фудбал

Укината забраната за Али Даеи, легендата може да се врати на фудбалот

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан му нареди на својот министер за спорт да ја укине забраната која му е изречена на фудбалската легенда на земјата Али Даеи, објави весникот Етемад, близок до претседателскиот кабинет.

Оваа мерка ќе му овозможи на Даеи да се врати во фудбалот. Набљудувачите сметаат дека ова е обид да се смират политичките протести во земјата. На Даеи му беа забранети сите фудбалски активности, а властите привремено му го одзедоа пасошот, поради неговата солидарност со демонстрантите кои протестираа низ целата земја во септември 2022 година по смртта на Махса Амини, која почина во полициски притвор откако беше уапсена поради кршење на строгите исламски правила за облекување.

Даеи, сепак, во првата реакција одби враќање во фудбалот, велејќи: – Не сум заинтересиран. Иранецот Даеи беше најдобар стрелец во историјата на репрезентативниот фудбал до септември 2021 година кога неговиот рекорд го урна Португалецот Кристијано Роналдо.
Даеи, исто така, е еден од првите ирански фудбалери кои играше во Европа, настапувајќи во сезоната 1997/98 за Арминија Билефилд, а следната ја мина во дресот на Баерн Минхен.


Терзиќ: Тешко е од неквалитетна српска лига да се успее во Лигата на шампионите

Генералниот директор на Црвена ѕвезда, Звездан Терзиќ изјави денеска дека лошиот квалитет на српското првенство, во кое црвено-белите се многу доминантни, му создава проблем на неговиот клуб во натпреварите од Лигата на шампиони.

„Голем проблем е оваа лига, каде што сме многу доминантни и која е многу бавна за она што ни треба. Не е лесно од многу неквалитетно и неинтересно натпреварување да се преселиме во Лигата на шампиони“, изјави Терзиќ.

Тој додаде дека доминантниот настап на Црвена ѕвезда во српската Суперлига не е добар ниту за неговиот клуб, ниту за српскиот фудбал.

„Се надевам дека ќе имаме посилни ривали. Мислам дека сме најдоминантниот клуб во сите 55 лиги во Европа. Црвена ѕвезда е најдоминантна во својата лига и тоа е сигурно не е добро ниту за српскиот фудбал, ниту за Црвена ѕвезда“, рече Терзиќ.

Црвена ѕвезда убедливо води во српското првенство со 19 победи и едно реми по 20 кола и има предност од 17 бодови пред второпласираниот Партизан.


Карлос Корберан промовиран како нов тренер на Валенсија

Карлос Корберан е нов тренер на Валенсија, објави шпанскиот фудбалски прволигаш.

Договорот со 41-годишниот шпански фудбалски стручњак е до 2027 година. Раководството на „Лилјаците“ активираше посебна опција во неговиот договор со Вест Бромвич, кој Корберан го водеше од 2022 година.

На 23 декември Валенсија објави дека ја прекина соработката со тренерот Рубен Бараха. Одлуката е донесена поради лошите резултати на тимот оваа сезона.

Валенсија е на претпоследното, 19. место во поредокот на шпанскиот шампионат, со 12 бода од 17 натпревари.

Член на Валенсија е македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски.


Маунт го чека долга пауза, се враќа на терените во март

Мејсон Маунт повторно е надвор од терените подолго време поради повреда. Фудбалерот од средниот ред на Манчестер јунајтед моментално заздравува од повредата заработена на дербито со Манчестер сити (2:1). Маунт беше принуден да го напушти теренот во 14. минута.

Според „talkSPORT“, клубот стравува дека 25-годишниот играч може да пропушти неколку месеци и нема да се врати до март.

Ова е втора повреда на Маунт оваа сезона: во август и септември тој пропушти три натпревари на Манчестер јунајтед поради повреда.

Маунт пропушти 27 натпревари минатата сезона поради повреда, а во тековната сезона одигра само 12 натпревари.


Трансферот на Миленковиќ во Форест е најдобар оваа полусезона во Англија

Специјализираниот фудбалски портал „Гол“ го оцени трансферот на Никола Миленковиќ во Нотингем Форест како најдобар сезонава во Премиер лигата.

Миленковиќ летово им се приклучи на „шумарите“ од Фиорентина за 12 милиони фунти.

„Миленковиќ не само што е најдоброто засилување во сезоната 2024/25, туку и едно од најдобрите во целата историја на Премиер лигата, според она што клубот доби за парите што ги издвои за трансферот“, пишува „Гол“.

Со Миленковиќ на чело, Форест значително го подобри одбранбениот рејтинг и прими само 19 гола на 17 натпревари, само Арсенал и Ливерпул имаат подобар дефанзивен учинок.

„Човек планина“, го нарече Џејми Карагер. Силен, брз, присебен , одлично ја чита играта

„Дваесет и седумгодишникот е голема закана и за противничкиот гол, веќе постигна два гола за Форест“, пишува „Гол“.

На листата на најдобри засилувања во Премиер лигата оваа сезона, веднаш зад Миленковиќ е неговиот соиграч Елиот Андерсон, а зад него се Сандер Берге и Нусаир Мазрауи.

