фудбал

Серхи Роберто ќе добие нов договор во Барселона


Тренерот на Барселона, Чави, откри дека клубот е блиску до
потпишување нов договор со играчот од средниот ред Серхи Роберто.
Актуелниот договор со шпанскиот играч истекува на крајот од
сезоната.

„Тој е многу важен за тимот, може да игра на различни позиции.
Многу пати инсистирав да остане. Многу сме блиску до потпишување
на нов договор со Серхи“, изјавил Чави за „Мундо Депортиво“.


Стомачен вирус го покоси ПСЖ баш пред мечот со Баерн

Поголем број од фудбалерите на ПСЖ имаат симптоми на вирусна инфекција, јавија француските медиуми.

Според информациите, на неколку играчи на главниот тим на парижани утрово им била дијагностицирана цревна болест. Симптомите на вирусот се повраќање, абдоминална болка и замор. Во моментов не е познат степенот на заразите, но се забележува дека тренерот на ПСЖ, Кристоф Галтие може да направи неколку промени во тимот со Баерн.

ПСЖ поради повреди од претходно не може да смета на Меси и Мбапе.


Немања Видиќ се кандидира за претседател на Српската фудбалска федерација

Некогашниот српски фудбалер Немања Видиќ ги информира медиумите дека поднел кандидатура за претседател на Фудбалскиот сојуз на Србија.

Видиќ испрати мејл до претставниците на медиумите во кој вели дека неговите мотиви за кандидатура се чисто патриотски и дека се надева оти делегатите кои го поддржале „нема да подлегнат на притисокот со кој се соочуваат“.

„Би сакал да ја искористам оваа прилика да ја информирам јавноста во Србија, пред се фудбалската јавност, дека откако дознав дека се распишани изборите за претседател на Фудбалскиот сојуз на Србија, донесов одлука дека сакам да се кандидирам, со оглед на тоа што го исполнив условот да бидам пратеник во Собранието и имам поддршка од пет делегати, кои се надевам дека нема да подлегнат на притисокот со кој се соочуваат. Верувам во исправноста на моите цели, а тие се јасни, исклучиво патриотски. Сакам да се обединиме, а не да се делиме. Верувам затоа што мислам дека можам на мојата Србија да и ги понудам вредностите што ме красеа како фудбалер“, напиша меѓу другото Видиќ.


Наполи бара 50 милиони за да го продаде Елмас

Елиф Елмас веќе четири години го носи дресот на калчолигашот Наполи, период во кој имаше подеми и падови, но секогаш кога ќе му беше дадена вистинска прилика тој секогаш одговораше на вистински начин за доброто на екипата.

Офанзивецот има договор до 30 јуни 2025 година и засега нема најави за негово заминување, меѓутоа ако некој се реши да притисне и сака да го ангажира тогаш ќе мора да плати најмалку 50 милиони евра.

„Елмас е еден од највредните фудбалери на Наполи и има нова цена. Од 50 милиони евра и никој не сака да чуе за толку пари. Сега можеби и ќе се најде купувач, ама никако за помалку од ова“, порачал италијанскиот новинар Франческо Модуњо.


Клоп: Секако дека сме во криза

Англискиот вицешампион Ливерпул, после освојувањето на двата домашни купа и поразот во финалето од Лигата на шампиони, оваа сеозна забележува очајни резултати. Тимот во моментот е на разочарувачкото 10-место во Премиер лигата, и веќе испадна од сите домашни купови.

„Секако дека сме во криза, и не се лажеме околу тоа. Мора да излеземе од неа и тоа е она што го правиме. Можете да критикувате, но не одете кај погрешни луѓе. Јас сум одговорен за се, и ако  сакате да критикувате тогаш критикувајте ме мене, јас немам проблем со тоа. Не знам колку минатата сезона влијаеше на играчите физички и психички, но знаеме дека беше напорно, но од наша гледна точка, ако страдаш од нешто, можеш да продолжиш да страдаш или да се бориш со тоа“, изјавува Клоп.

Ливерпул победи само на еден натпревар во 2023 година, и тоа во репризата од третото коло на ФА Купот против Волвс, па клубот ќе мора што поскоро да ја крене својата форма ако сака пласман во ЛШ наредната година.


