фудбал

Јуве и Астон Вила планираат да ги разменат голманите

Голманот на Аргентина и Астон Вила, Емилијано Мартинез би можел кариерата да ја продолжи во Италија. Јувентус е заинтересиран за услугите на аргентинскиот голман, информира „Калчомеркато“.

Според изворот, во замена за Мартинез, Јувентус е подготвен да му го понуди на Астон Вила својот голман Војчех Шчесни. Се забележува дека самиот Шчесни не би сакал да го напушти Торино.

Да потсетиме, претходно медиумите објавија дека Астон Вила има намера да се ослободи од Мартинез. Тренерот на англискиот тим Унаи Емери бил изнервиран од однесувањето на голманот по финалниот натпревар на Светското првенство во 2022 година со француската репрезентација. Мартинез ги испровоцира противниците за време на решавачкиот меч, кој заврши со победа на аргентинскиот тим (3-3, 4-2 по пенали). За време на шампионската прослава во Буенос Аирес, голманот носеше кукла со ликот на Мбапе.


Арсенал нуди девет милиони евра за Жоао Феликс

Фудбалскиот клуб Арсенал продолжува со потрагата на напаѓач кој до крајот на сезоната ќе го замени повредениот Бразилец Габриел Жезус.

Арсенал својот интерес го насочува кон ангажман на Португалецот Жоао Феликс, и за таа цел клубот веќе испратил понуда во висина од девет милиони евра за да го доведе Феликс на позајмица во своите редови.

Според најавите, Арсенал е подготвен и да го покрие целиот износ на платата која Феликс во моментот ја добива во Атлетико Мадрид. За потсетување, постојат шпекулации дека младиот португалски фудбалер е во лоши односи со тренерот Симеоне, па за очекување е тој во наредниот период да заигра во друг клуб.


МекАлистер доаѓа во Јуве ако „старата дама“ го продаде Мекени

Еден од хероите на Аргентина, Алексис Мек Алистер, сака да се пресели во Јувентус, пишува „Газета дело спорт“.

Италијанскиот гигант е заинтересиран за светскиот шампион, а според истиот извор Брајтон е подготвен да го пушти за околу 40 милиони евра. Фудбалерот на Брајтон потпиша нов договор непосредно пред Светското првенство. Со настапите во Катар, сепак, го привлече интересот на дел од европските гиганти.

Јувентус е во потрага по нов играч за врска кој ќе го замени Адриен Рабиот. Договорот на Французинот истекува следното лето и се очекува тој да го напушти Торино. „Старата дама“ е подготвена да го продаде Вестон Мекени за да собере пари за квалитетен играч за врска.


Реал сака да го врати Тео Хернандез

Левиот бек на Милан и Франција, Тео Хернандез е на списокот на трансфер желби на Реал Мадрид, објавија медиумите во Шпанија.

Истите извори велат дека во борбата за потписот на Хернандез, Реал Мадрид ќе се натпреварува со ПСЖ и Челзи. Претходно медиумите пишуваа и за интересот за 25-годишниот играч од страна на Манчестер Сити.

Да потсетиме дека Хернандез веќе играше за Реал Мадрид во периодот од јули 2017 до јули 2019 година. За тоа време, тој успеа да одигра 23 натпревари во дресот на Реал Мадрид и да замине на позајмица.

Тео Хернандез беше освојувач на сребрен медал на Светското првенство во 2022 година како дел од францускиот тим. Хернандез одигра 18 натпревари за Милан оваа сезона, постигнувајќи два гола и четири асистенции. Неговиот договор со италијанскиот клуб е до 2026 година. Фудбалерот е проценет на 55 милиони евра според Трансфермаркт.


Њукасл се вклучи во трката за Жоржињо

Италијанскиот фудбалски репрезентативец, Жоржињо, кој ја одработува последната сезона во редовите на Челзи ќе добие понуда да се пресели во Њукасл.

31-годишниот играч нема да добие продолжување на соработката со лондончани и уште во јануари ќе може да направи слободен трансфер.

„Сините“ на неговото место планираат да го ангажираат играчот од средниот ред на Бенфика, Енцо Фернандез.


Барселона со понуда за нов договор за Алонсо

Шпанските медиуми тврдат дека фудбалерот на Барселона, Маркос Алонсо, ќе го продолжи договорот со каталонскиот клуб до 2024.година, бидејќи раководството на Барса е задоволно од неговите игри.

32-годишниот Алонсо пристигна во Барселона за време на летниот преоден рок од тимот на Челзи, а има договор со клубот до јуни 2023.година.

Алонсо оваа сезона одигра 12 натпревари за Барселона и постигна еден гол.


Наинголан по третпат ќе го облече дресот на Калјари

Клаудио Раниери кој го презеде кормилото на Калјари, може да го врати белгискиот фудбалер Раџа Наинголан, пишува италијанскиот весник – „Кориере дело спорт“.

Според најавите, искусниот стратег сака во јануари да го врати 34-годишниот ветеран. Тој е слободен играч откако во октомври се раздели со Антверпен.

Наинголан играше за Калјари  од 2010 до 2014 година и од 2019 до  2021 година.


Жиру и Милан постигнаа согласност за нов едногодишен договор

Оливие Жиру е блиску до продолжување на договорот со италијанскиот шампион Милан, пренесуваат медиумите на „Чизма“.

Искусниот, 36-годишен напаѓач дојде на „Сан Сиро“ во летото 2021 година во трансфер вреден 2.850.000 од Челзи и беше еден од најважните играчи во шампионската генерација на Милан минатата сезона. Французинот досега одигра 57 натпревари во дресот на „росонерите“ и постигна 23 гола. Има договор меѓу челниците на Милан и Жиру за продолжување на соработката, а се треба да се официјализира наскоро кога агентот на напаѓачот ќе ги започне преговорите со клубот.

Јасно е дека поради возраста договорот ќе биде продолжен на уште една година.


Фенербахче ја раскинува соработката со Алиоски

Турскиот фудбалски гигант Фенербахче донел одлука предвреме да ја прекина соработката со македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски.

Според информациите од турските медиуми, најверојатно Алиоски ќе се врати во саудискиот клуб Ал Ахли од каде фубалерот пристигна на позајмица во Фенербахче.

 Претходно беше планирано клубот од Истанбул на крајот од сезоната целосно да го откупи договорот на Алиоски, меѓутоа во меѓувреме се случи пресврт во намерите, и челниците на популарниот Фенер, се решија да ја прекинат соработката со македонскиот интернационалец.


Верати доби договор до 2026 година во ПСЖ

Играчот од средниот ред на ПСЖ, Марко Верати го продолжи договорот со францускиот клуб до 2026 година. Ова го соопшти прес-службата на тимот.

Верати дојде во ПСЖ од Пескара во 2012 година. За десет сезони во Париз учествуваше на 398 натпревари, постигна 11 голови и даде 48 асистенции. Претходниот договор на 30-годишниот Марко Верати со ПСЖ беше со важност до јуни 2024 година. На 15 натпревари од францускиот шампионат, тимот освои 41 бод и води на табелата.

Претходно беше објавено дека спортскиот директор на парижаните, Луис Кампос, е во преговори за продолжување на договорот со уште неколку играчи – Серхио Рамос, Лионел Меси, Маркињос и Преснел Кимпембе.