фудбал

Тилеманс прва мета на Артета во јануарскиот преоден рок

Арсенал ќе се обиде во јануари да ја доведе ѕвездата на Лестер, Јури Тилеманс.

Приоритет на Арсенал во зимскиот преодниот рок ќе биде засилување на средниот ред, а најголема желба на Артета е токму Тилеманс. 25-годишниот Белгиец влезе во последната година од договорот и одбива да ја продолжи соработката бидејќи сака промена на средината.

Токму тоа може да биде причината Лестер да ја прифати понудата на Арсенал бидејќи во спротивно ќе го загуби играчот без обештетување.

Меѓутоа, „топџиите“ ќе мора да ја победат конкуренцијата бидејќи за Белгиецот интерес покажуваат уште Барселона и Манчестер Јунајтед.


Севиља планира ангажман на Луис Суарез

Шпанскиот фудбалски клуб Севиља, планира доведување на уругвајскиот напаѓач Луис Суарез. Суарез претходниот период го помина играјќи во својот матичен клуб Насионал од Уругвај, со кого ја освои и шампионската титула во првенството.

Според информациите од Шпанија, се очекува понуда за ангажман на Суарез да достави Севиља од каде и во летниот период правеа напори за реализирање на трансфер на Уругваецот.

Доколку Суарез се одлучи да потпише договор со Севиља тоа би била едногодишна соработка бидејќи според изјавите на голгетерот неговите долгорочни планови се да се пресели во Америка и да заигра во Интер од Мајами.


Асенсио ја смени одлуката, сега сака да остане во Мадрид

Марко Асенсио се предомислил во последните недели и сега е отворен кон идејата да потпише нов договор со Реал Мадрид.

Договорот на Асенсио истекува на крајот на сезоната, па иако се очекуваше дека сигурно ќе ја промени средината, сепак дојде до пресврт. Асенсио не е задоволен од лимитираната минутажа која ја добива кај Анчелоти и оваа сезона има само 246 минути на кои постигна 2 гола и 2 асистенции.

Меѓутоа, Реал му понуди нов договор и сака да го задржи, а Асенсио сега сериозно размислува да ја прифати понудата и да остане на „Сантијаго Бернабеу“.


Серафимов обезбеди место во тимот на колото во Унгарија

Македонскиот фудбалски интернационалец ,Никола Серафимов, кој настапува за екипата на МОЛ Фехервар, се најде во тимот на колото во првенството на Унгарија.

Македонскиот дефанзивец имаше успешен натпревар со својот тим против екипата на Хонвед и забележа победа со 1:0, со што го заслужи местото во тимот на првенственото коло. Нареден противник на Серафимов и МОЛ Фехервар е шампионот Ференцварош.


Шкендија ја прекина соработката со Бразилецот Гонкалвеш

Фудбалскиот прволигаш Шкендија, објави дека го раскина договорот со бразилскиот фудбалер Вагнер Гонкалвеш после само четири месеци од неговото пристигање во клубот.

Вагнер во дресот на Шкендија одигра 10 натпревари на кои оствари една асистенција. Тој беше дел од екипата на дуелите од Лигата на конфренции. Шкендија не ги објави причините за прекинување на соработката со 26 годишниот фудбалер.


Французинот Павард го менува Баерн за Серија А

Бенџамин Павард би можел кариерата да ја продолжи во Серија А, пренесуваат италијанските медиуми.

Иднината на 26-годишниот Французин е прилично неизвесна во Баерн и тој уште во летниот преоден рок сакаше да ја промени средината.

Јувентус и Милан будно ја следат ситуацијата околу дефанзивецот и се спремни да испратат понуда во зимскиот преоден рок.

Јувентус е во потрага по дефанзивец и Алегри верува дека Павард одлично ќе се вклопи во тимот бидејќи може да игра како десен бек, но и како стопер.


Клоп го сака Лајмер од РБ Лајпциг

Челниците на фудбалскиот состав  Ливерпул планираат во текот на зимскиот трансфер период да го ангажираат играчот на Ред Бул Лајпциг, Конрад Лајмер, најавија медиумите во Англија.

Четата на Клоп заостанува 15 бодови зад лидерот Арсенал и полека ги намалува шансите да се бори за титулата.

Затоа, челниците од „Енфилд“ планираат нови имиња меѓу кои влегува 25-годишниот репрезентативец на Австрија кој има договoр со германскиот тим до 2023 година.


Тотенхем му нуди на Модриќ да ја заврши кариерата во Лондон

Ѕвездата од средниот ред на Реал Мадрид, Лука Модриќ би можел да направи сензационално враќање во Тотенхем по истекот на неговиот договор со шпанскиот гигант.

Според весникот „Ел Национал“, Хрватот одбил две понуди од американската МЛС лига, но е подготвен сериозно да ја разгледа опцијата за враќање во северен Лондон.

Хрватот има договор со Реал до лето и сигурно ќе добие понуда за продолжување. Сепак, не е исклучено да избере да се пресели во Тотенхем, каде имаше успешен период меѓу 2008 и 2012 година.


Украина бара исфрлање на Иран од СП во Катар

Фудбалскиот сојуз на Украина официјално побара од ФИФА да го забрани учеството на репрезентацијата на Иран на претстојното Светско фудбалско првенство во Катар.

Како причина за барањето на Украина се наведуваат обвинувањата кон властите во Иран кои со своето однесување ја поддржуваат Русија во војната со Украина.

Украинците веруваат дека иранските власти доставуваат оружје на руската војска и на тој начин Иран ги прекршува членовите три и четири од Статутот на ФИФА. Тие членови се однесуваат на почитувањето на човековите права и борбата против дискриминацијата. Останува да се види одговорот на ФИФА. Иран во Катар ќе биде во група со Англија, САД и Велс.


Анчелоти се соочува со суспензија од четири натпревари

Шпанскиот фудбалски сојуз покрена истрага против тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, поради неговите коментари во врска со судењето на натпреварот од 12.коло во Ла Лига против Џирона.

Реал одигра само 1:1 со Џирона, а гостите до бод стигнаа во 80.минута преку реализиран пенал. Анчелоти после натпреварот изјави дека неговиот тим беше оштетен од судиските одлуки на дуелот и дека арбитрите измислија пенал против Реал.

Медиумите во Шпанија пренесуваат дека поради оваа изјава на Анчелоти му се заканува суспензија од два до четири натпревари. Конечната одлука ќе биде донесена до паузата за Светското првенство.