фудбал

Европската унија го стави под прашалник третиот преоден рок на ФИФА

Судот на правдата на Европската унија (ЕУ) денеска пресуди
дека одредени правила на Меѓународната фудбалска федерација
(ФИФА) кои ги регулираат трансферите на играчи меѓу клубовите
се во спротивност со законите на ЕУ.
Одлуката доаѓа откако поранешниот француски репрезентативец
Ласана Дијара правно ги оспори правилата на ФИФА по спорот со
клубот кој датира од пред 10 години.
Дијара тврди дека ограничувањата на ФИФА значат дека тој не
може да најде нов клуб откако неговиот договор со Локомотив
Москва беше раскинат во 2014 година.
Правилата на ФИФА велат дека ако играчот го раскине договорот
без „праведна причина“, играчот и секој клуб што сака да го
ангажира се заеднички одговорни за плаќање на отштета на
претходниот клуб.
„Тие правила го попречуваат слободното движење на играчите и
конкуренцијата меѓу клубовите. Станува збор за такви што го
попречуваат слободното движење на професионалните
фудбалери“, се вели во соопштението на судот.
Судот додаде дека сегашните правила „наметнуваат значителни
правни, финансиски и спортски ризици за играчите и клубовите
што сакаат да ги вработат и кои ги попречуваат меѓународните
трансфери на играчи“.


Алварез веќе сака да си замине од Мадрид?

Хулијан Алварез го принуди Манчестер Сити да го продаде на
Атлетико Мадрид ова лето, но на Аргентинецот досега не му оди.
Како што пренесуваат сигурни извори од Аргентина, блиски до
репрезентативец, Алварез е депресивен бидејќи во Атлетико
Симеоне не го користи како централен напаѓач.
На осумте досегашни натпревари само двапати Алварез играше
како напаѓач. Одигра дури четири натпревари на позицијата зад
класичниот напаѓач, еднаш како лев играч за врска, па дури и
како лево крило, позиција на која воопшто не играше под водство
на Пеп Гвардиола.
Алварез забележа осум настапи во Примера и два во Лигата на
шампионите и постигна два гола.


Суарез откри проблемите во репрезентацијата заради Марсело Биелса

Луис Суарез жестоко го критикуваше селекторот на Уругвај,
Марсело Биелса и откри дека тој е главната причина што повеќе
не е дел од репрезентацијата.
Суарез репрезентацијата на Уругвај ја напушти пред помалку од
еден месец, а сега одлучи јавно да зборува што се случувало.
Според зборовите на Суарез, Биелса немал воопшто добар однос
со фудбалерите.
„Многу ситуации со него навистина ме погодуваат, сепак не сакав
јавно да зборувам за да го зачувам мирот. Имаше состаноци на
кои ние фудбалерите баравме барем да не поздравува, но не го
правеше ниту тоа. На прес-конферциите кажува убави зборови,
но кога бевме во Њујорк ни забрани дури и да ги поздравувавме фановите. На таа одлука се спротиставив и му кажав дека ќе
продолжиме да го правиме тоа“, изјави Суарез.


ПСЖ спремен да испрати понуда за Салах

Мохамед Салах ја игра последната сезона на „Енфилд“.и следното лето ќе си замине како слободен агент.

Салах влезе во последната година од договорот, а веќе донел конечна одлука да не ја продолжува соработката со клубот од „Енфилд“.

Пари Сен Жермен планира да му понуди тригодишен договор, што е долг договор за играч на негова возраст.

Салах има понуда од Саудиска Арабија, но претпочита да остане да игра на највисоко ниво во Европа. Според „Сан“, раководството на ПСЖ сака да донесе нова голема светска ѕвезда откако клубот во последните години го напуштија Лионел Меси, Нејмар и Килијан Мбапе и нема да жали пари за Салах.


Мбапе ќе го скокне октомврискиот ФИФА „прозорец“

Репрезентацијата на Франција ќе одигра два натпревари во октомврискиот прозорец на Лигата на нации против Израел и Белгија, но „триколорите“ ќе мора да настапат без својот најдобар играч.

Килијан Мбапе не е на списокот на селекторот Дидие Дешан за претстојните натпревари со Франција, а причината е што напаѓачот на Реал Мадрид се уште не се опоравил од повредата која ја доби неодамна.

Мбапе ќе остане во Мадрид во овој период. Иако тој влезе во второто полувреме од мечот меѓу Лил и Реал Мадрид, не можеше да му помогне на тимот и поради таа причина нема да биде во Израел и Белгија.

Дешан не испрати покана и до Адриен Рабио и Ферлан Менди, а повратник на списокот е Кристоф Нкунку.


Трент Александер-Арнолд следен пик на Флорентино Перез

Реал Мадрид воспоставил контакт со опкружувањето на дефанзивецот на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд за да ја истражи можноста тој да се пресели во шпанската престолнина следното лето, објавија медиумите во Шпанија.

