фудбал

Пеп потрошил преку две милијарди за трансфери во своите клубови

Манчестер сити го потврди враќањето на голманот Џејмс Трафорд, кој пристигна од Барнли во трансфер што претставува британски рекорд за играч на таа позиција. Овој 22-годишник се враќа на „Етихад“, стадионот каде што ја започна кариерата, во трансфер вреден 36 милиони евра. Сумата на крајот би можела да биде поголема бидејќи зависи и од бонусите.

Гвардиола достигна еден вид рекорд со овој трансфер на „граѓаните“, бидејќи стана првиот тренер во историјата на фудбалот кој потрошил повеќе од две милијарди евра за засилувања во текот на својата кариера.

Голманот Трафорд е 96-ти играч за кого Шпанецот платил отштета во својата тренерска кариера.

Најблиску до Гвардиола по пари потрошени за трансфери е, верувале или не, Диего Симеоне со 1,31 милијарди евра потрошени за засилувања во Атлетико Мадрид.

По нив следува Масимилијано Алегри, кој потрошил 1,2 милијарди за трансфери во Милан и Јувентус, пред сè, иако ги предводеше и Каљари, Сасуоло, Гросето, Спал и Аљанезе, потоа Томас Тухел со 1,19 милијарди (Мајнц, Борусија Дортмунд, ПСЖ, Челзи, Баерн) и Антонио Конте со 1,16 милијарди (Бари, Аталанта, Сиена, Јувентус, Челзи, Интер, Тотенхем, Наполи).


Рамсдејл нов голман на Њукасл

Арон Рамсдејл ќе го брани голот на Њукасл следната сезона, бидејќи „страчките“, со Саутемптон договорија позајмица со право на откуп.

Иако потпиша четиригодишен договор со „Светците“ на 30 август минатата година, само 11 месеци подоцна повремениот репрезентативец на Англија ќе го напушти бродот што потоа во Чемпионшип.

Интересно, Рамсдејл трет пат испадна од Премиер лигата, но ниту еднаш не остана во клубот да брани во понизок ранг, прво Борнмут во 2020 година, а потоа Шефилд Јунајтед една година подоцна. Сега ќе бара среќа во Њукасл, кој ја заврши претходната сезона на петтото место, па ќе игра во Лигата на шампионите. Рамсдејл ќе се бори за место меѓу стативите со 33-годишниот Ник Поуп.

Црно-белите, според извештаите од Островот, платиле „значителна сума“ за да го земат момчето од Стоук на позајмица за една година, а договорот вклучува право за откуп на неговиот договор.


Ждрепката за следниот Мундијал закажана во Лас Вегас

Лас Вегас ќе биде домаќин на ждрепката за Светското првенство во ФИФА во 2026 година.

Според „TUDN“ церемонијата на извлекување на групите ќе се одржи на 5 декември. Местото на одржување ќе биде „Сфера“ – музичка и забавна арена во Парадајс, источно од Лас Вегас Стрип.

Светското фудбалско првенство во 2026 година ќе се одржи во САД, Канада и Мексико од 11 јуни до 19 јули. За прв пат, 48 репрезентации ќе играат на турнирот.


Извлечени двојките од Купот: Евротип против Силекс, Јени Маале ја чека Шкендија

Денес беа формирани двојките за првото коло во фудбалскиот Куп на Македонија. Бранителот на пехарот, Вардар, ќе ја прескокне првата рунда.

Еве ги двојките
Шкендија Арачиново – Саса
Беласица – Арсими
Јенимаале – Шкендија
Карбинци – Работнички
Евротип – Силекс
Победа Валандово – Брегалница
Тетекс – Пелистер
ГФК Охрид – Брера
Љуботен – Македонија ЃП
Скопје – Тиквеш
Кожув – Шкупи
Башкими- Детонит
Екипата на Пчиња ќе биде слободна

Во првата фаза од Купот ќе се игра еден меч а доколку нема победник во регуларниот дел веднаш ќе се изведуваат пенали.


