фудбал

Само Меси ќе биде сам в соба од аргентинските фудбалери на Мундијалот

Аргентинскиот напаѓач Лионел Меси е единствениот од репрезентацијата кој ќе биде сам во соба во Доха, пишува „Оле“.

Интересно е тоа што ова му се случува на 35-годишниот капитен на аргентинската репрезентација за прв пат на големи натпреварувања. Претходно, на собирот на тимот, тој секогаш бил со Серхио Агуеро, но напаѓачот стави крај на кариерата. После тоа, Меси секогаш беше сам додека е во националниот тим – на пример, за време на квалификациите за Светското првенство во 2022 година.

На Светското првенство во 2010 година, Меси ја делеше собата со Хуан Себастијан Верон, а на следните два турнири – со Агуеро. Во моментов Николас Отаменди и Родриго де Пол ќе бидат во соседната соба со Меси, а Леандро Паредес и Анхел Ди Марија ќе се наоѓаат во собата спроти Меси.


Инфантино е единствен кандидат за претседател на ФИФА

Актуелниот претседател на ФИФА, Џани Инфантино, ќе биде единствениот кандидат на изборот за прв човек на Светската фудбалска федерација – ФИФА.

Во соопштението за медиумите се наведува дека Советот на ФИФА, претседателските избори ги распиша на 30.март оваа година, и дека Инфантино е единствениот кој поднел кандидатура.

Гласањето за претседател на ФИФА ќе биде одржано на 16.март наредната година , на 73.конгрес кој ќе биде одржан во Кигали , Руанда.

Инфантино е прв човек на ФИФА од февруари 2016 година.


Чеферин: Се надевам дека повеќе нема да има „зимски“ Мундијали

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, изјави дека дека е сигурен оти Светското првенство во Катар ќе биде одлично организирано, но се надева дека во иднина нема повеќе да има „зимски “ Мундијали.

„Не чека спектакл, еден месец на извонреден фудбал, и верувам дека повторно европска репрезентација ќе биде освојувач на шампионската титула. Од 2006.година шампионите на СП доаѓаат од Европа, а пред четири години во Русија, сите полуфиналисти беа од нашиот континент. Единствени селекции кои можат да парираат се Бразил и Аргентина“, изјави првиот човек на УЕФА.


Роналдо откри што мисли за Меси

Покрај Мундијалот во Катар, деновиве главна фудбалска тема е ТВ интервјуто на Кристијано Роналдо. Роналдо во интервјуто покрај другото упати тешки зборови и критики до тренерот Тен Хаг, клубот, како и кон некои негови соиграчи.

Во последниот дел од интервјуто Меси го искажа своето мислење за неговиот најголем фудбалски ривал, Меси.

Португалецот имаше само пофални зборови за капитенот на Аргентина.

„Што друго можам да кажам за Меси освен тоа дека е одличен фудбалер кој прави фантастични работи за фудбалот. Тој е магионичар со фудбалската топка. Ја делиме светската сцена 16 години и замислете 16 години сме на врвот. Имам одличен однос со него. Не можам да речам дека сме пријатели во смисол дека се дружиме и редовно раговараме на телефон, но сме во добри односи. За мене Меси заедно со Зидан се најдобрите играчи кои сум ги видел“, изјави Роналдо.


Ван Гал: Очекувам поддршка, иако фановите од Холандија се скептични на Катар

Селекторот на Холандија, Луис ван Гал, изјави дека холандските навивачи кои го бојкотираат Светското првенство поради загриженоста за човековите права имаат право да го прават тоа, но се надева дека доколку Холанѓаните стигнат до финалето, тие барем ќе го гледаат натпреварот на телевизија.

Истражувањето на 28.000 испитаници во Холандија, покажа дека само 14 отсто биле заинтересирани да го следат турнирот по години негативен публицитет за Катар.

„Светското првенство треба да го играме во најискусните фудбалски земји. Теренот што го имаме не може да биде подобар. Хотелот и организацијата беа фантастични. Навистина се радувам на турнирот, но поважно е и моите играчи да се чувствуваат исто“, изјавил Ван Гал.


