фудбал

Големи гостински победи за Јуве и Милан во Серија А

Фудбалерите на Јувентус скокнаа на второто место на табелата на италијанскиот шампионат со победата од 0-2 на гости кај Удинезе во натпреварот од 11. коло.

Торинскиот тим дојде до голема предност во првото полувреме кога топката се одби од стативата во две за нив поволни ситуации. Во 19. минута Турам по убав продор шутираше, а топката од стативата се одби во грбот на домашниот голман Окоје, а потоа и во мрежата. Вториот гол го постигна Савона во 37. минута, кој најдобро реагираше на одбиена топка од стативата по ударот на Јилдиз.

Јувентус сега има 21 бод, како и Интер, но миланскиот тим одигра еден натпревар помалку, додека за лидерот Наполи, кој исто така има меч помалку, заостанува четири бода со исто така меч помалку. Удинезе е седми со 16 бодови.

Во последниот натпревар од саботната програма од 11. коло на италијанскиот шампионат, фудбалерите на Милан како гости ја победија Монца со 0-1.


Скандалозен потег и веднаш отказ за легендарниот Марсело


Срамен потег викендов изведе 36-годишниот десен дефанзивец, легендата на Реал Мадрид и бразилската репрезентација, Марсело. Веднаш му беше раскинат договорот со неговиот матичен клуб Флуминенсе, во кој се врати пред година и пол.

Тој влезе во вербален конфликт со својот тренер Ман Менезес и тоа на сред меч.

На натпреварот помеѓу Флуминенсе и Крузеиро во моментот кога домашните имаа предност од 2-1, Марсело требаше да влезе на теренот како замена.

Сепак, непосредно пред влегувањето Марсело и тренерот Менезес влегоа во расправија, па овој го врати на клупата.

Според некои информации, на Марсело не му се допаднало тоа што тренерот Менезес го допирал додека му објаснувал тактики на теренот. Марсело му се внел в лице и му рекол да не зборува со него…


Втор пораз на македонската У17 селекција во евро-квалификациите

Македонската фудбалска репрезентација до 17 години го претрпе вториот пораз во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2025 година, откако попладнево во Рејкјавик загуби од Шпанија со 5-0 во рамки на второто коло во групата 12.

Фаворитот Шпанија ги разреши сите дилеми околу конечниот победник веќе во првиот половина час од натпреварот кога со головите на Кампос (21. минута), Номоко (25,. минута од пенал) и Бареирос (28. минута) обезбеди водство од 3-0. Номоко со својот втор гол го зголеми водство на шпанската репрезентација во 75 минута, а десет минути подоцна Гистау го постави конечниот резултат.

Избраниците на селекторот Раде Каранфиловски со овој пораз ги загубија шансите за продолжување на квалификациите за пласман на Европското првенство, откако во првото коло загубија од домаќинот Исланд со 4-1 и се претпоследни на табелата без бодови.

Во последното коло Македонија за противник ќе ја има селекцијата на Естонија.


Португалецот Руи Виторија е наследник на Диего Алонсо во Панатинаикос

Португалскиот стратег Руи Виторија е нов тренер на грчкиот фудбалски гигант Панатинаикос, објави атинскиот клуб. Виторија на клупата ќе го наследи Уругваецот Диего Алонсо, кој доби отказ по само четири месеци и серија слаби резултати.

„Особена чест и голема привилегија е да се биде овде и да тренирам голем клуб како Панатинаикос. Му благодарам на клубот за поканата и на претседателот на Панатинаикос за довербата. Да се биде овде во клуб со толку долга традиција во историјата на фудбалот е чест и гордост за мене“, изјави Португалецот кој потпиша договор до јуни 2026 година.

Виторија ја водеше репрезентацијата на Египет во последните две години, а беше тренер, меѓу другите. и на Спартак Москва, Бенфика и Виторија Гимараеш.

Панатинаикос во моментов е на осмото место во грчкото првенство со 13 бодови, пет помалку од лидерот Арис.


Билетите распродадени, „вечното дерби“ во Битола пред полни трибини

Дерби натпреварот од утрешното 13. коло во Првата македонска фудбалска лига меѓу Пелистер и Вардар ќе се игра пред полни трибини на стадионот „Тумбе Кафе“ во Битола, соопштија денеска организаторите.

„Влезниците за утрешното вечно дерби се целосно распродадени. Благодарност до цела Битола, покажавте како се сака спортот и како се сака Пелистер“, соопшти попладнево битолскиот прволигаш.

