фудбал

Мурињо носи две засилувања од Шпанија во Фенер

Фенербахче ќе се обиде да ги ангажира Шпанците Ансу Фати и Серхио Регилон, објави во четвртокот весникот „АС“. Тренерот на турскиот гигант Жозе Мурињо сигурно ќе сака засилување во составот во зимскиот трансфер период.

Напаѓачот на Барселона, Фати и дефанзивецот на Тотенхем, Регилон (од летото се на потесниот список на желби Мурињо за нови засилувања.

Марио Бранко, спортскиот директор на Фенербахче, веќе работи на можниот потпис на Фати и Регилон. Жолто-сините се на четвртото место во поредокот на турското првенство со 16 бодови.


Реал почна преговори со Лапорт?

Реал Мадрид во зимскиот преоден рок сака да ја засили одбраната и сигурно ќе доведе еден дефанзивец, а прв на листата желби е Емерик Лапорт.

Лапорт минатото лето го напушти Манчестер Сити и одлучи кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија и потпиша за Ал Наср.Тоа беше изненадувачка одлука на шпанскиот дефанзивец, кој сега ја признава грешката и сака да се врати во Европа.

Реал сака да ја искористи таквата ситуација и да го доведе, па веќе почнал преговори со неговиот агент. Дефанзивецот ќе мора да прифати да игра за помала плата од актуелната што нема да биде проблем.

Главна пречка е што Реал сака да го доведе без обештетување, како слободен играч, а Ал Наср во моментов не прифаќа раскинување на договорот.


Жалбата одбиена, Барса мора да плати половина милион евра

Судот за спортска арбитража (CAS) ја потврди одлуката на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) која ја казни Барселона со 500.000 евра за финансиски прекршоци во сезоната 2022/23, соопшти прес-службата на судот.

Судот заклучи дека каталонскиот клуб прекршил две точки од правилата за финансиски фер плеј, па казната била оправдана.

Барселона беше подложена на парични санкции поради неточно известување. Комората за финансиска ревизија на УЕФА соопшти дека клубот неправилно пријавил профит од продажба на нематеријални средства во својот извештај за 2022 година, што според правилата не е квалификуван приход.

Барселона поднесе жалба да се укине казната, но истата беше одбиена.


Два премиерлигаши го сакаат Украинецот Судаков

Екипите на Манчестер Сити, Челзи, Арсенал и Тотенхем, може да направат напор да го купат офанзивниот играч за врска на Шахтјор Доњецк – Георги Судаков.

22-годишниот фудбалер во тековнава сезона успеа да постигне 7 голови и да направи 2 асистенции на 10 натпревари во сите конкуренции.

Шахтјор за неговиот потпис ќе бара меѓу 60 и 70 милиони евра. Судаков одигра 24 натпревари за Украина со ефект од три гола и 6 асистенции.


Заврши голготата на Нејмар, се враќа по една година пауза

Бразилскиот фудбалер Нејмар по долгата пауза изгледа конечно е пред враќање на терените.

Селекторот на Бразил, Доривал Жуниор по натпреварот на Бразил против Перу откри дека Нејмар е многу блиску повторно да игра фудбал.

„Нејмар ни кажа дека на 21 октомври ќе игра за Ал Хилал против Аин. Доктор од репрезентацијата, Родриго Ласамир ќе отпатува во Саудиска Арабија и ќе ја процени неговата состојба заедно докторите од неговиот клуб. Ако е така како што ни кажа, тогаш би требало да биде на нашиот список во ноември“; изјави Доривал.


Манчини пред отказ од селекторското место во Саудиска Арабија

Позицијата на Роберто Манчини како селектор на саудискиот тим е сериозно загрозена, информира весникот „Газета дело Спорт“.

Тимот е на третото место во својата квалификациска група за СП, со пет бодови заостанување зад лидерот Јапонија.

„Треба да се извиниме на навивачите кои нè поддржуваат. Ова е неприфатлива ситуација, освоивме само две бода на последните три натпревари на домашен терен. Ќе донесеме одлука“, изјави претседателот на фудбалската федерација, Јасер Ал Мисехал.

Манчини има договор со саудиската федерација до 2027 година, со плата од 18 милиони долари годишно, плус уште 6 милиони во форма на различни бонуси.


Билетите за „Ел Класико“ достигнуваат луди цени

Најевтиниот билет за фудбалското „Ел Класико“ во Ла Лига меѓу Реал Мадрид и Барса закажано на 26 октомври на „Сантијаго Бернабе“ ќе чини 130 евра.

Цените за седиштата на редовните трибини се движат од 130 евра до 455 евра. Влезниците за ВИП области ќе чинат 850 евра.

Интересно е дека за мечот меѓу Реал Мадрид и Борусија во Лигата на шампионите, најевтиниот билет чини 75 евра додека ВИП влезниците започнуваат од 350 евра.


Наполи го враќа Елмас во Серија А

Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас размислува во зимскиот преоден рок да се врати во Наполи, откако тренерот на наполитанците, Антонио Конте, го посакал во својот тим бидејќи многу ги цени неговите квалитети.

Елмас игра премалку во Лајпциг, а на неговиот профил на Инстаграм, како главна слика и понатаму стои Елиф во дрес на Наполи како го бакнува пехарот од Купот на Италија.

Елмас во Наполи треба да биде оној кој е способен да влезе и веднаш да направи разлика на теренот, дури и во период од неколку минути.


Гендузи повреден се врати од настапите за француската селекција

Фудбалерот на Лацио, Матео Гендузи, нема да игра на мечот со Јувентус закажан во текот на викендот во новото коло во Серија А.

Иако медицинските прегледи во Рим покажа дека репрезентативецот на Франција нема фрактура на малиот палец на десната нога, тој ќе го прескокне дуелот со „старата дама“.  

Неговото место во стартната постава ќе го заземе интернационалецот од Уругвај, Матиас Весино.


Сао Паоло и Палмеирас лицитираат за Касемиро

Дефанзивниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Касемиро, влегува на радарот на Сао Паоло и Палмеирас но, двата клуба од Бразил, не можат да ја покријат неговата висока плата, велат последните информации од Англија.

Касемиро заработува преку 400.000 евра неделно кај „црвените ѓаволи“ а раководството на англискиот клуб нема ништо против да го ослободи од обврските.

Бразилецот кој има договор до 2026 година на трансфер-пазарот има вредност од околу 13 милиони евра.