Спортскиот директор на Арсенал, Еду треба да го напушти лондонскиот клуб бидејќи продолжуваат разговорите со челниците на „топчиите“, а „Дејли мејл“ пишува дека одлуката за заминување е всушност негова од засега нејасни причини.
Поранешниот играч од средниот ред на Арсенал стана спортски директор во 2019 година и беше одговорен за доведување на играчи како Мартин Одегард и Деклан Рајс.
И додека, наводно, се очекуваат повеќе детали во следните 24 часа, англиските медиуми повлекуваат статистика која покажува дека Арсенал потрошил 1,033 милијарди евра откако Еду дојде во клубот.
Анчелоти: Се случи трагедија во Шпанија, не ми се зборува за фудбал
Фудбалот во Шпанија требаше да биде целосно запрен по најлошите поплави во последните децении што го зафатија источниот регион на Валенсија минатата недела, при што загинаа најмалку 215 луѓе, изјави тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти.
Гостувањето на Реал во Валенсија во саботата беше еден од неколкуте натпревари од Ла Лига кои беа одложени откако Шпанската фудбалска федерација нареди презакажување на сите натпревари кои треба да се играат во Валенсија викендов, покрај минатонеделните седум куп натпревари.
Анчелоти рече дека е глупост што на други места во земјата натпреварите се одвиваат според планираното и додаде дека во моментов нема ентузијазам да се игра фудбал во Шпанија.
„Фудбалот е забава и можете да славите и да се забавувате само кога вие, вашето семејство и сите се добро. Кога на луѓето не им е добро, вие не се забавувате. Фудбалот мора да запре. Барем според мене. Затоа што фудбалот не е најважната работа во животот. Но, ние не сме тие што ги носиме одлуките. Мораме да ги следиме упатствата на оние кои се одговорни.
Нема смисла да се зборува за фудбал. Тоа беше тешка недела, не поради она што се случи со „Златната топка“ или „Ел Класико“… Тоа се случи и тоа е тоа, честитки за победниците. Нашата тага не е поради тоа, туку поради тоа што се случува овде во Шпанија, изјави уште Анчелоти.
Од Монца „грмат“ на судењето во дуелот со Милан
Тренерот на фудбалерите на Монца, Алесандро Неста, реагираше на судиските одлуки на мечот со Милан.
На неговиот тим кој загуби со минимални 1-0, во седмата минута му беше поништен погодок поради прекршок во напад на Ворен Бондо врз Тео Ернандез. Според легендарниот дефанзивец, тој погодок бил регуларен.
„Според мене вака се руши фудбалот, тоа се луди правила. Треба да се вратиме на старото судење. Каков вид на прекршок е тоа? Нема смисла .Фудбалот порано беше поедноставен и поконтактен спорт“, вели Неста.
Фановите и фудбалерите на Јунајтед презадоволни од Ван Нистелрој
Фудбалерите на Манчестер Јунајтед сакаат Руд ван Нистелрој да остане во стручниот штаб кога новиот менаџер Рубен Аморим ќе го преземе тимот.
Играчите сакаат Холанѓанецот да стане дел од стручниот штаб за да биде нивен посредник во комуникацијата со новиот менаџер, бидејќи сега одлично се сложуваат, пренесе „Скај спорт“.
Руд Ван Нистелрој моментално ја извршува функцијата менаџер на Јунајтед на привремена основа, а на таа позиција дојде по отказот на Ерик Тен Хаг.
Под водство на Холанѓанецот, Јунајтед најпрвин го совлада Лестер со 5:2 во Купот, а потоа ремизираше со Челси 1:1 во Премиер лигата.
Тој ги воодушеви навивачите со страста што ја покажа по головите на неговиот тим, што не треба да чуди бидејќи слично однесување покажа и кога беше напаѓач во дресот на „црвените ѓаволи“.
Рубен Аморин ќе го предводи тимот на Спортинг Лисабон до 11 ноември, кога почнува двонеделната репрезентативна пауза, по што ќе седне на клупата на Манчестер Јунајтед.
Френки де Јонг преговара за нов договор со Барса
Френки де Јонг го извести клубот за неговата желба да остане на Камп Ноу. Холанѓанецот нема намера да разгледува други понуди по крајот на сезоната, пишуваат медиумите во Шпанија.
Двете страни се во активни преговори за обновување на договорот со Де Јонг. Актуелниот договор на играчот од средниот ред е до летото 2026 година.
