиумите на Островот.

Конте постојано ги одложуваше преговорите околу новиот договор со Тотенхем, а тоа е знак дека сака да го напушти клубот. „Газета дело Спорт“ ја открива причината и пренесува дека Конте сака на лето да се врати во Италија, а тоа му го соопштил и на раководството на Тотенхем.

Неговиот договор истекува на крајот на сезоната и како што сега стојат работите двете страни ќе се заделат на лето.

Тотенхем веќе ја започнал потрагата за нов тренер, а Конте најверојатно ќе се врати во Италија.


Модриќ ќе ја предводи Хрватска и во следните евро-квалификации

Лука Модриќ ќе продолжи да настапува за хрватската репрезентација и тоа не само на фајналфорот во Лигата на нации! Како што пишуваат хрватските медиуми, капитенот на „коцкестите“ ќе биде во составот и за квалификациите за ЕП со Велс на 25 март и против Турција три дена подоцна.

Селекторот Златко Далиќ му понуди да го одигра првиот меч на „Пољуд“, а потоа да се врати во Мадрид, за да не мора да патува во Бурса, но самиот Модриќ инсистира да игра и во Турција.

Влегувањето во „проектот Германија 2024“ сугерира дека Хрватска ќе може да смета на Модриќ и за ЕП 2024.


Крај на сезоната за Нејмар

Шампионот на Франција, Париз Сен Жермен објави дека поради повреда, Бразилецот Нејмар ќе биде надвор од терените од три до четири месеци, и дека ќе мора на операција на скочниот зглоб.

Нејмар повредата ја доби на 19.февруари во првенствениот дуел против Лил. Тој во последните неколку години имаше проблеми со скочниот зглоб, па поради тоа медицинскиот тим нс ПСЖ препорачал операција на лигаментите за да се спречи идна посериозна повреда.

 Бразилскиот напаѓач би требало да биде целосно подготвен за настап од наредната натпреварувачка сезона.


Вест Хем подготвува понуда за триото од Манчестер Јунајтед, Мегваер, Мектоминај и Марсијал

Според најавите од островските медиуми, премиерлигашот Вест Хем размислува за ангажман на тројца фудбалери на Манчестер Јунајтед, Хари Мегваер, Скот Мектоминај и Ентони Марсијал.

Сите тројца паднаа во втор план кај тренерот Ерик тен Хаг оваа сезона и се чини дека најверојатно на крајот од сезоната ќе го напуштат Олд Трафорд.

Тренерот на „чеканите“, Дејвид Мојс е голем фан на сите тројца играчи и размислува дали да му пријде со понуда на својот поранешен клуб на крајот од сезоната.

Единствена пречка за Вест Хем, посебно околу ангажман на Мегваер би била висината на неговата плата која во моментот ја добива во Манчестер.


МЛС лигата сонува ангажман на Лионел Меси

Лионел Меси подолг период се поврзува со трансфер во МЛС, каде веројатно би ја завршил својата успешна фубалска кариера.

Во прв план е Интер Мајами и косопственикот Дејвид Бекам, кој наводно подолг период го убедува Аргентинецот да се пресели во САД.

Ова лето е идеален тајминг за такво нешто бидејќи истекува договорот на Меси со ПСЖ, а Бекам го ветува и неговиот поранешен соиграч Серхио Бускетс во пакет.

Комесарот на лигата, Дон Гарбер, вообичаено негодува за ангажирање на фудбалери во залезот на кариерата, но тоа не важи и за Меси.

„Зборуваме за можеби најважниот фудбалер во историјата на фудбалот. Затоа и шпекулациите кои го поврзуваат со Интер Мајами ми се допаѓаат, мислам дека ако се случи такво нешто, тоа ќе биде добро и за клубот и за лигата, но и за Меси и неговата фамилија“, изјавил Гарбер.


Скамака се враќа во Серија А, Милан го сака асот на Вест Хем

Џанлука Скамака минатото лето се пресели во Вест Хем, но може експресно да се врати во Серија А.

Скамака со настапите во Сасуоло се етаблираше во еден од најголемите таленти на Апенините, но во Премиер лигата се уште не може да се адаптира. Скамака едноставно се вклопи во сивилото на Вест Хем, кој игра слаба сезона и се бори за опстанок.

Скамака до сега постигна 7 гола во сите натпреварувања, но главно е на клупата за резерви и сака да ја промени средината.

Ситуацијата будно ја следи Милан, кој покажува сериозен интерес и сака на лето да го донесе на „Сан Сиро“.


Квинси Промес ризикува двегодишна затворска казна

Во последно време се почесто познати фудбалски имиња се дел од истраги на обвинителствата, а последен на списокот кој ќе треба да одговара за своја постапка е Квинси Промес.

Повремениот холандски репрезентативец е обвинет за напад со нож на роднина за време на семејна прослава во 2020 година.

Промес се обидел да прободе со нож свој братучед, а обвинителството официјално бара двегодишна затворска казна.

Обвинението е градено не само на изјавите на сведоците, туку и на преслушување разговори во кои самиот фудбалер раскажувал дека свесно го извршил нападот. За да биде поинтересно, неговите разговори биле прислушувани поради вмешаност во друга истрага за продажба на наркотици.

Промес во моментов е член на Спартак Москва.


Јовиќ: Можеби прерано потпишав за Реал

Лука Јовиќ вчера постигна важен гол за победа на Фиорентина над Милан, а зборувал и пред медиумите за својата кариера и неуспешниот престој во Реал Мадрид.

Српскиот напаѓач не успеа да се наметне во „кралскиот клуб“, беше вратен во претходниот клуб Ајнтрахт, а потоа пристигна во Фиренца, каде ќе се обиде да потсети на најдобрите денови од својата кариера.

„Очигледно прерано го напуштив Ајнтрахт. Се тргна наопаку уште од почетокот на мојот престој во Реал, сите погледи беа вперени во мене. Беше тешко да се адаптирам во најголемиот светски клуб, тука беше повредата, ситуацијата со ковид, како и неправедниот притисок кој ми беше наметнат. Сега очекувам да напредувам и да и помогнам на Фиорентина“, изјавил Јовиќ.


Тен Хаг објасни зошто го избрка Роналдо

Ерик Тен Хаг пред натпреварот со Ливерпул зборуваше за различни теми, меѓу кои и Кристијано Роналдо.

Новинарите ги интересираше зошто Тен Хаг се откажал од Роналдо, кој остана без договор пред крајот на 2022 година и се пресели во Ал Наср од Саудиска Арабија.

„Имав свои причини поради кои се откажав од Роналдо. Тие беа премногу очигледни, а свесен бев дека ќе има негативни последици за мене.

Сепак, не се грижев и спиев мирно. Јас треба да носам одлуки во интерес на клубот. Размислувавме на долг план и имавме доволно време за да донесеме конечна одлука“, кажа Тен Хаг.