фудбал

Новите газди на Рома го рефинансираа долгот

Сопственикот на фудбалскиот клуб Рома, Ден Фридкин, вложи уште 92 милиони евра во клубот. Така американскиот милијардер ја заврши операцијата за рефинансирање на долгот.

Тоа резултираше со откуп на обврзници кои доспеваат во 2024 година во износ од 267 милиони евра. Операцијата е овозможена со привлекување пари од приватни американски инвеститори во износ од околу 175 милиони евра за замена на првичниот долг од 267 милиони.

Остатокот (92 милиони) ќе го покријат сопствениците на клубот. Компанијата – „The Friedkin Group“ ја купи Рома во 2020 година за 591 милион евра.


Емери го носи Торес во Астон Вила

Новиот тренер на Астон Вила, Унаи Емери, има намера во Бирмингем да го доведе дефанзивецот на Виљареал, Пау Торес.

Претходно интерес за шпанскиот репрезентативец покажуваа и Челзи и Манчестер Јунајтед, но изгледа дека негова следна дестинација ќе биде Астон Вила.

Торес во својата кариера ги помина сите младински категории на Виљареал, а за првата екипа дебитира во 2017.година. За репрезентацијата на Шпанија има 21 настап и еден постигнат гол.


Мартинели расположен за продолжување на договорот со Арсенал

Фудбалерот на Арсенал Габриел Мартинели изјавува дека нема да има проблеми околу преговорите за продолжување на неговиот договор со популарните топџии од Лондон.

Актуелниот договор на бразилскиот фудбалер со Арсенал истекува во јуни 2024. година. Мартинели во 12 натпревари од Премиер лигата оваа сезона постигна пет гола и со своите настапи во тимот тој стана незаменлив играч во првата постава на екипата предводена од тренерот Микел Артета.

Мартинели во Арсенал пристигна во 2019.година и до сега има 101 настап за клубот.


Добри вести за Јувентус и Србија: Влаховиќ се опорави од повредата

Италијанските медиуми наведуваат дека напаѓачот на Јувентус и репрезентативец на Србија Душан Влаховиќ се опорави од повредата и ќе биде подготвен за настап на дербито со Интер.

Ова се добри информации и за селекторот на фудбалската репрезентација на Србија, Драган Стојковиќ, кој со сигурност ќе го има на располагање Влаховиќ на СП во Катар.

Јувентус својот натпревар со Интер го игра на домашен терен во недела.


Германците го убедуваат Крос да се врати во репрезентацијата

Во Германија се ободуваат да го убедат Тони Крос да се врати во националниот тим за престојниот Мундијал. 32-годишниот плејмејкер се повлече од репрезентацијата пред една година по завршувањето на Европското првенство.

Во моментов, сепак, тој е во одлична форма, поради што во татковината бараат опција како повторно да го облече дресот на германската фудбалска репрезентација.

Ова изгледа како тешка задача бидејќи деновиве Крос даде интервју во кое беше категоричен дека во Светското првенство ќе ужива само на ТВ.


Тимо Вернер поради повреда го пропушта Мундијалот во Катар

Германскиот репрезентативец и напаѓач на Лајпциг, Тимо Вернер, поради повреда на скочниот зглоб ќе го пропушти настапот на Светското првенство во Катар.

Вернер се повреди на натпреварот од Лигата на шампионите против Шахтјор кога мораше да го напушти теренот во 16.минута.

Ова дефинитивно е лоша вест за селекторот на Германија, Ханс Флик, бидејќи Вернер беше стартен напаѓач во претходните натпревари.

Вернер во дресот на германската селекција има 55 настапи и постигнати 24 гола.


Пике објави крај на кариерата

Фудбалерот на Барселона Жерард Пике преку Твитер објави дека става крај на играчката кариера.

„Саботниот натпревар против Алмерија ќе биде мојот последен на Камп Ноу. Сакам да кажам дека дојде време да ја завршам фудбалската кариера. Нема да има друг тим после Барселона. Ќе бидам уште еден навивач кој ќе навива за тимот и мојата љубов спрема клубот ќе ја пренесам на мојот син“, објави Пике.

Пике за време на престојот во Барселона освои три титули во Лигата на шампиони, осум титули првак на Шпанија, седум трофеи во Купот на кралот, и шест Суперкупа на Шпанија. За Барса одигра вкупно 391 натпревар и постигна 29 гола.


Баерн Минхен нуди богатство за потписот на Осимен

Баерн Минхен е сериозно заинтересиран по голгетерот на Напол Виктор Осимен, пренесуваат германските медиуми.

Баварците се во потрага по нов напаѓач за следната сезона, а раководството верува дека Осимен ќе биде идеален избор. Сепак, Наполи нема лесно да се откаже од него и за слободата на Осимен бара 100 милиони евра, но Баварците веќе стапиле во контакт со агентот и сакаат што поскоро да постигнат договор.

Осимен пред две години пристигна во Наполи за 70 милиони евра и се етаблираше во еден од најдобрите напаѓачи во Серија А.

Бвараците во него гледаат идеален наследник на Левандовски и сакаат да ја победат конкуренцијата.


Баерн го казни Павар заради возење под дејство на алкохол

Тренерот на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман, потврди дека германскиот првак парично го казнил својот фудбалер Бенџамин Павар бидејќи управувал со автомобил под дејство на алкохол.     Баерн вчера го победи Интер со 2-0 во последниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампиони, а Павар беше еден од стрелците. Одговарајќи на новинарски прашања по натпреварот, Нагелсман рече дека на Павар му е одземена возачката дозвола, а клубот го казнил со петцифрена сума откако францускиот фудбалер беше приведен поради возење под дејство на алкохол. 

„Мислам дека клубот реагираше на вистински начин. Тој ја увиде грешката“, изјави Нагелсман.


Португалецот Карвалхал именуван за нов тренер на Селта

Шпанскиот фудбалски прволигаш Селта Виго го објави назначувањето на Карлос Карвалхал за главен тренер на тимот. 

56-годишниот фудбалски стручњак потпиша договор до 2024 година, соопштува официјалниот сајт на клубот од Виго. Последната работа на Карвалхал беше Ал Вахда од Обединетите Арапски Емирати, од која беше отпуштен во октомври, 4 месеци по неговото назначување. 

Претходно ја водеше Брага со која го освоија Купот на Португалија 2020/21, а има работено и во Велика Британија, Турција и Грција. Како главен тренер на Селта, Карвалхал го замени Едуардо Кудет, кој беше отпуштен во текот на денот.