фудбал

Тројца фудбалери на Бока Јуниорс заразени од сифилис

Голем скандал го тресе Бока Јуниорс, кој е пред сериозен предизвик откако беше потврдено дека тројца играчи на првиот тим се позитивни на сифилис – пренесува аргентинскиот медиум „Перфил“.

Рутински здравствени прегледи, извршени во приватна клиника во областа Саведра, биле извршени од експерти кои тестирале вкупно 34 членови на тимот, од кои тројца биле позитивни. Бока се уште не излегле со официјално соопштение, но веста веќе стана тема на многу јужноамерикански портали.

„Бока Јуниорс ги испрати своите играчи и стручниот штаб на рутински прегледи во приватна клиника, каде што беа направени лабораториски испитувања. Резултатите покажаа дека тројца играчи биле позитивни на сифилис, што предизвика загриженост во клубот. Ситуацијата се следи, а играчите веќе започнале со лекување. Сепак, постои значителна тревога бидејќи не е јасно како се заразиле и дали постои ризик од ширење на инфекцијата“, изјави новинарот Федерико Флорес.


Ренџерс убедлив во новогодишното „Олд фирм“ дерби

Фудбалерите на Ренџерс славеа во „Олд Фирм“ против Селтик – многу убедливо, 3-0.

„Полицајците“ го надиграа актуелниот шампион на „Ајброкс“ и му го нанесоа првиот пораз сезонава.

Стрелци за домашниот тим беа Јанис Хаџи во седмата минута, Робин Пропер во 66. минута и Данило во 81. минута.

Ренџерс на тој начин му се реваншираше на Селтик за двата порази сезонава, во првенството и во финалето на Лига купот.

Селтик во септември во првенството беше подобар со 3-0, а потоа пред нешто повеќе од две недели славеше по пенал во Лига купот.

Ренџерс стигна до 39 бода во Премиершип, што е 11 помалку од Селтик.

Во следното коло Селтик го пречекува Ст. Мирен, додека Ренџерс ќе гостува во Хибернијан.


Дамфрис двоен стрелец, Интер прв финалист на Суперкупот

Фудбалерите на Интер се пласираа во финалето на италијанскиот Суперкуп. На „Конгдом арена“ во Ријад, актуелниот италијански шампион ја победи Аталанта, во првото полуфинале со 2-0 (0-0). Херојот на Интер е десниот бек, Дензел Дамфрис кој ги постигна двата гола.

Симоне Инзаги го испрати најсилниот тим на теренот, Џанпјеро Гасперини ротираше, Интер беше доминантен во првото полувреме, Лаутаро Мартинез промаши буквално се, а Карнесеки блескаше на голот на Аталанта.

Вториот дел му припадна на Дензел Дамфрис, кој покажа дека може да биде исклучително опасен во нападот.

Се играше во 49. минута кога Бисек со глава ја спушти топката во шеснаесетникот по корнер од десната страна, а таму Дамфрис го доби дуелот со Скалвини, ја прими топката на гради, со грб свртен кон голот, а потоа го фати „ножички“ и мајсторски ја погоди мрежата, за 1-0.

Во 61. минута Бисек во сопствениот шеснаесетник му ја одзеде топката на Адемола Лукман и иницираше молскавичен контранапад кој со прекрасен удар од 18 метри го заврши Дамфрис.

Во последните 30 минути Аталанта нападна со сите „оружја“, голот на Едерсон беше поништен по интервенција од ВАР собата, а потоа голманот на Интер, Зомер му одбрани зицер на Џимшити.

Интер ќе се бори за првиот трофеј во сезоната со победникот од натпреварот Јувентус – Милан кој се игра утре исто така во Ријад.


Родри му одговори на Роналдо за темата „Златна топка“

Шпанскиот фудбалер Родри, добитник на престижната награда „Златна топка“, изјави дека е изненаден од ставот на Кристијано Роналдо дека не ја заслужил наградата.

Португалецот, за потсетување, неодамна изјави дека Винисиус од Реал е тој што требало да ја добие наградата за најдобар играч на годината.

Секако, Родри не се согласува со таа констатација. Тој рече дека не очекувал ваква изјава од Роналдо.

„Па, ме изненади, искрено, бидејќи тој знае подобро од кој било колку работа и одрекување е потребно за да се добие ваква награда и, пред се, како се избира победникот.

Оваа година, новинарите кои гласаа решија да ме изгласаат за победник. Веројатно, некои од тие новинари некогаш гласале и за него (Роналдо), а претпоставувам дека тој тогаш не се бунеше“.


Ричи доби договор до 2028 година со Торино

Торино денес соопшти дека Самуеле Ричи потпишал нов договор.

Ричи има 23 години, игра на позицијата дефанзивен играч за врска, а интересно е што Манчестер сити го следеше цела есен и што се споменуваше како замена за Родри.

Сепак, Италијанецот реши да потпише нов договор со Торино, до летото 2028 година.