Натпреварот ќе се игра во вечерен термин од 19 часот.

Претхпдно од 13 часот на програмата се дуелите меѓу Воска – Тиквеш, Шкупи – Гостивар, Работнички – Шкендија, Беса – Струга и Брера Струмица – Силекс.


Марио Хермосо се повреди, го чека двонеделна пауза

Дефанзивецот на Рома, Марио Хермосо заработи повреда на мускулот на последниот тренинг на тимот. Тој почувствувал болка и не можел да го заврши тренингот, а прогнозите не се премногу добри.

Прегледите покажаа дека Хермосо мора да мирува најмалку 10 дена. Тоа значи дека тој нема да може да игра на следните два натпревари на тимот против Верона во Серија А и Унион Сен Жилоа во Лига Европа.


Нејмар не е спремен за дуелите со Венецуела и Уругвај

Soccer Football – FIFA World Cup Qatar 2022 – Quarter Final – Croatia v Brazil – Education City Stadium, Doha, Qatar – December 9, 2022 Brazil’s Neymar celebrates scoring their first goal REUTERS/Dylan Martinez

Нејмар се врати на теренот, но не беше вклучен во репрезентацијата на Бразил за последните два квалификациски натпревари на Бразил за Светското првенство во 2024 година.

Селекторот на бразилската репрезентација Доривал Жуниор не го вклучи поранешниот играч на Барселона и Пари Сен Жермен во составот на петкратните светски шампиони за натпреварите против Венецуела на 14 ноември и Уругвај пет дена подоцна.

Нејмар се врати во игра за клубот од Саудиска Арабија Ал Хилал на 21 октомври во натпревар од Лигата на шампионите во Азија.


Левандовски има највисока плата во шпанскиот шампионат

Шпанскиот медиуми „АС“, ја објави листата на најплатените фудбалери на Ла Лига според „Каполоџи“. Платите се наведени во бруто износ, односно пред оданочување и се посочува колкав е приходот неделно и годишно.

Листата ја предводи напаѓачот на Барселона, Роберт Левандовски, кој годишно заработува нешто повеќе од 33 милиони евра, два милиони повеќе од Килијан Мбапе од Реал.

Меѓу десетте најплатени во Шпанија е и голманот на Атлетико Мадрид, Јан Облак. Тој има иста плата со ѕвездите на Реал, Винисиус Жуниор и Џуд Белингем.


Марадона добива меморијален центар и споменик во Буенос Аирес

Децата на Диего Армандо Марадона најавија основање „Фондација Марадона“ која ќе се грижи за наследството што зад себе го остави аргентинскиот фудбалски идол, а обелоденија и детали околу новиот споменик што ќе биде поставен во центарот на Буенос Аирес, кој се очекува да првлекува еден милион посетители годишно.

„Сакаме нашиот татко да биде блиску до љубовта на луѓето и да им ја исполни желбата на сите што сакаат да му донесат цвеќе“, образложи неговата ќерка Далма, зборувајќи за спомен-обележјето.

Споменикот наречен „MemorialM10“, кој треба да биде отворен во 2025 година, ќе се наоѓа на шеталиштето во срцето на главниот аргентински град, во туристичката област на старото пристаниште Пуерто Мадеро.

Со покриена површина од 1.000 м2, меморијалниот центар ќе привлекува еден милион посетители годишно, според сајтот „m10memorial.com“.

Аргентинците ќе имаат бесплатен пристап, но можат да донираат средства за Фондацијата што ќе им овозможи да ја постават нивната фотографија на ѕидот на наследството кај споменикот.


Де Хеа пресреќен од прилагодувањето во Фиренца

Шпанскиот голман на Фиорентина, Давид Де Хеа, по синоќешната победа над Џенова изјави дека му било лесно да се прилагоди на италијанскиот тим.

„Ми беше многу лесно уште од самиот почеток. Вистината е дека играчите, тренерот, целиот тим и навивачите се исклучителни. Беше лесно да се навикнеш. Давам се од себе за тимот и да ги направиме нашите поддржувачи среќни“, рече 33-годишниот голман.

Извонредната реакција на Шпанецот доцна на натпреварот против Џенова вчера и овозможи на Фиорентина да ја задржи предноста од 1-0 и да победи на гостувањето.

„Тоа беше клучна одбрана бидејќи ситуацијата беше на крајот од натпреварот, што ни помогна да ги освоиме трите бода. Оваа победа треба да ни ја зголеми самодовербата“, изјави Робин Госенс, авторот на победничкиот гол за „виолетовите“.