фудбал

Аргентинецот Виго од Ривер се сели во Црвена Звезда

Црвена Звезда доведе засилување од аргентиснкиот Ривер Плејт, нов фудбалер на „црвено белите“ е Алекс Виго. Клубот од „Маракана“ денес прво го најави трансферот со објава на аргентински куфер пред стадионот „Рајко Митиќ“ и тука веќе беше јасно за што станува збор. Подоцна стигна и официјалната потврда.

Станува збор за 23-годишен фудбалер кој пред Ривер го носеше дресот на Колон и Индепендиете. Српските медиуми го најавуваат како играч од кого многу се очекува.


Касано: Ако правилата важат за Јуве, треба да важат и за останатите клубови

Поранешниот напаѓач на Рома, Антонио Касано даде свое мислење за скандалот со финансиска измама во Јувентус, поради кој вчера „бјанконерите“ беа казнети со 15 бода. Касано, кој вообичаено е еден од најголемите критичари на Јуве, изненадувачки ги поддржа, изразувајќи го својот гнев поради одлуката:

„Одземање бодови за Јувентус? Ќе го кажам само ова: ако тоа важи за Јуве, треба да важи за сите тимови во италијанскиот фудбал, бидејќи очигледно за Јувентус се пишува на 50 страници во весниците, а сите останати – со ситни букви“, објасни екс италијанскиот фудбалер

„Да не мислиме дека само Јувентус ги направи овие работи, ако навистина ги направи. Сите други тимови ќе бидат таму бидејќи законот треба да важи за сите“, продолжи Касано.


Ракип го напушти Малме и потпиша за турска Анталијаспор

Ердал Ракип е промовиран во новиот клуб. Фудбалерот од средниот ред го напушти шведски Малме и како слободен агент се придружи на Анталијаспор, клуб со кој потпиша договор на 2.5 години.

Договорот на Ракип со Малме истече на крајот од 2022 година и не беше продолжен. Се шпекулираше за можен трансфер во Англија, но на крајот сепак продолжи во Турција.

„Очекувам успешен период во мојата кариера. Од првиот ден кога дојдов тука се чувствувам навистина убаво. Подготвен сум да дадам свој придонес за тимот да има што подобри резултати“, изјави Ракип.


Роналдо најави дека ќе го тужи Јувентус

На почетокот на минатиот месец беше објавено за „тајниот документ“ каде што челниците на Јувентус ветиле исплата од 20 милиони евра на Кристијано додека јавноста беше информирана дека клубот ќе ги скрати платите поради пандемијата.

Роналдо за комбинираниот тим од играчи на Ал Наср и Ал Хилал го одигра првиот натпревар во Саудиска Арабија. „Бјанконерите“ од друга страна се во хаос, давањето цели плати „на црно“ е само едно од обвиненијата, се споменуваат и други финансиски малверзации.

Португалецот сепак не се откажува од својот ветел дел кој требало да биде исплатен до крајот на јуни 2021 година и тоа не се случи. Италијанските медиуми сега пишуваат дека на Роналдо му здосадило да чека и правдата ќе ја бара на суд. Како доказ Роналдо ги има документите и изјавите, па изгледа дека случајот лесно може да го добие. За Јувентус тоа значи уште едно „развлекување“ по судовите.


Жестока казна за Јувентус и неговите оперативци

Федералниот апелационен суд го прифати барањето на Обвинителството на Италијанската фудбалска федерација за повторно отворање на случајот за капитални добивки во кој е вклучен Јувентус и изрече казна со одземање на 15 бода од контото на „Старата Дама“.

Сега, Јуве ќе може да поднесе жалба против оваа одлука до советот за спортови на Италијанскиот олимписки комитет.

Покрај казната со одземање на 15 бода, федералниот суд денеска изрече и казни за управниот одбор на торинскиот гигант кои беше вклучен во новиот голем скандал со фингирани капителни добивки.

Фабио Паратичи (сега вработен во Тотенхем) е суспендиран на 2,5 години. Довчерашниот прв човек на клубот, Андреа Ањели заедно со Маурицио Аривабене ќе бидат надвор од сите фудбалски активности две години, додека чешката фудбалска легенда Павел Недвед не може да се вклучи во каква било фудбалска активност во период од осум месеци.


Гундоган го напушта Сити и ќе игра за Барселона?

Англиските медиуми пренесуваат дека фудбалерот од средниот ред на Манчестер Сити, Илкај Гундоган, одлучил да ја продолжи својата кариера во Барселона.

Германскиот репрезентативец има договор со Манчестер Сити до крајот на сезоната. Според медиумските објави, Гундоган веќе ги договорил личните услови со Барселона каде на лето би пристигнал како слободен играч без обештетување.

32-годишниот Гундоган е член на Манчестер Сити од 2016.година кога пристигна од редовите на Борусија Дортмунд. Тој за Манчестер Сити има одиграно 279 натпревари, и постигнал 51 гол.


Баерн го враќа Хаверц во Бундеслигата

Напаѓачот на Челзи, Каи Хаверц летово би можел да се врати во Бундеслигата. Според информациите на „Скај Германија“, Баерн Минхен е подготвен да го купи 23-годишниот фудбалер за 60 милиони евра.

Клубот веќе подолго време ги следи резултатите на поранешниот играч на Баер Леверкузен, од кои се задоволни.

Германскиот интернационалец е најдобар стрелец на лондончани во Премиер лигата со 5 гола. Баерн води во германската елита со 34 бодови, а Челзи е десетти во англиската лига со 28 бодови.


Гонзало Гуедеш од Вулверхемптон замина на позајмица во Бенфика

Фудбалерот на англискиот клуб Вулверхемптон, Гонзало Гуедеш, до крајот на сезоната ќе игра како позајмен играч во Бенфика.

Португалскиот напаѓач во Волвс, пристигна изминатото лето од Валенсија. Тој оваа сезона одигра 18 натпревари и постигна два гола.

За 26-годишниот фудбалер ова ќе биде повторно враќање во клубот каде ја започна својата кариера.


Гвардиола со критики за својот тим после дуелот со Тотенхем

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, упати силни критики кон своите фудбалери после победата со 4:2 над Тотенхем, во рамките на Премиер лигата.

Сити својата победа ја стекна после целосен резултатски пресврт, откако гостите од Лондон имаа водство на полувремето од 2:0.

„Ни недостасува храброст, страст, и желба за победа од првата минута. Истата работа е и со нашите навивачи. Ги сакам своите навивачи назад. Во моментот сме далеку од натпреварување на највисоко ниво. Наш нареден противник е Арсенал, чии фудбалери играат со страст и голема желба за победа. Јас во моментов не можам да го препознаам својот тим“, изјавува Гвардиола.


Шкрињар одби понуда од Интер, налето заминува од Италија

Милан Шкрињар го известил раководството на Интер дека нема да ја прифати понудата на клубот за нов договор и ќе бара продолжение на кариерата во друг клуб.

Од Интер веќе неколку недели чекаат одговор од словачкиот репрезентативец на понудата во која имало годишна плата од 6 милиони евра плус одредени бонуси.

Одбивањето на дефанзивецот значи дека тој ќе замине како слободен играч на лето доколку не биде продаден до крајот на месецот. За него се заинтересирани Пари Сен Жермен, Тотенхем и Челзи, но конкретни преговори не се водат.

Интер пред почетокот на сезоната одби понуда од ПСЖ вредна 60 милиони евра и сега сигурно жалат газдите на италијанскиот гигант. Тогаш клубот беше убеден дека Шкрињар повторно ќе потпише, но двете страни не се договорија за финансиските услови.