фудбал

Пелистер и Влатко Костов спогодбено се разделија

Eкипата на Пелистер во вториот дел од сезоната ќе влезе со нов тренер откако денес беше објавено дека Влатко Костов го напушта кормилото.

Информацијата ја потврди битолскиот клуб преку социјалните мрежи.

„По долг заеднички и пријателски разговор, клупската управа на ФК Пелистер и шефот на стручниот штаб Влатко Костов постигнаа спогодбен раскин на договорот. Клубот искрено му се заблагодарува на Костов за остварените цели и постигнатите резултати во овие една и пол година. Пелистер под негово водство се врати во Првата фудбалска лига и одигра достоинствен есенски дел од сезоната во елитната категорија. Со Влатко Костов, кој и дел од играчката кариера помина во Пелистер, останува спортски пријатели и му посакуваме многу успеси на приватен и професионален план.

ФК Пелистер е во преговори за нов шеф на стручниот штаб и до почетокот на подготовките тој ќе биде претставен пред јавноста“, објави Пелистер.


Данило пред потпис со Наполи

Италијанскиот стратег Тиаго Мота одлучи да го отстрани од тимот капитенот Данило и тој нема да патува во Саудиска Арабија каде што Јувентус ќе го игра Суперкупот против Милан.

Причината поради која во Торино се одлучија на ваков потег е можниот трансфер на искусниот фудбалер во Наполи кој се најавува подолго време.

Данило не настапи ниту против Фиорентина, а тоа што е изоставен за купот е уште еден доказ дека е блиску до заминување.

Информациите се дека Антонио Конте во Данило гледа одлично решение за одбраната и засилување на конкуренцијата во битката за Скудетото.


Струга Трим Лум се засили со Хамза од Башкими

Eкипата на Струга Трим Лум попладнево објави засилување и нов член на овој клуб е Мемтриза Хамза кој пристигнува од второлигашот Башкими Куманово.

Станува збор за фудбалер кој има и прволигашко искуство бидејќи кариерата ја започна во Шкендија, клуб за кој и дебитираше во најсилната конкуренција на 19 години.


Антони доби изненадувачка понуда од Бетис

Бразилскиот крилен фудбалер не е во плановите на Рубен Аморим и Манчестер Јунајтед.

Според пишувањата на англиските медиуми заминување на Бразилецот е неминовно. Тој пристигна во клубот за 95 милиони евра по желба на Ерик Тен Хаг, ама апсолутно не ги оправда очекувањата по одличните настапи за Ајакс.

Во моментов е проценет на само 20 милиони евра, а сезонава има еден гол во Карабао купот и само пет настапи главно од клупата. Веројатно заминување од клубот е најдобро и за самиот Ентони. Тој има договор до 2027 година, а Јунајтед со сигурност ќе бара отштета за потенцијален трансфер.

Според шпанска „Марка“ како опција стои Бетис која би сакала да го направи „најшокантниот трансфер во зимскиот преоден рок“. Шпанците посакуваат позајмица, но и дел од платата која е високи 12 милиони евра да ја плаќа Манчестер Јунајтед, па останува да видиме дали може да се договорат.


Кавани ќе ја заврши кариерата во Бока

Уругвајскиот напаѓач Единсон Кавани најави денеска дека неговиот сегашен клуб Бока Јуниорс ќе биде последен во кариерата.

Договорот на Кавани со аргентинскиот гигант истекува во декември 2026 година.

„Веќе кажав дека кариерата ќе ја завршам во Бока и мислам дека ќе ја почитувам таа одлука“, изјави Кавани во интервју за „Дарио Оле“

„Мораме многу добро да се подготвиме за 2025 година“, додаде тој. Кавани на лето ќе игра со Бока Јуниорс во новиот формат на Светското клупско првенство, а неговиот тим е во група со Баерн Минхен, Бенфика и Оукленд.

Единсон Кавани за Бока досега одигра 55 натпревари и постигна 23 голови.

Легендарниот уругвајски фудбалер ја почна кариерата во Данубио по што се пресели во Европа, настапувајќи за Палермо, Наполи, ПСЖ, Манчестер јунајтед и Валенсија.

Во Јужна Америка се врати по цели 16 години, потпишувајќи договор со Бока во август лани.


Слот со грижи во одбраната, се повреди Џо Гомез

Дефанзивецот на Ливерпул, Џо Гомез, ќе биде надвор од терените на неодредено време, откако заработи повреда на тетивата во неделната победа од 5-0 над Вест Хем Јунајтед, изјави менаџерот Арне Слот.