Луис Диаз очекува да биде подготвен за реваншот со Реал во Лигата на шампионите

Фудбалерот на Ливерпул, Луис Диаз очекува навреме да се опорави за реваншот на „црвените“ против Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Првата средба меѓу двата тима е на 21 февруари на Енфилд, а реваншот на Сантијаго Бернабеу е на 15 март.

Интернационалецот од Колумбија заработи повреда на коленото на мечот со Арсенал уште во октомври и оттогаш нема настапи за Ливерпул. Тој претходно продолжи со тренинзите со екипата на подготовките во Дубаи, но ја обнови повредата и мораше повторно да се опоравува.

„Да почекаме да видиме кога ќе се вратам на теренот. Ќе биде одлично ако тоа се случи на Бернабеу“, изјави 26-годишниот Диаз.


Три англиски клуба заинтересирани за Ансу Фати од Барса

Младиот крилен напаѓач на Барселона, Ансу Фати е еден од најбараните фудбалери на трансфер пазарот во моментов.

20-годишниот Фати следното лето најверојатно ќе биде ставен на продажба од управата на Барселона, а во битка за негов потпис ќе се борат неколку англиски клуба.

Споре новинарот Фабрицио Романо, премиерлигашите Ливерпул, Челзи и Арсенал, имаат сериозен интерес за Фати, и ја разгледуваат можноста за негово доведување во своите редови.

Споменатите  клубови веќе стапиле во контакт со агентот на играчот за да ја истражат можноста за негов потенцијален трансфер, а подетални преговори се очекуваат по завршувањто на сезоната.


Реал Мадрид е нов светски клупски шампион

Екипата на Реал Мадрид е освојувач на титулата од Светското клупско првенство.

„Кралскиот клуб“ во финалето кое се одржа во Рабат-Мароко, го победи Ал Хилал од Саудиска Арабија со резултат 5:3.

Реал трофејот го освојува по осми пат – 1960, 1998, 2002, 2014, 2016, 2017, 2018, 2022 година. Во полуфиналето од турнирот, освојувачот на европската Лига на шампиони го совлада египетскиот Ал Ахли, со 4:1, а азискиот шампион Ал Хилал направи право изненадување и го елиминира фаворитот од Бразил, Фламенго со 3:2.

Наградата „Златна топка“ за играч број 1 на Светското клупско првенство ја доби Винициус Жуниор, кој на двата меча на турнирот постигна три гола и една асистенција. „Сребрената топка“ му припадна на неговиот соиграч Федерико Валверде, кој исто така постигна три гола.

Стрелци за Реал во финалето беа  Винициус Жуниор, Феде Валверде и Карим Бензема, додека за екипата на Ал Хилал головите ги постигнаа Муса Марега, и Лусиано Вието.


Атлетико бара астрономска сума за откуп на Жоао Феликс

Жоао Феликс се пресели во Челзи, каде ќе игра на позајмица со крајот на сезоната.

Феликс сакаше да ја промени средината, па Атлетико се согласи да го пушти на позајмица, но без дефинирана опција за откуп на крајот на сезоната. „Мундо Депортиво“ пренесува дека „јорганџиите“ ја поставиле цената и за откуп на Португалецот од Челзи ќе бараат 140 милиони евра.

Жоао Феликс пристигна во Атлетико Мадрид во 2019 година од Бенфика за 127 милиони евра како најскап играч во историјата на клубот.

Меѓутоа, тешко е да се поверува дека после слабите сезони Челзи ќе се согласи да ја плати бараната сума.


Милан спремен да отпочне преговори со Дани Олмо

Милан покажува сериозен интерес за ѕвездата на Лајпциг, Дани Олмо, пренесуваат италијанските  медиуми.

Олмо игра одлично во Лајпциг каде оваа сезона има постигнато 4 гола и 6 асистенции, а покажа добри партии и на Мундијалот. Олмо на лето влегува во последната година од договорот, па Милан сака да ја искористи таквата ситуација и да го доведе на „Сан Сиро“.

Шпанецот може да игра на сите позиции во нападот, па поради тоа е на врвот на листата желби на „росонерите“.

Италијанскиот шампион е спремен да понуди 40 милиони евра за неговиот потпис и веќе стапиле во контакт со неговиот агент.