фудбал

Само што пристигна Мерино се повреди и го чека подолга пауза

Арсенал ќе остане без летното засилување Микел Мерино околу два месеца. Шпанскиот интернационалец се повреди на првиот тренинг со „топчиите“.

Последните лекарски прегледи потврдија дека Мерино нема да игра до средината на октомври.

Тоа значи дека менаџерот, Микел Артета, ќе има одредени проблеми за претстојното лондонско дерби со Тотенхем закажано на 15 септември.


Квича се предомисли и ќе потпише нов договор со Наполи

Квича Кварацхелија ќе го продолжи договорот со Наполи. Грузискиот крилен напаѓач ја прифати понудата на наполитанскиот клуб да склучи договор до 2029 година.

Тоа го пренесоа италијанските медиуми, повикувајќи се на доверливи извори од клубот.  

Според условите на новиот договор, играчот ќе може да заработува до 5 милиони евра годишно вклучувајќи ги и бонусите.


Себаљос се повреди, ќе паузира осум недели

Фудбалерот од средниот ред на Реал Мадрид, Дани Себаљос, се приклучи на листата повредени играчи на Кралскиот клуб. Себаљос, како што денес објави весникот АС, ќе отсуствува од теренот шест до осум недели, поради истегнување на скочниот зглоб на десната нога.

Себаљос се повреди на неделниот натпревар против Бетис (2-0) во Ла Лига, на кој беше стартер. Шпанецот беше заменет во 65. минута.

Тренерот на Реал, Карло Анчелоти, поради повреди не може да смета ниту на услугите на Џуд Белингем и Едуардо Камавинга.


Враќањето на Пиоли е опција ако Фонсека не започне да победува

Милан ова лето се раздели со Стефано Пиоли и за нов тренер го назначи Паоло Фонсека, но работите не тргнаа на добро.

Фонсека во првите три кола освои само два бода, Милан игра лошо, па португалскиот тренер е под голем притсок.

„Калчомеркато“ открива дека „росонерите“ можат да го вратат Пиоли, кој се уште е на платен список на клубот и има договор до јуни 2025 година.

Милан и Пиоли спогодбено се разделија, но неговиот договор не беше раскинат и тој не доби ангажман во нов клуб. Фонсека ќе добие доверба и неговата иднина ќе зависи од резултатите во следните три меча.


Рома пред доведување на ветеранот Хумелс

Матс Хумелс е подготвен да потпише со Рома, најавуваат италијанските медиуми според кои германскиот ветеран вечерва ќе пристигне во Рим, каде утре по деталните лекарски прегледи ќе го стави својот потпис на договорот со „римската волчица“.

Челниците на Рома имале позитивни разговори со дефанзивецот, кому му е понудена годишна плата од 2,5 милиони евра, но и клаузула за автоматско продолжување за уште една година ако сезонава одигра одреден број натпревари за Рома.


Коман одбил да премине во Саудиска Арабија

Во Баерн сакаа да го продадат Кингсли Коман кон крајот на преодниот рок, но не успеаа во намерата.

Клубот од Минхен прифатил понуда од Саудиска Арабија, но фудбалерот на крајот одлучил да остане.

„Имаше преговори, но Коман ќе остане со нас“, изјави директорот на Баерн, Макс Еберл.

Коман во Баерн пристигна во 2015 година прво како позајмен фудбалер, а потоа германските и го откупија неговиот договор. Претходно го носеше дресот на Јувентус и ПСЖ.


Синот на Дејвид Бекам го напушта фудбалот и влегува во модните води

Синот на легендарниот Дејвид Бекам, Ромео се откажал од фудбалот и се посветил на манекенството, тврди неименуван извор за таблоидот „Сан“.

„Ромео одлучи да стави крај на фудбалската и да се посвети на модната кариера. Убаво му беше Брентфорд, но сега ќе се фокусира на модата која е негова страст. Неодамна потпиша договор со голем моден агент во Париз и сака да работи со големи брендови“, тврди непознатиот извор.

Според податоците на „Трансфермаркт“, Ромео е роден во Лондон и на почетокот бил дел од академијата на Арсенал. Кога неговиот татко стана претседател на Интер Мајами се преселил во овој клуб каде што играл за вториот тим.

Минатата година потпиша договор со Брентфорд, а „Сан“ тврди и дека му се нудело продолжување на соработката.


Нико Вилијамс: Се радувам на натпреварите во Лига Европа за Билбао

Фудбалерот на Атлетик Билбао, Нико Вилијамс ова лето на големо се поврзуваше со заминување од редовите на клубот од Баскија, но на крајот избра да остане.

Најблиску до неговиот потпис беше Барселона, меѓутоа каталонците не успеаа да го доведат.

Сега во интервју за италијанскиот „ДАЗН“, Вилијамс откри зошто одлучил да остане во Билбао

„Имаше понуди од многу клубови, мојот менаџер се занимаваше со нив. Моето срце е со Атлетик. Имам договор, но кој знае што ќе се случи во иднина. Сакав да останам овде, бидејќи најмногу се радувам на натпреварите од Лига Европа во дресот на мојот клуб“, изјави Вилијамс за „ДАЗН“.


Се разделија Брера и тренерот Бојан Круљ

Македонскиот фудбалски клуб Брера Струмица реши дека е време за тренерска смена. Трите последователни порази ги запалија алармите во Струмица, па клубот и доскорешниот тренер Бојан Круљ ја прекинаа соработката.

Тоа го потврди клубот преку социјалните мрежи, а образложение даде генералниот директор Ване Стојанов.

„Сакам да му се заблагодарам на Бојан Круљ со неговите помошници за посветената работа во изминатиот период. Одлуката е заедничка, во интерес на клубот за наредниот период. Јавноста наскоро ќе биде информирана околу изборот на новиот тренер. Ни следува репрезентативна пауза која ќе ја искористиме за максимална подготовка на првиот тим за следните мечеви од оваа сезона“, изјави Стојанов.


Милер ја продлабочи легендата, го надмина легендарниот Сеп Мајер

Томас Милер влезе од клупата за резервни играчи на дуелот меѓу Баерн Минхен и Фрајбург, а неговиот настап има посебно значење не само за сопствената кариера, туку и во историјата на неговиот клуб.

Она по што неговиот настап е позначаен е фактот што за Милер ова е 710-ти настап во дресот на Баерн, со што стана нов рекордер и ја испиша клупската историја.

Милер го надмина легендарниот Сеп Мајер кој со децении беше сопственик на рекордот со 709 настапи за Баерн, а далеку на третото место е Оливер Кан со 632 настапи.