Несторовски пак погоди за Славен, реми на тимот од Копривница против Истра
Илија Несторовски осми пат оваа сезона погоди за екипата на Славен Белупо, во ремито против Истра (1-1) во ХНЛ. Од тие погодоци Несторовски седум ги даде во првенството и еден во Купот на Хрватска.
Прилепчанецот погоди за својот тим во 28. минута од натпреварот и го израмни резултатот, а до крајот немаше промени. Несторовски покажа дека и на 35 години уште има чувство за гол, одлично прими топка и рутински погоди.
Педро спаси реми за Лацио против Парма
Екипите на Лацио и Парма го поделија пленот (2-2) во натпреварот од 34. коло на италијанската Серија А.
Натпреварот кој се одигра на стадионот „Олимпико“ ги налути домашните навивачи, особено во моментите кога гостите водеа со два гола. Со погодоците на Јакоб Ондрејка тимот на Парма стекна двојна предност во Рим. Сепак, ниту тоа не беше доволно за да се стигне до голема победа.
Лацио се наметна во завршницата и му беше потребен резервистот Педро одново да го спасува. Ветеранот од Шпанија со два гола во 79. и 84. минута донесе бод за Лацио.
Претходно натпревар без голови одиграа Удинезе и Болоња (0-0), а Верона дома загуби од Каљари (0-2).
Рудигер се извини за инцидентот во финалето на Купот на Кралот
Дефанзивецот на Реал Мадрид, Антонио Рудигер, се извини за своето однесување на крајот од синоќешниот натпреварот против Барселона во финалето на Купот на кралот. Германецот, кој веќе беше заменет, доби црвен картон откако фрли кесички мраз кон судијата Рикардо де Бургос, а неговите соиграчи од клупата го спречија физички да се пресмета со арбитерот.
Рудигер реагираше незадоволен од одлуката на судијата да го запре ветувачки напад на Реал во самиот финиш, кога Барселона водеше со 3-2. Со овој резултат натпреварот заврши, а каталонскиот клуб на крајот ја освои својата 32 титула во Кралскиот куп.
„Нема оправдување за моето однесување синоќа. Многу ми е жал за тоа“, објави Рудигер на социјалните мрежи.
„Мислам дека одигравме многу добар натпревар, особено во второто полувреме. По 111-тата минута повеќе немав можност да им помогнам на соиграчите и пред последниот свиреж направив грешка. Се извинувам на судијата и на сите што ги разочарав синоќа“, додаде Рудигер.
Шпанските медиуми наведуваат дека Рудигер го очекува казна од четири до 12 натпревари.
Сака и Арсенал постигнаа согласност за нов договор
Букајо Сака ќе ја продолжи соработката со Арсенал во следните неколку дена.
Најголемата ѕвезда на тимот од Лондон се согласи да потпише нов договор со тимот за кој игра практично целиот свој живот.
Се очекува веста наскоро да биде официјализирана, како и финансиските детали и време траењето на новиот договор.
Сака е во Арсенал од 2008 година, а потпиша професионален договор во 2018 година. Досега има одиграно 257 натпревари за „топџиите“.
Оваа сезона, тој има можност да го одведе Арсенал до финалето на Лигата на шампионите за прв пат од 2006 година.
Павард се повреди, нема да игра во полуфиналето со Барса
Фудбалерот на Интер, Бенжаман Павард, ќе го пропушти првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Барселона поради повреда на левиот глужд, објавија италијанските медиуми.
Павар се повреди во неделата за време на првенствениот натпревар против Рома (0-1) и нема да патува за Шпанија, објавија „Газета дело Спорт“ и „Скај Италија“.
Францускиот фудбалер се повреди при дуел со противнички играч. Откако доби помош, тој се обиде да ја продолжи играта, но набрзо мораше да го напушти теренот.
Италијанските медиуми објавија дека Маркус Турам, кој ги пропушти последните три натпревари поради повреда на мускулот, би можел да се врати во тимот на Интер.
Пеп спортски ја честита титулата на Ливерпул
Тренерот на фудбалерите на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, му честиташе на Ливерпул за освоената титулата во Англија.
„Во мое име и во име на целиот клуб, сакам да му честитам на Ливерпул за титулата во Премиер лигата. Заслужено, тоа е фантастичен тим. Се надеваме дека догодина ќе бидеме подобри а сега честитките се за Ливерпул“, рече Гвардиола.
Неговиот тим колку-толку ќе може да ја спаси сезоната со евентуално освојување на пехарот во ФА Купот на Англија.
Астон Вила спремна да го откупи договорот на Асенсио
„Естадио Депортиво“ објави дека се во тек разговори помеѓу Астон Вила и Пари Сен Жермен во врска со трансферот на Марко Асенсио во летниот преоден рок.
Шпанскиот репрезентативец пристигна на „Вила Парк“ оваа зима, со опција Вила да го откупи неговиот договор. Асенсио ги оправда очекувањата, па Вила ќе ги плати бараните 15 милиони евра. колку што бара ПСЖ.
Поранешниот шпански репрезентативец во јули 2023 година без обесштетување од Реал се пресели во Париз. Не се снајде на „Паркот на принцовите“, одигра само 31 натпревар, постигна шест гола.
Кариерата ја започна во Реал во 2014, а првите две сезони ги мина на позајмици во Мајорка и Еспањол. За реал одигра 191 натпревар, постигна 37 голови.
Раниери: Заслуживме да го победиме Интер
Тренерот на фудбалерите на Рома, Клаудио Раниери, рече дека големата победа на теренот на Интер ја посветува на фановите на „римската волчица“ кои не можеа да присуствуваат на натпреварот во Милано.
„Дојдовме со решеност да ги направиме горди и да победиме. Интер е многу силен тим а ние се обидовме да поставиме добра одбрана.
Навистина сум среќен за навивачите и играчите, за сите жртви што ги направија. Дојдовме тука и го победивме лидерот“, потенцираше тренерот на Римјаните.
Фиго типува на ПСЖ во завршницата на Лигата на шампионите
Легендата на европскиот и светскиот фудбал Луис Фиго има фаворит во Лигата на шампионите. Интересно, Фиго кој во кариерата настапуваше за Барселона и Интер, не смета дека тие се фаворити за титулата.
„Мислам дека тоа ќе биде ПСЖ. Тимот е многу конзистентен во однос на резултатите и моментално е во одлична физичка форма“, рече Фиго.
Откако тренерот Луис Енрике го презеде тимот во 2023 година, многу работи се сменија во ПСЖ. Францускиот шампион, некогаш познат по своето големо его и гигантските трансфери, сега многу повеќе се потпира на функционална тимска структура.
Ривер го доби „Супер-класико“, Мастантуоно даде супер-гол
Франко Мастантуоно, 17-годишен талентиран напаѓач на Ривер Плејт, постигна неверојатен гол од слободен удар и му донесе победа на својот тим со 2-1 против Бока Јуниорс во Суперкласико!
Мастантуоно го отвори натпреварот со спектакуларен гол, испраќајќи ја топката во горниот агол на голот на Бока. Со 17 години и 257 дена, Мастантуоно стана најмладиот играч во историјата на Суперкласико кој постигнал гол.
Голот е уште еден момент на магија на младиот крилен напаѓач, кој веќе го привлекол вниманието на многу големи европски клубови, меѓу кои најозбилни се Реал и Манчестер јунајтед.