фудбал

Хакими: Луис Енрике промени многу работи во ПСЖ

По спектакуларната победа од 5:0 над Интер во финалето на Лигата на шампионите, Ашраф Хакими не ги криеше своите емоции од историскиот триумф на Пари Сен Жермен. Мароканецот беше меѓу клучните фигури на патот до трофејот, постигнувајќи го првиот гол во финалето, и со гордост зборуваше за достигнувањето, тесно поврзаниот тим и огромната улога на Луис Енрике во трансформацијата на клубот.

„Испишавме историја, ги запишавме нашите имиња во историјата на овој клуб. ПСЖ го заслужуваше тоа долго време, па затоа сме многу среќни“, рече Хакими.

„Создадовме одлично семејство. Луис Енрике е човекот кој промени сè во ПСЖ. Откако дојде тука, го промени начинот на кој се гледа на фудбалот. Тој е исклучително лојална личност, го заслужува тоа повеќе од кој било друг“, додаде десниот бек на ПСЖ.


Тотенхем и менаџерот Постекоглу пред дефинитивна разделба

Тотенхем e пред разделба со менаџерот Ангелос Постекоглу, дознава „Фудбал Инсајдер“. Официјално соопштение се очекува во наредните денови, бидејќи клубот продолжува активно да бара негов наследник.

И Постекоглу и претседателот на клубот, Даниел Леви, моментално се на одмор, поради што немаше никакви состаноци меѓу нив двајца во последните денови.

Клучните разговори се планирани за следната недела, за време на кои ќе се донесе конечна одлука за иднината на австралискиот специјалист на чело на Тотенхем.

Според информациите, некои од играчите на Тотенхем отворено ја изразиле пред раководството желбата Постекоглу да остане на чело на тимот. Расположението меѓу играчите и клупскиот персонал е во корист на задржување на сегашниот менаџер, но неговата иднина зависи целосно од претстојната одлука на Даниел Леви.

Во исто време, Тотенхем веќе воспоставил директен контакт со менаџерот на Брентфорд, Томас Франк, пишува новинарот на „Фут Меркато“, Санти Ауна. Данскиот специјалист разговарал со раководството на Спарси за визијата за развој на проектот и можните трансфери во лето.

Под водство на Постекоглу, Тотенхем триумфираа на вториот најмоќен европски клупски турнир, Лигата на Европа, и обезбедија место во групната фаза од Лигата на шампионите следната сезона. Сепак, резултатите во Премиер лигата во текот на изминатата сезона фрлија сериозна сенка врз иднината на 59-годишниот специјалист.

59-годишниот Австралиец го презеде Тотенхем во јули 2023 година и досега го предводеше тимот во 101 официјален натпревар, со 47 победи, 14 нерешени и 40 порази. Додека неговата дебитантска сезона заврши позитивно со петтото место во Премиер лигата и 66 бода, втората беше далеку поразочарувачка – само 17-то место и само 38 освоени бода, што го остави тимот на работ на испаѓање.


Ново реми без голови на У21 селекциите на Македонија и Косово

Младата фудбалска репрезентација на Македонија У 21 одигра без голови со Косово и во вториот пријателски меч кој денеска беше реализиран на тренинг центарот на ФФМ. Со тој резултат заврши и претходниот меч во Приштина. Селекторот, Горан Станиќ, вели дека акцент бил ставен на дефанзивата а допрва ќе се размислува на офанзивниот пристап.

„Ќе сумирам за почеток, два собира. Тој во Анталија и овој сега на кој главен акцент беше ставен на дефанзивата. Тоа што го испланиравме го одработивме. Задоволен сум.

На наредниот собир во септември ќе бидеме посветени исклучиво на офанзивата. Имаме проблем со реализација и ќе се работи на тој сегмент“, нагласи Станиќ.


Ди Марија се врати во матичниот Розарио

Прославениот аргентински фудбалер Анхел Ди Марија, ќе се врати во Росарио Централ, клубот во кој ја почна својата трофејна кариера, објави денеска аргентинскиот клуб.

37-годишниот Ди Марија настапуваше за Росарио од 2005 до 2007 година, по што се пресели во Европа и со Бенфика, Реал Мадрид, Манчестер Сити, ПСЖ и Јувентус освои вкупно 30 трофеи.

Ди Марија ќе игра за Бенфика на претстојното Светско клупско првенство, по што ќе се врати во Росарио.


Анчелоти: Заминав од Реал заради слабата сезона

Доскорешниот тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, во денешното интервју за весникот „Марка“ изјави дека го напуштил клубот поради резултатите кои биле под очекувањата. Доскорешниот тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, во денешното интервју за весникот „Марка“ изјави дека го напуштил клубот поради резултатите кои биле под очекувањата, а потоа го презел Бразил бидејќи станува збор за „најдобрата репрезентација на светот“.

