фудбал

Џиларди пред потпис со Рома

Новиот тренер на Рома, Џан Пјеро Гасперини веќе нагласи дека на „волчицата“ и се потребни повеќе засилувања, а се чини дека нов играч во неговиот тим ќе биде Даниеле Џиларди.

Се работи за дефанзивец на Верона, фудбалер за кого Гасперини смета дека има голем потенцијал, па затоа Рома е подготвена да плати 10,5 милиони евра за трансферот.

Италијанските медиуми тврдат дека преговорите меѓу Рома и Верона биле успешни, па Џиларди деновиве ќе пристигне на прегледи во Рим и потоа ќе биде промовиран во новиот клуб.

Верона го купи Џиларди за 380.000 евра од Фиорентина во 2022 година, па три години подоцна тој ќе донесе сериозен профит за својот досегашен клуб.

Дефанзивецот има искуство како позајмен играч во Мантова и Сампдорија, а последната сезона му беше и најдобра и тоа како член на Верона.


Галатасарај го блокира трансферот на Мората во Комо

Алваро Мората договори трансфер во италијански клуб, кој би бил трет различен чиј дрес го носел во кариерата, но Галатасарај е факторот кој го стопира реализирањето на ова сценарио.

Милан веќе има договор со Комо и Мората требаше да соработува со Сеск Фабрегас, но турскиот клуб бара компензација ако инволвираните страни сакаат раскинување на договорот за заем со „росонерите“.

Милан и Галата се договорија за заем на Шпанецот до декември годинава, па турскиот клуб ја користи ситуацијата и бара 8 милиони евра за прекинување на соработката.

Шест од тие осум милиони евра се вредноста на заемот кој досега не е исплатен, па Галатасарај сака да го направи ангажманот на Мората бесплатен, па уште и да заработи некој милион од целата ситуација.

Доколку клубовите не најдат решение, Мората ќе може да го засили Комо дури во јануари.


Интер Мајами му нуди Меси сам да си одбере договор и времетраење

Интер Мајами е во преговори со Лионел Меси за продолжување на договорот.

Доколку не се случат непредвидени настани, Аргентинецот ќе остане во Мајами. Се зборуваше за негово можно заминување со цел подобро да се подготви за Светското првенство во 2026 година, кое ќе се игра во Канада, Мексико и САД, а би било лош публицитет за Американците ако Лео одлучи да си замине кога ќе му истече договорот на крајот од годината.

Се шпекулираше дека сака да игра во посилна лига, но Интер прави сè за да го задржи, па затоа по негова волја беше доведен и Родриго де Пол од Атлетико Мадрид. Интер за овој трансфер издвои 15 милиони евра.

Покрај тоа, тие размислуваат за договор од најмалку три години, па дури и подолг доколку Лео го сака тоа. Ќе се обидат да постигнат договор според кој Аргентинецот ќе може да избере кога сака да стави крај на својата кариера, односно тоа да не е временски ограничено.

После тоа, Меси би се фокусирал повеќе на учество во управувањето со Интер Мајами, каде што има и акции, но не би било изненадувачки ако се посвети на одредени операции во Барселона.


Жорж Жесус го носи Бруно Фернандеш во Ал Наср?

Жорж Жезус има намера да го доведе Бруно Фернандес во Ал Наср.

Тој беше тренерот кој му ја даде првата шанса на Бруно во Спортинг, а нивните односи беа клучни за неговиот професионален успех.

Под водството на Жезус, Фернандес брзо напредуваше, а потоа стана важен играч во португалската репрезентација.

Со оглед на желбата на Жезус повторно да соработува со него, постои реална можност Фернандес да се пресели во Саудиска Арабија.

Според процените на Трансфермаркт, вредноста на Фернандес достигнува 50 милиони евра.


Ѓоковиќ стана сопственик на француски второлигаш

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ќе биде еден од инвеститорите во фудбалскиот клуб Ле Ман. Претставници на клубот одржаа конференција во петокот за да ги претстават новите финансиски партнери.

Станува збор за бразилскиот инвестициски фонд „Аутфилд“, кој ќе има малцински удел, а во проектот се вклучени, меѓу другите, Новак Ѓоковиќ, како и возачите на Формула 1 Кевин Магнусен и Фелипе Маса.

Тука е и Џорџ Франгулис, момчето на Арина Сабаленка, кој е и извршен директор на компанијата „Оукбери“, која влегува во клубот преку бразилскиот фонд.

Ле Ман игра во втората лига, Лига 2, оваа сезона, а претседателот Тиери Гомез неодамна потврди дека сака да види доаѓање на нови финансиски партнери во клубот.

Основан во 1985 година, клубот помина шест сезони во највисоката француска лига во првата деценија од 21 век, но не играл во највисоката лига од сезоната 2009/10.


Половина Серија А го сака Федерико Киеза

Напаѓачот на Ливерпул, Федерико Киеза, сака да се врати во италијанското првенство ова лето, каде што го следат четири клуба, објавија медиумите од Италија.

Според изворот, за 27-годишниот фудбалер има интерес од Милан, Аталанта, Болоња и Наполи. Се нагласува дека од Ливерпул нема да се мешаат во трансферот на Киеза доколку тој се договори со друг клуб.

