фудбал

Бускетс останува во Барселона до јуни

Фудбалскиот клуб Барселона не сака да го пушти капитенот на екипата, Серхио Бускетс, да го напушти клубот во јануари.

Бускетс ќе остане играч на Барса до крајот на сезоната, а потоа како слободен играч ќе замине во Интер од Мајами.

И покрај желбата на клубот чиј еден од сопствениците е Дејвид Бекам, да го доведе Бускетс шест месеци пред истекот на неговиот договор со Барселона, тренерот на клубот од Камп Ноу, Чави Ернандез, инсистира играчот да остане бидејќи му е потребен и за вториот дел од сезоната.

Серхио Бускетс е првотимец на Барселона од 2008 година, и со клубот меѓу другото има освоено осум Примери, три Лиги на шампиони, и три Светски клубски првенства. Тој во дресот на Барселона има одиграно 696 натпревари и постигна 18 гола.


Зидан кандидат за бразилската клупа

Зинедин Зидан долго време ги одбиваше понудите на голем број европски гиганти бидејќи сака да биде селектор на француската репрезентација.

Меѓутоа, како што сега стојат работите Дешамп тешко дека ќе го напушти кормилото на Франција, особено после добрите настапи на Мундијалот. Бразилските медиуми пренесуваат Фудбалската федерација на Бразил го посакува Зидан за свој селектот по заминувањето на Тите.

Бразилците на Зидан му нудат да потпише четиригодишен договор и да ја води репрезентацијата на идното Светско првенство што во 2026 година ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.

Сега останува да се види дали Зидан е спремен да ја прифати понудата и да седне на кормилото на Бразил.


Погба се враќа на терените на крајот од јануари

Фудбалерот на Јувентус, Пол Погба, се очекува да се врати на фудбалските терени на крајот од јануари идната година, бидејќи тој сеуште се опоравува од операцијата на коленото.

Французинот Погба, во летниот трансфер период се врати од Манчестер Јунајтед во Јувентус, меѓутоа заработи повреда на менискусот од десното колено на предсезонската турнеја во Америка.

Погба на почетокот од септември мораше да замине на операција поради што го пропушти своето учество на Мундијалот во Катар. Неговото опоравување од повредата не се одвива многу брзо па така најверојатно неговото враќање на теренот и повторно вклучување во тимот на Јувентус ќе се случи на почетокот од 2023 година.


Санчо не е незаменлив во Манчестер Јунајтед

Џејдон Санчо пристигна во Манчестер Јунајтед како големо засилување, но до сега не ги оправда очекувањата. Тренерот, Тен Хаг денес истакна дека не знае кога Санчо повторно ќе заигра во првиот тим, бидејќи не е спремен физички и психички. Пред него има многу работа, а во наредниот период нема да биде дел од тимот за да се справи со својата физичка и психичка состојба.

Англиските медиуми пренесуваат дека Санчо побарал трансфер и сака да ја промени средината во јануари. Можно е да биде испратен на позајмица во Бундеслигата или Серија А.

Доколку Санчо замине, Јунајтед како негова замена сака да го доведе Рафаел Леао од Милан, но проблем е што „росонерите“ не сакаат да ја пуштат својата ѕвезда на средина од сезоната.

Наводно „црвените ѓаволи“ се спремни да понудат 100 милиони евра за Португалецот.


Мароканскиот голман пред потпис со Баерн Минхен

Јасин Боно е меѓу играчите кои најмногу импресионираа на Мундијалот во Катар.

Одличните настапи на Мундијалот на Боно ќе му донесат трансфер на кариерата, пренесуваат светските медуми. Имено, Баерн Минхен го избрал токму Боно да биде замена за повредениот Мануел Ноер и сака да го донесе на „Алијанц Арена“.

Мадридски „АС“ пренесува дека Оливер Кан лично го избрал Боно и Баерн веќе спрема понуда за 31-годишниот голман.

Боно моментално настапува за Севиља која е спремна да го пушти во Минхен за 15 милиони евра.


Жота се враќа на крајот на јануари следната година

Напаѓачот на Ливерпул, Диого Жота нема да се рехабилитира до крајот на јануари.

Португалецот ќе започне со тренинзи дури следниот месец, па најрано се очекува да ссе врати на терените во февруари. Жота се повреди на средината на октомври и поради повреда го пропушти Мундијалот во Катар.

Се очекуваше да се врати на терените до крајот на овој месец, но повредата се покажа потешка од предвиденото, па ќе мора да паузира уште два месеци.

Жота оваа сезона има само 8 настапи за Ливерпул, на кои запиша 5 асистенции.


Рафаел Леао е трансфер мета на Челзи и Манчестер Јунајтед

Фудбалерот на Милан и репрезентативец на Португалија, Рафаел Леао, веќе подолг период е на мета на повеќе клубови, а според најновите информации сериозен интерес за него сега покажуваат два премиерлигашки клубови.

Информациите од Островот велат дека Челзи и Манчестер Јунајтед сакаат потпис со Леао, и за таа цел веќе го контактирале раководството на Милан.

Леао со Милан има договор до јули 2024 година, а италијанскиот клуб ја одреди цената за негов евентуален трансфер и таа изнесува 100 милиони евра, и нема намера да го продаде фудбалерот за пониска цена.


Баерн Минхен започнал итни преговори со голманот Ливаковиќ

Каналот Скај Германија информира дека фудбалскиот клуб Баерн Минхен, покажува голем интерес за голманот на Хрватска, Доминик Ливаковиќ, особено после повредата на првиот голман на тимот, Мануел Ноер, кој се повреди на скијање.

Раководството на германскиот шампион веќе започнало преговори со менаџерите на хрватскиот голман. Договорот на Ливаковиќ со неговиот сегашен клуб, Динамо Загреб, истекува во јуни 2024 година, и според најавите, гигантот од Минхен ќе стори се и е подготвен да плати висока сума за обештетување, како би го довел Хрватот во своите редови.


Реал сака да го врати Хакими во Мадрид

Ашраф Хакими е еден од најдобрите десни бекови во светот, а тоа го покажа и со своите партии за Мароко на Мундијалот. Десниот бек беше дел од младинските категории на Реал Мадрид, играше за Реал Мадрид Кастиља, меѓутоа никогаш не доби вистинска шанса во првиот тим на „кралевите“.

Одличен беше на позајмицата во Борусија Дортмунд, но ниту тоа не беше доволно Реал да го купи. Ситуацијата ја искористи Интер кој го доведе и после една година го продаде во Париз за 70 милиони евра.

Шпанските медиуми пренесуваат дека Реал сака да ја поправи грешката, а и самиот Хакими е спремен да се врати во Мадрид.

Мароканецот дал до знаење дека е спремен да прифати и намалување на платата за да го облече „кралскиот“ дрес.


Бускетс барал да замине од Барса уште во јануари

Серхио Бускетс побарал од клубот да му биде дозволено да замине уште во јануари, пренесуваат шпанските медиуми.

Договорот на 34-годишниот Шпанец истекува на крајот на сезоната, но тој сака да си замине шест месеци порано.

Како што е познато Бускетс веќе има договор со Интер Мајами и сака уште во јануари да се пресели во САД.

Барселона веќе почна да бара негова замена, но тешко дека ќе му дозволи да замине на средина од сезоната бидејќи е многу важен во тимот на Чави.