фудбал

Далот на радарот на Чави во Барселона

Манчестер Јунајтед сака да го задржи португалскиот репрезентативец Диого Далот, но интересот за него е се поголем. Шпанските медиуми пренесуваат дека Барселона сериозно се вклучила во траката за потписот на Португалецот.

Далот влезе во последната година од договорот, но Јунајтед има опција за еднострано продолжување до 2024 година.

Далот игра добро под водство на Тен Хаг од почетокот на сезоната и „црвените ѓаволи“ сигурно ќе ја актувираат опцијата за продолжување на договорот.

Чави е во потрага по десен бек и верува дека Далот идеално ќе се вклопи во неговиот систем на игра, па веќе стапиле во контакт со неговиот менаџер.


Потер го враќа Тами Абрахам во Челзи

Тами Абрахам би можел да се врати во Челзи по крајот на сезоната, тврдат медиумите на Островот.

Абрахам направи вистински потег со трансферот во Рома каде доживеа целосна афирмација и го привлече интересот на бројни клубови. Меѓутоа, италијанските медиуми откриваат дека во договорот на напаѓачот постои клаузула со која Челзи ќе може да го врати на „Стенфорд Бриџ“ за 80 милоини евра.

Со оглед на одличните игри на Абрахам и фактот што Челзи е во потрага по напаѓач, „сините“ сакаат да ја искористат опцијата и да го вратат во своите редови.

Потер е голем симпатизер на неговата игра и му ветува дека ќе има важна улога во тимот.


Тите заминува во пензија, Бразил ќе добие нов селектор

Претседателот на Фудбалската федерација на Бразил, Едналдо Родригез, изјави дека Абел Фереира, Доривал Жуниор и Фернандо Диниз, се најсериозни кандидати за нов селектор на Кариоките, објавија денеска локалните медиуми.     

Актуелниот бразилски селектор Тите одлучи да се повлече од должноста по завршување на Мундијалот во Катар. 

„Бразилскиот фудбал има непресушен извор на фантастични тренери. Можам да потврдам дека кандидати за селектор се Фереира, Жуниор и Диниз, но не е фер да зборуваме само за нив и да ги заборавиме другите, бидејќи имаме уште барем најмалку десет квалитетни кандидати“, изјави Родригез.

Тој најави дека наследникот на Тите ќе биде познат по Мундијалот во Катар. 

„Во моментов сме фокусирани на подготовките за Катар. Одлуката за наследникот на Тите ќе ја донесеме по завршувањето на Мундијалот“, изјави првиот човек на бразилскиот фудбал.


Клоп го исклучи Ливерпул од трката за титулата

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, по вчерашниот пораз во дербито со Арсенал, изјави,  дека „црвените“ се отпишани од трката за титулата во Премиер-лигата.

„Имаме проблеми но, мора да продолжиме.  Така беше и во претходната сезона. Направивме клучни грешки и примивме лесни голови“, потенцира Германецот.

Ливерпул во наредниот викенд ќе го пречека Манчестер Сити. На врвот во Англија е екипата на Арсенал со 24 бодови пред „граѓаните“ со 23.


Мурињо ги шокира аргентинските фанови – Дибала го пропушта Мундијалот во Катар?

Аргентинскиот фудбалер Паоло Дибала беше стрелец на гол од пенал во победата на Рома против Лече од 2:1 во деветтото коло од Серија А, но набрзо после погодокот тој беше приморан да го напушти теренот поради повреда.

После завршетокот на дуелот, тренерот на Рома Жозе Мурињо изрази стравување дека повредата на Дибала е посериозна од очекуваното, и дека играчот би можел да го пропушти СП во Катар.

„Повредата изгледа многу лошо, а после разговорот со Дибала искрено мислам дека се работи за доста лоша повреда. Тешко дека ќе го видиме повторно на фудбалскиот терен пред 2023 година“, изјави Мурињо.


Лоран Блан е нов тренер на Лион

Францускиот прволигаш Лион објави дека за нов тренер на екипата е назначен Лоран Блан.

Блан на клупата ќе го замени Петер Бос кој заработи отказ после ремито од 1:1 со Тулуз. Лион и Блан потпишаа двегодишен договор, до јуни 2024 година.

Поранешниот француски репрезентативец Лоран Блан во својата тренерска кариера претходно ги има водено Бордо и Париз Сен Жермен, а во еден период беше и селектор на Франција.

Последен ангажман на 56-годишниот тренер беше во Катар и екипата на Ал Рајан каде се задржа до февруари 2022 година.


Кристијано Роналдо го запиша својот 700-ти клупски гол во кариерата

Напаѓачот на Манчестер Јунајтед Кристијано Роналдо испиша историја во победата на својот тим над Евертон во Премиер лигата.

Јунајтед на овај натпревар славеше победа на Гудисон Парк со 2:1, а голот за победа го постигна Роналдо. За прославениот португалски напаѓач овај гол е 700-ти во клупската кариера, рекорд кој тешко дека некој друг фудбалер ќе го повтори.

Роналдо најмногу голови има постигнато во дресот на Реал Мадрид, вкупно 450, за Манчестер Јунајтед постигнал 144, за Јувентус 101, и за Спортинг Лисабон пет гола.


Педро Нето го пропушта Мундијалот во Катар

Фудбалерот на Вулверхемптон, Педро Нето ќе биде опериран на скочниот зглоб, поради што нема да може да игра за Португалија на Светското првенство во Катар, соопшти денеска англискиот клуб.

Клубот oбјави дека 22-годишниот играч за врска се повредил на натпреварот од последното коло од Премиер лигата против Вест Хем (0-2).

„По проценката и мислењето на специјалист, планирано е да се оперира. Тоа значи дека за жал тој нема да биде подготвен за претстојниот Мундијал“, се наведува во соопштението.


Милевски: Ја добивме најтешката можна група

Македонската фудбалска репрезентација ги доби противниците во квалификациите за Европското првенство 2024 година.

Извлекувањето на ждрепката му донесе атрактивни и многу силни противници на македонската селекција. Англија е главен фаворит во групата, во која уште се наоѓа и бранителот на европската титула Италија која сигурно ќе бара одмазда за поразот во баражот за Катар. Украина е уште еден доста силен противник со кого ќе ги одмериме силите, а може да се каже дека фаворити сме во дуелите со Малта.

„Ова е фудбалски предизвик за сите нас. Ја добивме најтешката можна група. Веројатно и сами да биравме, посилни противници немаше да можевме да избереме. Но ние веќе се навикнавме на ваква среќа“, изјави селекторот Милевски.


Манчини: Македонија е најсилен противник од четвртиот шешир

Селекторот на Италија, Роберто Манчини не е среќен што за противник во квалификациите за ЕП ја доби селекцијата на Македонија.

Манчини се уште не го заборавил поразот во Палермо во баражот за СП и повика на претпазливост пред дуелите со Македонија.

„Имав некое претчувство дека ќе ги добиеме Англија или Франција. Но, секогаш е предизвик да се игра против Англија на Вембли. Македонија? Тоа е најтешкиот ривал од четвртиот барабан, сите видовте како беше во Палермо, не смееме да се опуштиме“, изјави Манчини.