Хесус Ваљехо го напушти Реал и потпиша за второлигаш
Хесус Ваљехо и официјално ја затвори страницата во Реал Мадрид. 28-годишниот дефанзивец потпиша со шпанскиот второлигаш Албасете.
Стоперот пристигна во Мадрид уште во 2015 година од редовите на Зарагоза, но за цели десет години запиша само 35 настапи и најчесто беше испраќан на позајмица. Во кариерата настапуваше уште за Ајнтрахт Франкфурт, Зарагоза, Вулверхемптон и Гранада, а сега добива нов предизвик со Албасете.
Иако немаше голема улога, Ваљехо собра богата колекција на трофеи: два пехари во Лигата на шампионите, три на Светското клупско првенство, по еден во Ла Лига, Купот на Кралот, Суперкупот на Шпанија и УЕФА Суперкупот.
Шкендија по продолженија го исфрли ТНС и закажа двомеч со Стеауа
Фудбалерите на Шкендија по продолженија се изборија за пласман во второто коло од квалификациите за Лигата на шампионите откако вечерва со 2-1 беа подобри од велшки ТНС.
Допатува ТНС во Скопје со ремито од 0-0 во првот натпревар, а Шкендија денеска го отвори резултатот во 18-тата минута.
Тамба се најде на вистинското место и ја смести топката во мрежата по една мајсторија на искусниот Бесарт Ибраими кој знаеше како да го пронајде во шенаесетникот. Иако гостинскиот состав немаше премногу шанси, сепак по една грешка на дефанзивецот на тетовскиот клуб, Фетаи Вилијамс во 38-та минута израмни на 1-1.
Во второто полувреме Шкендија имаше иницијатива, но без посериозни прилики, па така и по 90 минути немаше победник.
Моментот на одлука се случи во 116 минута кога Ибраими одново одигра важна улога и токму по еден негов удар од далечина топката дојде до Адеми кој ја упати во петерецот од каде што Боехам си ја погоди сопствената мрежа.
Во следното коло Шкендија ја чека потежок предизвик против романката Стеауа.
Сити го потпиша најголемиот спонзорски договор во историјата
Манчестер Сити потпиша нов договор со производителот на спортска опрема Puma во вредност од неверојатни 1.18 милијарди евра. Со овој договор, соработката продолжува барем до 2035 година, а годишната вредност на договорот се зголемува на 118 милиони евра, што е значително зголемување во однос на досегашните 77 милиони евра годишно.
Според „Гардијан“, ова е рекорден договор за еден клуб од Премиер лигата, највисокиот ранг на англискиот фудбал, на годишно ниво. За споредба, Манчестер Јунајтед во 2023 година потпиша десетгодишен договор со Adidas вреден околу 1.06 милијарди евра, додека Ливерпул има договор вреден 71 милион евра по сезона.
Откако партнерството со Puma започна во 2019 година, тимот на Пеп Гвардиола освои четири титули во Премиер лигата и стана втората англиска екипа во историјата што ја освоила тројната круна. Претставникот на Сити, Феран Сориано, не го криеше задоволството.
„Се здруживме со Puma со амбиција да се предизвикаме себеси и да ги надминеме очекувањата. Тоа и го постигнавме во изминатите шест сезони“, изјави Сориано. „Денешното обновување го зацврстува нашиот однос и го проектира во уште посветла иднина“, додаде тој, како што пренесува „Гардијан“.
Ливерпул и Њукасл отворија преговори за Исак
Неколку извори од „островото“ објавија дека Ливерпул отворил преговори со Њукасл за трансфер на Александер Исак, се шпекулира дека „црвените“ се подготвени да го соборат рекордот на Премиерлигата и да платат околу 120 милиони фунти.
Арне Слот сака ова лето да донесе нов напаѓач, изминатиов период Ливерпул се поврзуваше со неколку имиња, а последните информации велат дека клубот од Енфилд отворил преговори со Њукасл за трансфер на Александер Исак.
Веста прв ја објави добро упатениот новинар Фабрицио Романо, а истото потоа го потврдија уште неколку други извори.
„Црвените“ се подготвени втор пат ова лето да го соборат рекордот на Премиерлигата, а како што пишуваат Дејвид Орнштајн и Бен Џејкобс, сумата која се подготвени да ја платат е 120 милиони фунти.
