фудбал

Јуве се вклучува во трката за Хаким Зијеч

Јувентус сериозно се вклучи во трката за мароканскиот репрезентативец Хаким Зијеч, пренесуваат италијанските медиуми. Зијеч не добива голема минутажа во Челзи, па и самиот сака да ја промени средината во јануари.

Мароканецот беше голема желба на Милан во летниот преоден рок, но трансферот не се реализираше, а сега може да го облече дресот на Јувентус.

„Бјанконерите“ веруваат дека ќе биде идеална замена за Ди Марија, кој на крајот на сезоната ќе го напушти клубот. Јувентус сака уште во јануари да го доведе Зијеч во Торино.


Швајнштајгер: Марсијал е одличен напаѓач, има огромен потенцијал

Поранешниот фудбалер, Бастијан Швајнштајгер, кој извесен период помина на „Олд Трафорд“ вели дека напаѓачот на „црвените ѓаволи“, Ентони Марсијал, може да биде значајна фигура во тимот.

„Марсијал има огромен потенцијал. Се сеќавам на времето кога пристигна во Јунајтед и кога постигна гол против Ливерпул на специјален начин. Тој е најопасен во ситуација еден на еден и кога ќе добие топка пред голот“, вели Шванштајгер.


Арсенал го враќа Абрахам во Премиер лигата

Арсенал е силно заинтересиран за напаѓачот на Рома и англиски репрезентативец, Тами Абрахам. Абрахам  направи вистински потег со трансферот во Рома каде се промовираше во еден од најдобрите млади напаѓачи во Европа.

Минатата сезона тој во дресот на Рома постигна 24 гола и 5 асистенции во сите натпреварувања и со тоа веднаш го привлече интересот на бројни клубови. 

Оваа сезона игра нешто послабо, а медиумите откриваат дека влегол во конфликт со тренерот Мурињо, а таквата ситуација сака да ја искористи Арсенал.

Арсенал наводно е спремен да плати 60 милиони евра за неговиот потпис, што е 20 милиони повеќе од сумата која Рома ја плати за да го доведе на „Олимпико“.


Далиќ: Би било прекрасно доколку ја освоиме бронзата

Селекторот на Хрватска, Златко Далиќ, изјави дека неговата екипа е тажна и разочарана после поразот од Аргентина во полуфиналето на Светското првенство во Катар.

Хрватска во сабота ја очекува натпревар за бронзен медал против селекцијата на Мароко, кој ќе се одигра на стадионот Ал Калифа.

„Мораме да собериме сили и да се вратиме во борбата за бронзата. Тоа за нас ќе биде големото финале, битка за медал. Мораме максимално да се подготвиме за да се радуваме на крајот“, истакнува Далиќ.

Хрватскиот селектор информира дека екипата има доста проблеми со повредени играчи, па така под знак прашалник е настапот на Марцело Брозовиќ, Јошко Гвардиол и Јосип Јурановиќ.


Алиоски се повреди, нема да игра до крајот на годината

Езџан Алиоски ќе биде надвор од терените во следните 2-3 недели. Тоа значи дека за него оваа календарска година е завршена и ќе ги пропушти натпреварите кои следат. До крајот на годината Фенербахче гостува кај Трабзонспор на Барди и игра дома со Хатајаспор. Под знак прашалник ќе биде настапот на Џани против Анталијаспор на 3. јануари.

Како што потврдија од Фенербахче станува збор за истегнување на мускулот.

„На Алиоски му беше утврдено истегнување на мускулот од втор степен и има болки во препоните што ги доживеа на тренинг. Ќе започне со тренинзи после две-три недели откако ќе добие соодветен третман“, стои во соопштението од Фенербахче.


Марчињак од Полска ќе го суди финалето на Светското првенство во Катар

Меѓународната фудбалска федерација- ФИФА, соопшти дека финалниот натпревар на Светското првенство во Катар помеѓу репрезентациите на Франција и Аргентина, ќе го суди полскиот арбитар Шимон Марчињак.

41-годишниот Марчињак претходно на Мундијалот веќе му судеше на Аргентина во осминафиналниот дуел со Австралија, како и на Франција на мечот од групната фаза против Данска.

Финалето на Мундијалот во Катар ќе се игра во недела од 16:00 часот на стадионот Лусаил.


Реграги доби повик директно од мароканскиот крал Мухамед

Мароканските медиуми пренесоа дека кралот го исконтактирал селекторот Валид Реграги по поразот од Франција за да му покаже колку е горд на тоа што го постигнале неговите фудбалери.

Кралот Мухамед шести лично му се јавил на Реграги за да му честита за историскиот успех во Катар.

Мароко стана првата селекција од „црниот континент“ која се пласирала во полуфинале на еден фудбалски мундијал.


Седум кандидати за нов селектор на Португалија

Португалскиот стручњак Руи Виторија може да биде новиот селектор на оваа репрезентација, јавија локалните медиуми. 52-годишниот стручњак бил вклучен во листата на претенденти за местото селектор на португалската репрезентација, што го состави Португалската фудбалска федерација (ФПФ).

Виторија, кој сега работи со египетската репрезентација, е во блиски односи со првиот човек на ФПФ. Покрај тоа, квалитетите на Руи ги исполнуваат барањата на федерацијата – тој има големо искуство, работеше во други земји каде освојуваше трофеи, а има искуство од работа и во Португалија.

Бројот на кандидати за селектор на португалската репрезентација со Виторија, се зголеми на седум: Хорхе Жесус, Руи Хорхе, Пауло Бенто, Карлос Кеирос, Пауло Соуза и Жозе Мурињо.


Фернандо Сантош не е повеќе селектор на Португалија

Фудбалскиот сојуз на Португалија објави дека ја прекина соработката со досегашниот селектор на репрезентацијата, Фернандо Сантош.

Искусниот стручњак, кој ја предводеше Португалија од 2014 година, имаше договор до 2024 година, но доби отказ после елиминацијата на селекцијата на Мундијалот во Катар.

Португалија беше еден од фаворитите за освојување на титулата на СП во Катар, меѓутоа беше поразена од Мароко во четвртфиналето на турнирот со резултат 1:0.

Сантош со Португалија ја освои титулата на Европското првенство во 2016 година, и Лигата на нации во 2019 година.


Младиот Бразилец Ендрик е нов играч на Реал Мадрид

Бразилскиот фудбалски тинејџер, Ендрик, потпиша тригодишен договор со екипата на Реал Мадрид.

Младиот 16-годишен напаѓач ќе му се приклучи на тимот од Мадрид во летото 2024 година, откако тој ќе наполни 18 години.

Ендрик во сениорска конкуренција има настапувано само за Палмеирас, каде постигна три гола на седум натпревари.

Според медиумските информации, трансферот на Ендрик во Реал е вреден 60 милиони евра.