Иниеста: Ако Шпанија не биде светски првак, сеедно ми е кој ќе победи

Андрес Иниеста е човекот кој и донесе најголема фудбалска историја на шпанската фудбалска репрезентација, бидејќи тој беше стрелец на голот кој на „фуријата“ и ја обезбеди толку посакуваната титула на Светските првенства.

12 години по неговиот незаборевен гол во Јужна Африка, Дон Андрес верува дека актуелната селекција на Луис Енрике е зрела за највисоки дострели, но тврди дека на мундијалот ќе навива само за Шпанија и за никој друг.

Во интервјуто за шпанска „Марка“, Иниеста беше директно запрашан дали Лионел Меси и Аргентина ќе бидат негова резервна опција на мундијалот, по што легендата на Барса го дава следниот одговор:

„Ако не победи Шпанија, навистина не ми е гајле кој ќе го освои мундијалот. Имам соиграчи во многу репрезентации и би се радувал за нив“.


Фенер ќе го откупи договорот на Езѓан Алиоски

Фенербахче одлучи да го откупи договорот на македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски, пренесуваат тамошните медиуми.

Алиоски откако една сезона помина во Саудиска Арабија се врати во европскиот фудбал во дресот на Фенербахче, каде игра како позајмен фудбалер од Ал Ахли. Македонскиот репрезентативец игра во одлична форма, па Фенербахче ќе ја искористи опцијата да го откупи за 2,5 милиони евра.

Алиоски досега одигра 17 натпревари за Фенербахче. постигна еден гол и запиша две асистенции.


Луис Енрикe има свој фаворит ако Шпанија не го освои Мундијалот

Селекторот на Шпанија, Луис Енрике смета дека неговата репрезентација е една од фаворитите за трофеј на Мундијалот во Катар, но ако не се оствари тоа, тогаш има свои фаворити.

Енрике би сакал да ги види Лионел Меси со Аргентина, или Луис Суарез со Уругвај да го подигнат трофејот. Тој им беше тренер на двајцата ветерани во Барселона од 2014 до 2017 година, и смета дека двајцата заслужуваат да заминат во фудбалска пензија со освоена светска титула.

„Ако не победиме ние, тогаш сакам титулата да ја освои Аргентина. Не би било фер за фудбалер како Меси да се пензионира без да го освои Мундијалот. Истото важи и за Уругвај и Луис Суарез“, изјави Енрике.

„Првата цел е да се заврши на првото место во групата. Не се плашиме од никого. Се надевам дека Шпанија ќе биде изненадување на турнирот, но за другите, не за мене, бидејќи ги знам нашите квалитети“, додаде шпанскиот селектор.


Јуве готви стратегија за Милинковиќ Савиќ во јануари

„Газета дело Спорт“ пренесува дека Јувентус почнал да работи на трансферот на Сергеј Милинковиќ-Савиќ и сака да го донесе во јануари. Јувентус лошо ја отвори сезоната, веќе заостанува 10 бода од врвот и сака значително да го засили тимот во зимскиот преоден рок.

Примарна цел е Милинковиќ-Савиќ од Лацио и Јувентус веќе има план како да го донесе Србинот во Торино.

Имено, „бјанконерите“ се спремни да го продадат Рабио во јануари, да го растеретат буџетот и да испратат богата понуда за СМС.


Инфантино предлага прекин на војната во Украина за време на Мундијалот во Катар

Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, повика на прекин на воените дејствија во Украина за време на одржување на Светското првенство во Катар.

Инфантино својот предлог го истакна за време на одржувањето на самитот Г-20, кој се одржува на Бали, а на кој свое учество зедоа лидерите на најбогатите држави во светот. Претседателот на ФИФА потенцира дека СП е можност да се стопира војната во Украина барем за време на траењето на турнирот во Катар.

Светското фудбалско првенство ќе се одржи од 20 ноември до 18 декември.