Вардар – Пелистер уште на стартот на шампионатот

Два дерби меча ќе го одбележат стартот на новата сезона во прволигашката фудбалска конкуренција во нашава земја.

Бранителот на титулата Шкендија ќе излезе на мегдан со Шкупи додека во вечното дерби Вардар ќе се сретне со Пелистер. Новиот шампионат во елитната конкуренција ќе биде отворен на 8 август.

Еве ги другите двојки во првото коло: Тиквеш – Работнички, Башкими – Арсими, Струга – Македонија ЃП и Силекс – Брера.


Салиба добива нов договор во Арсенал

Фудбалерот на Арсенал, Вилијам Салиба, изјави дека би сакал да го продолжи договорот со лондонскиот тим, кој истекува во 2027 година. По победата на Арсенал над Њукасл на пријателскиот натпревар пред сезоната, Салиба изјави дека немало конкретни преговори за продолжување на соработката, но дека имало добра комуникација меѓу неговиот агент и клубот.

„Да, се надевам. Секако, во моментов нема конкретни преговори, но има добра комуникација меѓу мојот агент и клубот. Ќе видиме – рече Французинот.

Тој ја започна својата кариера во Сент Етјен, потоа, во 2019 година, се пресели во Арсенал, но следните три години ги помина како позајмен во Сент Етјен, Ница и во Марсеј. Минатата сезона, тој одигра 51 натпревар за лондонскиот тим, постигнувајќи два гола и моментно е една од незаменливите алки во дефанзивата на Арсенал.


Де Јонг ќе добие понуда за нов договор во Барса

Фудбалерот на Барселона, Фрaнк де Јонг, кој треба да ја одработи последната сезона од тековниот договор со Каталонците, ќе добие понуда да остане на стадионот – „Камп Ноу“ најмалку до 2028 година.

Шампионот на Примера Дивизион дефинитивно сака да го задржи играчот од средниот ред кој во изминатата сезона беше меѓу најдобрите на теренот.

Холанѓанецот пристигна во Шпанија во 2019 година од Ајакс. Тој има 259 мечеви со ефект од 19 голови и 23 асистенции.


Санчо се враќа во Борусија Дортмунд?

Џејдон Санчо може да се врати во Борусија Дортмунд. Фудбалерот на Манчестер Јунајтед кој нема иднина на „Олд Трафорд“, континуирано се обидува да пронајде нова средина.

Медиумите во Германија наведуваат дека „милионерите“ ја разгледуваат опцијата да го вратат офанзивниот играч кој на времето забележа 158 мечеви со ефект од 53 голови и 67 асистенции.

Тимот од „Сигна Идуна Парк“ планира да испрати понуда од 20 милиони евра за 25-годшниот фудбалер..


Синот на Тоти престана со фудбалската кариера на 19 години

Франческо Тоти е еден од најдобрите фудбалери во историјата и засекогаш ќе остане запаметен како легенда на Рома, но неговиот син Кристијан не се прослави.

Кристијан Тоти реши да се повлече од фудбалот на само 19-годишна возраст, а причина за тоа бил големиот притисок кој му бил наметнат од првиот ден.

Споредбите со успехот на неговиот татко биле „преголем залах“ за младиот Кристијан, кој реши да се повлече од активно играње фудбал и во иднина да се посвети на друга улога, односно сака да биде скаут.


Колумбиецот Луис Суарез потпиша за Спортинг

Виктор Ѓокереш по долги преговори и голема неизвесност конечно стана играч на Арсенал, а во меѓувреме Спортинг Лисабон ја договараше неговата замена.

Португалскиот клуб потпиша напаѓач со славно име и презиме, Луис Суарез, но овој е Колумбиец.

Суарез има 27 години и во Спортинг доаѓа од Алмерија за 22 милиони евра.

Претходно има играно и за Марсеј, Гранада, Ватфорд, Реал Сарагоса, Гимнастик…

Колумбискиот фудбалер зад себе ја има најефикасната сезона во кариерата, постигна 31 гол на 43 натпревари, но во шпанската Втора лига.