Според изворот, претставници на мадридскиот клуб комуницираат со опкружувањето на Трент за условите под кои играчот би изразил желба да се пресели во Реал Мадрид следното лето. Кралскиот клуб се надева дека пријателството на Александар-Арнолд со Џуд Белингем ќе ја олесни преселбата на дефанзивецот во Реал Мадрид.

Александер-Арнолд оваа сезона одигра осум натпревари за клубот во сите натпреварувања, на кои постигна две асистенции. Според информациите објавени на порталот Трансфермаркт, пазарната вредност на играчот е 70 милиони евра. Договорот на играчот со англискиот клуб истекува следното лето.


Рафиња за ниедна понуда не би ја напуштил Барса

Ѕвездата на Барселона Рафиња не сака да го напушти клубот, пишуваат медиумите во Шпанија.

Фудбалерот одбил неколку понуди за трансфер во текот на летото, од кои некои беа од клубови од Премиер лигата.

Рафиња постигна шест гола и три асистенции од почетокот на сезоната во август.

Репрезентативецот на Бразил нема намера да ги напушти Каталонците пред да му истече актуелниот договор во 2027 година.

Во изминатите неколку недели се појавија информации дека Барселона размислува дури и да му понуди нов договор на Рафиња. Доколку се постигне договор, тој ќе остане во Барселона и подолго од очекуваното.


Зубименди не жали за пропаднатиот трансфер во Ливерпул

Играчот од средниот ред на Реал Сосиедад, Мартин Зубименди, верува дека ја донел вистинската одлука со тоа што ја одбил понудата од Ливерпул ова лето.

„Поминав низ неколку непријатни моменти. Најдобрата одлука за мене беше да останам овде. Среќен сум и смирен. Имаше голема врева поради медиумите, но на крајот се испадна поедноставно отколку што изгледаше. Секако, не жалам за овој избор, не можам да бидам негативен по четири или пет натпревари на почетокот на сезоната. Не ми е грижа за резултатите. Гледам потенцијал во овој тим. Само треба да гледате како тренираме. Мислам дека ќе имаме добра сезона“, изјави Зубименди.

Зубименди е младински играч на Реал Сосиедад. 25-годишниот играч одигра 197 натпревари за првиот тим на клубот, постигнувајќи 9 голови и 7 асистенции. Неговиот договор е до јуни 2027 година.

Реал Сосиедад по 8 кола се наоѓа на 14. позиција во Ла Лига со 8 бодови. 


Драконска казна за Атлетико Мадрид по инцидентите на градското дерби

Радикалните навивачи на Атлетико МАдрид го гаѓаа Тибо Курота со разноразни предмети на големото дерби кое се одигра во неделата и предизвикаа прекин во последните 20 минути од мечот, а поради лошата слика која беше оставена за шпанскиот фудбал, беше јасно дека ќе има реакција од Федерацијата.

Маскираните лица на главната трибина на Атлетико дефинитивно се покажаа во најлошо можно светло, па во денови кога пристигнаа многу критики и од други страни на светот, неизбежно беше „душекџиите“ да минат без казна.

Дисциплинското тело при шпанската Федерација вечерва ја соопшто конечната одлука за Јужниот сектор на „Метрополитано“, односно соопшти дека оваа трибина ќе биде суспендирана на наредните три меча.

Иако направениот престап е навистина сериозен, Федерацијата смета дека истиот е направен од локализирана група на луѓе од еден сектор на стадионот, па затоа наместо целосно, ќе има само делумна „затворање“ на стадионот на Атлетико.

Затворени ќе бидат секторите од 127 до 133, што значи дека нема да биде затворена и цела Јужна трибина, туку само пет илјади седишта зад десниот гол на теренот.

Ова значи дека „Метрополитано“ нема да биде исполнет на следните три меча кои ќе ги игра Атлетико на домашен терен, а тоа се натпреварите со Леганес, Лас Палмас и Алавес.


Салах го надмина легендарниот рекорд на Дрогба

Eгипќанецот Мохамед Салах одигра уште еден одличен натпревар за Ливерпул во победата против Болоња од 2-0 во Лигата на шампионите.

Салах постигна убав гол во второто полувреме и така уште еднаш ја потврди својата светска класа, но исто така успеа да сруши и рекорд во Лигата на шампионите.

Во вчерашниот натпревар Салах стана најдобриот африкански голгетер во историјата на Лигата на шампионите. За Салах погодокот против Болоња беше 45. во најелитното европско натпреварувања и така го остави зад себе Дидие Дрогба со еден помалку.

На третата позиција е Самуел Ето кој во европската елита постигна 30 гола. Исто така Салах стана и првиот играч на Ливерпул кој постигнал пет голови во низа на натпревар од ЛШ.