Останува да се види каков потег ќе повлече Њукасл, изминатиов период често се говореше дека Швеѓанецот нема да биде продаден.
Интересно, една од опциите на Ливерпул за засилување на нападот е Уго Екитике, кој денеска беше поврзан со трансфер токму во Њукасл во зделка вредна рекордни 80 милиони евра за популарните „свраки“.
Македонските одбојкарски клубови ги дознаа ривалите во евро-куповите
Машкиот шампион на Македонија, Струмица 47&72 ќе се соочи со романскиот првак Динамо Букурешт во првата рунда во ЦЕВ Лигата на шампионите. На денешната ждрепка во Луксембург струмичани го добија најтрофејниот романски клуб за нивни ривал на стартот на новата елитна сезона.
Првиот натпревар Струмица го игра на домашен терен, 21/23 октомври, додека реваншот е една седмица подоцна во Букурешт (28/30 октомври).
Женскиот првак Јанта Волеј Кисела Вода, пак, во најелитното европско клупско натпреварување ќе дебитира во втората рунда, каде на денешната ждрепка за противник го доби претставникот на БиХ, Гацко. Со трикратниот шампион во низа на БиХ, тимот на Јанта ќе игра во термините – 21/23 октомври пред домашната публика, односно на гости во Гацка 28/30 октомври.
Тројцата македонски претставници во третиот по квалитет европски клупски куп, Челинџ купот во новата сезона, Штип УГД во машка конкуренција, односно Наковски Волеј и Работнички Скопје кај дамите, попладнево на ждрепката во Луксембург ги добија противниците.
Штип УГД во првото коло ќе има далечно гостување кај норвешкиот клуб Кол ИЛ од Осло. Првиот натпревар освојувачот на Купот го игра на гости, 11/13 ноември, додека реваншот го игра дома една недела подоцна 18/20 ноември.
Кај дамите Наковски Волеј како освојувач на Купот беше сместен меѓу носителите и на стартот на натпреварувањето ќе се соочи со ТЈ Острова од Чешка. Првиот меч девојките на Наковски го играат 28/30 октомври, додека реваншот е 4/6 ноември.
Работнички Скопје, кој со вајлд-карта доби право за учество во Челинџ купот, ќе игра против дебитантот Рае Спортдикол Властон од Естонија. Во истите термини како и Наковски Волеј, играат и одбојкарките на Работнички, но разликата е што првиот меч го играат дома (28/30.10) додека вториот дуел го играат на гости (4/6.11).
УЕФА се пофали со рекордна посета на Европското првенство за жени
Групната фаза на Европското првенство (ЕП) во фудбал за жени, која заврши во неделата, донесе рекордна посетеност со речиси половина милион навивачи кои присуствуваа на натпреварите, а 22 од 24 натпревари беа распродадени.
Покрај 461.582 навивачи кои присуствуваа на натпреварите, имаше и неколку индивидуални рекорди на натпреварите, објави УЕФА на официјалниот сајт.
Натпреварот Германија-Данска во Базел привлече 34.165 навивачи, што е најголема посетеност на натпревар од групната фаза на кој не настапил домаќинот на турнирот и најголем број гледачи што присуствувале на натпревар во женски фудбал во Швајцарија.
Повеќе од 17.000 навивачи од Германија на тој натпревар беа најголемиот број гостински приврзаници кои присуствувале на натпревар од ЕП за жени во историјата, додека 34.063 гледачи на натпреварот Швајцарија – Норвешка беа рекордна посетеност за натпревар на женската репрезентација на Швајцарија.
„Ако порано не беше јасно, сега е неоспорно – женскиот фудбал е незапирлив и тука е за да остане“, изјави раководителка на женскиот фудбал на УЕФА Надине Кеслер.
„Ова е повеќе од турнир; Ова е движење, а одзивот од цела Европа и пошироко докажува дека женскиот фудбал постаува нови стандарди“, додаде Кеслер.
Дури и пред почетокот на турнирот, продадени беа повеќе од 600.000 билети, надминувајќи ја бројката од 574.875 билети продадени од Евро 2022 во Англија.
Четвртфиналната фаза на ЕП за фудбалерки во Швајцарија стартува в среда со натпреварот меѓу Норвешка и Италија во Женева.