27-годишниот англиски репрезентативец беше заменет со Џерел Куанс непосредно пред крајот на првото полувреме на стадионот во Лондон. Ова е втора голема повреда во тимот на „црвените“, по централниот бек Ибрахима Конате, а двајцата ќе го пропуштат напорниот новогодишен календар.

„Ја видовте повредата на Џо Гомез. Ако некој играч сака да излезе, да биде заменет, треба да биде заменет“, изјави Арне Слот за „Скај Спортс“.

„Кога ќе се повредите во спринт како оној што го видовте пред да побара замена, знаеме што е – тоа е тетивата. И сите знаеме дека ќе помине некое време пред да се врати. Не знам колку долго, но тој ќе биде надвор доста долго“, коментираше менаџерот на тимот.


Интер без двајца битни играчи во Суперкупот на Италија

Дефанзивците на Интер, Бенжамин Павар и Франческо Ачерби нема да бидат во тимот на „нероаѕурите“ за Суперкупот на Италија.

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги се надеваше дека ќе ги врати во кондиција неколкуте клучни дефанзивци за Суперкупот на Италија во С. Арабија, но очигледно Интер ќе мора да лета за Саудиска Арабија без нив.

Бенжамин Павар и Франческо Ачерби отсуствуваа од терените неколку недели. Во двата случаи, причината е истегнување на бутот, која нема да биде санирана до мечот со Аталанта.


Манчестер Јунајтед го враќа Кристенсен во Премиер лигата

Манчестер јунајтед е заинтересиран за данскиот интернационалец Андреас Кристенсен од Барселона, тврдат шпанските медиуми.

Одбраната е можеби најслабата точка на „црвените ѓаволи“ кои моментно се 14. на табелата во Премиер лигата и имаат негативна гол-разлика 21-24.

Поради тоа, клубот во јануари ќе се обиде да ја засили одбраната со искусениот дефанзивец кој сезонава поради проблемите со повредите одигра само еден натпревар за Барселона.

Кристенсен пристигна во Барселона како слободен играч во 2022 година, а во првите две сезони главно беше стандарден под водство на тренерот Чави.

Данецот има големо искуство во англискиот фудбал, пет години играше за Челзи и учествуваше во освојувањето на Лигата на шампионите.

Сериозен интерес за Кирстенсен покажа и Јувентус.


Канаваро го носи Але во Динамо Загреб

Себастијан Але е желба на Динамо во зимскиот преоден рок, пренесува „Германијак“. Напаѓачот од Брегот на Слоновата Коска е под договор со Борусија Дортмунд и моментално е на позајмица во шпански Леганес. Тој не е во добра форма, сезонава нема постигнато ниту еден гол.

Покрај за Дортмунд, Але има настапувано и за Ајнтрахт Франкфурт, Вест Хем, Ајакс, Утрехт и Оксер.

Вест Хем за него плати 50 милиони евра во 2019 година. Не успеа да се знајде во Премиер лигата, за 21 милион евра се пресели во Ајакс каде ја оживеа кариерата. Борусија потоа плати 31 милион евра, но набрзо му беше дијагностициран рак, со кој се бореше пред две години.

Болеста негативно се одрази на неговата форма, па Борусија оваа сезона го испрати на позајмица во Шпанија.

Динамо има проблеми со реализицијата. Бруно Петковиќ беше повреден во поголемиот дел од полусезоната, а Сандро Куленовиќ влезе во криза по одличниот старт. Вчера, Динамо го отпушти тренерот Ненад Бјелица и з тренер го назначи Фабио Канаваро.

Тимот од Максимир заостанува седум бода зад Риека и Хајдук во првенството и јасно е дека мора да се засили во зимскиот преоден рок. Трансферот на Нико Галешиќ од Риека за пет милиони евра е веќе договорен, а најавени се уште засилувања.


Милан го избрал Консеисао, откако добил негативен одговор од Сари

Медиумите од Италија пренесуваат дека Милан пред да го ангажира Сержо Консеисао, стапил во контакт со Маурицио Сари, но стратегот ги одбил „росонерите“ бидејќи не му се допаднале условите.

Милан реши да му врачи отказ на Пауло Фонсека, и како нов тренер да го именува Сержо Консеисао.

Но како што пренесуваат медиумите, поранешниот тренер на Порто не бил прв избор на „росонерите“.

Неколку дена претходно бил остварен контакт со Маурицио Сари, на кого му биле понудени истите услови на кои се сложи Сержо Консеисао, односно договор до јуни 2025, со опција соработката да биде продолжена.

Мурицио Сари пак барал договор на 18 месеци со опција истиот да биде продолжен до јуни 2027 во случај да обезбеди настап во Лига на шампиони.

Милан инсистирал на својот предлог, на Маурицио Сари не му се допаднале овие услови, па ги одбил „росонерите“.