Пред почетокот на сезоната Барселона сакаше да продаде еден од своите главни играчи. Ова го разочара Де Јонг и тој самиот беше подготвен да си замине, но сега ситуацијата е поинаква.
Играчот од средниот ред пристигна во Барселона во 2019 година и досега има 218 настапи во сите натпреварувања.
Гоце Седлоски е нов тренер на Вардар
Скопски Вардар вчера реши да се раздели со Срѓан Захариевски.
Последниот неуспех на гостувањето во Битола резултираше со спогодбена разделба меѓу двете страни, а Вардар рано утрово ги извеси своите фанови дека нов тренер ќе биде поранешниот македонски репрезентативец, Гоце Седлоски.
Седловски го водеше Вардар од 2015-та до 2017-та година и освои две шампионски титули, па сега после седум години се враќа на местото на кое ги оствари најдобрите резултати во тренерската кариера.
Гоце во меѓувреме ги водеше и Работнички и Шкупи во Првата македонска фудаблска лига, а сега токму против чаирчани ќе го има второто деби на клупата на Вардар.
Артуро Видал осомничен за сексуален напад
Артуро Видал и неговите соиграчи од Коло Коло се осомничени за сексуален напад врз жена на забава, објави канцеларијата на државниот обвинител во Сантијаго де Чиле.
Во кусото соопштение, обвинителството наведува дека „има извештај за сексуален напад“ насочен кон „играчите на Коло Коло“, вклучително и Видал, но „не се уапсени“. Имињата на другите инволвирани играчи не се објавени.
Според извештаите на локалните медиуми, сексуалниот напад се случил во раните утрински часови во понеделникот во ноќен клуб во Сантијаго, каде група играчи на Коло Кола правеле забава.
Како што јави Radio ADN, неименуваната 22-годишна девојка тврди дека била дрогирана во барот во квартото Витакура во чилеанската престолнина.
Полицискиот полковник Херардо Аравена изјави за новинарите дека Видал бил доведен во полициска станица за проверка на идентитетот. Додаде дека станува збор за стандардна полициска процедура кога едно лице е осомничено дека извршило или се обидело да изврши кривично дело.
Лапорта посакал да го врати Меси во Барселона?
Лионел Меси би можел да се врати во Барселона пред Светското првенство во 2026 година.
Договорот на напаѓачот со клубот од МЛС истекува на 31 декември 2025 година, тогаш тој ќе има 39 години. По ова, Меси може да го напушти Мајами и да замине во Барселона како слободен играч за подобро да се подготви за последното Светско првенство во кариерата.
Наводно оваа опција е поздравена лично од претседателот на каталонскиот клуб, Жоан Лапорта.
Меси играше за нив од 2004 до 2021 година. За клубот настапи на 778 натпревари, постигна 672 гола и 303 асистенции. Со каталонскиот клуб, Аргентинецот стана 10-кратен шампион на Шпанија и 4-кратен освојувач на Лигата на шампионите.
Дејвис има нов фаворит, наместо во Реал сега сака во Барса!
Алфонсо Дејвис, левиот бек на Баерн, по завршувањето на сезоната како слободен играч ќе го напушти клубот. Долго време траеја преговорите меѓу двете страни, а откако Канаѓанецот ги одби сите понуди, Баерн се помири со неговото заминување.
Дејвис, од моментот кога стана јасно дека ќе го напушти Баерн, медиумите го поврзуваат со Реал Мадрид. Тој јавно никогаш не е се изјаснил по ова прашање, но јасно беше дека преферира трансфер на „Сантијаго Бернабеу“.
Во понеделникот, шпанските медиуми пишуваат дека Дејвис се премислил и дека сега сака да се пресели во Барселона. Дејвис во минатото имаше можност да работи со актуелниот тренер на Барселона, Ханси Флик.
Дејвис е во Баерн од 2019 година и има одиграно 208 натпревари за германскиот тим.
Навивачите на Баерн ќе го бојкотираат дуелот со Шахтјор
Минхенски Баерн во четвртото коло од Лигата на шампионите во Германија ќе го пречека Шахтјор и наместо да има голема поддршка од своите навивачи, како што стојат работите, тие ќе отсуствуваат
Баварците ќе му гостуваат на Шахтјор на стадионот на Шалке каде што се домаќини.
Навивачите на Баерн решија да го бојкотираат овој натпревар, но не поради политички или други причини, туку поради цената на билетите.
Цената на билетите за натпреварот во Гелзенкирхен започнува од 52 евра па нагоре, додека во Минхен најниската цена е само 19 евра.