Минатата сезона, Киеза одигра само 14 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи два гола и две асистенции. Тековниот договор на играчот со клубот е со важност до летото 2028 година. Според информациите пазарната вредност на играчот е 14 милиони евра.


Вардар – Пелистер ќе играа во петок, првото коло развлечено во четири дена

Како што беше најавено новата сезона во Првата македонска фудбалска лига донесе неколку новитети. Со воведувањето на ВАР системот ќе биде направен и посебен распоред за одигрување на натпреварите. Па така првенството ќе започне в петок, на осми август, а овој ден навивачите ќе имаат можност да проследат два дерби натпревари.

Стартот на шампионатот ќе го означат шампионот Шкендија и Шкупи, кои ќе се сретнат во Тетово во терминот од 17:00 часот, а три часа подоцна силите ќе ги одмерат вечните македонски ривали, Вардар и Пелистер. Навивачите оваа средба ќе може да ја проследат на Арената „Тодор Проески“, и тоа под рефлектори, во вечерниот термин од 20:00 часот.

На 9 август на програмата ќе имаме два меча (Башкими – Арсими и Струга Трим Лум – Македонија ЃП), а ден подоцна во Кавадарци ќе го проследиме дуелот меѓу Тиквеш и Работнички. Првото коло во ПМФЛ ќе се комплетира со мечот помеѓу Силекс и Брера Струмица, кој ќе се одигра в понеделник, 11 август, на стадионот во Кратово. Така за прв пат во фудбалскиот шампионат едно коло од ПМФЛ ќе се игра во четири дена, односно од петок до понеделник (8-11.август).


Познат терминот, Шкендија во вторник ќе брка историја против Карабах

Пласманот во третото коло од квалификациите од Лигата на шампионите за македонскиот првак Шкендија значеше и дополнителна обврска. Клубот од Тетово донесе одлука првиот натпревар што треба да го игра како домаќин на Националната Арена во Скопје да се игра на 5.август (вторник) со почеток во 20 часот.

Тетовчани ништо не менуваат истиот ден (вторник) и во ист термин (20 часот) ги играа и претходите два натпревара како домаќини со ТНС од Велс и ФЦСБ од Романија.

Реванш дуелот ќе се игра на 12.август во Баку во 18:00 часот.


Ла Лига нема да го помести првиот натпревар на Реал Мадрид

Реал Мадрид ќе ја започне новата сезона со домашен натпревар против Осасуна на 19 август, како што беше планирано, откако Шпанската фудбалска федерација (RFEF) ја отфрли жалбата на клубот за одложување на натпреварот во четврток, објавија шпанските медиуми.

Реал побара подолга пауза и повеќе време за подготовка по играњето на Светското клупско првенство во САД, каде што беа поразени од Пари Сен Жермен во полуфиналето на 9 јули.

Судијата на RFEF пресуди дека, со цел да се зачува интегритетот на натпреварувањето, промена на официјалниот календар ќе биде можна само во случај на виша сила, што не е применливо во овој случај.

„Конечно, треба да се додаде дека, иако клубот што го поднел барањето тврди дека има согласност од спротивната страна, Осасуна, нема запис дека вториот одговорил на барањето на овој судија“, Europa Press ја цитираше одлуката на единствениот судија што одлучуваше по жалбата.

Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, пред еден месец објави дека ниту Реал Мадрид, ниту Атлетико Мадрид нема да имаат никакви привилегии за распоред поради нивното учество на Светското клупско првенство.

„Ќе направам сè што можам за да се осигурам дека ова натпреварување нема да се одржи повторно“, изјави Тебас.

„Турнирот создава нерамнотежа во натпреварувањето поради парите што одат кај клубовите учесници. Го уништува календарот за сите тимови. Тие бараат повеќе денови одмор, но може да заработат 140 милиони евра од Светското клупско првенство – двојно повеќе од буџетот на Алавес – а потоа бараат привилегии како што е дополнителен одмор“, додаде тој.

Ла Лига веќе го објави распоредот за сезоната, која започнува на 16 август и завршува на 24 мај 2026 година, што остава кратка пауза до почетокот на Светското првенство во 2026 година во САД, Мексико и Канада.


Њукасл ја одби првата понуда за Исак

Ливерпул не се откажува од својата амбиција да го потпише Александар Исак и подготвува втора понуда за напаѓачот на Њукасл откако нивната првична понуда беше одбиена. Според „Скај Спортс Њуз“, „Црвените“ понудиле 110 милиони фунти плус бонуси, но вкупната сума е под 120 милиони фунти што ги бараат од Њукасл.

25-годишниот шведски репрезентативец моментално тренира сам во поранешниот клуб Реал Сосиедад додека се опоравува од „мала повреда на бутот“, за која Њукасл вели дека е причината зошто не отпатувал во Сингапур со својот тим.

Извори блиски до играчот откриваат дека Исак веќе го информирал клубот дека сака да ги разгледа сите опции во овој преоден рок. Ливерпул направил неформално барање претходно ова лето и се верува дека постигнал принципиелен договор со играчот за договор до 2031 година, со плата споредлива со онаа на новодојдениот Уго Екитике.