фудбал

УЕФА ги распредели парите на клубовите, Шкендија доби најмногу од мак-клубовите

Европската фудбалска унија (УЕФА) подели 233 милиони евра на адреси на 901 клуб преку бенефит програмата.

Парите се исплатени на клубовите од сите 55 европски сојузи кои се членки на Европската фудбалска унија.

На овој начин УЕФА им додели на клубовите кои во периодот од 2020 до 2024 година им дозволија на своите играчи да настапуваат за нивните репрезентации во натпревари под покровителство на УЕФА.

Станува збор за два циклуса од Лигата на нациите, Европското првенство и квалификациите за Светското првенство.

Македонските клубови од оваа програма добија 150.000 евра. Парите се распределени на седум клубови, кои во наведениот период имале репрезентативци. Речиси половина од парите доби Шкендија, поточно 65.862 евра, следуваат Работнички со 25.613 евра, Академија Пандев со 21.954 евра и Вардар со 14.636 евра. Силекс, Шкупи и Македонија ЃП добија по 7.318 евра.

Најмногу пари во оваа распределба доби Манчестер сити (5,1 милиони), додека зад „граѓаните“ се Интер (4,6 милиони), ПСЖ (4,4 милиони), Баерн (4,3 милиони).


Аморим најави нови напаѓачи следната сезона

Менаџерот на фудбалерите на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, планира да го засили нападот за наредната сезона, објавија денеска дел од медиумите во Англија.

Според наведеното, Португалецот сака да го ангажира голгетерот на Вулверхемптон, Матеус Куња, кој на 31 меч во сезонава постигна 16 голови.

Бразилецот кој има договор до 2029 година има откупна калузула од околу 70 милиони евра.


Нуно: Овој Форест има идентитет

Фудбалерите на Нотингем Форест доцна синоќа остварија голема победа на теренот на Тотенхем со што ширум ја отворија вратата за влез во Лигата на шампионите за наредната сезона.

Нивниот менаџер, Нуно Еспирито Санто, не крие дека е задоволен од освоените три бода и брзата рехабилитација по поразот од Евертон во претходното коло.

„Имаме начин на игра и идентитет. Навистина добро ја контролиравме играта во првото полувреме. Тотенхем беше подобар во вториот дел“, рече тренерот на Нотингем.


Донадони критичен кон својот Милан

Легендата на фудбалскиот состав Милан, Роберто Донадони, проговори за слабата сезона на „росонерите“ кои в среда ги очекува реваншот од полуфиналето со градскиот ривал Интер во италијанскиот Куп.

„Кога треба да постигнете резултат за да ја спасите сезоната, работите стануваат уште покомпликувани. Еден погрешен чекор ќе биде крај на една лоша сезона. Милан ги покажува истите проблеми. Кога ќе го најде вистинскиот пристап тогаш резултатите ќе дојдат”, рече некогашниот фудбалер.


Ширер критичен кон сезоната на Хојлунд во Јунајтед

Легендарниот англиски фудбалер Алан Ширер остро го критикуваше напаѓачот на Манчестер јунајтед, Расмус Хојлунд.

Екипата на Манчестер јунајтед не успеа да го победи Вулверхемптон во Премиер лигата, по епскиот пресврт против Лион во Лигата на Европа, со резултат 5:4.

Избраниците на Рубен Аморим не блескаа на овој меч, а доказ за тоа е фактот што во текот на целиот меч упатија само два удари кон голот, па гостите немаа проблем да ја зачуваат мрежата на „Олд Трафорд“.

„Кога го гледам Хојлунд, гледам оштетен напаѓач. Мислам дека не беше и не е подготвен да го води нападот во клуб каков што е Манчестер јунајтед. Три гола во Премиер лигата, во моментов гледам играч кој навистина не сака да учествува. Неговиот тајминг е целосно погрешен, нема сомнеж дека страда од криза на самодоверба”, истакна најдобриот стрелец во историјата на Премиер лигата.

Данскиот фудбалер е платен дури 74 милиони евра, но моментално не го испроачува она за што е платен.

„Ставен е во исклучително тешка ситуација, но мислам дека во него се крие добар играч. Сепак, големите пари кои се одвоени за него и нереалните барања го ставија под огромен притисок. Тој се уште не е подготвен да го води нападот”.


Малиот Го Ахед Иглс го освои Купот на Холандија

Фудбалерите на Го Ахед Иглс вечерва го освоија својот прв трофеј во 122-годишната историја на клубот. Во финалето на Купот на Холандија, Иглс го победија АЗ Алкмар.

Финалето одиграно на стадионот „Де Кајп“ во Ротердам аутсајдерот победи по подоброто изведување пенали.

Пред речиси 43.000 гледачи резултатот по 90 минути беше 1:1, а двата гола беа постигнати од белата точка.

Трој Перо го доведе АЗ Алкмар во водство во 54. минута, а израмни Матс Дејл во деветтата минута од судиското надополнување.