Топ 10 најдобри трансфери во Премиер лигата според поратлот „Гол“:

  1. Никола Миленковиќ (Фиорентина – Нотингем Форест, 12 милиони фунти)
  2. Елиот Андерсон (Њукасл – Нотингем Форест, 35)
  3. Сандер Берге (Барнли – Фулам, 25)
  4. Нусаир Мазрауи (Баерн – Манчестер Јунајтед, 13)
  5. Лиам Делап (Манчестер сити – Ипсвич, 20)
  6. Факундо Буонаноте (позајмица од Брајтон во Лестер)
  7. Џејдон Санчо (позајмица од Манчестер јунајтед во Челзи)
  8. Максенс Лакроа (Волфсбург-Кристал Палас, 15)
  9. Жоржинио Ратер (Лидс – Брајтон, 40)
  10. Илиман Ндијаје (Шефилд јунајтед – Евертон, 15)

Европските гиганти се распрашуваат за Де Кетеларе

Ливерпул и Реал Мадрид покажуваат сериозен интерес за белгискиот репрезентативец Чарлс де Кетеларе, пренесуваат италијанските медиуми.

Милан минатото лето го испрати на позајмица во Аталанта после само една сезона на „Сан Сиро“, каде Де Кетеларе игра одлично и доживеа целосна афирмација.

Милан очигледно лесно се откажа од Белгиецот, кој оваа сезона блеска во дресот на Аталанта и е еден од најдобрите фудбалери во Серија А.

Ливерпул веќе работи на трансферот и е спремен да плати 50 милиони фунти за неговиот потпис, но ситуацијата ја следи и Реал Мадрид.


Елмас сигурно заминува од Лајпциг, му остануваат две опции

Елиф Елмас не добива голема минутажа во Лајпциг и е спремен да ја промени средината во зимскиот преоден рок.

Во тековната сезона, Елмас има само шест настапи главно од клупата за резерви, па уште во јануари може да го напушти Лајпциг.

Интерес за него покажува Фенербахче, каде Елмас ја доживеа својата фудбалска афирмација.

Вората опција за него е враќање во Серија А, каде интерес за неговите услугу покажуваат Рома и Фиорентина.


Севиља го сака Модриќ од следната сезона

Лука Модриќ на лето му завршува договорот со Реал Мадрид, а како што пренесува специјализираниот портал „Defensa Central“, хрватскиот капитен сака да го доведе Севиља.

Модриќ не е сигурен дали ќе остане во Реал, бидејќи има 39 години и на 30 јуни му истекува договорот со Кралевите, а иако е во поодминати играчки години, постојат неколку клубови кои се заинтересирани за неговите услуги.

Еден од нив е Севиља, која сака Модриќ да ја продолжи кариерата барем уште една сезона. Хрватот, и покрај годините, сè уште е на добро ниво и на „Писхуан“ го гледаат како многу интересен играч кој би бил значителна помош во средишниот ред.

Предуслов за евентуален трансфер е Модриќ да прифати да ја намали својата моментална плата која изнесува околу 10 милиони евра, а којашто за Севиља е превисока. Модриќ би можел да потпише договор со новиот клуб веќе на 1 јануари, бидејќи му остануваат само 6 месеци до истекот на договорот со Реал.


Нов пех за Флик, Феран Торес ќе паузира две недели

Феран Торес заработи повреда на мечот од 18. рунда во Ла Лига меѓу Барселона и Атлетико Мадрид кој неговиот тим го загуби со 1-2.

Крилниот фудбалер на Барселона има повреда на десното стапало, а поради тоа го чека пауза од фудбалот. Се најавува дека Торес ќе паузира две седмици за да се рехабилитира од повредата.

Тоа значи дека со сигурност Флик нема да смета на Торес за натпреварот против Барбарстро во шеснаестинафиналето на Купот на кралот на 4 јануари. Сепак, доколку сè биде како што треба крилото можеби ќе конкурира за полуфиналето на Суперкупот на Шпанија против Атлетико Мадрид.

Овој натпревар е закажан на 8 јануари и ќе се одигра во Џеда.


Валенсија мора да му исплати 7,4 милиони евра на Бараха

Рубен Бараха заработи отказ во екипата на Валенсија поради кризата и фактот дека тимот се наоѓа на претпоследната позиција во Ла Лига.

Наследник на Бараха на клупата ќе биде Карлос Корберан кој досега го водеше тимот на Вест Бромвич Албион. Се очекува официјална потврда на овој потпис, но веќе се е договорено.

Валенсија за оваа тренерска смена ќе потроши вкупно 7,4 милиони евра. Причината е фактот дека на Бараха ќе му биде исплатено пет милиони за предвремено раскинување на договорот, а ВБА ќе добие 2,4 милиони за да го ослободи Корберан од договорот.

Член на Валенсија е Столе Димитриевски, но тој е во втор план бидејќи по сплет на околности во клубот остана првиот голман Мамардашвили кој ќе замине следното лето.