фудбал

Торино и Спартак уште не можат да се договорат за Илиќ

Италијанскиот Торино бара од Спартак Москва најмалку 25 милиони евра за потписот на фудбалерот од средниот ред, Иван Илиќ.

Во исто време „црвено-белите“ се подготвени да платат 20 милиони евра + 2 како бонуси. Играчот од средниот ред во сезонава настапи на 13 натпревари на сите турнири со ефект од еден гол и една асистенција.

Актуелниот договор на Илиќ со калчо-лигашот е до летото во 2027 година.


Сучиќ официјално парафираше со Интер

Екипата на Интер го купи младиот фудбалер, Петар Сучиќ од Динамо Загреб за вкупно 16,5 милиони евра.

На Хрватите им следуваат фиксни 14 милиони и уште два и половина преку бонуси. Играчот кој има само 21-на година, ќе ја доигра сезоната со Динамо а потоа ќе му се приклучи на Интер.

Сучиќ деновиве треба да потпише повеќегодишен договор со „нероаѕурите“, најавија медиумите во Хрватска.


Левандовски израмни рекорд на Лео Меси

Полскиот напаѓач Роберт Левандовски стана првиот играч кој постигнал 19+ голови во своите први 22 натпревари во една сезона во Примера по Лионел Меси во сезоната 2019/20 (исто така 19 гола).

Левандовски постигна гол на натпреварот од 23. коло на шпанското првенство против Севиља (4-1).

Полскиот напаѓач за Барселона настапува од 2022 година. Договорот на фудбалерот со клубот е до 2026 година. Во моментов, трансферната вредност на фудбалерот се проценува на 15 милиони евра.

Сезонава Левандовски одигра 33 натпревари во сите натпреварувања на кои постигна 31 гол и три асистенции.


Претседателот на Адана Демирспор поднесе оставка

Претседателот на Адана Демирспор, Бедирхан Дурак на својата страница на социјалните мрежи објави дека се повлекува од функцијата.

Фудбалерите на Адана Демирспор вчера во 31. минута го напуштија теренот на натпреварот од 23. коло на турското првенство против Галатасарај. Гостите не беа задоволни од досуден пенал за Галатасарај во 13. минута.

-Отсекогаш ги игнорирав деструктивните и досадни пораки на социјалните мрежи за доброто на мојот клуб. Ме растажува кога гледам дека дојдовме до точка каде што нема излез. Сакам да ве информирам дека ја напуштам функцијата пред се заради клубот, семејството, блиските и моето здравје, се вели во пораката на Дурак.

Тој ја извршуваше функцијата претседател на турскиот клуб од октомври 2024 година.

Адана Демирспор е на последното, 19. место во првенствениот поредок со пет бода.


Ал Наср и Роналдо се согласија за нов договор

Сè уште не е официјално објавено, но според вестите од Саудиска Арабија, Кристијано Роналдо ќе го продолжи договорот со Ал Наср до крајот на 2026 година.

Португалецот пред неколку дена наполни 40 години, се почести со победа и уште еден гол против Ал Фејха, а од клубот на подарок доби нов договорот.

Португалецот пристигна во Саудиска Арабија во декември 2022 година од Манчестер јунајтед, на 90 натпревари постигна 82 гола и забележа 19 асистенции. Оваа сезона на 26 натпревари постигна 24 гола. На последните девет натпревари за Ал Наср во првенството постигна 10 гола.

Роналдо е водечки стрелец во ПРО лигата со 16 гола, Карим Бензема има постигнато два помалку, а зад него се напаѓачите на Ал Хилал Маркос Леонардо и Александар Митровиќ со по 12 гола.


Неста се врати на клупата на Монца

Алесандро Неста се врати во Монца, откако клубот очекувано му врачи отказ на Салваторе Бокети, по шест порази во седум натпревари.

Шефот на клубот Адријано Галијани веднаш реагираше и реши на тренерската позиција да го врати Алесандро Неста со кого во декември го раскина договорот по поразот од Јувентус.

„Монца објавува дека го отповика отказот за Алесандро Неста, кој ја продолжува својата улога како тренер на првиот тим“, се вели во соопштението на ФК Монца.