Во продолженијата од два пати по 30 минути немаше голови, па започна пенал-рулетот каде резултатот беше 4:2 за „орлите“.

АЗ промаши два пенали, односно: Бурместер и Лахдо, додека кај новиот освојувач на трофејот прецизен беа четворицата кои шутираа.


Бетис ја освои Џирона и се вклучи во трката по европските места

Фудбалерите на Бетис убедливо ја победија Џирона на гости со резултат 1-3 во последниот натпревар од 32.коло на шпанската Ла Лига. Македонскиот репрезентативец, Бојан Миовски, поразот на својот тим го гледаше од клупата за резерви.

Полуфиналистот од Конференциската лига ја продолжи добрата форма на стадионот „Монтилви“ и до крајот на сезоната ќе води голема борба за пласман во Лигата на шампионите. .

Веќе во шестата минута Џони Кардосо на додавање на Иско ја најави победата на тимот од Андалузија.

Во 39. минута Антони го удвои водството, а три минути подоцна Иско зголеми на 3:0.

Џирона во вториот дел успеа само да постигне утешен гол преку Кристијан Стуани во 86. минута.

Бетис, сега е на шестата позиција со 51 освоен бод, додека Џирона е на 16. место со 34 бодови и до крајот на сезоната ќе се бори за опстанок во лигата.


Саудиска Арабија сака да организира Мундијал со 64 екипи

Принцот Абдулазиз бин Турки Ал-Фаисал тврди дека Саудиска Арабија може да организира Светско првенство во фудбал на кое ќе играат дури 64 репрезентации.

Во светот се води дебата дали Мундијалот да се прошири на 64 репрезентации. За многумина тоа е луда идеја, но нејасно е дали ФИФА ќе го прифати овој предлог.

Како и да е, Саудиска Арабија која ќе биде домаќин на СП 2034 година, вели дека нема проблем да организира еден таков гломазен настан со толку многу репрезентации.

Принцот Абдулазиз бин Турки Ал-Фаисал вели дека тие не се против идејата за проширување на Мундијалот. Ќе ги реконструираат и изградат стадионите кои ќе бидат вкупно 15 на број и ќе ги задоволат потребите.

Тој исто така ја потврди одлуката која нема да им се допадне на грото од фановите, а тоа е дека на СП 2034 нема да има алкохол затоа што е забрането во нивната земја.

Но, дотогаш има уште девет години, Саудиска Арабија е земја која сака да ги следи европските трендови и иако беше една од најстрогите и најзатворени земји, полека низ годините го олабавува режимот, па до 2034 многу работи може да се случат.


Чаби Алонсо: Имаме само теоретски шанси за одбрана на титулата

Тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо е свесен дека шансите на тимот да ја одбрани титулата во Бундеслигата се минимални.

„Мора да бидеме реални и да кажеме дека имаме само математички шанси да ја освоиме титулата во Бундеслигата“, изјави Алонсо, пренесуваат денеска германските медиуми.

На четири кола до крајот на Бундеслигата, тимот од Леверкузен е на второто место на табелата со осум бода помалку од првопласираниот Баерн Минхен.

Леверкузен до крајот на сезоната ќе игра натпревари против Аугсбург, Борусија Дортмунд, Фрајбург и Мајнц, додека Баерн ќе се сретне со Мајнц, Лајпциг, Борусија Менхенгладбах и Хофенхајм.


Консеисао: Не паметам кога последен пат Милан освои две титули во сезона

Тренерот на Милан, Серж Консеисао, зборуваше за својата иднина по поразот од Аталанта во Серија А.

Славниот италијански тим тоне се подлабоко и подлабоко. Веќе во првата полусезона стана јасно дека нема да се борат за титулата во Серија А, а сега со 33 бода се се подалеку од местото на табелата кое води на едно од европските натпреварувања, па големи се шансите следната сезона да не учествуваат на ниту едно меѓународно натпреварување.

Милан ја има речиси единствената реална шанса да стигне до Европа доколку го освои Купот на Италија. Во среда во полуфиналето ќе се сретне со Интер (прв натпревар 1:1), што е меч кој според тамошните медиуми би можел да ја реши судбината на Португалецот на клупата на клубот.

„Откако пристигнав, го освоив Суперкупот и победив во првиот меч од Серија А и покрај тоа сите зборуваа кои тренери кои би можеле да дојдат во Милан.

Во фудбалот сум 40 години, ако мене ме прашате се е во ред, но луѓето со кои работам ги следат сите овие приказни и тоа не ни помага да се стабилизираме. Мораме да работиме денес за да бидеме подобри утре. Искрено понекогаш ми е тешко кога гледам со колку малку почит зборуваат луѓето за тренерот на Милан како никогаш да не сум бил во соблекувалната, како никогаш да не сум бил во фудбалот. Тоа не е точно. Мојата однина е утре, да го подготвам мечот со Интер на најдобар начин и да го освоиме трофејот. Не знам кога последен пат Милан освоил два трофеи во една сезона, но тоа не е нормално“, изјави Консеисао.