Неговиот актуелен договор истекуваше во 2026 година. Ричи во Торнио пристигна од Емполи во летото 2022 година за 8,5 милиони евра.

Во меѓувреме Ричи стана италијански репрезентативец, со шест настапи за „азурите“.


Јунајтед ризикува да загуби многу пари од спонзорски договор

Манчестер Јунајтед може да загуби голем спонзорски договор со производителот на спортска облека и обувки Адидас доколку испадне од англиската Премиер лига, пишува „Телеграф“.

Според изворот, според условите на спонзорскиот договор во вкупна вредност од 900 милиони фунти (над 1 милијарда евра), компанијата има право да го раскине договорот доколку Манчестер Јунајтед го загуби местото во највисоката дивизија на англискиот фудбал.

Се известува дека втората опција на Адидас доколку „црвените ѓаволи“ испаднат во Чемпионшип е да ги преполови годишните исплати на 45 милиони фунти.


Нова практика во Англија: Судиите ќе ги објаснуваат ВАР-одлуките

Фудбалските судии во Англија во иднина ќе им ги објаснуваат сите одлуки донесени во ВАР-собата на навивачите присутни на стадионите. Со оваа пракса ќе се започне од полуфиналните натпревари од Лига купот.

Имплементацијата на оваа идеја првично ќе биде пробна, за да се утврди на лице место како функционира комуникацијата помеѓу главниот судија, неговите колеги во ВАР собата и публиката. Односно, колку ќе го наруши текот на настаните на терен.

Пробниот период ќе ги опфати двата полуфинални натпревари од Лига купот, меѓу Арсенал и Њукасл и Тотенхем и Ливерпул, закажани за 7 и 8.јануари следната година.

Здружението на професионални судии соопшти дека ова е чекор кон транспарентност, со надеж дека на тој начин фудбалот ќе биде дополнително достапен и разбирлив за крајните потрошувачи. Судиите за ова се подготвуваа во тренинг кампови, но ’вежбаа’ и на самите стадиони.


Мурињо се подготвува за селекторска кариера

Еден од најдобрите тренери во светот Жозе Мурињо има договор со турски Фенербахче до 2026 година, по што сака да биде селектор на репрезентација.

„Сакам да водам тим на Европско или Светско првенство. Тоа ќе биде неверојатно искуство“, вели Мурињо.

Мурињо и во минатото го поврзуваа со тренерските столчиња на Португалија, Бразил и Саудиска Арабија, но не се остварија шпекулациите.


Секо Фофана ја напушти Саудиска Арабија и потпиша за Рен

Фудбалерот на Ал Наср, Секо Фофана ја напушти Саудиска Арабија и се врати во Франција. Во иднина ќе го носи дреост на Рен.

Рен не ја прецизираше вредноста на трансферот, но познатиот инсајдер Фабрицио Романо објави дека се работи за сума од 20 милиони евра.

Фофана со францускиот клуб потпиша договор на четири и пол сезона.

„Тој е одличен играч, ќе ни помогне многу, со оглед на тоа што ги покажа сите свои квалитети на почетокот на кариерата. Има одличен карактер и менталитет. Тој е играч кој добро ја познава француската лига. Неговото доаѓање денес ни причинува големо задоволство. Имаме целосна доверба во него“, изјави спортскиот директор на Рен, Фредерик Масара.

Претходниот дел од сезоната Фофана го помина на позајмица во Ал Итифак, а во кариерата играше и за Фулам, Бастија, Удинезе и Ленс од кој во 2023 година се пресели во Ал Наср за 25 милиони евра.

Репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, како играч на Ленс беше избран во идеалниот тим на француската лига за сезоните 2021/22 и 2022/23, а во 2022 година ја освои и наградата „Марк-Вивиен Фое“ која му се доделува на фудбалер од Африка, кој бил најдобра во Лига 1.

Фофана годинава го освои Африканскиот куп на нации со репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска, за која одигра 26 натпревари.

Рен е на 12. место на табелата во француското првенство со 17 бодови.


Реал руши дефанзивен рекорд за да го доведе Вилијам Салиба

Реал Мадрид е подготвен да направи рекорден договор за централен дефанзивец со ангажирањето на фудбалерот на Арсенал, Вилијам Салиба, објави шпанскиот „Спорт“.

Кралевите ги разгледуваат сите опции и разговараат со блиски луѓе околу играчот и добиле позитивен одговор. Преговорите во моментов се водат без голема врева, при што двете страни сакаат сето тоа да помине без голем публицитет.

Салиба има договор со Арсенал до 2027 година, а идејата на Реал Мадрид е да го убедат играчот да побара трансфер во Шпанија, ако биде понудена неодолива сума од 100 милиони евра или повеќе. Оваа цена би го соборила рекордот за трансфер на одбранбен фудбалер.

Вилијам Салиба е дел од Арсенал од 2019 година, а неговата моментна вредност е проценета на 80 милиони евра.