Неста го предводеше тимот на 17 натпревари оваа сезона, со една победа, седум нерешени и девет порази. Монца моментално има само 13 бода, осум помалку од Емполи кој е на 17. место во зоната за опстанок во Серија А.


Слот: Разочаран сум, но Плимут знаеше што сака

Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот призна дека испаѓањето од ФА Купот од Плимут било навистина разочарувачки, како за него, така и за навивачите и играчите.

Екипата од Чемпионшип, која го зазема последното место во втората лига на англискиот фудбал, го приреди најголемото изненадување во 4. коло на турнирот, елиминирајќи го составот на „црвените“ кој продолжува да се бори во Премиер лигата, Лигата на шампионите и Лига Купот.

„Резултатот е очигледен. Ова е големо разочарување и не можеме да бидеме задоволни со начинот на кој игравме. Единствено што можам да бидам среќен е што момците се бореа скоро сто минути и можеби најдобрите минути во целиот натпревар беа последните десет. Ова покажува дека тие навистина продолжија да се борат до самиот крај“ рече Слот.

Тој, исто така ги истакна квалитетите на Плимут.

„Имаа добар план за игра. Работеа напорно и добија пенал кој беше сосема заслужен. Тоа беше чист пенал, правилна одлука. Сепак, тоа многу влијаеше на натпреварот, бидејќи до тој момент ниту една екипа немаше шанси. Нивниот голман, исто така, направи една или две многу добри одбрани на крајот, но ние имавме малку време да создадеме нешто друго“, призна Слот.

„Не жалам за мојот избор за составот. Не можеме да знаеме што ќе се случеше ако игравме со нашите стартери. Мислам дека оваа сезона, видовме неколку пати, дека овој начин на игра на Плимут е тежок дури и за нашите стартери, како и за оние кои почнаа денеска. Постојани долги топки, борба за втората топка. Тешко е за секој тим. Така беше против Манчестер Јунајтед на домашен терен. Денеска игравме со овие играчи бидејќи им треба ритам на игра. За да бидат подготвени за наредните месеци, им треба време. Денес стана јасно дека на некои играчи навистина им требаат вакви натпревари за да бидат подготвени за последните три месеци од сезоната“, заврши Холанѓанецот.


Ван Дајк има дилеми дали ќе остане во Ливерпул

Фудбалерот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк не е сигурен за неговата фудбалска иднина.

Актуелниот договор на 33-годишниот Холанѓанец со тимот од „Енфилд“ е до лето.

„Немам поим што ќе донесе иднината. Оној што вели дека знае нешто, не знае ништо!“, го цитира новинарот Фабрицио Романо зборовите на Ван Дајк.

Холанѓанецот оваа сезона одигра 32 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи три гола и една асистенција. Дефанзивецот игра за Ливерпул од 2018 година.


Двајца Португалци добива нови договори во ПСЖ

По вчерашниот потшишан нов договор на Ашраф Хакими, денеска истото го направија Нуњо Мендеш и Витиња.

Сите тројца ги продолжија договорите со тимот од Париз до 2029 година. Исто така договорот го продолжи и Луис Енрике, кој потпиша до 2027 година.

ПСЖ е најсериозен кандидат за освојување на титулата во Франција, а исто така тимот е меѓу фаворитите и за освојување на Лигата на шампионите, трофеј кој му недостасува во историјата.


Дибала од пенал одлучи, Рома носи три бода од Венеција

Фудбалерите на Рома ја совладаа Венеција на гостински терен со минимален резултат (0-1) во натпреварот од 24. коло на Серија А.

Стрелец на единствениот гол на натпреварот беше Пауло Дибала од пенал во 57. минута, што беше шести гол за Аргентинецот оваа сезона во Серија А.

Клучниот момент на натпреварот се случи на стартот од вториот дел кога Алесандро Маркандали беше невнимателен, направи фаул врз Анхелињо во самиот агол од сопствениот шеснаесетник. Судијата немаше дилема, а Дибала ладнокрвно го реализираше пеналот.

Рома по овој меч остана деветта со 34 бода и е во серија од осум меча без пораз во првенството. Венеција е претпоследна.

Во следното коло и двете екипи ќе гостуваат, Рома во Парма, а Венеција во Џенова.