Хендерсон се договори со Брентфорд
Брентфорд го заврши потпишувањето на двегодишниот договор со англискиот фудбалер и поранешен капитен на Ливерпул, Џордан Хендерсон, по неговото неодамнешно заминување од Ајакс, објави Би – Би Си Спорт.
35-годишниот Хендерсон, помина 12 години во Ливерпул, каде што ја освои Премиер Лигата, Лигата на шампиони, ФА Купот, два Лигашки купа, Комунити Шилд, Супер куп и Куп на светски клубови.
Во јули 2023 година, се приклучи на саудискиот клуб Ал-Етифак, управуван од поранешниот соиграч од Ливерпул, Стивен Џерард, но шест месеци подоцна неговиот договор беше поништен и се приклучи на Ајакс. Минатата недела, холандскиот клуб се согласи да го прекине договорот со Хендерсон година порано. Хендерсон доби повик за Англија во март од новиот менаџер Томас Тухел.
Ливерпул ја одби првата понуда за Луис Диаз
Ливерпул ја отфрли првата официјална понуда на Баерн Минхен за крилниот напаѓач Луис Диаз. Се верува дека понудата е вредна 58,5 милиони фунти (67,5 милиони евра) – и клубот ја одби целосно, јави „Скај Спортс њуз“ од каде тврдат дека Ливерпул му одговорил на Баерн дека Дијаз не е на продажба.
Сепак, Баерн верува дека Диаз е заинтересиран да им се придружи. Според „Скај“ во Германија, Баерн подготвува уште една понуда за Дијаз, кој останува врвен приоритет за германските шампиони.
Доколку го сторат тоа, тогаш Ливерпул треба да донесе уште една одлука – но ставот на клубот досега ова лето е недвосмислен.
Тие сметаат дека не е на продажба и не сакаат никакви понатамошни понуди. За нив Диaз останува важен играч не само за претстојната сезона, туку и за остатокот од неговиот договор, кој има уште две години до истекување.
Се смета дека клубот од „Енфилд“ им го ставил тоа јасно до знаење на сите заинтересирани клубови, што ја вклучува и Барселона ова лето.
Внатрешното сметководство на Ливерпул го проценува Диаз на повеќе од 86 милиони фунти (100 милиони евра+), но клубот не поставил продажна цена бидејќи немаат намера да го продадат.
Њукасл испрати понуда за Екитике
Челниците на фудбалскиот состав Њукасл испратиле понуда од 70 милиони евра за напаѓачот на Ајнтрахт Франкфурт, Уго Екитике, објавија дел од медиумите повикувајќи се на експертот за трансфери, Фабрицио Романо.
Според него, Англичаните чекаат со надеж дека сумата што ја бараат Германците од 100 милиони драстично ќе се намали.
Во претходната сезона во Бундес-лигата, Екитике се појави на 33 натпревари со ефект од 15 голови и 8 асистенции.
Ливерпул го сака Матета како замена за Дарвин Нуњез
Претставници на Ливерпул се сретнале со напаѓачот на Кристал Палас, Жан-Филип Матета, и неговиот агент. Според новинарот Себастијан Дени од Foot Mercato, ова се случило пред неколку дена во Париз.
28-годишниот Французин, кој во минатата сезона постигна 17 гола и направи четири асистенции за Кристал Палас на 46 натпревари во сите натпреварувања, има договор со „орлите“ до 2027 година. Се верува дека Лондонците го оценуваат на 50-60 милиони евра.
Милан, исто така, е заинтересиран за Матета, кој беше дел од Олимпискиот тим на Франција минатата година. На тој турнир, тој постигна пет гола на шест натпревари.
Во Британија се сигурни дека Ливерпул ќе доведе нов централен напаѓач, и досега многу имиња беа поврзувани со „црвените“. Најпосакуван е голгетерот на Њукасл, Александар Исак, но таков трансфер тешко може да се реализира во моментов. Југо Екитике и Виктор Осимен, исто така, се поврзуваат со англискиот шампион. Меѓутоа, пред да доведе нов голгетер, клубот треба да го продаде Дарвин Нуњес.
Ливерпул има интерес и за друг фудбалер на Кристал Палас – централниот бек Марк Геи.