„Резултатите не беа онакви какви што очекувавме. Ниту перформансите на тимот не беа добри. Време беше да се направи нешто. По натпреварот против Арсенал, разговаравме за тоа и одлучивме. Тоа беше нешто што можевме да го предвидиме. Тимот не играше добро и тогаш сите сфативме дека е најдобро Реал Мадрид да бара нов тренер, а јас да се осврнам на Бразил“, рече 65-годишниот Анчелоти во петокот во Бразил.

Реал Мадрид загуби во четвртфиналето на Лигата на шампионите од Арсенал со вкупен резултат од 1-5, не успевајќи да ја одбрани титулата, а тоа не им успеа ниту во шпанското првенство и Купот на кралот.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто се одлучил за селекторската улога во Бразил, италијанскиот стратег рече дека одлуката била лесно да се донесе.

„Лесно е. Ова е најдобрата репрезентација во светот. Не го велам јас тоа, туку петте ѕвездички на дресот. Ниту една друга репрезентација не може да се спореди со нејзиниот статус. Сега предизвикот е јас да ја освојам шестата титула светски шампион“, наведе Анчелоти.


Шчесни добива уште една година во Барса

Голманот на каталонскиот гигант Барселона за медиумите во Полска истакна дека се договорил со раководството на Барса да ја продолжат соработката најмалку за уште една година.

Познато е дека Шчесни во Барселона дојде да биде резерва откако се повреди Тер Штеген, но набрзо не само што стана прв голман туку беше и еден од клучните фактори во тимот на Ханси Флик за освојување на трие трофеи сезонава.

“Да, се договорив со Барса. Ќе потпишам едногодишен договор со опција за уште една сезона“ истакна Шчесни.


Реми на женската фудбалска репрезентација во Рига за крај на Лигата на нации

Женската репрезентација на Македонија одигра нерешено, 1-1 против селекцијата на Летонија во рамките на последното коло од групата 6, сегмент Ц во рамките на Лигата на нации.

Нашата репрезентација долго време беше во предност, откако рано во 16. минута Меијер постигна гол за предност од 1-0. Севцова во 65. минута го израмни резултатот.

Македонија заврши последна во групата со само еден освоен бод.


Костадинов: Мотивирани сме секогаш кога играме за Македонија

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Тихомир Костадинов, изјави дека Македонија пред себе има исклучително важни натпревари во мундијалските квалификации и очекува максимален пристап од сите во екипата за пресметките против Белгија (6. јуни, Скопје) и Казахстан (9. јуни, Астана).

„Се фокусираме на максимален пристап против Белгија, ќе бидеме подготвени. Имаме малку повеќе време за подготовка и треба да го искористиме. Сфаќаме дека играме два многу важни меча во квалификациите. Свесни сме дека испуштивме важни два бода на натпреварот со Велс, но продолжуваме и мора да гледаме напред. Мотивирани сме секогаш кога играме за Македонија, без оглед на заморот и повредите.

Селекторот бара да сме максимално ангажирани. Ги анализираме двата противници и знаеме против кого се соочуваме. Многумина мислат дека Белгија сега е послаба селекција, но тие отсекогаш имале фантастични фудбалери и претставуваат сила во светски рамки“.


Џон Елкан најави големи промени во Јуве

Претседателот на Јувентус, Џон Елкан, планира да направи голема реконструкција во раководниот дел на клубот а прв на удар е спортскиот директор, Кристијано Џунтоли.

Се очекува и Матео Тоњоци да се врати кај „старата дама“ и да ја раководи мрежата на скаути. Поранешниот дефанзивец на клубот од Торино, Џорџо Кјелини, би можел да добие нова улога.

Се претпоставува дека Игор Тудор ќе остане на тренерската позиција откако успеа да го однесе тимот во Лигата на шампионите.


Реал го официјализира Трент, плати 10 милиони за да игра на Светското клупско првенство

Долго најавуваниот трансфер сега е дефинитивно комплетиран. Реал Мадрид го потпиша Трент Александар-Арнолд. Ливерпул, и покрај тоа што не го продолжи договорот со Арнолд успеа да заработи бидејќи тој ќе му се приклучи на Реал еден месец пред истекот на договорот.

Желбата на Реал беше да го има во составот десниот бек за натпреварите на Светското клупско првенство. За да си ја оствари желбата „кралскиот клуб“ на Ливерпул му плати 10 милиони евра.

Со ова, Реал покажа сериозна намера да го нападне трофејот, во сезона во која остана без трите најважни трофеи.